Контакт

Анализи

Кина: Одржливоста на „Моделот на Чонгќинг“

Објавено пред

Кинеските државни медиуми неодамна објавија серија од извештаи во кои детално се објаснува економскиот успех и општествените постигнувања на југозападниот кинески град Чонгќинг.

dobivaj vesti na viber

Кинеските државни медиуми неодамна објавија серија од извештаи во кои детално се објаснува економскиот успех и општествените постигнувања на југозападниот кинески град Чонгќинг. Во извештаите се велича таканаречениот „Модел на Чонгќинг“, кој е карактеризиран од уникатниот пристап со стимулирање и на економијата и на идеолошката страст кај граѓаните, со тоа што се тврди дека моделот е рефлексија на тековните доктрини на Комунистичката партија на Кина (КПК). Кинеското раководство во изминативе неколку месеци невообичаено често го посетуваше овој град.

Ваквото величење може да значи дека Пекинг се повлекува од своите поранешни ставови кон „Моделот на Чонгќинг“ и неговиот архитект, партискиот секретар на Чонгќинг, Бо Ксилаи и дека тоа може да биде знак дека проектот наидува на се поголемо одобрување кај кинеското партиско раководство. Сепак, иако заслугите на овој модел се видливи од успехот на Чонгќинг, пред пошироката употреба на овој модел се исправени многу препреки.

Неортодоксен нов правец

Чонгќинг, една од четирите кинески општини кои ги раководи директно централната влада, е лоциран длабоко во внатрешноста на земјата, далеку од политичките и економски центри на земјата долж брегот. Неговото стопанство, базирано на тешка индустрија, позицијата како едно од најголемите речни пристаништа на реката Јангце и историјата на политички центар на земјата во текот на 1930-те и 1940-те години од градот направија економски центар на Западна Кина. Но, економската база мигрираше кон исток во подоцнежните децении. Индустриската надградба на крајбрежните градови која започна во средината на 1980-те години и масивната реформа на претпријатијата во државна сопственост, резултираа со тоа што Чонгќинг почна се повеќе економски да заостанува зад повеќето кинески градови сместени поблиску до брегот. Истовремено, фактори како што е длабоко вкоренетата корупција меѓу политичката и деловната елита, моќните елементи на организираниот криминал и високата урбана невработеност, влошени од огромниот наплив на мигранти од руралните средини, од градот направија опкружување кое стана многу подложно на општествени немири и нестабилност.

Веднаш по назначувањето на позицијата во Чонгќинг, Бо спроведе серија иницијативи за справување и со економските и со општествените проблеми, вклучувајќи го и силната кампања против организираниот криминал и уништувањето на моќните политички кланови во градот. Истовремено, Бо започна „црвена кампања“ која ја промовираше идеологијата на КПК преку, меѓу другите тактики, наметнување на учењата на поранешниот кинески лидер Мао Цетунг и пеењето на националистички песни, кое стана обврзно. Овие високопрофилни, контроверзни иницијативи од Бо направија многу поларизирана фигура меѓу кинеските политичари, но многу малку внимание се посветуваше на економскиот развој на Чонгќинг.

Што се однесува на економијата, Бо го смени фокусот на општината од традиционалната ориентираност кон моделот базиран на извоз, застапен во кинеските крајбрежни градови и почна да ја развива домашната потрошувачка и инвестиции преку инфраструктурни проекти предводени од владата, прифатливи политички иницијативи и релативно еднаква општествена распределба. Со обилни залихи и од работна сила и од ресурси во регионот, Чонгќинг е во голема мера самодоволен и со тоа во голема мера заштитен од надворешни непријатни влијанија. Во текот на економската криза од 2008 година, растот на бруто-домашниот производ (БДП) на Кина се забави на девет проценти, но БДП на Чонгќинг порасна за 14,3 проценти. Домашната потрошувачка порасна до околу 50 проценти од вкупната економија, далеку над националниот просек од 30 проценти. Чонгќинг исто така стана атрактивна дестинација за странски инвестиции, кои се зголемија од 311 милиони долари во 2003, на 6,3 милијарди долари во 2010 година.

Она што е важно е4 дека економскиот бум не го продлабочи јазот помеѓу богатите и сиромашните жители на градот, како што се случи во другите економски центри во Кина. Општествените иницијативи, на кои се потпира „Моделот на Чонгќинг“ ја поттикнаа масовната урбанизација врз основа на релативно еднаква дистрибуција на богатството и се поголема поддршка на мрежите за социјална сигурност (еден функционер ова го опиша како „поделба на тортата малку поеднакво“, од што се роди терминот „теорија на тортата“). Во 2011 година, приходите на домаќинствата во општината Чонгќинг и во урбаниот и во руралниот дел, пораснаа за 15,5 проценти и 22 проценти, по тој редослед, што е исто така значително повеќе од националниот просек. Во меѓувреме, за разлика од другите кинески градови, каде што владите правеа огромни профити од грабањето на земјиштето, Чонгќинг дозволи руралното население да си ја задржи сопственоста врз нивната земја дури и по урбанизацијата и им помогна со привремена социјална помош. Како резултат на тоа, урбанизацијата на 3,2 милиони луѓе мина без големи немири и поплаки.

Пекинг конечно забележа

Финансиската криза од 2008 година ја истакна потребата на кинеското раководство да ја реструктуира економијата. Со децении кинескиот економски модел беше базиран производство на ефтини производии одржуван од обилноста на ефтина работна рака и растечката надворешна побарувачка, како и на поддршката за малите и средните приватни претпријатија. Како и да е, првото беше силно погодено од ранливоста поради врзаноста за глобалната економија и растечката социјална нестабилност која резултирапе од комбинацијата на ниски плати, растечката невработеност и растечките цени на основите потреби, а второто од владиното фаворизирање на големите државни бизниси и централизираната економска контрола.

Соочен со можноста за пропаст на крајбрежниот модел, Пекинг конечно почна да го забележува успехот на Чонгќинг, со кој се чини може да се решат овие проблеми на начин кој му погодува на обновениот левичарски сентимент на централната влада. Како што Кина се соочува со се поголеми економски и социјални компликации, централната влада може да го прифати „Моделот на Чонгќинг“ како нешто што може да се примени ширум земјата, со регионални модификации.

Сепак, има неколку пречки вградени во моделот, кои можат да го попречат неговиот долгорочен успех и широката примена. Прво, за разлика од крајбрежните региони, каде што на бизнисите и на властите од понизок ранг им е дадена поголема автономија при нивните активности, „Моделот на Чонгќинг“ се потпира на многу поцентрализирана власт, општинската влада на градот, која ја задржа силната контрола врз фискалните приходи, локалните ресурси и економските активности. Оваа контрола му овозможи на Чонгќинг да спроведе масивни инфраструктурни проекти за да привлече инвестиции и, истовремено, да распредели релативно изедначени субвенции за јавноста, со што спречи социјална нестабилност. Ако се примени „Моделот на Чонгќинг“ во други региони на Кина, тоа би барало силно финансиско здравје и централизирана поддршка. Силната централна команда го прави овој модел ранлив кон погрешна алокација на ресурсите и богатството од страна на тие кои се на власт.

Во меѓувреме, и покрај поголемата домашна потрошувачка, економијата се уште ја движат масивните владини инвестиции, што резултираше со огромен фискален дефицит и владин долг кој, според некои проценки, порасна до 126 милијарди долари. Овој вид на инвестиции на градот му обезбеди привремен економски раст, но е неодржлив на подолг рок, бидејќи претставува финансиски ризик и го загрозува развојот (многу слично на начинот на кои масивните стимулации во Кина во 2008 и 2009 година влијаат врз целата земја). Згора на тоа, инвестициските активности доминирани од владата главно се вршат преку големи деловни зделки со моќните претпријатија, што во себе носи поголем ризик на создавање на врски помеѓу владата и бизнисот кои би можеле да водат кон корупција и истиснување на помалите приватни претпријатија.

Од политичка гледна точка, привлечноста на „Моделот на Чонгќинг“ произлегува од иновативното локално владеење, базирано на регионалните специфики. Но, земено дека кинеската влада годинава ќе минува низ процесот на транзиција на раководството, „Моделот на Чонгќинг“ може, исто така, да стане пример кои локалните политичари би го прифатиле на краток рок. Економските и социјалните проблеми кои овој модел може потенцијално да ги предизвика мора да бидат обмислени пред да се примени моделот, за тој да стане национална алтернатива на тековниот економски модел. /крај/stratfor/сс/



©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Анализи

Силјановска vs Пендаровски: Кој добива, а кој губи во битката на социјалните мрежи и медиумите?

Објавено пред

Претседателските кандидати Стево Пендаровски и Гордана Силјановска-Давкова најмногу се спомнуваат во медиумите, а најмалку се популарни меѓу твитерџиите. Во негативен контекст почесто е споменувана Силјановска на социјалните мрежи „Феjсбук“ и „Твитер“, но и во медиумите.

dobivaj vesti na viber

Ова го покажа првата сентимент-анализа на истражувачкиот центар на „Макфакс“, која се изработуваше во периодот од 1 до 9 април годинава. Процесот на изработка на анализата е базиран на компјутерски алгоритми и има задача да одреди во каков контекст (многу негативен, негативен, неутрален, позитивен или многу позитивен) е напишан одреден текст или дел од текстот.

Преку системот беа анализирани 220 медиуми, како и објавите и коментарите на над еден милион корисници на „Фејсбук“ и твитовите од 300 илјади профили. Тестирањата на платформата покажaа дека користените технологии даваат резултат со точност поголема од 80 проценти.

Според анализата, имињата на Силјановска-Давкова и на Пендаровски почесто се споменуваат во медиумите отколку на социјалните мрежи „Твитер“ и „Фејсбук“. Во првите девет дена од месецот тие биле споменати вкупно 3.515 пати. На „Фејсбук“ биле споменати речиси двојно помалку, а најмалку биле споменувани на „Твитер“.

Силјановска, според оваа анализа, најмногу била спомената на веб-порталите „Република“, „Курир“, „Инфомакс“ и на „Прес 24“, а Пендаровски на „Прес 24“, „Макпрес“, „24 инфо“ и на „Вечер“. Од инфографикот може да се види комплетната слика за тоа во кој медиум биле најмногу застапени двајцата претседателски кандидати.

Во однос на контекстот на споменување во медиумите може да се заклучи дека постои тесна разлика меѓу Силјановска и Пендаровски, иако кандидатката зад која стои опозициската ВМРО-ДПМНЕ предничи со негативните коментари.

Па, така, во многу негативен контекст Силјановска била спомената 201 пат, а Пендаровски 136 пати. Ако таа била спомната 914 пати во негативен контекст, Пендаровски во истиот контекст бил спомнат 778 пати. Тој предничи и во однос на неутралните спомнувања во медиумите, а Силјановска предничи во однос на позитивните споменувања. Тесна е разликата меѓу многу позитивните конотации, во кои биле ставени двајцата претседателски кандидати на кои се однесува анализата, во која за 8 споменувања предност има Пендаровски.

Според податоците од аналитичкиот центар на „Макфакс“, претседателскиот кандидат Пендаровски е попопуларен од Силјановска во однос на бројот на споменувања. Во многу позитивен или позитивен контекст меѓу твитерџиите тој е споменат 231 пат, а Силјановска 201. Во однос на тоа дали кандидатите се споменати во негативен или многу негативен контекст за нијанса води Силјановска, која е спомената 401 пат, а Пендаровски 389.

Слична ситуација може да се види и на „Фејсбук“, каде што Пендаровски има предност во однос на бројот на споменувања. Ако Силјановска била спомената 481 пат во многу негативен или во негативен контекст, Пендаровски е споменат 429 пати. Кај претседателскиот кандидат зад кој стои СДСМ поголем е бројот на позитивни или многу позитивни споменувања на социјалната мрежа „Фејсбук“.

Според сето ова, Силјановска има поголема вредност на вкупниот сентимент во негативен контекст на социјалните мрежи и во медиумите од Пендаровски. Важно е да се потенцира дека не станува збор за анкета што ги мери гласовите за кандидатите, туку за начинот на кој тие се прикажани и коментирани во интернет-просторот. Истражувачкиот центар на „Макфакс“ на почетокот на кампањата за претседателските кандидати спроведе анкета.

Целосната методологија за начинот на изработката на сентимент-анализите на истражувачкиот центар на „Макфакс“ е достапна на следниот линк.

Прикажи повеќе...

Анализи

СЈО со детали: Како Камчев и Мијалков ги переле парите градејќи империја

Објавено пред

Злосторничко здружение, кое функционирало повеќе од 8 години, од 2009 година, кога биле отворани и затворани фирми, перени милиони и милиони евра, биле менувани сопственици, бил купуван огромен имот, отворани фирми на офшор-дестинации за еднократна употреба, префрлувани пари преку кипарски банки, а потоа овие испрани пари влегуваат како основачки влогови за да формираат македонски фирми.

dobivaj vesti na viber

Вака накусо може да се опише случајот „Империја“ на специјалното јавно обвинителство (СЈО), каде што, меѓу другите, осомничени се едни од највлијателните луѓе во земјата, бизнисменот Орце Камчев и поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков.

Три месеци по почнувањето на истрагата, обвинителството излезе со детали за еден од најобемните предмети за кој засега е утврдено дека се испрани речиси 11 милиони евра.

Истрагата е проширена за „Графички центар“ и за „Медија принт Македонија“ (МПМ), извршени се претреси во фирмите, осомничените се испрашани и собрани се докази.

Соработката меѓу Македонија и Кипар е воспоставена, па сега, конечно, на виделина излегуваат и имињата на оние што се криеле зад офшор-фирмите преку кои се переле пари.

Од крајот на јуни до крајот на октомври 2018 година некои од осомничените од „Империја“ биле под посебни истражни мерки.

„Мијалков не беше под посебни истражни мерки, Камчев многу внимателно зборуваше по телефон, но не и другите осомничени“, велат од СЈО.

Без разлика како ќе се одвива понатаму истрагата за „Империја“, со оглед на тоа што статусот и истрагите на СЈО сè уште се неизвесни, оттаму велат дека собрани се речиси 90 отсто од доказите за случајот да може да продолжи понатаму.

Злосторничкото здружение се распаѓа кон крајот на 2017 и почетокот на 2018 година кога осомничените почнуваат да земаат кредити за да се раздолжат, но тоа не значи дека тука завршуваат и нивните поединечни активности.

Под лупа на СЈО е и фирмата поврзана со семејството Мијалкови, „Бест веј инвестмент“, формирана веднаш по обеледонувањето на таканаречените бомби во 2015 година, чиј сопственик е синот на Сашо Мијалков, Јордан. СЈО истражува како се ширел бизнисот и како оваа фирма успева да заработи огромни суми и да стекне голем имот само за три години работа. „Бест веј инвестмент“, ако во 2016 година имала приходи од 816 илјади евра, во 2017 година веќе приходите ѝ растат на 9,6 милиони евра, што само покажува дека независно кој е на власт, бизнисите на Мијалков работат со полна пареа.

Краен сопственик на мистериозната „Ексико“ бил Камчев

Натписот на поштенското сандаче на улицата Иван Милутиновиќ во Скопје сведочи за постоењето на „Ексико“, чие сопствеништво е скриено

Центарот на истрагата за „Империја“ се познатата офшор-фирма „Ексико“ и бизнисменот Орце Камчев.

Истрагата утврдила дека зад првата фирма-мајка на „Ексико“, „Делта инвестмент“ од Белизе, всушност се крие таткото на Орце Камчев, Илија. Од оваа фирма, која поседуваше акции во големи акционерски друштва, а се јавуваше и како еден од сопствениците на атрактивните плацови на Водно, досега сите креваа раце и демантираа дека стојат зад неа.

Истрагата на СЈО утврдила дека по Илија Камчев, набргу како краен сопственик фигурирал и поранешниот директор на македонски „Телеком“, Жарко Луковски, а кога сопствеништвото на фирмата се сели во Америка, односно сопственик станува извесна „Калвус ЛЛЦ“ (Calvus LLC) од САД, крајниот сопственик е всушност Орце Камчев.

Од оваа американска фирма кон „Ексико“ се влеваат 1,6 милион евра како прилив, а дел од овие пари завршува на личната сметка на Камчев, додека со дел се купувани имот и земјиште во Гевгелија, на кое понатаму е предвидено да се градат казина.

Подоцна, а и до ден-денеска, сопственик на „Ексико“ е фирмата со швајцарски капитал „Т&МЈ инвестмент“ од Лугано, Швајцарија, фирма зад која оперативните сознанија покажале дека краен сопственик е член на семејството Мијалкови. Од швајцарската фирма кон македонската „Ексико“ немало никаков прилив или одлив на пари.

„Ексико“ не е единствената фирма преку која функционирало ова злосторничко здружение. Колку за пример, во истатата 2009 година офшор-компанијата „Хоспитал менаџмент груп ЛЛЦ’ од Кипар ја основа клиничката болница „Систина“. Понатаму, оваа компанија го продава имотот на друга офшор-компанија од Панама. „Орка холдинг“ го купува уделот од панамската, па повторно ѝ го продава на „Систина“, со што фактички Камчев внесува удел од „Хоспитал менаџмент“ од Кипар во Македонија.

Сомнежи за перење пари преку кипарски банки

Преку кипарски банки парите влегуваат во земјата

Значаен дел од истрагата на СЈО за „Империја“ има и фирмата „Финзи“ – истата фирма за која во таканаречените бомби можеше да се слушне дека одела набавката за опрема за следење интернет-комуникации за МВР. Министерството, додека на чело на УБК беше Мијалков, наместо директно да ја набави изреалската опрема за прислушување, тоа го правела преку „Финзи“. Во текот на истрагата за случајот самоубиство изврши директорот на „Финзи“, Коста Крпач, во април 2016 година.

Сега истрагата за „Империја“ повторно допира до „Финзи“, фирма основана од „Финзи ЛЛЦ“ во САД. Краен сопственик на оваа компанија, според СЈО, повторно е Орце Камчев.

Во неколку наврати од „Финзи ЛЛЦ“ преку кипарска банка кон македонската „Финзи“ биле исплатувани 650.000 евра. Во тоа време, односно во 2009 година, директор на „Финзи“ во Македонија е Владислав Стајковиќ, брат на Небојша Стајковиќ, поранешен помошник-министер за информатичка технологија во МВР.

Овие пари понатаму влегуваат како основачки влог во „Систина кардиологија“, фирма што подоцна е преименувана во „Си-Фи-Кар“ („Систина“, „Финзи“, “Кара“). Во 2012 година, според СЈО, кога парите веќе се испрани, американската мајка-фирма се затвора и се отвора нова фирма, во која Крпач влегува како директор, а на истата сметка легнуваат парите од израелската донација за опрема за прислушување.

„Не купуваат компании за да работат со нив, туку за да извлечат што можат“

Орце Камчев и Сашо Мијалков, клучните играчи во „Империја“

Многу компании, офшор, стотици папки со документи и изјави од сведоци содржи еден од најобемните предмети на СЈО – „Империја“. Од она што беше претставено пред новинарските екипи, неизбежен е заклучокот дека од досегашната истрага и собраните докази станува збор за класични примери за сомнежи за перење пари пред кои надлежните институции со години молчеле или се откажувале од гонење поради немање докази.

Дел од истрагата е отстапен и на купувањето на „Бетон Штип“ од страна на ТИМ ДОО, „Орка холдинг“, „Езимит“ ДООЕЛ и „Ексико“.

„Кога тие купуваат компанија, не ја купуваат за да ја работат, туку да извлечат што може од имотот на компанијата“, велат од СЈО.

Па, така, и овој пат сознанијата говорат дека од „Бетон Штип“ се извлечени 4 милиони евра, односно газдите ги тераат акционерите со парите да купуваат имот, а понатаму како што се извлекуваат парите, така се инвестираат во други зделки за што патем говорат и последните информации дека речиси 250 работници веќе ги напуштаат работните места од „Бетон Штип“ и истовремено преку суд си ги бараат неисплатените плати за последните четири месеци.

Дел од истрагата го опфаќа и „Фершпед“, односно од моментот кога Кираца Трајковска, која беше еден од мнозинските акционери во “Фершпед“, поради долг во Еуростандард банка, преку посредник побарала кредит од Стопанска банка АД Битола. Камчев, кој е дел од Управниот одбор на банката, наместо кредит, според СЈО, на Трајковска ѝ понудил преку физички лица да ѝ бидат префрлени парите по што биле ослободени нејзините акции од „Фершпед“.

За да им ги продаде акциите на странски инвеститори, таа го ангажирала брокерот Јованче Тасковски. Но, за нејзината намера дознал Штерјо Наков, кој побарал помош од Мијалков, со цел тој да ги купи акциите. Мијалков се договора со Камчев да ја изиграат, па без нејзино знаење, според СЈО, Ненад Јосифовиќ ги продава акциите на физички и правни лица поврзани со Наков за 4 милиони евра повисока цена од реалната. Парите од зделката завршуваат во фирма чии сопственици се „Ексико“, „Орка холдинг“ и „Тимох“.

Во делот од истрагата за „Империја“ влегуваат и стари случаи, кои претходно во обвинителствата завршувале со откажување од гонење поради немање доволно докази. Таков пример е истрагата за „пропаѓањето“ на „Орка спорт“, „Орка текстил“ и други фирми во сопственост на сега покојниот Илија Камчев. Данокот се избегнувал да се плаќа преку лажни стечаи, обезвреднување на имотот и формирање офшор-компании, а потоа парите „чисти“ биле внесувани во земјата, односно целиот имот бил пренесуван на новоформирани компании.

На овој начин, впрочем, и се градела целата империја – преку лојални соработници, изигрување на законитe и формирање компании за еднократна употреба.

Како ќе заврши истрагата и дали случајот ќе добие епилог останува неизвесно. Засега Орце Камчев и Сашо Мијалков се во домашен притвор, а конечниот збор ќе го каже Врховниот суд.

Освен Камчев и Мијалков, осомничени во случајот „Империја“ се и Ратка Куноска-Камчева, мајка на Камчев и неизвршен член на Одборот на директори на „Орка ходинг“, Кристина Камчева-Стојческа, сестра на Камчев и неизвршен член на Одборот на директори на „Жито полог Тетово“, Лилјана Гајдоска, правник во фирмите на Камчев, неизвршен член на Одборот на директори на ЗК „Пелагонија“, Тодор Мирчевски, директор на „Ексико“, Владислав Стајковиќ, сопственик на НВСП, доскорешен директор на „Мобико“ и поранешен директор на „Финзи“, Ванче Мијалчев, извршен директор на „Бетон Штип“, Јованче Тасковски, брокер, и Дејан Јанев од „О.Т.Е. инвест“.

Прикажи повеќе...

Анализи

Политиката го подели СЈО на табори

Објавено пред

„Чарлиевите ангели“ ги нема. Катица Јанева, Ленче Ристоска и Фатиме Фетаи речиси една година не се појавуваат на заеднички прес-конференции. Во јавноста и на социјалните мрежи сè погласни се критиките за работата на специјалното јавно обвинителство и ослабената доверба во оваа институција.

dobivaj vesti na viber

Три и пол години по формирањето, целосен судски епилог има само за два случаја а сè погласни се шпекулациите дека во СЈО владее поделеност на обвинителите на табори, кои меѓусебно не се согласуваат за дејствувањето на ова обвинителство, па тие разлики во мислењата лесно се забележливи и во јавноста.

Трите жени, кои беа симбол за СЈО, ретко може се видат заедно во јавноста, а речиси една година Ленче Ристоска и Фатиме Фетаи не даваат заеднички изјави. Според нашите извори, со слични ставови на една страна биле обвинителките Катица Јанева и Лиле Стефанова, а на друга Ленче Ристоска и Фатиме Фетаи.

Од друга страна, сè поприсутна во јавноста е главната специјална обвинителка Катица Јанева, која, според најавите, во вторник ќе се појави на „1ТВ“, каде што заедно со обвинителите Лиле Стефанова и Трајче Пеливанов треба да одговараат и на прашања од гледачите. Токму во фирмата сопственик на „1ТВ“, „БМЈ медиа груп“, работи синот на Јанева, младиот гевгеличанец Лазар Јанев, за кого веќе беше објавено дека пред вработените бил претставен како директор на правна служба. Пред точно два месеца Јанева беше гостинка на „1ТВ“ и се фотографира со сопственикот на телевизијата, Бојан Јовановски, со назнака дека станува збор за работен состанок.

Во СЈО во последната година во целост се смени практиката на комуникација со јавноста. Последната прес-конференција СЈО ја одржа на 21 март минатата година.

Повеќе нема брифинзи со новинари, а на обвинителките Ристоска и Фетаи не им е дозволено да даваат интервјуа и изјави. Целосна затвореност владее и во однос на истрагите. Случајот „Империја“, во кој, меѓу другите, се осомничени и бизнисменот Јордан Камчев и ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, беше отворен пред повеќе од 2 месеца, а од СЈО нема дополнителни информации, освен дека истрагата е сложена.

Сите обиди на „Макфакс“ да обезбедат брифинг за случајот беа залудни. Новинарите меѓу себе коментираат дека ова обвинителство, кое наметна транспарентно работење, последнава година се затворило, иако обвинителите поминале серија обуки за комуникација со јавноста. Тоа остава простор за шпекулации во постапувањето по предметите на обвинителството. Од друга страна, во редовното Обвинителство се спроведува тренинг за односи со јавноста на обвинителите.

Според нашите информации, во специјалното јавно обвинителство меѓу некои од вработените владее незадоволство од начинот на работа, особено по последните политички случувања, амнестии и повици за помирување, кои во голем дел влијаат и врз актуелните предмети што се во судска постапка, но и на оние што се во истрага и предистрага, а во кои, меѓу другите, се вклучени и Сашо Мијалков, Елизабета Канческа-Милевска, Али Ахмети, Бујар Османи.

Ексминистерката за култура, КанческаМилевска, е инволвирана во предистрагата за предметот „Скопје 2014“, кој е еден од најобемните предмети на СЈО, за Мијалков се водат повеќе судски постапки, а предметот за агенцијата за обезбедување СГС е во предистрага.

Во процесот на помирувањето наголемо се споменуваа и измените во Кривичниот законик, односно член 353, став 5, кој ја регулира злоупотребата на службената положба преку јавните набавки. Доколку дојде до промена на овој член, како што беше најавувано, помали казни или ослободување од одговорност ќе добијат голем број обвинети во случаите на СЈО, меѓу кои и Мијалков.

Уставниот суд сè уште не расправал по иницијативата на адвокатот Еленко Миланов, кој бара судиите да се произнесат за овој член од Кривичниот законик.

Сите овие политички инволвирања, кои допираат и до СЈО, според нашите извори, довеле до голем раздор во работата на институцијата, која има годишен буџет од 3,7 милиони евра. Некои од обвинителите се разочарани од фактот што нивните предмети и нивната работа зависат исклучително од тековната политичка ситуација, па токму затоа во последниот период и не се работи на нови предистраги бидејќи се чека исходот од тоа што ќе се случува со институцијата и дали евентуално одредени функционери од претходната, но и од актуелната власт, ќе избегнат одговорност.

Прикажи повеќе...

Најново

Топ6 часа

Деветнаесетгодишна девојка го управувала автомобилот со којшто беше усмртена жената во Чаир

Деветнаесетгодишна девојка (А.Џ.) управувала со автомобилот „сеат алтеа“, со којшто попладнево беше прегазена жената во скопската населба Чаир којашто почина...

Македонија6 часа

Студентите на протест поради јавниот превоз, бараат и набавка на нови автобуси и велосипедска инфраструктура

Универзитетското студентско сообрание (УСС-УКИМ) за утре, 22 ноември, најавува протест поради проблемите со јавниот превоз што ќе се случува од...

Топ8 часа

Трагедија вечерва во Чаир: Загина жена, ја прегази автомобил

Жена загина во скопската неселба Чаир, кога во неа удрил автомобил со скопски регистерски ознаки. Според информациите од СВР Скопје...

Македонија10 часа

Владата ќе му позајми на градот Скопје дел од нафтените резерви на државата за ЈСП

Владата вонредно расправаше поради недостигот на енергенси за обавување на јавниот сообраќај на територијата на Град Скопје, при што беше...

Македонија12 часа

(Видео) Избегната тепачка во Собранието, Гаши го повика обезбедувањето

Во македонскиот парламент денеска избегната тепачка меѓу некои од пратениците. Инцидентот се случи меѓу лидерот на Левицата, Димитар Апасиев, и...

Македонија14 часа

Црната листа на САД е многу динамична и отворена за додавање нови имиња, порача Агелер

Американската амбасадорка Анџела Агелер, денеска, одговарајќи на новинарско прашање во врска со црната листа на САД, рече дека таа е...

Скопје16 часа

(Видео) СДСМ со решенија за кризата во Скопје: закон за финансиска поддршка на Градот и на ЈСП, субвенциии за гориво, вели Јанчева

„Како што најавивме, денес сме тука за да ги презентираме нашите конкретни предлози за надминување на кризата во која се...

Македонија16 часа

ЈСП избрало неприфатлива понуда во набавката на „евродизелот“, утврдени неправилности во постапката, соопшти Бирото за јавни набавки

Постапката за јавна набавка на „евродизелот“ објавена од страна на договорниот орган ЈСП беше предмет на управна контрола во Бирото...

Скопје16 часа

Славески свика итна вонредна седница на Советот на Скопје поради колапсот на јавниот превоз

Претседателот на Совет на Скопје Трајко Славески за денеска во 18 часот закажа итна вонредна седница на која треба да...

Скопје17 часа

Колапс на јавниот превоз, скопјани се солидаризираат: „Застанете ако сте со автомобил, превезете некого“

Од синоќа, со оглед дека нема автобуси, на социјалните мрежи се споделуваат повици за оние што одат на работа со...

Регион18 часа

Ексминистер и двајца поранешни директори меѓу уапсените за уривањето на натстрешникот на Железничката станица во Нови Сад

Поради уривањето на натстрешникот на Железничката станица во Нови Сад, уапсени се 11 лица, соопшти Вишото јавно обвинителство во Нови...

Европа18 часа

(Видео) Русите ја нападнаа Украина со шест бомбардери „ту-95“ и „миг“, Днепар во пламен

Во денешниот руски ракетен напад е оштетена индустриска компанија во Днепар, а во градот избувнале пожари, изјави началникот на воената...

Европа18 часа

Ажурираната нуклеарна доктрина на Русија е лукав потег на Путин против Бајден и му оди во прилог на Доналд Трамп

Нуклеарните закани на Москва се прилично суптилна игра која директно не ѝ штети на Русија, туку му штети на актуелниот...

Свет21 час

Северна Кореја и Русија потпишаа протокол за соработка

Северна Кореја и Русија потпишаа протокол за соработка по состаноците за трговија, економија, наука и технологија во Пјонгјанг, објави севернокорејскиот...

Европа21 час

(Видео) Еруптира вулкан на Исланд

Вулкан во близина на главниот град на Исланд доцна синоќа еруптираше по десетти пат во последните три години, исфрлајќи големи...

Македонија1 ден

(Видео) Заглавен сообраќајот во Скопје, автобуси нема, Брзата помош не можеше да се пробие на Бит Пазар

Скопје е парализирано попладнево. Автобусите не сообраќаат, а граѓани се жалат дека не успеваат да најдат ниту слободно такси поради...

Македонија2 дена

Осудени велешаните кои силуваа 14-годишно девојче, највисоката казна е 5 години и 6 месеци затвор

Во Основниот кривичен суд денес беше објавена пресудата против тринаесетте лица од Велес кои беа обвинети за сексуално злоставување на...

Македонија2 дена

Мицкоски за Шекеринска: Ѝ честитав за изборот за заменик-генерална секретарка на НАТО, за нас – националното единство е пред партиските интереси

„Не е тајна дека во минатото сме имале многу концептуални разлики кога станува збор за справувањето со актуелните проблеми, политиките,...

Македонија2 дена

Со гордост ќе ја претставувам Северна Македонија на оваа висока меѓународна позиција, рече Шекеринска

Радмила Шекеринска, која беше назначена за втор човек на НАТО, односно заменик-генерална секретарка на алијансата, утрово се заблагодари за честитките...

Македонија2 дена

Поднесени 20 претставки за загадениот воздух, Меџити вели дека гасификацијата е решение за урбаните средини

До народниот правобранител поднесени се 40 претставки од областа на животната средина, од кои 20-ина за квалитетот на воздухот, изјави...