Анализи
Репортажа од Република Српска: Повеќе српска отколку република, колективот наспроти индивидуата
Пишува Бојан Стојковски
Како еден од двата ентитета на Босна и Херцеговина, Република Српска мечтае да биде она што е содржано во нејзиното име, самостојна држава. Или барем тоа се желбите на нејзините политички елити, кои долго време си играат со ваквите идеи, кои, пак, се големи главоболки за европските политички раководства.
Каква е реалноста во која живеат денес граѓаните на Република Српска, дали навистина сите проблеми на земјата би можеле да исчезнат доколку таа стекне независност? Соговорниците на Макфакс велат дека состојбата во земјата, а со тоа и во овој засебен ентитет е навистина сложена, многу повеќе отколку што тоа изгледа на хартија, особено кога ќе се спомене дека БиХ е всушност составена од три конститутивни народи, два ентита, еден дистрикт и десет кантони.
Чувството кое го обзема човек кога патува низ Република Српска е депресивно, пред сè поради самата глетка од разорените куќи на кои дупките од куршумите се останати како лузни од едни лоши времиња и периоди во 90-тите години. Помалите полупразни градови и села, каде единственото нешто реновирано се црквите, само придонесуваат кон оваа слика, која ги дефинира повеќето поствоени простори од поранешна Југославија, а особено во Босна и Херцеговина како целина, која беше најтешко погодена за време на војната.
„Па искрено, не е нешто… Тој што има – има, тој што нема – нема“, беше краткиот коментар на 60-годишниот таксист Дејан, родум од Бања Лука, прашан околу тоа како денес се живее во Република Српска.
Повеќе се навива за Србија отколку за БиХ
Главниот град на Република Српска, Бања Лука, остава доста поразличен впечаток од останатиот дел од ентитетот, пред сè поради тоа што е административен, економски и општествен центар. На времето индустриски град, а денес познат по бројните кафеани, барови и ресторани, велат соговорниците на Макфакс, според кои забавата е дефинитивно еден од малкуте аспекти за кои никој во Бања Лука не може да се пожали, а во тоа и самите се уверивме.
На прашањето, пак, дали Република Српска и нејзините граѓани повеќе се чувствуваат себеси како дел од Србија отколку од БиХ, нашите соговорници велат дека околу ова нема многу дилеми.
„Сите тука повеќе се чувствуваат како дел од Србија отколку Босна, а тоа е највидливо кога има спортски натпревари во кои игра Србија, тогаш сите навиваат за неа. Кога игра Босна, пак, никому нема гајле. Повеќето луѓе велат, ете на пример видете ја фудбалската репрезентација на Босна, имате 11 играчи муслимани. Зошто да навиваме за неа?“, објаснува за Макфакс 30-годишниот Милан. Она што на прв поглед фаќа око, пак, е тоа што во Бања Лука никаде не може да се забележи знамето на БиХ.
Милан, кој по потекло е од градот Дрвар, кој се наоѓа во вториот ентитет, Федерацијата БиХ, и кој заедно со своето семејство за време на војната биле принудени да го напуштат своето родно место, за Макфакс раскажува за сето она низ што поминало неговото семејство. Според него, тогашната состојба во Дрвар била различна од сето она што се случувало во другиот дел од земјата.
„Во Дрвар не беше испукан ниту еден куршум, едноставно еден ден оние што ги прекројуваа границите дојдоа и рекоа дека српското население мора да го напушти градот бидејќи тука ќе дојде да живее хрватско население“, раскажува Милан. Со него разговаравме и за она што во моментот се случува во Македонија и како тој гледа на сето тоа и дали можат да се повлечат некакви паралели помеѓу двете земји.
„Од аспект на медиумската пропаганда, она што се случува во Македонија многу ме потсетува на тоа што сега е реалност во Босна. Секогаш кога социјалните и општествените проблеми ќе излезат на површина, Додик ќе му префрли нешто на Изетбеговиќ и веднаш сите забораваат на овие проблеми и се фокусираат на меѓуетничките тензии“, вели Милан.
Уништените семејства, причина за длабоката поделеност и „магичниот круг“
Споредбите помеѓу Македонија и БиХ многу повеќе се должат на тешката социоекономска и политичка состојба во која живеат двете земји, како едно наследство од периодот на посткомунистичката транзиција, смета политокологот Милош Ковачевиќ. Во разговор за Макфакс, Ковачевиќ објаснува кои се главните проблеми за општеството во БиХ и Република Српска, и на што се должат актуелните споредби кои често се прават со Македонија.
„Сличноста помеѓу Македонија и БиХ, освен поделеноста во верска и етничка линија, лежи во тешката економско-политичка состојба, а има и уште неколку работи помеѓу кои нашите држави личат една на друга. Има многу фактори кои влијаат на тоа, но, сепак, ми се чини дека најголемо влијание врз начинот на кој нашите држави егзистираат остави комунизмот или социјализмот, односно ‘брозизмот’ – периодот под Тито. Колку и да се малку тие 50 години во историски контекст, тие го променија начинот и стилот на животот на речиси цел Балкански Полуостров (народите и народностите на социјалистичка Југославија). Комплексите кои потоа се обидовме да ги надминеме преку судири, создадоа нови судири, со што беше направен еден магичен круг во кој сега сите постојано се вртиме“, објаснува Ковачевиќ.
„БиХ е поделено општество и тоа е факт, во една држава со два ентита, еден дистрикт, десет кантони и три конститутивни народи, тешко е да се формира согласност околу што било поради тоа што постојат три доминантни парадигми: првиот е независна Република Српска, вториот е унитарна Босна и Херцеговина, а третиот е ентитетот со хрватско мнозинство. Сепак, кога говориме за поделеноста на општеството, сметам дека причина за тоа, освен војната секако, е тоа што најмногу беа погодени и уништени семејствата како столб на општеството. Мноштвото мешовити бракови од кои произлегоа многу семејства и кои беа разорени за време на војната, како и меѓусебната доверба придонесоа општеството во БиХ речиси четвртина век по завршувањето на војната и натаму да остане поделено. Додека секој не ги посети двата ентитета, и Република Српска и Федерацијата БиХ, не може да има комплетна слика за земјата. Главниот проблем во општеството е во тоа што луѓето индивидуално немаат проблеми помеѓу себе туку тоа го имаат колективите“, објаснува Ковачевиќ.
„Мазохистичка компилација на беда, неправда и неповратна несреќа“
Новинарот на телевизијата БН, Мито Травар, далеку поексплицитно ја опишува состојбата во Босна и Херцеговина како целина, но вели дека истото важи и за Република Српска. „Босна и Херцеговина е погребана држава, на кој никој од семејството не ѝ дојде на погребот, а ниту ќе ѝ дојде на поменот од 40 дена. Овие јадни луѓе кои сега шетаат во БиХ не се нејзини граѓани туку се зомбија кои се обидуваат да го поминат денот и некако да се прехранат себеси и своето семејство. Ваква БиХ е експериментална творба на некое интергалактичко суштество кое одлучило на Земјата да направи гнасна и мазохистичка компилација на беда, неправда и неповратна несреќа“, објаснува Травар.
Според него, дури и за време на војната во 90-тите години било подобро поради тоа што луѓето тогаш имале надеж и сметале дека откако војната ќе заврши повторно ќе добијат работа и шанса да создадат нешто во животот. „Сега нема веќе надеж бидејќи нема од каде да се започне. Едноставно, сè е проблем во БиХ“, додава Травар.
Со него разговаравме и за состојбата на медиумите и, како што вели, ниту на ова поле не постои простор за оптимизам. „Политиката во една ваква БиХ, а со тоа и во Република Српска, е оружје за масовно уништување на народот кој живее тука, а политичарите се верни егзекутори на тоа уништување. Некои тоа го сфатија на време, и одамна побегнаа, а самиот процес на бегање никогаш не престана, ниту ќе престане. Медиумите во БиХ се целосно небитен сегмент на едно уништено општество, кои на ништо не можаат да влијаат, ништо не можат да променат, и никого не информираат“, смета босанскиот новинар.
Посетата на Република Српска ја завршуваме исто онака како што и ја почнавме, со многу прашања и недоумици, пред сè околу тоа што понатаму во вакви околности за ентитетот како засебност, но и за државата Босна и Херцеговина како целина./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.






