Контакт

Анализи

Уште 14 дена за распуштање на Собранието и распишување предвремени парламентарни избори

Објавено пред

Уште малку време им останува на партиите и политичарите за калкулации и изедначувања на своите ставови, пеглање на меѓусебните односи и заедничките интереси, доколку се одлучат заедно со вториот круг на претседателските избори да се одржат и предвремени парламентарни избори, бидејќи, според Уставот на Република Македонија, тие треба да се одржат во рок од 60 дена по распуштање на парламентот.

Претседателот на Собранието на Република Македонија, Трајко Вељановски, на први февруари ја распиша трката за претседателските избори, при што беа утврдени термините за гласање во двата круга на изборот за претседател.

Со одредбите од решението за распишување на претседателски избори се предвидува првиот круг на изборот да се одржи на 13-ти април, а доколку не биде избран претседател, ќе се одржи и втор круг кој предвидено е да се реализира по 14 дена од првиот круг, односно на 27-ми април.

Според тоа, доколку пратениците се одлучат и за предвремени парламентарни избори, тогаш краен рок за распуштање на парламентот, според уставните рокови, е 26 ти февруари, доколку тие се одржуваат заедно со вториот круг на претседателските избори, а до тогаш остануваат уште 14 дена.

Дали пратениците можноста за предвремени парламентарни избори ќе ја стават заедно со вториот круг на претседателските избори кои треба да се одржат на 27-ми април, сé уште не е познато.

„Доколку се случи предвремени парламентарни избори да отпочнат во вториот круг на претседателските избори, тогаш се јавува еден сериозен проблем во делот каде што ќе се испомешаат датумите на едната кампања, со оние на другата кампања и на предисборниот молк, истакна деновиве претседателот на Државната изборна комисија Никола Рилкоски, кој додаде дека Државната изборна комисија доколу се случи едно такво поклопување на термините, ќе мора да изнајде модуси како да се преброди ваквата состојба.

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ сé уште нема донесено одлука за предвремени парламентарни избори што би се одржале паралелно со закажаните претседателски избори во април, но и натаму останува отворена оваа опција согласно анализите на политичките состојби и изјавите што стигнуваат од владиниот пaртнер ДУИ.

Директорот за комуникации на партијата, Илија Димовски, во понеделникот истакна дека таквата одлука би била донесена исклучиво согласно националните и државните интереси.

Сепак, во исчекување на претседателските избори, но и можните предвремените парламентарни избори, во полн ек тече изборната кампања, востановената „сапуница“ од партиски прес-конференции со меѓусебни обвинувања и „реакција на реакцијата“, се сечат ленти, се најавуваат нови и се промовираат завршени проекти.

Опозицијата пресметува како владејачкото мнозинство „со кредити, пред секој изборен процес купува гласачи“ и вели дека во воздух виси прашањето дали измените на Изборниот законик, којшто беше донесен со партиски консензус ќе обезбедат фер и рамноправна изборна трка или ќе останат само документ на хартија, чиешто почитување ќе зависи само од политичката волја и демократскиот капацитет на политичарите.

Демократската унија за интеграција (ДУИ), како водечка политичка сила меѓу албанската заедница во земјата, и натаму останува на својот цврст став за консензуален претседател прифатлив и за Албанците од Македонија, во спротивно на маса ја става опцијата за предвремени парламентарни избори, како и бојкот на претседателските избори. Особено во вториот изборен круг, кога може да е проблематично исполнувањето на цензусот за изборот на шефот на државата.

Ваквите ставови во вторникот ги повтори портпаролот на ДУИ, кој повторно истакна дека „без гласовите од Албанците шефот на државата нема да има легитимитет“.

Додаде и дека доколку не се почитува волјата на Албанците, опцијата на ДУИ е неучество на претседателките избори, и тоа не само на овие, туку и на сите наредни во иднина сé додека не се изнајде форма изборот за претседател да биде прифатлив и за Албанците.

Директорот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, на се погласните најави за бојкот на претседателските избори од страна на ДУИ и од невладини организации, во изјава, оцени дека е погрешно да се преземе ваков чекор, особено од албанскиот електорат.

Сепак, ВМРО-ДПМНЕ и понатаму стои на ставот дека претседателскиот кандидат ќе биде избран во внатрепартиска постапка, на изборната конвенција на 1-ви март.

Опозициската СДСМ не сака да ги коментира заканите за бојкотирање на претседателските избори од албанската партија сѐ додека политичките субјекти не донесат официјални одлуки./крај/мф/ап

Анализи

Силјановска vs Пендаровски: Кој добива, а кој губи во битката на социјалните мрежи и медиумите?

Објавено пред

Претседателските кандидати Стево Пендаровски и Гордана Силјановска-Давкова најмногу се спомнуваат во медиумите, а најмалку се популарни меѓу твитерџиите. Во негативен контекст почесто е споменувана Силјановска на социјалните мрежи „Феjсбук“ и „Твитер“, но и во медиумите.

Ова го покажа првата сентимент-анализа на истражувачкиот центар на „Макфакс“, која се изработуваше во периодот од 1 до 9 април годинава. Процесот на изработка на анализата е базиран на компјутерски алгоритми и има задача да одреди во каков контекст (многу негативен, негативен, неутрален, позитивен или многу позитивен) е напишан одреден текст или дел од текстот.

Преку системот беа анализирани 220 медиуми, како и објавите и коментарите на над еден милион корисници на „Фејсбук“ и твитовите од 300 илјади профили. Тестирањата на платформата покажaа дека користените технологии даваат резултат со точност поголема од 80 проценти.

Според анализата, имињата на Силјановска-Давкова и на Пендаровски почесто се споменуваат во медиумите отколку на социјалните мрежи „Твитер“ и „Фејсбук“. Во првите девет дена од месецот тие биле споменати вкупно 3.515 пати. На „Фејсбук“ биле споменати речиси двојно помалку, а најмалку биле споменувани на „Твитер“.

Силјановска, според оваа анализа, најмногу била спомената на веб-порталите „Република“, „Курир“, „Инфомакс“ и на „Прес 24“, а Пендаровски на „Прес 24“, „Макпрес“, „24 инфо“ и на „Вечер“. Од инфографикот може да се види комплетната слика за тоа во кој медиум биле најмногу застапени двајцата претседателски кандидати.

Во однос на контекстот на споменување во медиумите може да се заклучи дека постои тесна разлика меѓу Силјановска и Пендаровски, иако кандидатката зад која стои опозициската ВМРО-ДПМНЕ предничи со негативните коментари.

Па, така, во многу негативен контекст Силјановска била спомената 201 пат, а Пендаровски 136 пати. Ако таа била спомната 914 пати во негативен контекст, Пендаровски во истиот контекст бил спомнат 778 пати. Тој предничи и во однос на неутралните спомнувања во медиумите, а Силјановска предничи во однос на позитивните споменувања. Тесна е разликата меѓу многу позитивните конотации, во кои биле ставени двајцата претседателски кандидати на кои се однесува анализата, во која за 8 споменувања предност има Пендаровски.

Според податоците од аналитичкиот центар на „Макфакс“, претседателскиот кандидат Пендаровски е попопуларен од Силјановска во однос на бројот на споменувања. Во многу позитивен или позитивен контекст меѓу твитерџиите тој е споменат 231 пат, а Силјановска 201. Во однос на тоа дали кандидатите се споменати во негативен или многу негативен контекст за нијанса води Силјановска, која е спомената 401 пат, а Пендаровски 389.

Слична ситуација може да се види и на „Фејсбук“, каде што Пендаровски има предност во однос на бројот на споменувања. Ако Силјановска била спомената 481 пат во многу негативен или во негативен контекст, Пендаровски е споменат 429 пати. Кај претседателскиот кандидат зад кој стои СДСМ поголем е бројот на позитивни или многу позитивни споменувања на социјалната мрежа „Фејсбук“.

Според сето ова, Силјановска има поголема вредност на вкупниот сентимент во негативен контекст на социјалните мрежи и во медиумите од Пендаровски. Важно е да се потенцира дека не станува збор за анкета што ги мери гласовите за кандидатите, туку за начинот на кој тие се прикажани и коментирани во интернет-просторот. Истражувачкиот центар на „Макфакс“ на почетокот на кампањата за претседателските кандидати спроведе анкета.

Целосната методологија за начинот на изработката на сентимент-анализите на истражувачкиот центар на „Макфакс“ е достапна на следниот линк.

Прикажи повеќе...

Анализи

СЈО со детали: Како Камчев и Мијалков ги переле парите градејќи империја

Објавено пред

Злосторничко здружение, кое функционирало повеќе од 8 години, од 2009 година, кога биле отворани и затворани фирми, перени милиони и милиони евра, биле менувани сопственици, бил купуван огромен имот, отворани фирми на офшор-дестинации за еднократна употреба, префрлувани пари преку кипарски банки, а потоа овие испрани пари влегуваат како основачки влогови за да формираат македонски фирми.

Вака накусо може да се опише случајот „Империја“ на специјалното јавно обвинителство (СЈО), каде што, меѓу другите, осомничени се едни од највлијателните луѓе во земјата, бизнисменот Орце Камчев и поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков.

Три месеци по почнувањето на истрагата, обвинителството излезе со детали за еден од најобемните предмети за кој засега е утврдено дека се испрани речиси 11 милиони евра.

Истрагата е проширена за „Графички центар“ и за „Медија принт Македонија“ (МПМ), извршени се претреси во фирмите, осомничените се испрашани и собрани се докази.

Соработката меѓу Македонија и Кипар е воспоставена, па сега, конечно, на виделина излегуваат и имињата на оние што се криеле зад офшор-фирмите преку кои се переле пари.

Од крајот на јуни до крајот на октомври 2018 година некои од осомничените од „Империја“ биле под посебни истражни мерки.

„Мијалков не беше под посебни истражни мерки, Камчев многу внимателно зборуваше по телефон, но не и другите осомничени“, велат од СЈО.

Без разлика како ќе се одвива понатаму истрагата за „Империја“, со оглед на тоа што статусот и истрагите на СЈО сè уште се неизвесни, оттаму велат дека собрани се речиси 90 отсто од доказите за случајот да може да продолжи понатаму.

Злосторничкото здружение се распаѓа кон крајот на 2017 и почетокот на 2018 година кога осомничените почнуваат да земаат кредити за да се раздолжат, но тоа не значи дека тука завршуваат и нивните поединечни активности.

Под лупа на СЈО е и фирмата поврзана со семејството Мијалкови, „Бест веј инвестмент“, формирана веднаш по обеледонувањето на таканаречените бомби во 2015 година, чиј сопственик е синот на Сашо Мијалков, Јордан. СЈО истражува како се ширел бизнисот и како оваа фирма успева да заработи огромни суми и да стекне голем имот само за три години работа. „Бест веј инвестмент“, ако во 2016 година имала приходи од 816 илјади евра, во 2017 година веќе приходите ѝ растат на 9,6 милиони евра, што само покажува дека независно кој е на власт, бизнисите на Мијалков работат со полна пареа.

Краен сопственик на мистериозната „Ексико“ бил Камчев

Натписот на поштенското сандаче на улицата Иван Милутиновиќ во Скопје сведочи за постоењето на „Ексико“, чие сопствеништво е скриено

Центарот на истрагата за „Империја“ се познатата офшор-фирма „Ексико“ и бизнисменот Орце Камчев.

Истрагата утврдила дека зад првата фирма-мајка на „Ексико“, „Делта инвестмент“ од Белизе, всушност се крие таткото на Орце Камчев, Илија. Од оваа фирма, која поседуваше акции во големи акционерски друштва, а се јавуваше и како еден од сопствениците на атрактивните плацови на Водно, досега сите креваа раце и демантираа дека стојат зад неа.

Истрагата на СЈО утврдила дека по Илија Камчев, набргу како краен сопственик фигурирал и поранешниот директор на македонски „Телеком“, Жарко Луковски, а кога сопствеништвото на фирмата се сели во Америка, односно сопственик станува извесна „Калвус ЛЛЦ“ (Calvus LLC) од САД, крајниот сопственик е всушност Орце Камчев.

Од оваа американска фирма кон „Ексико“ се влеваат 1,6 милион евра како прилив, а дел од овие пари завршува на личната сметка на Камчев, додека со дел се купувани имот и земјиште во Гевгелија, на кое понатаму е предвидено да се градат казина.

Подоцна, а и до ден-денеска, сопственик на „Ексико“ е фирмата со швајцарски капитал „Т&МЈ инвестмент“ од Лугано, Швајцарија, фирма зад која оперативните сознанија покажале дека краен сопственик е член на семејството Мијалкови. Од швајцарската фирма кон македонската „Ексико“ немало никаков прилив или одлив на пари.

„Ексико“ не е единствената фирма преку која функционирало ова злосторничко здружение. Колку за пример, во истатата 2009 година офшор-компанијата „Хоспитал менаџмент груп ЛЛЦ’ од Кипар ја основа клиничката болница „Систина“. Понатаму, оваа компанија го продава имотот на друга офшор-компанија од Панама. „Орка холдинг“ го купува уделот од панамската, па повторно ѝ го продава на „Систина“, со што фактички Камчев внесува удел од „Хоспитал менаџмент“ од Кипар во Македонија.

Сомнежи за перење пари преку кипарски банки

Преку кипарски банки парите влегуваат во земјата

Значаен дел од истрагата на СЈО за „Империја“ има и фирмата „Финзи“ – истата фирма за која во таканаречените бомби можеше да се слушне дека одела набавката за опрема за следење интернет-комуникации за МВР. Министерството, додека на чело на УБК беше Мијалков, наместо директно да ја набави изреалската опрема за прислушување, тоа го правела преку „Финзи“. Во текот на истрагата за случајот самоубиство изврши директорот на „Финзи“, Коста Крпач, во април 2016 година.

Сега истрагата за „Империја“ повторно допира до „Финзи“, фирма основана од „Финзи ЛЛЦ“ во САД. Краен сопственик на оваа компанија, според СЈО, повторно е Орце Камчев.

Во неколку наврати од „Финзи ЛЛЦ“ преку кипарска банка кон македонската „Финзи“ биле исплатувани 650.000 евра. Во тоа време, односно во 2009 година, директор на „Финзи“ во Македонија е Владислав Стајковиќ, брат на Небојша Стајковиќ, поранешен помошник-министер за информатичка технологија во МВР.

Овие пари понатаму влегуваат како основачки влог во „Систина кардиологија“, фирма што подоцна е преименувана во „Си-Фи-Кар“ („Систина“, „Финзи“, “Кара“). Во 2012 година, според СЈО, кога парите веќе се испрани, американската мајка-фирма се затвора и се отвора нова фирма, во која Крпач влегува како директор, а на истата сметка легнуваат парите од израелската донација за опрема за прислушување.

„Не купуваат компании за да работат со нив, туку за да извлечат што можат“

Орце Камчев и Сашо Мијалков, клучните играчи во „Империја“

Многу компании, офшор, стотици папки со документи и изјави од сведоци содржи еден од најобемните предмети на СЈО – „Империја“. Од она што беше претставено пред новинарските екипи, неизбежен е заклучокот дека од досегашната истрага и собраните докази станува збор за класични примери за сомнежи за перење пари пред кои надлежните институции со години молчеле или се откажувале од гонење поради немање докази.

Дел од истрагата е отстапен и на купувањето на „Бетон Штип“ од страна на ТИМ ДОО, „Орка холдинг“, „Езимит“ ДООЕЛ и „Ексико“.

„Кога тие купуваат компанија, не ја купуваат за да ја работат, туку да извлечат што може од имотот на компанијата“, велат од СЈО.

Па, така, и овој пат сознанијата говорат дека од „Бетон Штип“ се извлечени 4 милиони евра, односно газдите ги тераат акционерите со парите да купуваат имот, а понатаму како што се извлекуваат парите, така се инвестираат во други зделки за што патем говорат и последните информации дека речиси 250 работници веќе ги напуштаат работните места од „Бетон Штип“ и истовремено преку суд си ги бараат неисплатените плати за последните четири месеци.

Дел од истрагата го опфаќа и „Фершпед“, односно од моментот кога Кираца Трајковска, која беше еден од мнозинските акционери во “Фершпед“, поради долг во Еуростандард банка, преку посредник побарала кредит од Стопанска банка АД Битола. Камчев, кој е дел од Управниот одбор на банката, наместо кредит, според СЈО, на Трајковска ѝ понудил преку физички лица да ѝ бидат префрлени парите по што биле ослободени нејзините акции од „Фершпед“.

За да им ги продаде акциите на странски инвеститори, таа го ангажирала брокерот Јованче Тасковски. Но, за нејзината намера дознал Штерјо Наков, кој побарал помош од Мијалков, со цел тој да ги купи акциите. Мијалков се договора со Камчев да ја изиграат, па без нејзино знаење, според СЈО, Ненад Јосифовиќ ги продава акциите на физички и правни лица поврзани со Наков за 4 милиони евра повисока цена од реалната. Парите од зделката завршуваат во фирма чии сопственици се „Ексико“, „Орка холдинг“ и „Тимох“.

Во делот од истрагата за „Империја“ влегуваат и стари случаи, кои претходно во обвинителствата завршувале со откажување од гонење поради немање доволно докази. Таков пример е истрагата за „пропаѓањето“ на „Орка спорт“, „Орка текстил“ и други фирми во сопственост на сега покојниот Илија Камчев. Данокот се избегнувал да се плаќа преку лажни стечаи, обезвреднување на имотот и формирање офшор-компании, а потоа парите „чисти“ биле внесувани во земјата, односно целиот имот бил пренесуван на новоформирани компании.

На овој начин, впрочем, и се градела целата империја – преку лојални соработници, изигрување на законитe и формирање компании за еднократна употреба.

Како ќе заврши истрагата и дали случајот ќе добие епилог останува неизвесно. Засега Орце Камчев и Сашо Мијалков се во домашен притвор, а конечниот збор ќе го каже Врховниот суд.

Освен Камчев и Мијалков, осомничени во случајот „Империја“ се и Ратка Куноска-Камчева, мајка на Камчев и неизвршен член на Одборот на директори на „Орка ходинг“, Кристина Камчева-Стојческа, сестра на Камчев и неизвршен член на Одборот на директори на „Жито полог Тетово“, Лилјана Гајдоска, правник во фирмите на Камчев, неизвршен член на Одборот на директори на ЗК „Пелагонија“, Тодор Мирчевски, директор на „Ексико“, Владислав Стајковиќ, сопственик на НВСП, доскорешен директор на „Мобико“ и поранешен директор на „Финзи“, Ванче Мијалчев, извршен директор на „Бетон Штип“, Јованче Тасковски, брокер, и Дејан Јанев од „О.Т.Е. инвест“.

Прикажи повеќе...

Анализи

Политиката го подели СЈО на табори

Објавено пред

„Чарлиевите ангели“ ги нема. Катица Јанева, Ленче Ристоска и Фатиме Фетаи речиси една година не се појавуваат на заеднички прес-конференции. Во јавноста и на социјалните мрежи сè погласни се критиките за работата на специјалното јавно обвинителство и ослабената доверба во оваа институција.

Три и пол години по формирањето, целосен судски епилог има само за два случаја а сè погласни се шпекулациите дека во СЈО владее поделеност на обвинителите на табори, кои меѓусебно не се согласуваат за дејствувањето на ова обвинителство, па тие разлики во мислењата лесно се забележливи и во јавноста.

Трите жени, кои беа симбол за СЈО, ретко може се видат заедно во јавноста, а речиси една година Ленче Ристоска и Фатиме Фетаи не даваат заеднички изјави. Според нашите извори, со слични ставови на една страна биле обвинителките Катица Јанева и Лиле Стефанова, а на друга Ленче Ристоска и Фатиме Фетаи.

Од друга страна, сè поприсутна во јавноста е главната специјална обвинителка Катица Јанева, која, според најавите, во вторник ќе се појави на „1ТВ“, каде што заедно со обвинителите Лиле Стефанова и Трајче Пеливанов треба да одговараат и на прашања од гледачите. Токму во фирмата сопственик на „1ТВ“, „БМЈ медиа груп“, работи синот на Јанева, младиот гевгеличанец Лазар Јанев, за кого веќе беше објавено дека пред вработените бил претставен како директор на правна служба. Пред точно два месеца Јанева беше гостинка на „1ТВ“ и се фотографира со сопственикот на телевизијата, Бојан Јовановски, со назнака дека станува збор за работен состанок.

Во СЈО во последната година во целост се смени практиката на комуникација со јавноста. Последната прес-конференција СЈО ја одржа на 21 март минатата година.

Повеќе нема брифинзи со новинари, а на обвинителките Ристоска и Фетаи не им е дозволено да даваат интервјуа и изјави. Целосна затвореност владее и во однос на истрагите. Случајот „Империја“, во кој, меѓу другите, се осомничени и бизнисменот Јордан Камчев и ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, беше отворен пред повеќе од 2 месеца, а од СЈО нема дополнителни информации, освен дека истрагата е сложена.

Сите обиди на „Макфакс“ да обезбедат брифинг за случајот беа залудни. Новинарите меѓу себе коментираат дека ова обвинителство, кое наметна транспарентно работење, последнава година се затворило, иако обвинителите поминале серија обуки за комуникација со јавноста. Тоа остава простор за шпекулации во постапувањето по предметите на обвинителството. Од друга страна, во редовното Обвинителство се спроведува тренинг за односи со јавноста на обвинителите.

Според нашите информации, во специјалното јавно обвинителство меѓу некои од вработените владее незадоволство од начинот на работа, особено по последните политички случувања, амнестии и повици за помирување, кои во голем дел влијаат и врз актуелните предмети што се во судска постапка, но и на оние што се во истрага и предистрага, а во кои, меѓу другите, се вклучени и Сашо Мијалков, Елизабета Канческа-Милевска, Али Ахмети, Бујар Османи.

Ексминистерката за култура, КанческаМилевска, е инволвирана во предистрагата за предметот „Скопје 2014“, кој е еден од најобемните предмети на СЈО, за Мијалков се водат повеќе судски постапки, а предметот за агенцијата за обезбедување СГС е во предистрага.

Во процесот на помирувањето наголемо се споменуваа и измените во Кривичниот законик, односно член 353, став 5, кој ја регулира злоупотребата на службената положба преку јавните набавки. Доколку дојде до промена на овој член, како што беше најавувано, помали казни или ослободување од одговорност ќе добијат голем број обвинети во случаите на СЈО, меѓу кои и Мијалков.

Уставниот суд сè уште не расправал по иницијативата на адвокатот Еленко Миланов, кој бара судиите да се произнесат за овој член од Кривичниот законик.

Сите овие политички инволвирања, кои допираат и до СЈО, според нашите извори, довеле до голем раздор во работата на институцијата, која има годишен буџет од 3,7 милиони евра. Некои од обвинителите се разочарани од фактот што нивните предмети и нивната работа зависат исклучително од тековната политичка ситуација, па токму затоа во последниот период и не се работи на нови предистраги бидејќи се чека исходот од тоа што ќе се случува со институцијата и дали евентуално одредени функционери од претходната, но и од актуелната власт, ќе избегнат одговорност.

Прикажи повеќе...

Најново

Македонија1 час

Димитар Ковачевски почна со презентација на програмата пред членовите на СДСМ

Актуелниот кандидат за претседател на Социјалдемократскиот сојуз, Димитар Ковачевски пред членството на партијата во општина Карпош ја презентираше својата изборна...

Македонија2 часа

Ескобар: Работиме со европските партнери за брза интеграција на Северна Македонија во ЕУ

Со нашите европски партнери работиме за да обезбедиме брза европска интеграција на Северна Македонија, изјави американскиот заменик-помошник на државниот секретар...

Регион2 часа

Радев на консултации пред врачувањето на мандатот, Петков вели: „Неопходно е да се формира влада“

Времето на едноличната премиерска власт заврши, истакна бугарскиот претседател Румен Радев пред претставниците на „Промената продолжува“, а за време на...

Економија2 часа

Бесими го достави дополнетиот предлог-буџет за следната година

Министерот за финансии, Фатмир Бесими, денеска го достави дополнетиот предлог-буџет за 2022 година до претседателот на Собранието, Талат Џафери, кој...

Европа3 часа

Следната пандемија би била посмртоносна од Ковид-19, предупредува креаторката на „Астра зенека“

Идните пандемии би можеле да бидат посмртоносни од сегашната криза предизвикана од Ковид-19, предупреди Сара Гилберт, професорка на Универзитетот „Оксфорд“...

Свет3 часа

(Видео) Најмалку 15 загинати и голем број исчезнати по силната ерупција на вулканот Семеру

Индонезискиот вулкан Семеру и денеска продолжи да исфрла големи количества пепел, неколку дена по силната ерупција, во која загинаа 15...

Европа4 часа

Откриен извештај – Германија воведува задолжителна вакцинација во неколку ресори

Новата германска влада има намера од средината на март да воведе задолжителна вакцинација за вработените во одредени ресори, пренесуваат светските...

Европа5 часа

Невакцинираните во Италија нема да може да користат јавен превоз без ковид-потврда

Во Италија од денеска стапија во сила построги мерки против коронавирусот, со кои невакцинираните лица ќе бидат исклучени од многу...

Свет16 часа

Папата на Лезбос со мигрантите – стотици бели ливчиња, апел за помош

Папата Франциско на вториот ден од посетата на Грција го посети бегалскиот камп на островот Лезбос. Тој ја обвини Европа...

Свет18 часа

Путин предупреди: Полјаците ги полеваат мигрантите со хербициди на граница

Рускиот претседател Владимир Путин ја повика директорката на Федерацијата на Црвениот крст и Црвената полумесечина, Франческа Рока, да внимава на...

Свет18 часа

Фаучи: Засега, не треба да бидеме премногу загрижени за омикрон

“Првите „малку охрабрувачки знаци“ доаѓаат од Јужна Африка кога станува збор за сериозноста на инфекциите со омикрон” , изјавил советникот...

Европа20 часа

(Видео) Со водени топови и солзавец растерани демонстрантите во Брисел

Белгиската полиција денеска употреби водени топови и солзавец за да ја растера групата демонстранти во Брисел. Учесниците на маршот протестираа...

Македонија22 часа

Заев прифати меѓународна истрага за случаите „Монструм“, „Диво Насеље“ и Алмир Алиу

Постигната е согласност Владата да испрати официјално барање до Европската Комисија со кое ќе побара тим од независни експерти кои...

Македонија23 часа

(Видео) Алтернатива доби две министерства и министер без ресор, Гаши и Заев најавија стабилно мнозинство

Алтернатива доби три министерства во Владата на заедничка прес-конференција соопштија претседателот во заминување на СДСМ, Зоран Заев и лидерот на...

Македонија23 часа

Десет починати и 276 новозаразени со Ковид-19

Министерството за здравство информира, согласно податоците од Институтот за јавно здравје дека во последните 24 часа: Направени се 2.720 тестирања,...

Регион1 ден

(Видео) Поројни врнежи од дожд во Хрватска, поплавени улици и патишта

Пороен дожд утрово врне на Јадранот локално и со пороен дожд и грмежи. Во текот на денот се очекуваат обилни...

Топ1 ден

Петмина повредени во судир на автомобил и трактор на патот Битола-Ресен

Пет лица се повредени во тешка сообраќајна несреќа што се случила вчера на магистралниот пат Битола-Ресен, кај „Сопотски ливади“. Несреќата...

Свет1 ден

Научниците со нови сознанија: Омикронот можеби презел дел од генот на вирусот на настинката

Новиот сој на коронавирус, омикрон, можеби стекнал барем една од неговите мутации со собирање фрагмент од генетски материјал од друг...

Топ1 ден

МВР со апел: Граѓаните да не користат петарди, казните се од 200 до 500 евра

Министерството за внатрешни работи ја информира јавноста дека и годинава спроведува превентивна кампања, со цел на граѓаните да им се...

Свет1 ден

Си-Ен-Ен го отпушти најпознатиот водител Крис Куомо, брат на поранешниот гувернер на Њујорк

Американската медиумска куќа Си-Ен-Ен во саботата објави дека водителот Крис Куомо е отпуштен и дека одлуката веднаш стапува на сила....

Досие