Анализи
Тирана продава старо оружје преку контроверзен бугарски посредник
Во 2015 година, албанскиот државен трговец за оружје MEICO продава 17.5 милиони куршуми произведени во Кина, 350 минофрлачи и 40 000 гранати на “Алгенс” ДООЕЛ, бугарска фирма, кој работела на програмата за обука и вооружување на умерените бунтовници во Сирија, се посочува во анализата која ја пренесува dnevnik.bg
Компанијата е поврзана со фаталната експлозија на полигонот во Анево во јуни 2015 година, која го однесе еден животот на снабдувач на оружје на Пентагон, кој го тестирал оружјето, наменето за Сирија.
Сопственикот на “Алгенс” ДООЕЛ е бизнисменот Александар Димитров, поранешен бизнис партнер на познатата фигура од криминалниот свет Бојан Петракиев-Барон.
Тајните документи за извоз на оружје, со кои Балканската мрежа за истражувачко новинарство, BIRN, располага, откриваат податоците за албанските зделки, чија вредност надминува еден милион евра.
Тие покажуваат како застарено оружје и муниција произведени во Кина и Албанија, се извезуваат за Бугарија, во рамките на четири извозни лиценци потпишани во 2015 година, а се меѓу албанската Воена компанија за увоз и извоз, MEICO, и “Алгенс”
Во исто време “Алгенс” е најмена како поддоставувач на Командата за специјални операции на САД, SOCOM, како дел од нејзините обиди да ги вооружи и обучи сириски бунтовници, кои се борат против Исламската држава.
Според експерти малку веројатно дека оружјето било наменето за Бугарија односно да таа била крајната дестинација за опремата. Но, според староста на оружјето тоа не е така, бидејќи Бугарија има релативно модернизирана армија и е дел од НАТО.
Односот на “Алгенс” кон смртоносната експлозија
Учеството на “Алгенс” во американската програма за Сирија беше откриена во јуни 2015 година, кога 41-годишниот поранешен американски војник, Френсис Норвило загина при експлозија на граната, која се случи на полигонот во Анево, кој е во сопственост на државниот Арсенал и производител ВМЗ – Сопот.
Пораки и договори, откриени од BIRN, по тужбата покрената во САД, како и извори во Бугарија, откриваат нови детали околу инцидентот.
Одговорноста на “Алгенс” за експлозијата е жестоко оспорувана, но нема сомнеж дека компанијата имала централна улога во организацијата на обуки на полигонот.
Норвило и повредениот колега Мајкл Доерти се најмени од Пентагон, а договор е вреден 28 милиони долари и има за цел да ги обучуваат сириски бунтовници да се справат со различни оружја од советски тип.
Тие патуваат во Белорусија и потоа во Бугарија, за да го тестираат оружјето кое подоцна треба да биде испратено во тренинг кампот во Јордан, покажуваат документите од тужбаат поднесена во Флорида од вдовицата на Норвило и Доерти.
Во судските документи од процесот воден против трите американски компании поврзани со инцидентот – Purple Shovel, Skybridge Tactical и Regulus Global – се тврди дека дефектна граната стара над 30 години, со бугарско потекло била отфрлена како опасна од Пентагон, кој пак барал извори на муниција за сириските бунтовници.
По трагедијата бугарските власти го посочуваат “Алгенс” како компанија која на полигонот ги вработува американските војници и обезбедува дефектна граната. Министерство за економија и наметнува на фирмата санкција во износ од 125 000 лева, поради немање на дозвола која треба да ја издаде Министерството, а е наменета за спроведување на тренинг, поточно конкретно за активностите посолени во фаталниот ден.
“Алгенс”, која ги негира обвинувањата, успешно ги обжали санкциите во Пловдивскиот административен суд.
Во својата одлука, Судот посочува дека министерството, направило значителни административни прекршоци и не успеало да докаже дека “Алгенс” всушност го најмил полигонот на денот на инцидентот.
Во писмена изјава Purple Shovel, главниот договарач на Пентагон во рамките на сириската програма, објаснува за BIRN дека “Алгенс” е вовлечена во проектот од еден од поддоставчите меѓу кои и – Regulus Global – со заложба да организира обуки и да обезбеди муниција. Компанијата, сепак, додава дека инцидентот се случил во рамките на “забавно пукање” откако наводно официјалното учење веќе било завршено.
BIRN располага со програмата на обуката, која всушност покажува дека “Алгенс” го најмила полигонот за фаталниот ден петок, 5 јуни. Програмата открива уште дека во обуката учествувале вработени на бугарските производители на оружје ВМЗ – Сопот, и Аркус – Лјасковец, ангажирани од Американците да работат со различни оружје и муниција од советски тип.
Меѓу нив е и дефектниот минофрлач Ог-7, кој ја предизвикал смртоносната експлозија. Документите во случајот што се води во САД, откриваат како компанијата Skybridge Tactical, ги најмиле Норвило и Доерти, а пред судот тврдат дека експлозијата се случила во рамките на официјална обука и како резултат на тоа дека засегнатите страни требало да бидат компензирани од страна на американската влада.
Regulus Global отфрла овие обвинувања како неодржливи.
Инцидентот не е единствениот судир на “Алгънс” со законот. Во 2015 година РИОСВ – Стара Загора, ја казнува фирмата, бидејќи не поднела известување до еколошкото министерството за складирање на експлозивни материи во Производствениот-магацин “Бршен” во градот Сливен. Потоа Сливенскиот Окружниот суд ја намалува казната на 2000 лева.
Финална дестинација на албанското оружје – “Блискиот Исток или Африка”
Војните на Блискиот Исток стануваат причина за невиден прилив на оружје и муниција од Балканот, а во сето ова Бугарија игра важна улога како извор на оружје, така и на центар за договори за оружје.
Запрашан за коментар во врска информациите поврзани со “Алгънс” и препродавањето на старото албански воено оружје, Патрик Веземан од Стокхолмскиот International Peace Research Institute, водечки извор на информации за оружената трговија, посочи дека е премногу малку веројатно дека Бугарија била крајната дестинација на муницијата, затоа што мора да се има предвид нивната возраст.
Според него, најверојатно опремата поминала во Сирија, Јемен или Африка.
“Има неколку можни сценарија”, објасни Веземан. “Едниот е дека тоа оди во Сирија или Јемен. Друго е дека корумпираните државни службеници во Африка го откупуваат како дел од криминална шема. Оружјето од вишоците се пласира во Африка, како дел од официјалниот извоз, иако често има сомневања за корупција”.
Командата за специјални операции на САД не одговори директно на прашањата ни дали тоа е откупена кинеска муниција од Албанија за потребите на сириската програма, туку само посочи дека новинарите треба да “зборуваат со” Алгенс “за активностите”.
“Алгенс” одби да објасни што се случило со военото опрема, откако пристигнало во Бугарија.
Purple Shovel , во писмена изјава за BIRN вели дека компанијата не е купува кинеското оружје и дека “никогаш не е направила бизнис договор директно со” Алгенс “.
Тирана има контроверзна историја за извоз на оружје од големите резерви од кинеска муниција, која потекнува од 60-тите и 70-тите години од минатиот век, кога Пекинг беше главен воен партнер на албанскиот комунистички режим.
Во 2007 година трговецот на оружје AEY со седиште во Флорида продаде милиони застарени куршуми на кинеско производство на Пентагон за војната во Авганистан. Муниција претходно беше репакувана во картонски кутии, за да изгледа дека се произведени во Албанија, за да може да се заобиколи САД од каде имаше забрана за купување на муниција од Кина.
Сопственикот на фирмата Ефраим Дивероли доби 4-годишна затворска казна за измама направена во 2011 година
Во 2011 година 800. 000 кинески гранати кои Албанија требаше да ги достави на Обединетите Арапски Емирати, нелегално беа пренасочени и паѓаат во рацете на бунтовниците во Либија.
Албанското Министерство за одбрана изјави дека “Алгенс” обезбедила коректни документи за експорт на оружјето за Бугарија и дека тоа проверило дека фирмата “не е вовлечена во криминални активности”. Министерството, додаде дека за повторен извоз на муниција се бара негова согласност, макар и да е докажано дека често оваа клаузула не се почитува.
Изгледа дека врските на “Алгенс” со Албанија го надминуваат откупот на старо оружје. Во 2016 година компанијата се обиде да купи фабрика за оружје од комунистичко време, која се наоѓа во малото албанско село Поличан. Во писмена изјава “Алгенс” за BIRN се вели дека таа се откажала од својата намера.
Врски со организираниот криминал
Сопственикот на “Алгенс” Александар Димитров е поранешен бизнис партнер на добро познатата фигура од бугарскиот организиран криминал Бојан Петракиев Борисов, попознат како Варон. Референца во Трговскиот регистар покажува дека Димитров го основал “Алгенс” ДООЕЛ во 2009 година, со главна дејност трговија со оружје.
Во 2004 година Димитров и Петракиев формираат компанијата за трговија со остатоци SIB Metal. Димитров за BIRN, писмено посочил дека фирмата е запрена уште во фаза на регистрација и дека оттогаш не се видел со Петракиев.
Во својот извештај Центарот за полициски студии на МВР го одредува Петракиев како пример за “препознатлива фигура во криминално свет”. Документот, објавен во 2010 година, наведува дека Петракиев е осудуван десет пати и има други осум дела за широк спектар на злосторства, меѓу кои кражба на автомобили, хулиганство, нелегално поседување на оружје и дрога и учество во организирана криминална група.
Во 2009 година тој е осуден за водење на организирана криминална група за изработка на кредитни картички, која оперира во 8 земји, се вели во извештајот. Во 2012 година повторно е осуден – за водење на нелегално казино.
Истрагата е спроведена од BIRN заедно со Центарот за истражување на корупцијата и организираниот криминал, како дел од проектот Paper Trail to Better Governance.крај /мф/кс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Анализи
Силјановска vs Пендаровски: Кој добива, а кој губи во битката на социјалните мрежи и медиумите?
Претседателските кандидати Стево Пендаровски и Гордана Силјановска-Давкова најмногу се спомнуваат во медиумите, а најмалку се популарни меѓу твитерџиите. Во негативен контекст почесто е споменувана Силјановска на социјалните мрежи „Феjсбук“ и „Твитер“, но и во медиумите.
Ова го покажа првата сентимент-анализа на истражувачкиот центар на „Макфакс“, која се изработуваше во периодот од 1 до 9 април годинава. Процесот на изработка на анализата е базиран на компјутерски алгоритми и има задача да одреди во каков контекст (многу негативен, негативен, неутрален, позитивен или многу позитивен) е напишан одреден текст или дел од текстот.
Преку системот беа анализирани 220 медиуми, како и објавите и коментарите на над еден милион корисници на „Фејсбук“ и твитовите од 300 илјади профили. Тестирањата на платформата покажaа дека користените технологии даваат резултат со точност поголема од 80 проценти.
Според анализата, имињата на Силјановска-Давкова и на Пендаровски почесто се споменуваат во медиумите отколку на социјалните мрежи „Твитер“ и „Фејсбук“. Во првите девет дена од месецот тие биле споменати вкупно 3.515 пати. На „Фејсбук“ биле споменати речиси двојно помалку, а најмалку биле споменувани на „Твитер“.
Силјановска, според оваа анализа, најмногу била спомената на веб-порталите „Република“, „Курир“, „Инфомакс“ и на „Прес 24“, а Пендаровски на „Прес 24“, „Макпрес“, „24 инфо“ и на „Вечер“. Од инфографикот може да се види комплетната слика за тоа во кој медиум биле најмногу застапени двајцата претседателски кандидати.
Во однос на контекстот на споменување во медиумите може да се заклучи дека постои тесна разлика меѓу Силјановска и Пендаровски, иако кандидатката зад која стои опозициската ВМРО-ДПМНЕ предничи со негативните коментари.
Па, така, во многу негативен контекст Силјановска била спомената 201 пат, а Пендаровски 136 пати. Ако таа била спомната 914 пати во негативен контекст, Пендаровски во истиот контекст бил спомнат 778 пати. Тој предничи и во однос на неутралните спомнувања во медиумите, а Силјановска предничи во однос на позитивните споменувања. Тесна е разликата меѓу многу позитивните конотации, во кои биле ставени двајцата претседателски кандидати на кои се однесува анализата, во која за 8 споменувања предност има Пендаровски.
Според податоците од аналитичкиот центар на „Макфакс“, претседателскиот кандидат Пендаровски е попопуларен од Силјановска во однос на бројот на споменувања. Во многу позитивен или позитивен контекст меѓу твитерџиите тој е споменат 231 пат, а Силјановска 201. Во однос на тоа дали кандидатите се споменати во негативен или многу негативен контекст за нијанса води Силјановска, која е спомената 401 пат, а Пендаровски 389.
Слична ситуација може да се види и на „Фејсбук“, каде што Пендаровски има предност во однос на бројот на споменувања. Ако Силјановска била спомената 481 пат во многу негативен или во негативен контекст, Пендаровски е споменат 429 пати. Кај претседателскиот кандидат зад кој стои СДСМ поголем е бројот на позитивни или многу позитивни споменувања на социјалната мрежа „Фејсбук“.
Според сето ова, Силјановска има поголема вредност на вкупниот сентимент во негативен контекст на социјалните мрежи и во медиумите од Пендаровски. Важно е да се потенцира дека не станува збор за анкета што ги мери гласовите за кандидатите, туку за начинот на кој тие се прикажани и коментирани во интернет-просторот. Истражувачкиот центар на „Макфакс“ на почетокот на кампањата за претседателските кандидати спроведе анкета.
Целосната методологија за начинот на изработката на сентимент-анализите на истражувачкиот центар на „Макфакс“ е достапна на следниот линк.
Анализи
СЈО со детали: Како Камчев и Мијалков ги переле парите градејќи империја
Злосторничко здружение, кое функционирало повеќе од 8 години, од 2009 година, кога биле отворани и затворани фирми, перени милиони и милиони евра, биле менувани сопственици, бил купуван огромен имот, отворани фирми на офшор-дестинации за еднократна употреба, префрлувани пари преку кипарски банки, а потоа овие испрани пари влегуваат како основачки влогови за да формираат македонски фирми.
Вака накусо може да се опише случајот „Империја“ на специјалното јавно обвинителство (СЈО), каде што, меѓу другите, осомничени се едни од највлијателните луѓе во земјата, бизнисменот Орце Камчев и поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков.
Три месеци по почнувањето на истрагата, обвинителството излезе со детали за еден од најобемните предмети за кој засега е утврдено дека се испрани речиси 11 милиони евра.
Истрагата е проширена за „Графички центар“ и за „Медија принт Македонија“ (МПМ), извршени се претреси во фирмите, осомничените се испрашани и собрани се докази.
Соработката меѓу Македонија и Кипар е воспоставена, па сега, конечно, на виделина излегуваат и имињата на оние што се криеле зад офшор-фирмите преку кои се переле пари.
Од крајот на јуни до крајот на октомври 2018 година некои од осомничените од „Империја“ биле под посебни истражни мерки.
„Мијалков не беше под посебни истражни мерки, Камчев многу внимателно зборуваше по телефон, но не и другите осомничени“, велат од СЈО.
Без разлика како ќе се одвива понатаму истрагата за „Империја“, со оглед на тоа што статусот и истрагите на СЈО сè уште се неизвесни, оттаму велат дека собрани се речиси 90 отсто од доказите за случајот да може да продолжи понатаму.
Злосторничкото здружение се распаѓа кон крајот на 2017 и почетокот на 2018 година кога осомничените почнуваат да земаат кредити за да се раздолжат, но тоа не значи дека тука завршуваат и нивните поединечни активности.
Под лупа на СЈО е и фирмата поврзана со семејството Мијалкови, „Бест веј инвестмент“, формирана веднаш по обеледонувањето на таканаречените бомби во 2015 година, чиј сопственик е синот на Сашо Мијалков, Јордан. СЈО истражува како се ширел бизнисот и како оваа фирма успева да заработи огромни суми и да стекне голем имот само за три години работа. „Бест веј инвестмент“, ако во 2016 година имала приходи од 816 илјади евра, во 2017 година веќе приходите ѝ растат на 9,6 милиони евра, што само покажува дека независно кој е на власт, бизнисите на Мијалков работат со полна пареа.
Краен сопственик на мистериозната „Ексико“ бил Камчев
Центарот на истрагата за „Империја“ се познатата офшор-фирма „Ексико“ и бизнисменот Орце Камчев.
Истрагата утврдила дека зад првата фирма-мајка на „Ексико“, „Делта инвестмент“ од Белизе, всушност се крие таткото на Орце Камчев, Илија. Од оваа фирма, која поседуваше акции во големи акционерски друштва, а се јавуваше и како еден од сопствениците на атрактивните плацови на Водно, досега сите креваа раце и демантираа дека стојат зад неа.
Истрагата на СЈО утврдила дека по Илија Камчев, набргу како краен сопственик фигурирал и поранешниот директор на македонски „Телеком“, Жарко Луковски, а кога сопствеништвото на фирмата се сели во Америка, односно сопственик станува извесна „Калвус ЛЛЦ“ (Calvus LLC) од САД, крајниот сопственик е всушност Орце Камчев.
Од оваа американска фирма кон „Ексико“ се влеваат 1,6 милион евра како прилив, а дел од овие пари завршува на личната сметка на Камчев, додека со дел се купувани имот и земјиште во Гевгелија, на кое понатаму е предвидено да се градат казина.
Подоцна, а и до ден-денеска, сопственик на „Ексико“ е фирмата со швајцарски капитал „Т&МЈ инвестмент“ од Лугано, Швајцарија, фирма зад која оперативните сознанија покажале дека краен сопственик е член на семејството Мијалкови. Од швајцарската фирма кон македонската „Ексико“ немало никаков прилив или одлив на пари.
„Ексико“ не е единствената фирма преку која функционирало ова злосторничко здружение. Колку за пример, во истатата 2009 година офшор-компанијата „Хоспитал менаџмент груп ЛЛЦ’ од Кипар ја основа клиничката болница „Систина“. Понатаму, оваа компанија го продава имотот на друга офшор-компанија од Панама. „Орка холдинг“ го купува уделот од панамската, па повторно ѝ го продава на „Систина“, со што фактички Камчев внесува удел од „Хоспитал менаџмент“ од Кипар во Македонија.
Сомнежи за перење пари преку кипарски банки
Значаен дел од истрагата на СЈО за „Империја“ има и фирмата „Финзи“ – истата фирма за која во таканаречените бомби можеше да се слушне дека одела набавката за опрема за следење интернет-комуникации за МВР. Министерството, додека на чело на УБК беше Мијалков, наместо директно да ја набави изреалската опрема за прислушување, тоа го правела преку „Финзи“. Во текот на истрагата за случајот самоубиство изврши директорот на „Финзи“, Коста Крпач, во април 2016 година.
Сега истрагата за „Империја“ повторно допира до „Финзи“, фирма основана од „Финзи ЛЛЦ“ во САД. Краен сопственик на оваа компанија, според СЈО, повторно е Орце Камчев.
Во неколку наврати од „Финзи ЛЛЦ“ преку кипарска банка кон македонската „Финзи“ биле исплатувани 650.000 евра. Во тоа време, односно во 2009 година, директор на „Финзи“ во Македонија е Владислав Стајковиќ, брат на Небојша Стајковиќ, поранешен помошник-министер за информатичка технологија во МВР.
Овие пари понатаму влегуваат како основачки влог во „Систина кардиологија“, фирма што подоцна е преименувана во „Си-Фи-Кар“ („Систина“, „Финзи“, “Кара“). Во 2012 година, според СЈО, кога парите веќе се испрани, американската мајка-фирма се затвора и се отвора нова фирма, во која Крпач влегува како директор, а на истата сметка легнуваат парите од израелската донација за опрема за прислушување.
„Не купуваат компании за да работат со нив, туку за да извлечат што можат“
Многу компании, офшор, стотици папки со документи и изјави од сведоци содржи еден од најобемните предмети на СЈО – „Империја“. Од она што беше претставено пред новинарските екипи, неизбежен е заклучокот дека од досегашната истрага и собраните докази станува збор за класични примери за сомнежи за перење пари пред кои надлежните институции со години молчеле или се откажувале од гонење поради немање докази.
Дел од истрагата е отстапен и на купувањето на „Бетон Штип“ од страна на ТИМ ДОО, „Орка холдинг“, „Езимит“ ДООЕЛ и „Ексико“.
„Кога тие купуваат компанија, не ја купуваат за да ја работат, туку да извлечат што може од имотот на компанијата“, велат од СЈО.
Па, така, и овој пат сознанијата говорат дека од „Бетон Штип“ се извлечени 4 милиони евра, односно газдите ги тераат акционерите со парите да купуваат имот, а понатаму како што се извлекуваат парите, така се инвестираат во други зделки за што патем говорат и последните информации дека речиси 250 работници веќе ги напуштаат работните места од „Бетон Штип“ и истовремено преку суд си ги бараат неисплатените плати за последните четири месеци.
Дел од истрагата го опфаќа и „Фершпед“, односно од моментот кога Кираца Трајковска, која беше еден од мнозинските акционери во “Фершпед“, поради долг во Еуростандард банка, преку посредник побарала кредит од Стопанска банка АД Битола. Камчев, кој е дел од Управниот одбор на банката, наместо кредит, според СЈО, на Трајковска ѝ понудил преку физички лица да ѝ бидат префрлени парите по што биле ослободени нејзините акции од „Фершпед“.
За да им ги продаде акциите на странски инвеститори, таа го ангажирала брокерот Јованче Тасковски. Но, за нејзината намера дознал Штерјо Наков, кој побарал помош од Мијалков, со цел тој да ги купи акциите. Мијалков се договора со Камчев да ја изиграат, па без нејзино знаење, според СЈО, Ненад Јосифовиќ ги продава акциите на физички и правни лица поврзани со Наков за 4 милиони евра повисока цена од реалната. Парите од зделката завршуваат во фирма чии сопственици се „Ексико“, „Орка холдинг“ и „Тимох“.
Во делот од истрагата за „Империја“ влегуваат и стари случаи, кои претходно во обвинителствата завршувале со откажување од гонење поради немање доволно докази. Таков пример е истрагата за „пропаѓањето“ на „Орка спорт“, „Орка текстил“ и други фирми во сопственост на сега покојниот Илија Камчев. Данокот се избегнувал да се плаќа преку лажни стечаи, обезвреднување на имотот и формирање офшор-компании, а потоа парите „чисти“ биле внесувани во земјата, односно целиот имот бил пренесуван на новоформирани компании.
На овој начин, впрочем, и се градела целата империја – преку лојални соработници, изигрување на законитe и формирање компании за еднократна употреба.
Како ќе заврши истрагата и дали случајот ќе добие епилог останува неизвесно. Засега Орце Камчев и Сашо Мијалков се во домашен притвор, а конечниот збор ќе го каже Врховниот суд.
Освен Камчев и Мијалков, осомничени во случајот „Империја“ се и Ратка Куноска-Камчева, мајка на Камчев и неизвршен член на Одборот на директори на „Орка ходинг“, Кристина Камчева-Стојческа, сестра на Камчев и неизвршен член на Одборот на директори на „Жито полог Тетово“, Лилјана Гајдоска, правник во фирмите на Камчев, неизвршен член на Одборот на директори на ЗК „Пелагонија“, Тодор Мирчевски, директор на „Ексико“, Владислав Стајковиќ, сопственик на НВСП, доскорешен директор на „Мобико“ и поранешен директор на „Финзи“, Ванче Мијалчев, извршен директор на „Бетон Штип“, Јованче Тасковски, брокер, и Дејан Јанев од „О.Т.Е. инвест“.
Анализи
Политиката го подели СЈО на табори
„Чарлиевите ангели“ ги нема. Катица Јанева, Ленче Ристоска и Фатиме Фетаи речиси една година не се појавуваат на заеднички прес-конференции. Во јавноста и на социјалните мрежи сè погласни се критиките за работата на специјалното јавно обвинителство и ослабената доверба во оваа институција.
Три и пол години по формирањето, целосен судски епилог има само за два случаја а сè погласни се шпекулациите дека во СЈО владее поделеност на обвинителите на табори, кои меѓусебно не се согласуваат за дејствувањето на ова обвинителство, па тие разлики во мислењата лесно се забележливи и во јавноста.
Трите жени, кои беа симбол за СЈО, ретко може се видат заедно во јавноста, а речиси една година Ленче Ристоска и Фатиме Фетаи не даваат заеднички изјави. Според нашите извори, со слични ставови на една страна биле обвинителките Катица Јанева и Лиле Стефанова, а на друга Ленче Ристоска и Фатиме Фетаи.
Од друга страна, сè поприсутна во јавноста е главната специјална обвинителка Катица Јанева, која, според најавите, во вторник ќе се појави на „1ТВ“, каде што заедно со обвинителите Лиле Стефанова и Трајче Пеливанов треба да одговараат и на прашања од гледачите. Токму во фирмата сопственик на „1ТВ“, „БМЈ медиа груп“, работи синот на Јанева, младиот гевгеличанец Лазар Јанев, за кого веќе беше објавено дека пред вработените бил претставен како директор на правна служба. Пред точно два месеца Јанева беше гостинка на „1ТВ“ и се фотографира со сопственикот на телевизијата, Бојан Јовановски, со назнака дека станува збор за работен состанок.
Во СЈО во последната година во целост се смени практиката на комуникација со јавноста. Последната прес-конференција СЈО ја одржа на 21 март минатата година.
Повеќе нема брифинзи со новинари, а на обвинителките Ристоска и Фетаи не им е дозволено да даваат интервјуа и изјави. Целосна затвореност владее и во однос на истрагите. Случајот „Империја“, во кој, меѓу другите, се осомничени и бизнисменот Јордан Камчев и ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, беше отворен пред повеќе од 2 месеца, а од СЈО нема дополнителни информации, освен дека истрагата е сложена.
Сите обиди на „Макфакс“ да обезбедат брифинг за случајот беа залудни. Новинарите меѓу себе коментираат дека ова обвинителство, кое наметна транспарентно работење, последнава година се затворило, иако обвинителите поминале серија обуки за комуникација со јавноста. Тоа остава простор за шпекулации во постапувањето по предметите на обвинителството. Од друга страна, во редовното Обвинителство се спроведува тренинг за односи со јавноста на обвинителите.
Според нашите информации, во специјалното јавно обвинителство меѓу некои од вработените владее незадоволство од начинот на работа, особено по последните политички случувања, амнестии и повици за помирување, кои во голем дел влијаат и врз актуелните предмети што се во судска постапка, но и на оние што се во истрага и предистрага, а во кои, меѓу другите, се вклучени и Сашо Мијалков, Елизабета Канческа-Милевска, Али Ахмети, Бујар Османи.
Ексминистерката за култура, КанческаМилевска, е инволвирана во предистрагата за предметот „Скопје 2014“, кој е еден од најобемните предмети на СЈО, за Мијалков се водат повеќе судски постапки, а предметот за агенцијата за обезбедување СГС е во предистрага.
Во процесот на помирувањето наголемо се споменуваа и измените во Кривичниот законик, односно член 353, став 5, кој ја регулира злоупотребата на службената положба преку јавните набавки. Доколку дојде до промена на овој член, како што беше најавувано, помали казни или ослободување од одговорност ќе добијат голем број обвинети во случаите на СЈО, меѓу кои и Мијалков.
Уставниот суд сè уште не расправал по иницијативата на адвокатот Еленко Миланов, кој бара судиите да се произнесат за овој член од Кривичниот законик.
Сите овие политички инволвирања, кои допираат и до СЈО, според нашите извори, довеле до голем раздор во работата на институцијата, која има годишен буџет од 3,7 милиони евра. Некои од обвинителите се разочарани од фактот што нивните предмети и нивната работа зависат исклучително од тековната политичка ситуација, па токму затоа во последниот период и не се работи на нови предистраги бидејќи се чека исходот од тоа што ќе се случува со институцијата и дали евентуално одредени функционери од претходната, но и од актуелната власт, ќе избегнат одговорност.