Контакт

Анализи

Обединувањето на двете Кореи, повеќедецениски сон на една поделена нација

Објавено пред

Во јуни годинава се навршуваат 66 години од една често споменуван, но никогаш недоволно објаснет за овие простори историски настан – почетокот на Корејската војна и поделбата на Кореја на Јужна и Северна.

dobivaj vesti na viber

По завршувањето на Втората светска војна и во пресрет на започнувањето на ткн „Студена војна“ меѓу светските сили, преговорите помеѓу САД и Советскиот сојуз не успеаја да доведат до формирање на независна и обединета Кореја. Во 1948-та година, на југот на Корејскиот полуостров, контролиран од страна на САД, беа спроведени избори по кои беше воспоставена Република Кореја. На северот, пак, непосредно по ова беше воспоставена Демократската Народна Република Кореја. САД го поддржуваа југот, додека Советскиот сојуз застана на страната на северот, а и двете влади кои беа формирани на Корејскиот полуостров тврдеа дека имаат суверенитет врз целиот полуостров.

На 26-ти јуни 1950-та година, поминувајќи ја сега веќе познатата и прочуена 38-ма паралела, севернокорејската армија ја започна оваа, како што велат многумина Корејци, братоубиствена тригодишна војна на Полуостровот, во која животот го загубија повеќе од четири милиони луѓе.

Двете страни до ден денес технички се во војна, со постојани тензии меѓу двете држави, предводени од политичките лидери на Сеул и Пјонгјанг, кои ја користат секоја возможна прилика за меѓусебна провокација и разжестување на и онака кревките односи.

За време на повеќедецениската поделеност, евидентно е дека развојот на двете држави отиде во дијаметрално спротивни насоки. Додека 50 милионска јужнокорејска нација од почетокот на 60-те години од минатиот век па до денес успеа од земјоделско да се трансформира во урбано и индустриско општество, 23-милионска Северна Кореја го зацементира својот статус на една од најзатворените земји на светот, истовремено развивајќи нуклеарна програма и често провоцирајќи ги како што таа самата вели „своите западни непријатели“, преку нуклеарни проби и често истрелување на ракети во околните мориња.

Обединувањето на двете Кореи, пак, е една од темите за која јужнокорејскиот народ, а особено помладите генерации, зборуваат доста отворено и со надеж дека тоа еден ден ќе се случи, а посакуваат тоа да биде што е можно поскоро. Од друга страна пак, како што сведочат јужнокорејските граѓани, расположението во поглед на обединувањето често се менува и во зависност од политичката гарнитура на власт.

„Кореанскиот народ никогаш не сакаше да биде поделен, само големите сили секогаш одлучуваа за ова“

„Ние сме еден народ, зборуваме ист јазик и сакаме да бидеме заедно“

„Не сакаме нашиот народ на северот да живее во беда и сиромаштија, потребно е да им помогнеме“

„Обединувањето мора да се случи во еден момент, независно дали тоа ќе биде сега или пак во блиска иднина“

Ова беа само дел од реакциите на јужнокорејските граѓани со кои говореше Макфакс за време на неколкудневниот престој во Сеул, главниот град на Јужна Кореја.

За 30-годишната Дана Јанг, која има патувано низ Балканот, но никогаш немала шанса го посети северниот сосед, во поглед на обединувањето работите порано биле поинакви. Како што објаснува Дана, разликата е во свеста кај населението којашто со текот на времето едноставно се променила.

„Кога учев во основно училиште, учителите не учеја дека луѓето во Северна Кореја се наши браќа и сестри, и дека сите треба да работиме на тоа за што поскоро повторно да бидеме заедно. Но ова сега повеќе не се случува. Децата повеќе слушаат за Северна Кореја како закана за војна или, пак, како закана по нашиот начин на живеење“, сведочи Дана.

За ваквиот развој на настаните говори и едно истражување направено кај јужнокорејските млади, а според кое нешто повеќе од 50 проценти од младите во земјата сакаат обединување на двете Кореји.

Направена врз примерок од 116 илјади ученици во основните и средните школи низ Јужна Кореја, истражувањето направено од страна на јужнокорејското Министерство за обединување покажало дека 53.5 проценти од учениците ја нагласиле потребата од обединувањето на поделениот корејски полуостров. Споредбено со резултатите на истото истражување пред пет години, пак, оваа бројка е намалена за 13 отсто, односно тогаш таа изнесувала 66.6 отсто.

Според јужнокорејскиот Институт за Национално обединување, падот на оваа бројка доаѓа пред се поради недоволното потенцирање на значењето на овој процес во образовниот систем, како и поради недостатокот од јавниот консензус во земјата во однос на прашањето за обединувањето.

Болката од поделбата на двете Кореи сé уште се чувствува меѓу народот во Јужна Кореја, а особено кај оние семејства кои биле погодени од ова и кои до ден денес не можат да ги посетат своите роднини од другата страна на границата, објаснува за Макфакс 23-годишната студентка Катнис Чои.

„Јужнокорејците и Севернокорејците се еден ист народ, кој пред поделбата споделуваше иста историја. Корејската војна е трагедијата на нашата историја. Поделбата којашто беше предизвикана од војната го подели народот, а предизвика и поделба во многу семејства. Сепак, она што е природно за еден народ, е тој да живее заедно и во мир. Јас сум родена во економски добро развиената Јужна Кореја, без да бидам инволвирана во војната. Но и покрај тоа, се надевам дека нашата историска болка наскоро ќе биде излекувана“, вели Катнис.

Според нејзе, процесот на обединувањето е тежок процес, но ништо не би било позадоволувачки отколку обединувањето на двете Кореи.

„Поминаа речиси 70 години од поделбата, и оние коишто учествуваа во таа војна стареат сé повеќе и повеќе. Немаме доволно време за тие да можат да ја видат светлата иднина на Кореја. Секогаш се надевам дека што поскоро сите ќе бидеме сведоци на нашето обединување и дека тоа ќе им стави крај на сите конфликти кои ги имавме во последниве 70 години“, додава Катнис.

Додека фокусот кај Јужна Кореја отсекогаш бил ставен на економскиот развој, за Северна Кореја и натаму приоритет останува воениот развој и постојаното нуклеарно заплашување на својот сосед и на големите западни сили. Студентката Јуна Чои за Макфакс вели дека разликата во стандардот на живеењето помеѓу двете Кореји во моментов е огромна, а за процесот на обединувањето да биде вистински возможен, тогаш Северна Кореја мора да го промени своето државно уредување.

„Треба да ја прифатат политиката на отворени врати. Проблемот е во тоа што Северна Кореја се фокусира само на воениот развој и нуклеарните оружја, иако севернокорејскиот народ гладува. Ким Џонг Ун мора да сопре со диктатурата и да ја прифати помошта за развој од страна на Јужна Кореја. Сметам дека ова е и првиот чекор кон обединувањето на двете Кореи. Во спротивно, обединувањето би било доста далеку од остварување, бидејќи разликата во стандардот меѓу двете Кореи и вака е доста голема“, смета Јуна Чои.

За Чои, терминот „обединување“ можеби и не е највистинскиот термин кога се зборува за овој проблем, бидејќи, пред сé, на овој процес треба да се гледа како на „опоравување“ на Кореја.

„На процесот гледам како на еден природен развој на настаните, бидејќи ние сме иста крв и ние бевме еден народ. Не сакавме да бидеме поделени, големите сили го поделија корејскиот народ на два дела. Затоа пред се би рекла дека се работи за „опоравување“, а не за „обединување“, бидејќи се работи за природен развој на настаните, иако има толку многу раздвоени семејства кои страдаат од поделбата на Кореја“, заклучува Јуна.

Една од организациите која преку голем број на кампањи и напори се залага за мирно обединување на двете Кореи е јужнокорејската мировна организација „Небеска култура, светски мир“ (HWPL), која брои околу 200 илјади членови ширум Јужна Кореја и светот. Оваа организација организира голем број на конференции и форуми на кои се полемизира токму околу ова прашање, но и околу постигнувањето на светски мир. Невладината HWPL е исто така активна и во образованието околу обединувањето и мирот, нешто што е неопходно за одвивањето на овој процес. Според претседателот на организацијата и светски познат мировен активист, Ман Хи Ли, голема улога во процесот на помирувањето меѓу двете Кореи исто така имаат и медиумите, чија цел треба да биде одговорно пренесување на пораката за мир и мирното обединување на поделениот корејски полуостров.

„Зошто оние кои постојано упатуваат апели за светски мир го отфрлаат обединувањето на Кореја? До ден денес, повеќето луѓе во Кореја се уште не знаат која беше главната причина за поделбата на нашата нација. Кога Кореја беше поделена на два дела, исто се случи и со Германија. Сретнав доста политичари од Западна и од Источна Германија. Но дали ова го направија и корејските политичари кои требаше да работат на обединувањето на Кореја? Обединувањето на Источна и Западна Германија започна преку палењето на свеќи во предградијата, а како обид за обединувањето на Кореја, и јас го направив истото. Кореја мора да постигне мирно обединување, а не војна. Корејските медиуми исто така мора да помогнат за да дојде до мирното обединување на Кореја“, објаснува Ман Хи Ли, чија организација, како чекор кон постигнувањето на мирното обединување, пред неколку години постави и споменик на мирот на границата меѓу двете Кореи.

Во рамките на HWPL делува и Интернационалната група на жени за мир (IWPG), чија претседателка Нам Хи Ким е уверена дека мирното обединување на Кореја може да стане реалност, но само доколку се поддржат напорите кои се прават од страна на ваквите организации.

„Светот дефинитивно може да се обедини преку мир. Јужна Кореја и Северна Кореја конечно ќе се обединат и Кореја повеќе нема да биде единствената поделена земја во светот. Како што сонцето изгрева кога е најмрачно, така и моментот на криза е најблиску до моментот кога ќе има мир“, вели Нам Хи Ким.

Интересно е и размислувањето на јужнокорејските медиуми во поглед на процесот на обединувањето на двете Кореи, каде акцентот е ставен на „транзицискиот период и правда“, кои би случиле по евентуалниот процес на обединување.

„Доколку две работи се јасни за во иднина, тоа се дека еден ден сите луѓе ќе умрат и дека еден ден двете Кореи ќе се обединат. Но проблемот не е во тоа што никој не знае кога ќе се случи обединувањето на Кореја, а под „еден ден“, луѓето подразбираат дека тоа ќе се случи некогаш во далечната иднина. Поради ова, се сомневам дека Јужна Кореја е подготвена за да се соочи со „транзицискиот период“ кој би се случил по обединувањето на Кореја. Нормално, оние општества кои се во транзиција се соочуваат со огромните предизвици кои настануваат поради можните тензии меѓу мирот и правдата. Исто така, мирната замена на политичката моќ зависи од тоа како Јужна Кореја ќе се подготви себеси за механизмот на „транзициската правда“, непосредно пред обединувањето на Кореја“, коментира јужнокорејскиот новинар Јо Јонг Мин во колумна за The Korea Times.

„Доколку обединувањето е настан кој најверојатно ќе се случи во далечна иднина, тогаш тоа може да биде легитимно и само по себе посакувано. Но доколку се очекува обединувањето да се случи во блиска иднина, тогаш тоа не само што е безусловна цел, туку поставува и одредени услови. Еден од тие услови е „транзициската правда“, која ќе дојде по обединувањето, да биде главен дел од воспоставувањето на мирот и стабилноста во обединета Кореја. Транзициската правда вклучува низа процеси и механизми поврзани со напорите на едно општество да се соочи во последиците од големите злоупотреби кои биле направени во минатото, со цел да обезбеди одговорност, правда и да постигне помирување. Зошто е потребна транзициска правда по обединувањето? Целта на ваквата правда е едно разрушено општество – од колонизација, војна или диктатура, да може да има нов почеток. Транцизиската правда помага во воспоставувањето на долготрајниот мир и учествува во градењето на демократското општество“, објаснува Мин во својата колумна.

„Како резултат на ова, важната работа е дека транзициската правда им помага на луѓето да разберат како демократските и правните процедури помагаат во решавањето на злосторствата против човештвото. Транзициската  правда не може да биде подготвена и спроведена во било кое време, туку таа се базира на добар тајминг. Односно, „еден ден“, не значи само нешто во далечната иднина, туку значи започнување на подготовки за овој процес токму сега“, заклучува Мин./крај/мф/бс

 

 

 

 

 

Извор: Макфакс



©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Анализи

Силјановска vs Пендаровски: Кој добива, а кој губи во битката на социјалните мрежи и медиумите?

Објавено пред

Претседателските кандидати Стево Пендаровски и Гордана Силјановска-Давкова најмногу се спомнуваат во медиумите, а најмалку се популарни меѓу твитерџиите. Во негативен контекст почесто е споменувана Силјановска на социјалните мрежи „Феjсбук“ и „Твитер“, но и во медиумите.

dobivaj vesti na viber

Ова го покажа првата сентимент-анализа на истражувачкиот центар на „Макфакс“, која се изработуваше во периодот од 1 до 9 април годинава. Процесот на изработка на анализата е базиран на компјутерски алгоритми и има задача да одреди во каков контекст (многу негативен, негативен, неутрален, позитивен или многу позитивен) е напишан одреден текст или дел од текстот.

Преку системот беа анализирани 220 медиуми, како и објавите и коментарите на над еден милион корисници на „Фејсбук“ и твитовите од 300 илјади профили. Тестирањата на платформата покажaа дека користените технологии даваат резултат со точност поголема од 80 проценти.

Според анализата, имињата на Силјановска-Давкова и на Пендаровски почесто се споменуваат во медиумите отколку на социјалните мрежи „Твитер“ и „Фејсбук“. Во првите девет дена од месецот тие биле споменати вкупно 3.515 пати. На „Фејсбук“ биле споменати речиси двојно помалку, а најмалку биле споменувани на „Твитер“.

Силјановска, според оваа анализа, најмногу била спомената на веб-порталите „Република“, „Курир“, „Инфомакс“ и на „Прес 24“, а Пендаровски на „Прес 24“, „Макпрес“, „24 инфо“ и на „Вечер“. Од инфографикот може да се види комплетната слика за тоа во кој медиум биле најмногу застапени двајцата претседателски кандидати.

Во однос на контекстот на споменување во медиумите може да се заклучи дека постои тесна разлика меѓу Силјановска и Пендаровски, иако кандидатката зад која стои опозициската ВМРО-ДПМНЕ предничи со негативните коментари.

Па, така, во многу негативен контекст Силјановска била спомената 201 пат, а Пендаровски 136 пати. Ако таа била спомната 914 пати во негативен контекст, Пендаровски во истиот контекст бил спомнат 778 пати. Тој предничи и во однос на неутралните спомнувања во медиумите, а Силјановска предничи во однос на позитивните споменувања. Тесна е разликата меѓу многу позитивните конотации, во кои биле ставени двајцата претседателски кандидати на кои се однесува анализата, во која за 8 споменувања предност има Пендаровски.

Според податоците од аналитичкиот центар на „Макфакс“, претседателскиот кандидат Пендаровски е попопуларен од Силјановска во однос на бројот на споменувања. Во многу позитивен или позитивен контекст меѓу твитерџиите тој е споменат 231 пат, а Силјановска 201. Во однос на тоа дали кандидатите се споменати во негативен или многу негативен контекст за нијанса води Силјановска, која е спомената 401 пат, а Пендаровски 389.

Слична ситуација може да се види и на „Фејсбук“, каде што Пендаровски има предност во однос на бројот на споменувања. Ако Силјановска била спомената 481 пат во многу негативен или во негативен контекст, Пендаровски е споменат 429 пати. Кај претседателскиот кандидат зад кој стои СДСМ поголем е бројот на позитивни или многу позитивни споменувања на социјалната мрежа „Фејсбук“.

Според сето ова, Силјановска има поголема вредност на вкупниот сентимент во негативен контекст на социјалните мрежи и во медиумите од Пендаровски. Важно е да се потенцира дека не станува збор за анкета што ги мери гласовите за кандидатите, туку за начинот на кој тие се прикажани и коментирани во интернет-просторот. Истражувачкиот центар на „Макфакс“ на почетокот на кампањата за претседателските кандидати спроведе анкета.

Целосната методологија за начинот на изработката на сентимент-анализите на истражувачкиот центар на „Макфакс“ е достапна на следниот линк.

Прикажи повеќе...

Анализи

СЈО со детали: Како Камчев и Мијалков ги переле парите градејќи империја

Објавено пред

Злосторничко здружение, кое функционирало повеќе од 8 години, од 2009 година, кога биле отворани и затворани фирми, перени милиони и милиони евра, биле менувани сопственици, бил купуван огромен имот, отворани фирми на офшор-дестинации за еднократна употреба, префрлувани пари преку кипарски банки, а потоа овие испрани пари влегуваат како основачки влогови за да формираат македонски фирми.

dobivaj vesti na viber

Вака накусо може да се опише случајот „Империја“ на специјалното јавно обвинителство (СЈО), каде што, меѓу другите, осомничени се едни од највлијателните луѓе во земјата, бизнисменот Орце Камчев и поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков.

Три месеци по почнувањето на истрагата, обвинителството излезе со детали за еден од најобемните предмети за кој засега е утврдено дека се испрани речиси 11 милиони евра.

Истрагата е проширена за „Графички центар“ и за „Медија принт Македонија“ (МПМ), извршени се претреси во фирмите, осомничените се испрашани и собрани се докази.

Соработката меѓу Македонија и Кипар е воспоставена, па сега, конечно, на виделина излегуваат и имињата на оние што се криеле зад офшор-фирмите преку кои се переле пари.

Од крајот на јуни до крајот на октомври 2018 година некои од осомничените од „Империја“ биле под посебни истражни мерки.

„Мијалков не беше под посебни истражни мерки, Камчев многу внимателно зборуваше по телефон, но не и другите осомничени“, велат од СЈО.

Без разлика како ќе се одвива понатаму истрагата за „Империја“, со оглед на тоа што статусот и истрагите на СЈО сè уште се неизвесни, оттаму велат дека собрани се речиси 90 отсто од доказите за случајот да може да продолжи понатаму.

Злосторничкото здружение се распаѓа кон крајот на 2017 и почетокот на 2018 година кога осомничените почнуваат да земаат кредити за да се раздолжат, но тоа не значи дека тука завршуваат и нивните поединечни активности.

Под лупа на СЈО е и фирмата поврзана со семејството Мијалкови, „Бест веј инвестмент“, формирана веднаш по обеледонувањето на таканаречените бомби во 2015 година, чиј сопственик е синот на Сашо Мијалков, Јордан. СЈО истражува како се ширел бизнисот и како оваа фирма успева да заработи огромни суми и да стекне голем имот само за три години работа. „Бест веј инвестмент“, ако во 2016 година имала приходи од 816 илјади евра, во 2017 година веќе приходите ѝ растат на 9,6 милиони евра, што само покажува дека независно кој е на власт, бизнисите на Мијалков работат со полна пареа.

Краен сопственик на мистериозната „Ексико“ бил Камчев

Натписот на поштенското сандаче на улицата Иван Милутиновиќ во Скопје сведочи за постоењето на „Ексико“, чие сопствеништво е скриено

Центарот на истрагата за „Империја“ се познатата офшор-фирма „Ексико“ и бизнисменот Орце Камчев.

Истрагата утврдила дека зад првата фирма-мајка на „Ексико“, „Делта инвестмент“ од Белизе, всушност се крие таткото на Орце Камчев, Илија. Од оваа фирма, која поседуваше акции во големи акционерски друштва, а се јавуваше и како еден од сопствениците на атрактивните плацови на Водно, досега сите креваа раце и демантираа дека стојат зад неа.

Истрагата на СЈО утврдила дека по Илија Камчев, набргу како краен сопственик фигурирал и поранешниот директор на македонски „Телеком“, Жарко Луковски, а кога сопствеништвото на фирмата се сели во Америка, односно сопственик станува извесна „Калвус ЛЛЦ“ (Calvus LLC) од САД, крајниот сопственик е всушност Орце Камчев.

Од оваа американска фирма кон „Ексико“ се влеваат 1,6 милион евра како прилив, а дел од овие пари завршува на личната сметка на Камчев, додека со дел се купувани имот и земјиште во Гевгелија, на кое понатаму е предвидено да се градат казина.

Подоцна, а и до ден-денеска, сопственик на „Ексико“ е фирмата со швајцарски капитал „Т&МЈ инвестмент“ од Лугано, Швајцарија, фирма зад која оперативните сознанија покажале дека краен сопственик е член на семејството Мијалкови. Од швајцарската фирма кон македонската „Ексико“ немало никаков прилив или одлив на пари.

„Ексико“ не е единствената фирма преку која функционирало ова злосторничко здружение. Колку за пример, во истатата 2009 година офшор-компанијата „Хоспитал менаџмент груп ЛЛЦ’ од Кипар ја основа клиничката болница „Систина“. Понатаму, оваа компанија го продава имотот на друга офшор-компанија од Панама. „Орка холдинг“ го купува уделот од панамската, па повторно ѝ го продава на „Систина“, со што фактички Камчев внесува удел од „Хоспитал менаџмент“ од Кипар во Македонија.

Сомнежи за перење пари преку кипарски банки

Преку кипарски банки парите влегуваат во земјата

Значаен дел од истрагата на СЈО за „Империја“ има и фирмата „Финзи“ – истата фирма за која во таканаречените бомби можеше да се слушне дека одела набавката за опрема за следење интернет-комуникации за МВР. Министерството, додека на чело на УБК беше Мијалков, наместо директно да ја набави изреалската опрема за прислушување, тоа го правела преку „Финзи“. Во текот на истрагата за случајот самоубиство изврши директорот на „Финзи“, Коста Крпач, во април 2016 година.

Сега истрагата за „Империја“ повторно допира до „Финзи“, фирма основана од „Финзи ЛЛЦ“ во САД. Краен сопственик на оваа компанија, според СЈО, повторно е Орце Камчев.

Во неколку наврати од „Финзи ЛЛЦ“ преку кипарска банка кон македонската „Финзи“ биле исплатувани 650.000 евра. Во тоа време, односно во 2009 година, директор на „Финзи“ во Македонија е Владислав Стајковиќ, брат на Небојша Стајковиќ, поранешен помошник-министер за информатичка технологија во МВР.

Овие пари понатаму влегуваат како основачки влог во „Систина кардиологија“, фирма што подоцна е преименувана во „Си-Фи-Кар“ („Систина“, „Финзи“, “Кара“). Во 2012 година, според СЈО, кога парите веќе се испрани, американската мајка-фирма се затвора и се отвора нова фирма, во која Крпач влегува како директор, а на истата сметка легнуваат парите од израелската донација за опрема за прислушување.

„Не купуваат компании за да работат со нив, туку за да извлечат што можат“

Орце Камчев и Сашо Мијалков, клучните играчи во „Империја“

Многу компании, офшор, стотици папки со документи и изјави од сведоци содржи еден од најобемните предмети на СЈО – „Империја“. Од она што беше претставено пред новинарските екипи, неизбежен е заклучокот дека од досегашната истрага и собраните докази станува збор за класични примери за сомнежи за перење пари пред кои надлежните институции со години молчеле или се откажувале од гонење поради немање докази.

Дел од истрагата е отстапен и на купувањето на „Бетон Штип“ од страна на ТИМ ДОО, „Орка холдинг“, „Езимит“ ДООЕЛ и „Ексико“.

„Кога тие купуваат компанија, не ја купуваат за да ја работат, туку да извлечат што може од имотот на компанијата“, велат од СЈО.

Па, така, и овој пат сознанијата говорат дека од „Бетон Штип“ се извлечени 4 милиони евра, односно газдите ги тераат акционерите со парите да купуваат имот, а понатаму како што се извлекуваат парите, така се инвестираат во други зделки за што патем говорат и последните информации дека речиси 250 работници веќе ги напуштаат работните места од „Бетон Штип“ и истовремено преку суд си ги бараат неисплатените плати за последните четири месеци.

Дел од истрагата го опфаќа и „Фершпед“, односно од моментот кога Кираца Трајковска, која беше еден од мнозинските акционери во “Фершпед“, поради долг во Еуростандард банка, преку посредник побарала кредит од Стопанска банка АД Битола. Камчев, кој е дел од Управниот одбор на банката, наместо кредит, според СЈО, на Трајковска ѝ понудил преку физички лица да ѝ бидат префрлени парите по што биле ослободени нејзините акции од „Фершпед“.

За да им ги продаде акциите на странски инвеститори, таа го ангажирала брокерот Јованче Тасковски. Но, за нејзината намера дознал Штерјо Наков, кој побарал помош од Мијалков, со цел тој да ги купи акциите. Мијалков се договора со Камчев да ја изиграат, па без нејзино знаење, според СЈО, Ненад Јосифовиќ ги продава акциите на физички и правни лица поврзани со Наков за 4 милиони евра повисока цена од реалната. Парите од зделката завршуваат во фирма чии сопственици се „Ексико“, „Орка холдинг“ и „Тимох“.

Во делот од истрагата за „Империја“ влегуваат и стари случаи, кои претходно во обвинителствата завршувале со откажување од гонење поради немање доволно докази. Таков пример е истрагата за „пропаѓањето“ на „Орка спорт“, „Орка текстил“ и други фирми во сопственост на сега покојниот Илија Камчев. Данокот се избегнувал да се плаќа преку лажни стечаи, обезвреднување на имотот и формирање офшор-компании, а потоа парите „чисти“ биле внесувани во земјата, односно целиот имот бил пренесуван на новоформирани компании.

На овој начин, впрочем, и се градела целата империја – преку лојални соработници, изигрување на законитe и формирање компании за еднократна употреба.

Како ќе заврши истрагата и дали случајот ќе добие епилог останува неизвесно. Засега Орце Камчев и Сашо Мијалков се во домашен притвор, а конечниот збор ќе го каже Врховниот суд.

Освен Камчев и Мијалков, осомничени во случајот „Империја“ се и Ратка Куноска-Камчева, мајка на Камчев и неизвршен член на Одборот на директори на „Орка ходинг“, Кристина Камчева-Стојческа, сестра на Камчев и неизвршен член на Одборот на директори на „Жито полог Тетово“, Лилјана Гајдоска, правник во фирмите на Камчев, неизвршен член на Одборот на директори на ЗК „Пелагонија“, Тодор Мирчевски, директор на „Ексико“, Владислав Стајковиќ, сопственик на НВСП, доскорешен директор на „Мобико“ и поранешен директор на „Финзи“, Ванче Мијалчев, извршен директор на „Бетон Штип“, Јованче Тасковски, брокер, и Дејан Јанев од „О.Т.Е. инвест“.

Прикажи повеќе...

Анализи

Политиката го подели СЈО на табори

Објавено пред

„Чарлиевите ангели“ ги нема. Катица Јанева, Ленче Ристоска и Фатиме Фетаи речиси една година не се појавуваат на заеднички прес-конференции. Во јавноста и на социјалните мрежи сè погласни се критиките за работата на специјалното јавно обвинителство и ослабената доверба во оваа институција.

dobivaj vesti na viber

Три и пол години по формирањето, целосен судски епилог има само за два случаја а сè погласни се шпекулациите дека во СЈО владее поделеност на обвинителите на табори, кои меѓусебно не се согласуваат за дејствувањето на ова обвинителство, па тие разлики во мислењата лесно се забележливи и во јавноста.

Трите жени, кои беа симбол за СЈО, ретко може се видат заедно во јавноста, а речиси една година Ленче Ристоска и Фатиме Фетаи не даваат заеднички изјави. Според нашите извори, со слични ставови на една страна биле обвинителките Катица Јанева и Лиле Стефанова, а на друга Ленче Ристоска и Фатиме Фетаи.

Од друга страна, сè поприсутна во јавноста е главната специјална обвинителка Катица Јанева, која, според најавите, во вторник ќе се појави на „1ТВ“, каде што заедно со обвинителите Лиле Стефанова и Трајче Пеливанов треба да одговараат и на прашања од гледачите. Токму во фирмата сопственик на „1ТВ“, „БМЈ медиа груп“, работи синот на Јанева, младиот гевгеличанец Лазар Јанев, за кого веќе беше објавено дека пред вработените бил претставен како директор на правна служба. Пред точно два месеца Јанева беше гостинка на „1ТВ“ и се фотографира со сопственикот на телевизијата, Бојан Јовановски, со назнака дека станува збор за работен состанок.

Во СЈО во последната година во целост се смени практиката на комуникација со јавноста. Последната прес-конференција СЈО ја одржа на 21 март минатата година.

Повеќе нема брифинзи со новинари, а на обвинителките Ристоска и Фетаи не им е дозволено да даваат интервјуа и изјави. Целосна затвореност владее и во однос на истрагите. Случајот „Империја“, во кој, меѓу другите, се осомничени и бизнисменот Јордан Камчев и ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, беше отворен пред повеќе од 2 месеца, а од СЈО нема дополнителни информации, освен дека истрагата е сложена.

Сите обиди на „Макфакс“ да обезбедат брифинг за случајот беа залудни. Новинарите меѓу себе коментираат дека ова обвинителство, кое наметна транспарентно работење, последнава година се затворило, иако обвинителите поминале серија обуки за комуникација со јавноста. Тоа остава простор за шпекулации во постапувањето по предметите на обвинителството. Од друга страна, во редовното Обвинителство се спроведува тренинг за односи со јавноста на обвинителите.

Според нашите информации, во специјалното јавно обвинителство меѓу некои од вработените владее незадоволство од начинот на работа, особено по последните политички случувања, амнестии и повици за помирување, кои во голем дел влијаат и врз актуелните предмети што се во судска постапка, но и на оние што се во истрага и предистрага, а во кои, меѓу другите, се вклучени и Сашо Мијалков, Елизабета Канческа-Милевска, Али Ахмети, Бујар Османи.

Ексминистерката за култура, КанческаМилевска, е инволвирана во предистрагата за предметот „Скопје 2014“, кој е еден од најобемните предмети на СЈО, за Мијалков се водат повеќе судски постапки, а предметот за агенцијата за обезбедување СГС е во предистрага.

Во процесот на помирувањето наголемо се споменуваа и измените во Кривичниот законик, односно член 353, став 5, кој ја регулира злоупотребата на службената положба преку јавните набавки. Доколку дојде до промена на овој член, како што беше најавувано, помали казни или ослободување од одговорност ќе добијат голем број обвинети во случаите на СЈО, меѓу кои и Мијалков.

Уставниот суд сè уште не расправал по иницијативата на адвокатот Еленко Миланов, кој бара судиите да се произнесат за овој член од Кривичниот законик.

Сите овие политички инволвирања, кои допираат и до СЈО, според нашите извори, довеле до голем раздор во работата на институцијата, која има годишен буџет од 3,7 милиони евра. Некои од обвинителите се разочарани од фактот што нивните предмети и нивната работа зависат исклучително од тековната политичка ситуација, па токму затоа во последниот период и не се работи на нови предистраги бидејќи се чека исходот од тоа што ќе се случува со институцијата и дали евентуално одредени функционери од претходната, но и од актуелната власт, ќе избегнат одговорност.

Прикажи повеќе...

Најново

Македонија10 часа

Каевски: Обвинувањата на ОЈО се неосновани и тенденциозни, тврдам дека го немам прекршено законот

Поранешниот директор на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски ги отфрли сите обвинувања на ОЈО против него, кои, како...

Македонија10 часа

Ковачевски: Условувања не прифаќаме, СДСМ е државничка партија

СДСМ не прифаќа никакви условувања и со никого нема да прави политички дилови, особено не со некого кој веќе се...

Македонија10 часа

Мицкоски до Османи: Слоганот не е шовинистички туку означува дека ќе ја вратиме Македонија на народот, кој вие од власта го крадете

Додека од власта зборуваат за интеграции, ја купуваат „Соравија“ додека тие се колнат лажно во европските вредности, им течат тендери...

Македонија11 часа

Палевски ќе биде екстрадиран во најкраток можен рок, кажа Тошковски

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски кажа дека добил информација од Секторот за меѓународна полициска соработка дека е одобрена екстрадицијата...

Македонија13 часа

Постапката за екстрадиција на Палчо ќе биде спроведена преку МВР, на осомничениот веќе му е определен притвор

Јавното обвинителство на Република Северна Македонија е известено дека Министерството за правда добило официјална информација од Република Турција дека се...

Македонија14 часа

Дозволена екстрадицијата на Љупчо Палевски Палчо

Министерството за правда преку писмено соопштение информираше дека е добиено официјално известување дека екстрадицијата на Љупчо Палевски е дозволена. Претходно...

Македонија16 часа

Мицкоски: Правилото победник со победник е прекршено, Владата ја формира мнозинството во парламентот

Жалам што сеуште раководството на ДУИ живее во некои времиња кој се минато во Македонија. Македонија е држава на сите...

Македонија17 часа

„Ќе ги разгледаме ставовите на маса“ – Меџити и Мицкоски се’ уште не разговарале за уставните измени

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и лидерот на Демократското движење и носител на листата за пратеници во првата изборна единица...

Македонија17 часа

Талат Џафери, директорите и УО на Фондот за здравство да си го загреат столчето, платите да се усогласат или генерален штрајк од 1 јуни, најави Синдикатот

Од 1 јуни повторно постои можност вработените во Фондот за здравствено осигурување во целата земја да престанат со работа, како...

Македонија19 часа

Бидете сигурни дека нема да се формира Влада без нашите пратеници, велат од Европскиот фронт на ДУИ

Европскиот фронт преводен од Демократската Унија за Интеграција смета дека треба да важи правилото „победник со победник“ кога станува збор...

Регион19 часа

„Мислев дека регалот ќе падне врз мене“ – жена од Србија сведочи за силниот земјотрес

Земјотресот беше многу силен. Кратко, но силно, вели вознемирената Мила Петровиќ од Кладово – место кое утрово го погоди силен...

Свет20 часа

Шарл Мишел: ЕУ и кандидатите да бидат подготвени за проширување до 2030 година

Европската унија и земјите кандидати мора да бидат подготвени за проширување до 2030 година, изјави претседателот на Европскиот совет, Шарл...

Македонија22 часа

Метеоролозите најавуваат промена на времето за 1 Мај и во следните денови

Од утре, 1 Мај, до понеделник ќе преовладува променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд. Во четврток и...

Македонија22 часа

Мицкоски: Одговорност за криминалот и корупцијата ќе има кога ДУИ ќе оди во опозиција

„Никој не треба да се сомнева во нашата одлучност и решеност да направиме промени кои ќе ја сменат сликата на...

Економија2 дена

Финансии побара до крајот на денов да се стави во мирување поскапувањето на осигурувањето на автомобилите при регистрација

Комисијата за осигурување од автомобилска одговорност на денешната седница го разгледа доставениот извештај од Националното биро за осигурување поврзано со...

Македонија2 дена

Меџити: Ахмети побара спас кај Ромите, Турците, Бошњаците, сега чиста албанска опција е само ВЛЕН за новата влада

Не може да правиш разлика со гласови од Роми, Турци и Бошњаци, а после да се повикуваш на албанска опција,...

Економија2 дена

Нови цени на бензинот и на дизелот од полноќ

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука...

Македонија2 дена

Османи: Најголемо понижување е да се договараат коалиции без да се слушне волјата на народот

ДУИ смета дека е понижувачки што партиите договараат коалиции пред одржувањето на парламентарните избори. Министерот Бујар Османи, во својство на...

Европа2 дена

(Видео) Голем проевропски протест во Грузија

Илјадници луѓе излегоа синоќа во Тбилиси на протест против законот за транспарентност на странското влијание, кој ја загрозува прозападната политика...

Свет2 дена

Најмалку 13 лица загинаа во израелски воздушни напади во јужниот дел на Газа

Во израелски воздушни напади врз три куќи во градот Рафах, на југот на Газа, загинаа најмалку 13 лица, а многумина...