Контакт

Анализи

Стратфор: Киргистан меѓу САД и Русија

Објавено пред

САД и Русија неодамна склучија цела низа договори во врска со имотите кои и двете ги користат во Киргистан. Овие договори се во склад со засилувањето на врските помеѓу Москва и Вашингтон.

САД и Русија неодамна склучија цела низа договори во врска со имотите кои и двете ги користат во Киргистан. Овие договори се во склад со засилувањето на врските помеѓу Москва и Вашингтон. Зголемената соработка помеѓу Русија и САД е дел од руската многу понијансирана надворешна политика и доаѓа во момент кога Москва се труди да го зголеми своето присуство, вклучувајќи го и военото, во Киргистан.Како што САД и Русија ги засилуваат своите врски по „рисетот“ во односите, држава која особено го почувствува значителното затоплување помеѓу двете суперсили – во форма на договори и посети – е Киргистан. Русија, која развива многу посложена и понијансирана надворешна политика, како резултат на силната геостратешка позиција, има интерес да соработува со Вашингтон и со НАТО при нивните воени напори во Авганистан, а Киргистан е битна компонента на таквата соработка. Но, руското партнерство со САД коинцидира и со зголеменото руско воено и политичко присуство во Киргистан, што на Москва и овозможува да го даде конечниот суд за се што се случува во земјата. Киргистан не е најважното прашање помеѓу Москва и Вашингтон, но е стратешки дел од нивните односи затоа што е домаќин на единствената американска воена база во Централна Азија, Транзитниот центар во Манас. Базата оперира како битен логистички збирен центар за воздушните операции на НАТО во Авганистан, а оттаму се извршуваат и сите операции за воздушно полнење на авионите кои оперираат врз Авганистан. Киргистан е, исто така, дел од Северната мрежа за дистрибуција, преку која транзитира снабдувањето со несмртоносни материјали, преку Русија и поранешните советски републики, а служи и како додаток на рутите за снабдување кои минуваат низ Пакистан. Партнерство  Неодамнешниот наплив од договори за Киргистан и важни посети на руски и американски функционери на земјата посочува дека Вашингтон и Москва ги засилуваат своите врски во киргиската арена. Киргистан и Русија на 18-ти февруари постигнаа договор за формирање на заедничка компанија „Газпромнефт-Аеро-Киргистан“, која ќе ја снабдува со гориво базата во Манас. Ова следеше по договорот помеѓу САД и Киргистан со кој на Киргистан му се овозможи да ја снабдува воздушната база Манас со најмногу 50 проценти од нејзините потреби за бензин и авионско гориво, иако изворите на „Стратфор“ велат дека Русија, всушност, ќе снабдува 100 проценти од потребите на базата за гориво, но 50 проценти ќе бидат доставувани преку номинално киргиски правни лица.Исто така, постигнат е договор за достава на руски сирови и рафинирани производи, кои преку Американците ќе бидат извезувани во Авганистан. Според изворите на „Стратфор“, Русите ова ќе го прават бесплатно, како услуга на САД. Сепак, останува нејасно дали Киргистан ќе добие пари или ќе наплаќа даноци за ова зделка, бидејќи таа е резултат на билатерални преговори, од кои Киргистан беше речиси целосно исклучен.Згора на тоа, два дена пред да биде создадена заедничката компанија за достава на грива, командантот на руската база во Киргистан, Кант, Олег Молостов, беше во посета во базата Манас. Ова беше прва таква посета на функционер од Кант на Манас, иако двете бази се само околу 30 километри оддалечени една од друга. Руските и американските воени функционери дискутираа за зголемување на комуникациите помеѓу двете страни и се заложија да има почести вакви посети. Постата на Молостов, најверојатно, нема значително да ги засили воените врски, но посетата има симболична важност, бидејќи Русите досега постојано ги одбиваа поканите за посета на базата Манас. Планови Овие знаци на затоплување помеѓу Москва и Вашингтон доаѓаат во време кога Русија планира унилатерално зголемување на свето воено присуство во Киргистан. Русија ги објави своите намери да изгради унифицирана структура на бази во Киргистан, која би ги консолидирала руските воени капацитети во земјата под единствена, заедничка команда. Во септември за оваа цел беше потпишан договор помеѓу руски и киргиски функционери од областа на одбраната, но останува непознато кога ќе се видат плодовите од овој договор и што точно значи унифицирана структура на бази. Русија, исто така, планира да отвори воен центар за обука во јужен Киргистан, каде што е најголема политичката нестабилност, иако изворите на „Стратфор“ велат дека во регионот веќе е распореден значителен број на руски трупи. И САД размислува за отворање на центар за обука во овој регион, иако тие планови беа отфрлени по немирите во април 2010 година, кои го соборија од власт киргискиот претседател Курманбек Бакиев. Русија би можела на некаков начин да ги вклучи и САД во новиот центар за обука. Како ќе излезе ова е најбитниот тест за руско-американските односи во Киргистан.Конечно, Москва и Вашингтон имаат интерес да работат заедно за да спречат да не зовријат проблемите кои тлеат во Киргистан. Етничките тензии помеѓу Киргизите и Узбеците и натаму постојат, а нова нестабилност може да произлезе од лошите економски услови во земјата, растечките цени на храната и тековната слабост на владините и на безбедносните сили. Русија, исто така, сака да покаже дека може да биде доверлив партнер за операциите на САД и на НАТО во Авганистан, каде што растечките нивоа на насилства ги загрозуваат јужните граници на руската сфера на влијание. Било каков позначаен напредок кој САД би го направиле во борбата против Талибаните во Авганистан би значел намалување на милитантноста во Централна Азија. Русија знае дека има силна позиција во Киргистан: таа го втемели своето влијание во земјата во текот на минатата година, а киргиски политички делегации редовно патуваат за Москва за да добијат одобрение од Кремљ, што значи дека повеќе не треба да му покажува мускули на Западот за да се докаже.Многу е веројатно во наредните месеци соработката помеѓу САД и Русија во Киргистан  уште повеќе да се засили. Како и да е, Киргистан е само една област на еволутивната руска надворешна политика кон Западот – политика која Москва ќе продолжи да ја практикува како основа за поголемата игра со Соединетите американски држави. /крај/стратфор/



©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Анализи

Силјановска vs Пендаровски: Кој добива, а кој губи во битката на социјалните мрежи и медиумите?

Објавено пред

Претседателските кандидати Стево Пендаровски и Гордана Силјановска-Давкова најмногу се спомнуваат во медиумите, а најмалку се популарни меѓу твитерџиите. Во негативен контекст почесто е споменувана Силјановска на социјалните мрежи „Феjсбук“ и „Твитер“, но и во медиумите.

Ова го покажа првата сентимент-анализа на истражувачкиот центар на „Макфакс“, која се изработуваше во периодот од 1 до 9 април годинава. Процесот на изработка на анализата е базиран на компјутерски алгоритми и има задача да одреди во каков контекст (многу негативен, негативен, неутрален, позитивен или многу позитивен) е напишан одреден текст или дел од текстот.

Преку системот беа анализирани 220 медиуми, како и објавите и коментарите на над еден милион корисници на „Фејсбук“ и твитовите од 300 илјади профили. Тестирањата на платформата покажaа дека користените технологии даваат резултат со точност поголема од 80 проценти.

Според анализата, имињата на Силјановска-Давкова и на Пендаровски почесто се споменуваат во медиумите отколку на социјалните мрежи „Твитер“ и „Фејсбук“. Во првите девет дена од месецот тие биле споменати вкупно 3.515 пати. На „Фејсбук“ биле споменати речиси двојно помалку, а најмалку биле споменувани на „Твитер“.

Силјановска, според оваа анализа, најмногу била спомената на веб-порталите „Република“, „Курир“, „Инфомакс“ и на „Прес 24“, а Пендаровски на „Прес 24“, „Макпрес“, „24 инфо“ и на „Вечер“. Од инфографикот може да се види комплетната слика за тоа во кој медиум биле најмногу застапени двајцата претседателски кандидати.

Во однос на контекстот на споменување во медиумите може да се заклучи дека постои тесна разлика меѓу Силјановска и Пендаровски, иако кандидатката зад која стои опозициската ВМРО-ДПМНЕ предничи со негативните коментари.

Па, така, во многу негативен контекст Силјановска била спомената 201 пат, а Пендаровски 136 пати. Ако таа била спомната 914 пати во негативен контекст, Пендаровски во истиот контекст бил спомнат 778 пати. Тој предничи и во однос на неутралните спомнувања во медиумите, а Силјановска предничи во однос на позитивните споменувања. Тесна е разликата меѓу многу позитивните конотации, во кои биле ставени двајцата претседателски кандидати на кои се однесува анализата, во која за 8 споменувања предност има Пендаровски.

Според податоците од аналитичкиот центар на „Макфакс“, претседателскиот кандидат Пендаровски е попопуларен од Силјановска во однос на бројот на споменувања. Во многу позитивен или позитивен контекст меѓу твитерџиите тој е споменат 231 пат, а Силјановска 201. Во однос на тоа дали кандидатите се споменати во негативен или многу негативен контекст за нијанса води Силјановска, која е спомената 401 пат, а Пендаровски 389.

Слична ситуација може да се види и на „Фејсбук“, каде што Пендаровски има предност во однос на бројот на споменувања. Ако Силјановска била спомената 481 пат во многу негативен или во негативен контекст, Пендаровски е споменат 429 пати. Кај претседателскиот кандидат зад кој стои СДСМ поголем е бројот на позитивни или многу позитивни споменувања на социјалната мрежа „Фејсбук“.

Според сето ова, Силјановска има поголема вредност на вкупниот сентимент во негативен контекст на социјалните мрежи и во медиумите од Пендаровски. Важно е да се потенцира дека не станува збор за анкета што ги мери гласовите за кандидатите, туку за начинот на кој тие се прикажани и коментирани во интернет-просторот. Истражувачкиот центар на „Макфакс“ на почетокот на кампањата за претседателските кандидати спроведе анкета.

Целосната методологија за начинот на изработката на сентимент-анализите на истражувачкиот центар на „Макфакс“ е достапна на следниот линк.

Прикажи повеќе...

Анализи

СЈО со детали: Како Камчев и Мијалков ги переле парите градејќи империја

Објавено пред

Злосторничко здружение, кое функционирало повеќе од 8 години, од 2009 година, кога биле отворани и затворани фирми, перени милиони и милиони евра, биле менувани сопственици, бил купуван огромен имот, отворани фирми на офшор-дестинации за еднократна употреба, префрлувани пари преку кипарски банки, а потоа овие испрани пари влегуваат како основачки влогови за да формираат македонски фирми.

Вака накусо може да се опише случајот „Империја“ на специјалното јавно обвинителство (СЈО), каде што, меѓу другите, осомничени се едни од највлијателните луѓе во земјата, бизнисменот Орце Камчев и поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков.

Три месеци по почнувањето на истрагата, обвинителството излезе со детали за еден од најобемните предмети за кој засега е утврдено дека се испрани речиси 11 милиони евра.

Истрагата е проширена за „Графички центар“ и за „Медија принт Македонија“ (МПМ), извршени се претреси во фирмите, осомничените се испрашани и собрани се докази.

Соработката меѓу Македонија и Кипар е воспоставена, па сега, конечно, на виделина излегуваат и имињата на оние што се криеле зад офшор-фирмите преку кои се переле пари.

Од крајот на јуни до крајот на октомври 2018 година некои од осомничените од „Империја“ биле под посебни истражни мерки.

„Мијалков не беше под посебни истражни мерки, Камчев многу внимателно зборуваше по телефон, но не и другите осомничени“, велат од СЈО.

Без разлика како ќе се одвива понатаму истрагата за „Империја“, со оглед на тоа што статусот и истрагите на СЈО сè уште се неизвесни, оттаму велат дека собрани се речиси 90 отсто од доказите за случајот да може да продолжи понатаму.

Злосторничкото здружение се распаѓа кон крајот на 2017 и почетокот на 2018 година кога осомничените почнуваат да земаат кредити за да се раздолжат, но тоа не значи дека тука завршуваат и нивните поединечни активности.

Под лупа на СЈО е и фирмата поврзана со семејството Мијалкови, „Бест веј инвестмент“, формирана веднаш по обеледонувањето на таканаречените бомби во 2015 година, чиј сопственик е синот на Сашо Мијалков, Јордан. СЈО истражува како се ширел бизнисот и како оваа фирма успева да заработи огромни суми и да стекне голем имот само за три години работа. „Бест веј инвестмент“, ако во 2016 година имала приходи од 816 илјади евра, во 2017 година веќе приходите ѝ растат на 9,6 милиони евра, што само покажува дека независно кој е на власт, бизнисите на Мијалков работат со полна пареа.

Краен сопственик на мистериозната „Ексико“ бил Камчев

Натписот на поштенското сандаче на улицата Иван Милутиновиќ во Скопје сведочи за постоењето на „Ексико“, чие сопствеништво е скриено

Центарот на истрагата за „Империја“ се познатата офшор-фирма „Ексико“ и бизнисменот Орце Камчев.

Истрагата утврдила дека зад првата фирма-мајка на „Ексико“, „Делта инвестмент“ од Белизе, всушност се крие таткото на Орце Камчев, Илија. Од оваа фирма, која поседуваше акции во големи акционерски друштва, а се јавуваше и како еден од сопствениците на атрактивните плацови на Водно, досега сите креваа раце и демантираа дека стојат зад неа.

Истрагата на СЈО утврдила дека по Илија Камчев, набргу како краен сопственик фигурирал и поранешниот директор на македонски „Телеком“, Жарко Луковски, а кога сопствеништвото на фирмата се сели во Америка, односно сопственик станува извесна „Калвус ЛЛЦ“ (Calvus LLC) од САД, крајниот сопственик е всушност Орце Камчев.

Од оваа американска фирма кон „Ексико“ се влеваат 1,6 милион евра како прилив, а дел од овие пари завршува на личната сметка на Камчев, додека со дел се купувани имот и земјиште во Гевгелија, на кое понатаму е предвидено да се градат казина.

Подоцна, а и до ден-денеска, сопственик на „Ексико“ е фирмата со швајцарски капитал „Т&МЈ инвестмент“ од Лугано, Швајцарија, фирма зад која оперативните сознанија покажале дека краен сопственик е член на семејството Мијалкови. Од швајцарската фирма кон македонската „Ексико“ немало никаков прилив или одлив на пари.

„Ексико“ не е единствената фирма преку која функционирало ова злосторничко здружение. Колку за пример, во истатата 2009 година офшор-компанијата „Хоспитал менаџмент груп ЛЛЦ’ од Кипар ја основа клиничката болница „Систина“. Понатаму, оваа компанија го продава имотот на друга офшор-компанија од Панама. „Орка холдинг“ го купува уделот од панамската, па повторно ѝ го продава на „Систина“, со што фактички Камчев внесува удел од „Хоспитал менаџмент“ од Кипар во Македонија.

Сомнежи за перење пари преку кипарски банки

Преку кипарски банки парите влегуваат во земјата

Значаен дел од истрагата на СЈО за „Империја“ има и фирмата „Финзи“ – истата фирма за која во таканаречените бомби можеше да се слушне дека одела набавката за опрема за следење интернет-комуникации за МВР. Министерството, додека на чело на УБК беше Мијалков, наместо директно да ја набави изреалската опрема за прислушување, тоа го правела преку „Финзи“. Во текот на истрагата за случајот самоубиство изврши директорот на „Финзи“, Коста Крпач, во април 2016 година.

Сега истрагата за „Империја“ повторно допира до „Финзи“, фирма основана од „Финзи ЛЛЦ“ во САД. Краен сопственик на оваа компанија, според СЈО, повторно е Орце Камчев.

Во неколку наврати од „Финзи ЛЛЦ“ преку кипарска банка кон македонската „Финзи“ биле исплатувани 650.000 евра. Во тоа време, односно во 2009 година, директор на „Финзи“ во Македонија е Владислав Стајковиќ, брат на Небојша Стајковиќ, поранешен помошник-министер за информатичка технологија во МВР.

Овие пари понатаму влегуваат како основачки влог во „Систина кардиологија“, фирма што подоцна е преименувана во „Си-Фи-Кар“ („Систина“, „Финзи“, “Кара“). Во 2012 година, според СЈО, кога парите веќе се испрани, американската мајка-фирма се затвора и се отвора нова фирма, во која Крпач влегува како директор, а на истата сметка легнуваат парите од израелската донација за опрема за прислушување.

„Не купуваат компании за да работат со нив, туку за да извлечат што можат“

Орце Камчев и Сашо Мијалков, клучните играчи во „Империја“

Многу компании, офшор, стотици папки со документи и изјави од сведоци содржи еден од најобемните предмети на СЈО – „Империја“. Од она што беше претставено пред новинарските екипи, неизбежен е заклучокот дека од досегашната истрага и собраните докази станува збор за класични примери за сомнежи за перење пари пред кои надлежните институции со години молчеле или се откажувале од гонење поради немање докази.

Дел од истрагата е отстапен и на купувањето на „Бетон Штип“ од страна на ТИМ ДОО, „Орка холдинг“, „Езимит“ ДООЕЛ и „Ексико“.

„Кога тие купуваат компанија, не ја купуваат за да ја работат, туку да извлечат што може од имотот на компанијата“, велат од СЈО.

Па, така, и овој пат сознанијата говорат дека од „Бетон Штип“ се извлечени 4 милиони евра, односно газдите ги тераат акционерите со парите да купуваат имот, а понатаму како што се извлекуваат парите, така се инвестираат во други зделки за што патем говорат и последните информации дека речиси 250 работници веќе ги напуштаат работните места од „Бетон Штип“ и истовремено преку суд си ги бараат неисплатените плати за последните четири месеци.

Дел од истрагата го опфаќа и „Фершпед“, односно од моментот кога Кираца Трајковска, која беше еден од мнозинските акционери во “Фершпед“, поради долг во Еуростандард банка, преку посредник побарала кредит од Стопанска банка АД Битола. Камчев, кој е дел од Управниот одбор на банката, наместо кредит, според СЈО, на Трајковска ѝ понудил преку физички лица да ѝ бидат префрлени парите по што биле ослободени нејзините акции од „Фершпед“.

За да им ги продаде акциите на странски инвеститори, таа го ангажирала брокерот Јованче Тасковски. Но, за нејзината намера дознал Штерјо Наков, кој побарал помош од Мијалков, со цел тој да ги купи акциите. Мијалков се договора со Камчев да ја изиграат, па без нејзино знаење, според СЈО, Ненад Јосифовиќ ги продава акциите на физички и правни лица поврзани со Наков за 4 милиони евра повисока цена од реалната. Парите од зделката завршуваат во фирма чии сопственици се „Ексико“, „Орка холдинг“ и „Тимох“.

Во делот од истрагата за „Империја“ влегуваат и стари случаи, кои претходно во обвинителствата завршувале со откажување од гонење поради немање доволно докази. Таков пример е истрагата за „пропаѓањето“ на „Орка спорт“, „Орка текстил“ и други фирми во сопственост на сега покојниот Илија Камчев. Данокот се избегнувал да се плаќа преку лажни стечаи, обезвреднување на имотот и формирање офшор-компании, а потоа парите „чисти“ биле внесувани во земјата, односно целиот имот бил пренесуван на новоформирани компании.

На овој начин, впрочем, и се градела целата империја – преку лојални соработници, изигрување на законитe и формирање компании за еднократна употреба.

Како ќе заврши истрагата и дали случајот ќе добие епилог останува неизвесно. Засега Орце Камчев и Сашо Мијалков се во домашен притвор, а конечниот збор ќе го каже Врховниот суд.

Освен Камчев и Мијалков, осомничени во случајот „Империја“ се и Ратка Куноска-Камчева, мајка на Камчев и неизвршен член на Одборот на директори на „Орка ходинг“, Кристина Камчева-Стојческа, сестра на Камчев и неизвршен член на Одборот на директори на „Жито полог Тетово“, Лилјана Гајдоска, правник во фирмите на Камчев, неизвршен член на Одборот на директори на ЗК „Пелагонија“, Тодор Мирчевски, директор на „Ексико“, Владислав Стајковиќ, сопственик на НВСП, доскорешен директор на „Мобико“ и поранешен директор на „Финзи“, Ванче Мијалчев, извршен директор на „Бетон Штип“, Јованче Тасковски, брокер, и Дејан Јанев од „О.Т.Е. инвест“.

Прикажи повеќе...

Анализи

Политиката го подели СЈО на табори

Објавено пред

„Чарлиевите ангели“ ги нема. Катица Јанева, Ленче Ристоска и Фатиме Фетаи речиси една година не се појавуваат на заеднички прес-конференции. Во јавноста и на социјалните мрежи сè погласни се критиките за работата на специјалното јавно обвинителство и ослабената доверба во оваа институција.

Три и пол години по формирањето, целосен судски епилог има само за два случаја а сè погласни се шпекулациите дека во СЈО владее поделеност на обвинителите на табори, кои меѓусебно не се согласуваат за дејствувањето на ова обвинителство, па тие разлики во мислењата лесно се забележливи и во јавноста.

Трите жени, кои беа симбол за СЈО, ретко може се видат заедно во јавноста, а речиси една година Ленче Ристоска и Фатиме Фетаи не даваат заеднички изјави. Според нашите извори, со слични ставови на една страна биле обвинителките Катица Јанева и Лиле Стефанова, а на друга Ленче Ристоска и Фатиме Фетаи.

Од друга страна, сè поприсутна во јавноста е главната специјална обвинителка Катица Јанева, која, според најавите, во вторник ќе се појави на „1ТВ“, каде што заедно со обвинителите Лиле Стефанова и Трајче Пеливанов треба да одговараат и на прашања од гледачите. Токму во фирмата сопственик на „1ТВ“, „БМЈ медиа груп“, работи синот на Јанева, младиот гевгеличанец Лазар Јанев, за кого веќе беше објавено дека пред вработените бил претставен како директор на правна служба. Пред точно два месеца Јанева беше гостинка на „1ТВ“ и се фотографира со сопственикот на телевизијата, Бојан Јовановски, со назнака дека станува збор за работен состанок.

Во СЈО во последната година во целост се смени практиката на комуникација со јавноста. Последната прес-конференција СЈО ја одржа на 21 март минатата година.

Повеќе нема брифинзи со новинари, а на обвинителките Ристоска и Фетаи не им е дозволено да даваат интервјуа и изјави. Целосна затвореност владее и во однос на истрагите. Случајот „Империја“, во кој, меѓу другите, се осомничени и бизнисменот Јордан Камчев и ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, беше отворен пред повеќе од 2 месеца, а од СЈО нема дополнителни информации, освен дека истрагата е сложена.

Сите обиди на „Макфакс“ да обезбедат брифинг за случајот беа залудни. Новинарите меѓу себе коментираат дека ова обвинителство, кое наметна транспарентно работење, последнава година се затворило, иако обвинителите поминале серија обуки за комуникација со јавноста. Тоа остава простор за шпекулации во постапувањето по предметите на обвинителството. Од друга страна, во редовното Обвинителство се спроведува тренинг за односи со јавноста на обвинителите.

Според нашите информации, во специјалното јавно обвинителство меѓу некои од вработените владее незадоволство од начинот на работа, особено по последните политички случувања, амнестии и повици за помирување, кои во голем дел влијаат и врз актуелните предмети што се во судска постапка, но и на оние што се во истрага и предистрага, а во кои, меѓу другите, се вклучени и Сашо Мијалков, Елизабета Канческа-Милевска, Али Ахмети, Бујар Османи.

Ексминистерката за култура, КанческаМилевска, е инволвирана во предистрагата за предметот „Скопје 2014“, кој е еден од најобемните предмети на СЈО, за Мијалков се водат повеќе судски постапки, а предметот за агенцијата за обезбедување СГС е во предистрага.

Во процесот на помирувањето наголемо се споменуваа и измените во Кривичниот законик, односно член 353, став 5, кој ја регулира злоупотребата на службената положба преку јавните набавки. Доколку дојде до промена на овој член, како што беше најавувано, помали казни или ослободување од одговорност ќе добијат голем број обвинети во случаите на СЈО, меѓу кои и Мијалков.

Уставниот суд сè уште не расправал по иницијативата на адвокатот Еленко Миланов, кој бара судиите да се произнесат за овој член од Кривичниот законик.

Сите овие политички инволвирања, кои допираат и до СЈО, според нашите извори, довеле до голем раздор во работата на институцијата, која има годишен буџет од 3,7 милиони евра. Некои од обвинителите се разочарани од фактот што нивните предмети и нивната работа зависат исклучително од тековната политичка ситуација, па токму затоа во последниот период и не се работи на нови предистраги бидејќи се чека исходот од тоа што ќе се случува со институцијата и дали евентуално одредени функционери од претходната, но и од актуелната власт, ќе избегнат одговорност.

Прикажи повеќе...

Најново

Македонија7 часа

Потврдени 316 нови случаи на коронавирус во Македонија, починаа 11 лица

Во последните 24 часа во Македонија се потврдени 316 нови случаи на коронавирус, 681 оздравен пациент и 11 починати, соопшти...

Македонија12 часа

Јавно обвинителство: Од „Телеграм“ засега немаме добиено никакви податоци за случајот „Јавна соба 2“

Од Јавното обвинителство велат дека активно постапуваат за утврдување кривична одговорност во предметите поврзани со групите „Јавна соба“, во пресрет...

Македонија12 часа

Грција не ги отвора границите за Македонија, продолжена забраната за патници од трети земји

Грција ја продолжи забраната за пристигнување патници од околните земји по воздушен, копнен и морски пат, а тоа правило важи...

Македонија12 часа

Филипче: Предложивме од среда да се воведе полициски час, најмногу поради непочитувањето на мерките

Министерот за здравство, Венко Филипче, преку објава на својот фејсбук-профил ја објасни причината за барањето на ресорното министерство за воведување...

Европа13 часа

Европската агенција за лекови засега не одобрува користење на руската вакцина во ЕУ

Високата службеничка на Европската агенција за лекови (ЕМА), Криста Виртумер-Хохе, апелираше до членките на Европската Унија да не го одобрат...

Свет13 часа

Меган Маркл: Сакав да се самоубијам, а не смеев да побарам помош

Во интервјуто кое се емитуваше на „CBS“, војвотката од Сасекс, Меган Маркл изјави дека имала суицидни мисли додека била бремена....

Свет14 часа

Американците тврдат дека пронашле лек за коронавирусот, во употреба за шест месеци

Новиот антивирусен лек „молнупиравир“ може да го смени текот на епидемијата на коронавирусот, бидејќи за време на експерименталното истражување е...

Забава16 часа

Меган тврди монархијата одбила да го направи Арчи принц поради бојата на кожата

Меган, сопругата на принцот Хари, изјави дека пред раѓањето на нејзиниот син Арчи постоела загриженост дека неговата кожа ќе биде...

Македонија16 часа

„Држава што не постапува е држава што силува“ – марш за женските права по повод 8 Март

Денеска по повод Меѓународниот ден на жената, со почеток во 15 часот, од пред Министерство за внатрешни работи ќе започне...

Свет1 ден

Зошто е речиси невозможно да се заразите со коронавирус на отворено?

Аеросолите, ситни честички што лебдат во воздухот, се главниот виновник за пренесување на коронавирусот. Според наодите на научниците, ова особено...

Свет1 ден

Градоначалник во Италија даде оставка откако јавноста дозна дека се вакцинирал преку ред

Градоначалникот на сицилијанскиот град Корлеоне денес објави дека дава оставка откако преку ред се вакцинира против Ковид-19, а полицијата отвори...

Македонија1 ден

Во Македонија 333 нови случаи на коронавирус, починаа 10 лица

Во последните 24 часа во Македонија се потврдени 333 нови случаи на коронавирус, 268 оздравени и 10 починати лица, соопшти...

Македонија1 ден

Филипче: Состојбата на Мицкоски е стабилна

Состојбата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој се лекува од коронавирус е стабилна, кажа министерот за здравство, Венко Филипче....

Македонија1 ден

Пристигна првата пратка од руските вакцини во Македонија

На скопскиот аеродром попладнево пристигна првата пратка од руската вакцина „спутник В“. Министерот за здравство Венко Филипче заедно со рускиот...

Европа1 ден

Скандал во Бундестагот: Пратеници профитирале со трговија со маски за време на ковид-кризата

Скандал ја тресе Германија. Пратеници од Бундестагот оствариле профит од трговија со заштитини маски на самиот почеток на пандемијата на...

Свет1 ден

Семејства на починати од коронавирус го тужат британскиот премиер

Британскиот премиер Борис Џонсон, го тужат околу 2.000 семејства кои изгубиле еден или повеќе членови на семејството поради коронавирусот. Досега...

Македонија1 ден

Досега попишани 32.752 лица од дијаспората

Државниот завод за статистика соопшти дека досега се попишани 32752 лица од дијаспората. Оттаму велат дека бројот на попишани расте...

Македонија1 ден

Лекарска комора: Ковид може да предизвика сериозни стомачни крварења, да не се занемарат симптомите

Пациенти кои имаат инфекција со SARS-CoV-2 вирусот може да развијат сериозни компликации на гастроинтестиналниот систем кои во некои случаи се...

Македонија1 ден

(Видео) Пресечени меѓународни канали за транспорт на дрога

Министерството за внатрешни работи во текот на вчерашниот ден (06.03.2021) во две одделни акции пресече два канала за меѓународен транспорт...

Европа1 ден

Нови ограничувања во цела Италија

Во Италија, во последните 24 часа, имало 307 смртни случаи од коронавирус и повеќе од 23.000 нови инфекции, пренесува агенцијата...

Досие