Контакт

Анализи

Џихадистите од ISIL предводат хетерогена коалиција

Објавено пред

Ирачките безбедносни сили се борат хетерогена коалиција којашто ја предводат џихадистите од Исламската држава во Ирак и на Левантот (ISIL), чијашто намера е да го обнови средновековниот сунитски калифат кој опфаќа територии од медитеранскиот брег на Либан преку Сирија до ирачката планина Загрос, ги обединува поранешните офицери на сунитскиот ирачки диктатор Садам Хусеин, радикалните салафистички групи и припадници на арапските племиња, коишто ги поврзува заедничкиот непријател.
 

dobivaj vesti na viber

Ирачките безбедносни сили се борат хетерогена коалиција којашто ја предводат џихадистите од Исламската држава во Ирак и на Левантот (ISIL), чијашто намера е да го обнови средновековниот сунитски калифат кој опфаќа територии од медитеранскиот брег на Либан преку Сирија до ирачката планина Загрос, ги обединува поранешните офицери на сунитскиот ирачки диктатор Садам Хусеин, радикалните салафистички групи и припадници на арапските племиња, коишто ги поврзува заедничкиот непријател.

 

 

Џихадистите од Исламската држава во Ирак и на Левантот (ISIL) се главниот покренувач на офанзивата со којашто во последните две седмици се освоени големи делови од северен и централен Ирак, што сериозно ја загрижува меѓународната заедница.„ISIL е главниот подвижник на силите во операцијата. Тие џихадисти не и’ дозволуваат на ниедна друга организација да го дели водството“, вели за AFP неименуван функционер од кабинетот на ирачкиот премиер Нури ал-Малики кој потекнува до мнозинската шиитска заедница.

 

ISIL, кој се отцепи до глобалната терористичка мрежа Ал Каеда којашто ја смета за недоволно радикална, ги координира своите активности со цела низа други сунитски групации, како што се Војската на редот Накшбандиите и Мухамедовата армија, иако нивната улога е ограничена и меѓусебно се разликуваат. Војската на редот Накшбандиите, наводно е блиска на вториот човек на Садам Хусеин, Езат ал-Дари, највисокиот функционер во поранешниот режим кој и по повеќе од деценија од соборувањето на Хусеин е во бегство. Кога станува збор, пак, Мухамедовата војска, којашто е блиска на дел од раководството на поранешната владејачка ирачка (социјалистичка) сега распуштена партија Баас, во која сунитите на Садам Хусеин го имаа главниот збор, оваа група се бореше против американските сили во Фалуџа во 2005 годна и повторно учествуваше во бунтот на мнозинските сунити во овој град минатата 2013 година.

 

Сите тие овие групи ја добиваат логистичката поддршка од мрежата на партијата Баас. Меѓу нив се и припадниците на Муџахединската армија, којашто, исто така, е формирана од поранешните офицери во армијата на Садам Хусеин. „Иако тие групи не ја споделуваат сосема идеологијата на ISIL, тие сега ја поддржуваат, тргнувајќи од начелото – непријателот на мојот непријател е мој пријател“, вели за агенцијата ирачкиот владин функционер.

 

Во офанзивата против владините сили учествуваат и две салафистички групи, Ансар ал-Суна, којашто ја презема одговорноста за многу напади врз американските сили за време на нивниот ангажман во Ирак, од 2003 до 2008 година кога загинаа близу 4.500 американски војници, како и Исламската војска, којашто исто така обединува поранешни офицери од садамовата армија. „Иако се разликуваат по некои прашања, тие го координираат своето дејствување и разменуваат информации“, вели поранешниот генерал на Садам Хусеин, Анвар Махмуд Халаф ал-Џубири. Меѓу бунтовниците, исто така, се наоѓаат и припадници на арапските племиња во регионот.

 

ISIL, кој од минатата година, исто така, е една од најсилните бунтовнички сили кои заедно со другите групи на сунитската опозиција во Сирија, којашто, пак, ја има поддршката од Западот, се борат против сирискиот претседател Башар ал-Асад кој потекнува до алавитската (шиитска) заедница, ја прогласи Нинива, првата ирачка покраина којашто ја освои, за дел од својата исламска држава и започна во неа да ги спроведува своите закони. Џихадистите заземаа и поголеми делови во уште три ирачки покраина, Киркук, Салахедин и Дијала, и цела седмица по почетокот на офанзивата се наоѓаат на стотина километри од главниот град Багдад.

 

Поради тоа, ирачката влада побара помош од САД да интервенира со воздушни напади, но Вашингтон, освен што во водите на Персискиот залив испрати носач на авиони придружуван од разурнувач и крстосувач вооружени со наведувачки проектили, соопшти дека засега ќе испрати само околу 300 специјалци за обезбедување на амбасадата во Багдад. Во меѓувреме, ирачките сили кои во првите денови од бунтот беа фатени неспремни, полека се консолидираа, во прв ред благодарејќи од масата доброволци од шиитската заедница кои се ангажираат на повик на верските лидери.

 

Тоби Доџ, директор на центарот за Блискиот исток во Лондонската економска школа, смета дека идеолошките разлики меѓу бунтовниците можат да и’ ја олеснат ситуацијата на ирачката влада. „Доколку се повтори историјата, ISIL со својата амбиција за возобновување на транснационалниот калифат, радикализмот, апсурдното сфаќање на исламот, би можел да ја разбие таа коалиција. Тие сакаат да му го наметнат исламскиот режим на сунитското население на Ирак кое тоа не го сака“, смета Доџ истакнувајќи дека таквите намери веќе пропаднаа во 2005 и во 2006 година, кога кулминираше бунтот на сунитите и предвидува дека повторно е пропадне.

 

Американските републикански пратеници, пак,  предупредуваат на опасноста од распадот во Ирак стравувајќи дека оваа земја би можела да стане „зоната за подготовки на следниот 11-ти септември”. Во Вашингтон претставниците во Конгресот и Сенатот и поранешни воени функционери уште минатата седмица разговараа за разните опции на администрацијата претседателот Барак Обама во спречувањето на напредувањето на џихадистите од групацијата Исламска република во Ирак и на Левантот (ISIL).

 

Сенаторот Линдси Греам, кој е познат како наклонет кон воздушни напади, ја повика администрацијата на претседателот да дејствува „бидејќи Ирак и Сирија ќе станат зоните за подготовка на следниот 11-ти септември, доколку ништо не сториме”. „Луѓето коишто ја држат територијата во свои раце во Ирак, се истите оние коишто заземаат територии во Сирија. Економската нестабилност ќе влијае врз цените на бензините и на нашето економско обновување”, изјави за Reuters Греам. Американскиот сенатор повика на оставка ирачкиот премиер Нури ал-Малики и на директно ангажман на Вашингтон со Иран во сузбивањето на џихадистите од ISIL.

 

Американскиот генерал во пензија Питер Кјарели, поранешен командант во Ирак, оценува дека борците на ISIL станале најбогатата терористичка организација на светот, откако ги прекинаа врските со глобалната терористичка мрежа Ал Каеда којашто ја обвинија за „недостиг од радикалност”. Генералот предупредува дека бунтовниците многу лесно го заземаа вториот по големина ирачки град Мосул, и истакна за американската телевизиска мрежа CNN дека од развојот на ситуацијата се загрижени многу Американци.

 

ISIL е основана во април 2013 година, и настана од Ал Каеда во Ирак (AQI), а лидерите на глобалната терористичка мрежа се огради од нив. Бројот на борците на ISIL не е точно познат, а се претпоставува дека јадрото го сочинуваат дури пет илјади борци, меѓу кои многумина не се од Сирија и од Ирак, туку велат дека им пристапуваат џихадисти од Америка, западна Европа и Кавказ.

 

Лидерот на групацијата Абу Бакр ал-Багдади, кого неговите следбеници го сметаат за најверодостојниот наследник на Осама бин Ладен, е познат и како „невидливиот шеик“, поради способноста да се маскира и да ги прекрие своите траги. Се верува дека е роден во 1971 година, во Самара, северно до Багдад, како и дека на сунитскиот бунт во Ирак му се придружил кусо по американската инвазија во 2003 година. На чело на Ал Каеда во Ирак (AQI) дошол во 2010 година, а во борбените операции учествува и како командант и како стратег. Наводно, минал и четири години во американски затвор.

 

Багдади сакал да соработува со Фронтот ан-Нусра, џихадистичка групација којашто дејствува во Сирија а во чиишто редови се борат стотина радикални исламисти од Балканот. Лидерот на Ал Каеда, Ајман ал-Завахири побарал од ИСИЛ Сирија да ја препушти на Фронтот ан-Нусра и да се посвети само на Ирак, што Багдади го одбил.

 

Во Сирија ISIL има база во градот Рака, кој го освои во март 2014 година. Градот се наоѓа во долината на реката Еуфрат, помалку од 200 километри од границата со Ирак. Џихадистите го контролираат секој аспект од животот во градот кој пред бунтот на сириската сунитска опозиција во март 2011 година имал 250 илјади жители. Имаат канцеларии за речиси сите сфери од животот, од здравство и образование до безбедност, воспоставуваат односи со локалните племиња и дури имаат амбасада на емиратот во Алепо, вториот по голема град во Сирија, кој е поделен меѓу владините и бунтовничките сили. Строго го спроведуваат шеријатскиот закон и забранија пушење и слушање музика.

 

На врвот на овој свиреп и добро организиран режим се Саудијци и Ирачани, во помала мера Тунижани, а на дното од хиерархијата се наоѓаат Сиријци, Египќани, Европејци и Чеченци.

 

Емирот на ISIL во Рака е Сириецот Абу Лукман, а повеќето одлуки ги носат токму Саудијците и Ирачаните коишто целосно го опкружуваат. Највисоко рангирани борци се Ирачаните, меѓу кои се многу поранешни офицери и војници на Садам Хусеин.

 

Со својата добра организираност и радикализмот Исламската држава во Ирак и на Левантот ги привлекува илјадниците млади Сиријци, додека Слободната сириска армија (FSA) којашто ја има поддршката од САД и западна Европа, е многу послаб организирана и полошо опремена од ИСИЛ. Џихадистите се богати и добро вооружени, а платите ги исплаќаат редовно во американски долари.

 

ISIL во почетокот главно се потпирал на донациите на богати поединци од земјите на Персискиот залив, особено од Кувајт и од Саудиска Арабија, коишто исто какао и Западот ја поддржуваат борбата против алавитот (сунитот) Башар ал-Асад чиешто семејство е со децении на чело на Сирија. Сега, наводно, се финансира  од приходи од нафтените полиња коишто ги контролира на истокот на Сирија, од каде според некои извори дел од нафтата дури и’ се продава на владата во Дамаск. Непотврден информации велат дека џихадистите парите ги заработуваат и со продажба на предмети од богатите археолошки наоѓалишта на сириска и ирачка територија. ISIL, исто така, собира и даноци во областите коишто ги контролира.

 

Професрот Питер Неуман од Кралскиот колеџ во Лондон неодамна за BBC изнесе процена според која пред заземањето на Мосул во јуни, ISIL располагал со пари и стоки во вредност од 900 милиони американски долари, но дека сумата потоа нараснала на две милијарди долари. Голем дела од тоа, наводно е украден од трезорот на Ирачката анационална банка во Мосул, а идната цел на џихадистите се претпоставува дека ќе бидат нафтоносните полиња во северен Ирак./крај/мф/сн

 

Извор: Макфакс



©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Анализи

Силјановска vs Пендаровски: Кој добива, а кој губи во битката на социјалните мрежи и медиумите?

Објавено пред

Претседателските кандидати Стево Пендаровски и Гордана Силјановска-Давкова најмногу се спомнуваат во медиумите, а најмалку се популарни меѓу твитерџиите. Во негативен контекст почесто е споменувана Силјановска на социјалните мрежи „Феjсбук“ и „Твитер“, но и во медиумите.

dobivaj vesti na viber

Ова го покажа првата сентимент-анализа на истражувачкиот центар на „Макфакс“, која се изработуваше во периодот од 1 до 9 април годинава. Процесот на изработка на анализата е базиран на компјутерски алгоритми и има задача да одреди во каков контекст (многу негативен, негативен, неутрален, позитивен или многу позитивен) е напишан одреден текст или дел од текстот.

Преку системот беа анализирани 220 медиуми, како и објавите и коментарите на над еден милион корисници на „Фејсбук“ и твитовите од 300 илјади профили. Тестирањата на платформата покажaа дека користените технологии даваат резултат со точност поголема од 80 проценти.

Според анализата, имињата на Силјановска-Давкова и на Пендаровски почесто се споменуваат во медиумите отколку на социјалните мрежи „Твитер“ и „Фејсбук“. Во првите девет дена од месецот тие биле споменати вкупно 3.515 пати. На „Фејсбук“ биле споменати речиси двојно помалку, а најмалку биле споменувани на „Твитер“.

Силјановска, според оваа анализа, најмногу била спомената на веб-порталите „Република“, „Курир“, „Инфомакс“ и на „Прес 24“, а Пендаровски на „Прес 24“, „Макпрес“, „24 инфо“ и на „Вечер“. Од инфографикот може да се види комплетната слика за тоа во кој медиум биле најмногу застапени двајцата претседателски кандидати.

Во однос на контекстот на споменување во медиумите може да се заклучи дека постои тесна разлика меѓу Силјановска и Пендаровски, иако кандидатката зад која стои опозициската ВМРО-ДПМНЕ предничи со негативните коментари.

Па, така, во многу негативен контекст Силјановска била спомената 201 пат, а Пендаровски 136 пати. Ако таа била спомната 914 пати во негативен контекст, Пендаровски во истиот контекст бил спомнат 778 пати. Тој предничи и во однос на неутралните спомнувања во медиумите, а Силјановска предничи во однос на позитивните споменувања. Тесна е разликата меѓу многу позитивните конотации, во кои биле ставени двајцата претседателски кандидати на кои се однесува анализата, во која за 8 споменувања предност има Пендаровски.

Според податоците од аналитичкиот центар на „Макфакс“, претседателскиот кандидат Пендаровски е попопуларен од Силјановска во однос на бројот на споменувања. Во многу позитивен или позитивен контекст меѓу твитерџиите тој е споменат 231 пат, а Силјановска 201. Во однос на тоа дали кандидатите се споменати во негативен или многу негативен контекст за нијанса води Силјановска, која е спомената 401 пат, а Пендаровски 389.

Слична ситуација може да се види и на „Фејсбук“, каде што Пендаровски има предност во однос на бројот на споменувања. Ако Силјановска била спомената 481 пат во многу негативен или во негативен контекст, Пендаровски е споменат 429 пати. Кај претседателскиот кандидат зад кој стои СДСМ поголем е бројот на позитивни или многу позитивни споменувања на социјалната мрежа „Фејсбук“.

Според сето ова, Силјановска има поголема вредност на вкупниот сентимент во негативен контекст на социјалните мрежи и во медиумите од Пендаровски. Важно е да се потенцира дека не станува збор за анкета што ги мери гласовите за кандидатите, туку за начинот на кој тие се прикажани и коментирани во интернет-просторот. Истражувачкиот центар на „Макфакс“ на почетокот на кампањата за претседателските кандидати спроведе анкета.

Целосната методологија за начинот на изработката на сентимент-анализите на истражувачкиот центар на „Макфакс“ е достапна на следниот линк.

Прикажи повеќе...

Анализи

СЈО со детали: Како Камчев и Мијалков ги переле парите градејќи империја

Објавено пред

Злосторничко здружение, кое функционирало повеќе од 8 години, од 2009 година, кога биле отворани и затворани фирми, перени милиони и милиони евра, биле менувани сопственици, бил купуван огромен имот, отворани фирми на офшор-дестинации за еднократна употреба, префрлувани пари преку кипарски банки, а потоа овие испрани пари влегуваат како основачки влогови за да формираат македонски фирми.

dobivaj vesti na viber

Вака накусо може да се опише случајот „Империја“ на специјалното јавно обвинителство (СЈО), каде што, меѓу другите, осомничени се едни од највлијателните луѓе во земјата, бизнисменот Орце Камчев и поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков.

Три месеци по почнувањето на истрагата, обвинителството излезе со детали за еден од најобемните предмети за кој засега е утврдено дека се испрани речиси 11 милиони евра.

Истрагата е проширена за „Графички центар“ и за „Медија принт Македонија“ (МПМ), извршени се претреси во фирмите, осомничените се испрашани и собрани се докази.

Соработката меѓу Македонија и Кипар е воспоставена, па сега, конечно, на виделина излегуваат и имињата на оние што се криеле зад офшор-фирмите преку кои се переле пари.

Од крајот на јуни до крајот на октомври 2018 година некои од осомничените од „Империја“ биле под посебни истражни мерки.

„Мијалков не беше под посебни истражни мерки, Камчев многу внимателно зборуваше по телефон, но не и другите осомничени“, велат од СЈО.

Без разлика како ќе се одвива понатаму истрагата за „Империја“, со оглед на тоа што статусот и истрагите на СЈО сè уште се неизвесни, оттаму велат дека собрани се речиси 90 отсто од доказите за случајот да може да продолжи понатаму.

Злосторничкото здружение се распаѓа кон крајот на 2017 и почетокот на 2018 година кога осомничените почнуваат да земаат кредити за да се раздолжат, но тоа не значи дека тука завршуваат и нивните поединечни активности.

Под лупа на СЈО е и фирмата поврзана со семејството Мијалкови, „Бест веј инвестмент“, формирана веднаш по обеледонувањето на таканаречените бомби во 2015 година, чиј сопственик е синот на Сашо Мијалков, Јордан. СЈО истражува како се ширел бизнисот и како оваа фирма успева да заработи огромни суми и да стекне голем имот само за три години работа. „Бест веј инвестмент“, ако во 2016 година имала приходи од 816 илјади евра, во 2017 година веќе приходите ѝ растат на 9,6 милиони евра, што само покажува дека независно кој е на власт, бизнисите на Мијалков работат со полна пареа.

Краен сопственик на мистериозната „Ексико“ бил Камчев

Натписот на поштенското сандаче на улицата Иван Милутиновиќ во Скопје сведочи за постоењето на „Ексико“, чие сопствеништво е скриено

Центарот на истрагата за „Империја“ се познатата офшор-фирма „Ексико“ и бизнисменот Орце Камчев.

Истрагата утврдила дека зад првата фирма-мајка на „Ексико“, „Делта инвестмент“ од Белизе, всушност се крие таткото на Орце Камчев, Илија. Од оваа фирма, која поседуваше акции во големи акционерски друштва, а се јавуваше и како еден од сопствениците на атрактивните плацови на Водно, досега сите креваа раце и демантираа дека стојат зад неа.

Истрагата на СЈО утврдила дека по Илија Камчев, набргу како краен сопственик фигурирал и поранешниот директор на македонски „Телеком“, Жарко Луковски, а кога сопствеништвото на фирмата се сели во Америка, односно сопственик станува извесна „Калвус ЛЛЦ“ (Calvus LLC) од САД, крајниот сопственик е всушност Орце Камчев.

Од оваа американска фирма кон „Ексико“ се влеваат 1,6 милион евра како прилив, а дел од овие пари завршува на личната сметка на Камчев, додека со дел се купувани имот и земјиште во Гевгелија, на кое понатаму е предвидено да се градат казина.

Подоцна, а и до ден-денеска, сопственик на „Ексико“ е фирмата со швајцарски капитал „Т&МЈ инвестмент“ од Лугано, Швајцарија, фирма зад која оперативните сознанија покажале дека краен сопственик е член на семејството Мијалкови. Од швајцарската фирма кон македонската „Ексико“ немало никаков прилив или одлив на пари.

„Ексико“ не е единствената фирма преку која функционирало ова злосторничко здружение. Колку за пример, во истатата 2009 година офшор-компанијата „Хоспитал менаџмент груп ЛЛЦ’ од Кипар ја основа клиничката болница „Систина“. Понатаму, оваа компанија го продава имотот на друга офшор-компанија од Панама. „Орка холдинг“ го купува уделот од панамската, па повторно ѝ го продава на „Систина“, со што фактички Камчев внесува удел од „Хоспитал менаџмент“ од Кипар во Македонија.

Сомнежи за перење пари преку кипарски банки

Преку кипарски банки парите влегуваат во земјата

Значаен дел од истрагата на СЈО за „Империја“ има и фирмата „Финзи“ – истата фирма за која во таканаречените бомби можеше да се слушне дека одела набавката за опрема за следење интернет-комуникации за МВР. Министерството, додека на чело на УБК беше Мијалков, наместо директно да ја набави изреалската опрема за прислушување, тоа го правела преку „Финзи“. Во текот на истрагата за случајот самоубиство изврши директорот на „Финзи“, Коста Крпач, во април 2016 година.

Сега истрагата за „Империја“ повторно допира до „Финзи“, фирма основана од „Финзи ЛЛЦ“ во САД. Краен сопственик на оваа компанија, според СЈО, повторно е Орце Камчев.

Во неколку наврати од „Финзи ЛЛЦ“ преку кипарска банка кон македонската „Финзи“ биле исплатувани 650.000 евра. Во тоа време, односно во 2009 година, директор на „Финзи“ во Македонија е Владислав Стајковиќ, брат на Небојша Стајковиќ, поранешен помошник-министер за информатичка технологија во МВР.

Овие пари понатаму влегуваат како основачки влог во „Систина кардиологија“, фирма што подоцна е преименувана во „Си-Фи-Кар“ („Систина“, „Финзи“, “Кара“). Во 2012 година, според СЈО, кога парите веќе се испрани, американската мајка-фирма се затвора и се отвора нова фирма, во која Крпач влегува како директор, а на истата сметка легнуваат парите од израелската донација за опрема за прислушување.

„Не купуваат компании за да работат со нив, туку за да извлечат што можат“

Орце Камчев и Сашо Мијалков, клучните играчи во „Империја“

Многу компании, офшор, стотици папки со документи и изјави од сведоци содржи еден од најобемните предмети на СЈО – „Империја“. Од она што беше претставено пред новинарските екипи, неизбежен е заклучокот дека од досегашната истрага и собраните докази станува збор за класични примери за сомнежи за перење пари пред кои надлежните институции со години молчеле или се откажувале од гонење поради немање докази.

Дел од истрагата е отстапен и на купувањето на „Бетон Штип“ од страна на ТИМ ДОО, „Орка холдинг“, „Езимит“ ДООЕЛ и „Ексико“.

„Кога тие купуваат компанија, не ја купуваат за да ја работат, туку да извлечат што може од имотот на компанијата“, велат од СЈО.

Па, така, и овој пат сознанијата говорат дека од „Бетон Штип“ се извлечени 4 милиони евра, односно газдите ги тераат акционерите со парите да купуваат имот, а понатаму како што се извлекуваат парите, така се инвестираат во други зделки за што патем говорат и последните информации дека речиси 250 работници веќе ги напуштаат работните места од „Бетон Штип“ и истовремено преку суд си ги бараат неисплатените плати за последните четири месеци.

Дел од истрагата го опфаќа и „Фершпед“, односно од моментот кога Кираца Трајковска, која беше еден од мнозинските акционери во “Фершпед“, поради долг во Еуростандард банка, преку посредник побарала кредит од Стопанска банка АД Битола. Камчев, кој е дел од Управниот одбор на банката, наместо кредит, според СЈО, на Трајковска ѝ понудил преку физички лица да ѝ бидат префрлени парите по што биле ослободени нејзините акции од „Фершпед“.

За да им ги продаде акциите на странски инвеститори, таа го ангажирала брокерот Јованче Тасковски. Но, за нејзината намера дознал Штерјо Наков, кој побарал помош од Мијалков, со цел тој да ги купи акциите. Мијалков се договора со Камчев да ја изиграат, па без нејзино знаење, според СЈО, Ненад Јосифовиќ ги продава акциите на физички и правни лица поврзани со Наков за 4 милиони евра повисока цена од реалната. Парите од зделката завршуваат во фирма чии сопственици се „Ексико“, „Орка холдинг“ и „Тимох“.

Во делот од истрагата за „Империја“ влегуваат и стари случаи, кои претходно во обвинителствата завршувале со откажување од гонење поради немање доволно докази. Таков пример е истрагата за „пропаѓањето“ на „Орка спорт“, „Орка текстил“ и други фирми во сопственост на сега покојниот Илија Камчев. Данокот се избегнувал да се плаќа преку лажни стечаи, обезвреднување на имотот и формирање офшор-компании, а потоа парите „чисти“ биле внесувани во земјата, односно целиот имот бил пренесуван на новоформирани компании.

На овој начин, впрочем, и се градела целата империја – преку лојални соработници, изигрување на законитe и формирање компании за еднократна употреба.

Како ќе заврши истрагата и дали случајот ќе добие епилог останува неизвесно. Засега Орце Камчев и Сашо Мијалков се во домашен притвор, а конечниот збор ќе го каже Врховниот суд.

Освен Камчев и Мијалков, осомничени во случајот „Империја“ се и Ратка Куноска-Камчева, мајка на Камчев и неизвршен член на Одборот на директори на „Орка ходинг“, Кристина Камчева-Стојческа, сестра на Камчев и неизвршен член на Одборот на директори на „Жито полог Тетово“, Лилјана Гајдоска, правник во фирмите на Камчев, неизвршен член на Одборот на директори на ЗК „Пелагонија“, Тодор Мирчевски, директор на „Ексико“, Владислав Стајковиќ, сопственик на НВСП, доскорешен директор на „Мобико“ и поранешен директор на „Финзи“, Ванче Мијалчев, извршен директор на „Бетон Штип“, Јованче Тасковски, брокер, и Дејан Јанев од „О.Т.Е. инвест“.

Прикажи повеќе...

Анализи

Политиката го подели СЈО на табори

Објавено пред

„Чарлиевите ангели“ ги нема. Катица Јанева, Ленче Ристоска и Фатиме Фетаи речиси една година не се појавуваат на заеднички прес-конференции. Во јавноста и на социјалните мрежи сè погласни се критиките за работата на специјалното јавно обвинителство и ослабената доверба во оваа институција.

dobivaj vesti na viber

Три и пол години по формирањето, целосен судски епилог има само за два случаја а сè погласни се шпекулациите дека во СЈО владее поделеност на обвинителите на табори, кои меѓусебно не се согласуваат за дејствувањето на ова обвинителство, па тие разлики во мислењата лесно се забележливи и во јавноста.

Трите жени, кои беа симбол за СЈО, ретко може се видат заедно во јавноста, а речиси една година Ленче Ристоска и Фатиме Фетаи не даваат заеднички изјави. Според нашите извори, со слични ставови на една страна биле обвинителките Катица Јанева и Лиле Стефанова, а на друга Ленче Ристоска и Фатиме Фетаи.

Од друга страна, сè поприсутна во јавноста е главната специјална обвинителка Катица Јанева, која, според најавите, во вторник ќе се појави на „1ТВ“, каде што заедно со обвинителите Лиле Стефанова и Трајче Пеливанов треба да одговараат и на прашања од гледачите. Токму во фирмата сопственик на „1ТВ“, „БМЈ медиа груп“, работи синот на Јанева, младиот гевгеличанец Лазар Јанев, за кого веќе беше објавено дека пред вработените бил претставен како директор на правна служба. Пред точно два месеца Јанева беше гостинка на „1ТВ“ и се фотографира со сопственикот на телевизијата, Бојан Јовановски, со назнака дека станува збор за работен состанок.

Во СЈО во последната година во целост се смени практиката на комуникација со јавноста. Последната прес-конференција СЈО ја одржа на 21 март минатата година.

Повеќе нема брифинзи со новинари, а на обвинителките Ристоска и Фетаи не им е дозволено да даваат интервјуа и изјави. Целосна затвореност владее и во однос на истрагите. Случајот „Империја“, во кој, меѓу другите, се осомничени и бизнисменот Јордан Камчев и ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, беше отворен пред повеќе од 2 месеца, а од СЈО нема дополнителни информации, освен дека истрагата е сложена.

Сите обиди на „Макфакс“ да обезбедат брифинг за случајот беа залудни. Новинарите меѓу себе коментираат дека ова обвинителство, кое наметна транспарентно работење, последнава година се затворило, иако обвинителите поминале серија обуки за комуникација со јавноста. Тоа остава простор за шпекулации во постапувањето по предметите на обвинителството. Од друга страна, во редовното Обвинителство се спроведува тренинг за односи со јавноста на обвинителите.

Според нашите информации, во специјалното јавно обвинителство меѓу некои од вработените владее незадоволство од начинот на работа, особено по последните политички случувања, амнестии и повици за помирување, кои во голем дел влијаат и врз актуелните предмети што се во судска постапка, но и на оние што се во истрага и предистрага, а во кои, меѓу другите, се вклучени и Сашо Мијалков, Елизабета Канческа-Милевска, Али Ахмети, Бујар Османи.

Ексминистерката за култура, КанческаМилевска, е инволвирана во предистрагата за предметот „Скопје 2014“, кој е еден од најобемните предмети на СЈО, за Мијалков се водат повеќе судски постапки, а предметот за агенцијата за обезбедување СГС е во предистрага.

Во процесот на помирувањето наголемо се споменуваа и измените во Кривичниот законик, односно член 353, став 5, кој ја регулира злоупотребата на службената положба преку јавните набавки. Доколку дојде до промена на овој член, како што беше најавувано, помали казни или ослободување од одговорност ќе добијат голем број обвинети во случаите на СЈО, меѓу кои и Мијалков.

Уставниот суд сè уште не расправал по иницијативата на адвокатот Еленко Миланов, кој бара судиите да се произнесат за овој член од Кривичниот законик.

Сите овие политички инволвирања, кои допираат и до СЈО, според нашите извори, довеле до голем раздор во работата на институцијата, која има годишен буџет од 3,7 милиони евра. Некои од обвинителите се разочарани од фактот што нивните предмети и нивната работа зависат исклучително од тековната политичка ситуација, па токму затоа во последниот период и не се работи на нови предистраги бидејќи се чека исходот од тоа што ќе се случува со институцијата и дали евентуално одредени функционери од претходната, но и од актуелната власт, ќе избегнат одговорност.

Прикажи повеќе...

Најново

Македонија1 час

СДСМ утре на Конгрес ќе избира ново раководство

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија утре ќе го одржи 30. партиски Конгрес, на којшто ќе биде избрано новото партиско раководство. Од...

Топ2 часа

Турски државјанин најден починат во хотел во Охрид

Шеесет и тригодишен државјанин на Турција, во текот на вчерашниот ден бил најден починат во хотел во Охрид. Од СВР...

Македонија4 часа

„Влен“: ДУИ како во холивудско сценарио оркестрирала сензационално враќање на Груевски

Јавноста деновиве дозна шокантни детали за тоа како ДУИ, како во холивудско филмско сценарио го оркестрирала сензационалното враќање на поранешниот...

Македонија4 часа

(Видео) Ветрот направи повеќе штети во Битола: Откорнати се покриви од згради, куќи, паднаа и бандери

Делови од Македонија во последното деноноќие беа зафатени со невреме проследено со силен ветер, што причини штети во неколку региони...

Топ5 часа

Автомобил излета од патот кај Битола, возачот тешко повреден

Автомобил управуван од 68-годишен маж од Битола излета од патот Ресен-Битола. Од МВР информираа дека несреќата се случила вчера во...

Македонија6 часа

СДСМ: МВР итно да постапи, запален е автомобилот на претседателот на Општинската организација Кривогаштани

СДСМ објави дека најостро го осудува вандалскиот чин и палењето на возилото на претседателот на Општинската организација Кривогаштани, Антонио Симоноски....

Свет6 часа

Трамп објави повеќе номинации за челните позиции во неговата идна администрација

Новоизбраниот претседател на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, најави нова серија назначувања во неговата претстојна администрација. Поранешниот финансиски менаџер на...

Свет8 часа

Зеленски: Украина работи на развој на нови видови воздушна одбрана

Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска изјави дека Украина работи на развој на нови видови воздушна одбрана за да се спротивстави...

Свет8 часа

Мелони: Налогот за апсење на Нетанјаху ќе биде тема на Г7, Израел и терористите не се исто

Италија планира да го разгледа налогот на Меѓународниот кривичен суд (МКС) за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху на претстојниот...

Свет19 часа

Путин: Не постои средство за пресретнување на ракетата „Орешник“

Рускиот претседател Владимир Путин денеска изјави дека ракетниот систем „Орешник“ не е средство за масовно уништување, туку високо прецизно оружје...

Македонија22 часа

Сиљановска-Давкова ја прими Шекеринска: Единството меѓу носителите на највисоките функции е клучот за успехот на државата

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска ја прими Радмила Шекеринска за да ѝ го честита изборот на функцијата заменик-генерална секретарка на...

Македонија23 часа

Силниот ветер предизвика штети во Штип: оштетен покрив на училиште, паднати дрвја на повеќе локации

Силен ветар оштети дел од покрив на средното електро-машинско училиште во Штип, а дрво падна и во непосредна близина на...

Македонија24 часа

Град Скопје: Во Шуто Оризари нема јавен превоз поради советничката група на ВМРО-ДПМНЕ

Македонија повторно станува заробена режимска држава во која граѓаните се злоупотребуваат како потрошен материјал на политичките партии за наметнување на...

Македонија24 часа

Студентите и средношколците не смеат да трпат поради партиски препукувања – младите излегоа на протестот за проблемите со градскиот превоз

Студентите и средношколците не смеат да трпат поради партиски препукувања, беше една од пораките кои студентите ги упатија на денешниот...

Македонија1 ден

Курто Дудуш ја обвини Арсовска за расизам и дискриминација: „Пишува ли на автобусите на ЈСП ‘забрането за Роми’“

Градоначалникот на Општина Шуто Оризари, Курто Дудуш, на денешниот протест за јавниот превоз упати повеќе барања до градоначалничката Данела Арсовска,...

Македонија1 ден

За лекарски прегледи се чека и со месеци, а стотици термини останале празни оти граѓаните не дошле: „Ако не можат, нека откажат преку СМС“ – апелираат надлежните

Граѓаните што не може да го искористат закажаниот „Мој термин“ во јавното здравство, преку СМС-порака да го откажат за да...

Топ1 ден

Скопјанка на 69-годишна возраст е жената што загина по удар на автомобил во Чаир

Шеесет и деветгодишна жена, со иницијали Н.П. од Скопје е починатата по ударот на автомобил во Чаир, објави МВР. Несреќата...

Македонија1 ден

Почувствуван земјотрес во Македонија

Утрово е регистриран земјотрес со јачина од 2,10 степени според Рихтер во Македонија. Според првите информации од ЕМСЦ, епицентарот е...

Македонија1 ден

(Видео) ДПМНЕ предизвикувајќи тепачка избегна да одговори зошто не ја укина историската комисија, велат од Левица

„На вчерашната седница за пратенички прашања, пратеникот од Левица, Реџеп Исмаил – Хактан, постави прашања за кои јавноста чека одговор...

Македонија1 ден

СДС со примитивни методи во Собранието го активира насилникот и пудлицата на Венко, Апасиев, велат од ВМРО-ДПМНЕ

„Венко Филипче и СДС тотално се изгубија на политичката мапа по катастрофалниот пораз и последните анкети каде рејтингот им е...