Анализи
Година по уривањето на малезискиот авион во Украина: Вистината се изгуби во пропагандната магла
Пред една година, авионот Boeing 737 на Malaysia Airlines, лет МХ-17, беше урнат над источна Украина и загинаа 298 луѓе. И наместо транспарентна истрага во потрага по вистината, случајот се претвори во пропагандна игра на обвинувања, при што американската ЦИА дури и забошоти клучен доказен материјал за да може да продолжи со обвинувањата на Русија, пишува американскиот новинар и сопственик на порталот Consortium.news, Роберт Пери
Холандската истрага во уривањето на летот МХ-17 на Malaysia Airlines над источна Украина минатиот јули не успеа да открие убедливи докази за тоа кој е одговорен за смртта на 298-те патници и членови на екипажот, но очекувано ќе се обиде сомнежите да ги насочи кон етничките руски бунтовници, во склад со долготрајната антируска кампања на Западот.
Во текот на целата украинска криза, пропагандата и „информациското војување“ попречија какво и да е чесно претставување на реалноста и мистеријата околу катастрофата на МХ-17 западна во маглата на обвинувања и контраобвинувања. Повеќе истражувачки новинари (меѓу кои и авторот на текстот) беа оневозможени во обидите да дојдат до докази во врска со случајот кои можат да се потврдат или барем да добијат некакви информации.
Во таа смисла, МХ-17 се претвори во исклучок од вообичаената отвореност која ги опкружува авионските несреќи. Особено интересно е однесувањето на администрацијата на престедателот Обама, која се истрча да донесе заклучоци само пет дена по уривањето, цитирајќи нејасни постови од социјалните мрежи за да ги обвинат етничките руски бунтовници, но веднаш потоа почнаа да ги одбиваат сите барања за понови информации.
Но, зошто ваквата тајновитост? Ако директорот на националната разузнавачка служба (НРС) на САД, Џејмс Клапер, одлучил дека непотврдени информации за уривањето може да бидат обелоденети пет дена по настанот, зошто веднаш потоа неговата канцеларија одлучува да ја држи американската (и светската) јавност во мрак кога почна да пристигаат поверодостојни информации?
Во текот на изминатава година, канцеларијата на НРС не понуди никакви понови информации од првичните проценки, па дури и нивната портпаролка излзе со апсурдно тврдење дека американското разузнавање нема нови информации за тоа како гледа на трагедијата од оние објавени на 22-ри јули 2014 година.
Се вели дека причина за вртењето на НРС од отвореност кон тајновитост е тоа што американските разузнавачи не успеале да најдат ниту еден доказ дека руската влада им дала на бунтовниците софистицирани протувоздушни проектили, способни да срушат авион кој лета на над 10.000 метри висина (висината на лет на МХ-17 кога е срушен), но и дека испитувањето на американската сателитски и електронски разузнавачки материјали дошле до спротивен заклочок кој имплицира екстремисти поврзани со украинскиот режим поддржан од САД, иако не и со политичкото раководство на земјата.
Во тој момент, признавањето дека се истрчале со погрешни заклучоци би ја посрамотило администрацијата и би ја потопало „јавната дипломатија“ поврзана со случајот МХ-17. Обвинувајќи ја Русија и нејзиниот претседател Валдимир Путин минатото лето, администрацијата на Обама ја втурна Европа во анти-руско лудило и со тоа помогна полесно да се добие поддршката на ЕУ за економските санкции против Русија. Да се држи Путин во дефанзива е врвен приоритет на САД.
Како што на авторот на тексто му објаснил еден американски владин слубеник, информациското војување било единствената област во украинската криза во која Вашингтон чувствувал дека има предност врз Москва, која пак имаше повеќе предности, како што е географијата, економските и културните врски и воениот притисок.
Лажни операции
Исто така се чини дека украинските десничарски политички сили, кои ја приграбија власта по државниот удар на 22-ри фебруари 2014 година, ја разбраа вредноста на пропагандата, вклучувајќи ги и лажните операции за да ги обвинат своите портивници за злосторства. Една од најуспешните такви операции беа мистериозните снајперски напади на плоштадот Мајдан во Киев на 20-ти фебруари 2014 година, во која беа изрешетани и полицајци и демонстранти и за која вината веднаш му беше залепена на тогашниот претседател Виктор Јанукович и употребена за да го срушат од власт два дена подоцна.
Подоцнежните независни истраги покажаа дека најверојатно зад нападите стојат екстремни десничарски елементи. Двајца функционери на Европската унија, Министерот за надворешни работи на Естонија, Урмас Пает и шефот надворешната политика на ЕУ, Катрин Ештон, беа откриени кога телефонски ги дискутираа своите сомнежи дека за пукањето се виновни некои од демонстрантите.
Дури и американските функционери го искудија новиот режим за тоа што не успеа да спроведе темелна истрага и да утврди кој е виновен за снајперските напади. Во својот тержествен анти-руски говор во Киев пред два месеца, американскиот амбасадор во Обединетите нации, Саманта Пауер, упати само една критика до новиот режим – дека „истрагата за сериозните злосторства, како што беа насилствата на Мајдан и во Одеса (каде десеттици етнички Руси беа живи запалени) се влечка, нетранспарентна е и обременета е со сериозни грешки, навестувајќи не само некомпетентност, туку и недостиг од волја да се гонат извршителите“.
Со други зборови, во однос на масакрот на мајдан, режимот во Киев нема волја да објави информации кои би ја поткопале неговата вредност како пропагндна алатка. Овој пристап го прифатија и западните „мејнстрим“ медиуми, ко побрзаа да им стават „бели шешири“ на припадниците на режимот, а црни на етничките руски бунтовници кои го поддржуваа Јанукович и им пружија отпор на новите структури на моќ.
Слична пропагандна магла ја обви и истрагата околу МХ-17, во која сите водечки истражители – Холанѓаните, Британците, Австралијците и Украинците – се сите цврсто вкопани во прокиевскиот и анти-московскиот камп. (Специјалисти од САД, Русија и Малезија се исто така вклучени во итрагата.) Оттаму, не изнанадува тоа што и украинските и австралиските политички лидери не чекаа истрагата да дојде до сериозен заклучок, туку веднаш вината му ја префрија на Путин.
Лагите на медиумите
Држејќи ги поновите разузнавачки податоци во тајност им овозможи да продолжат со „Путин-го-строи-тоа“ пропагандата на „мејнстрим“ медиумите и на разни други пропагандни фронтови. Најдобар пример за тоа е извештајот на австралиската телевизиска емисија „60 минути“ (60 Minutes) во мај годинава, кој се обиде да престави лажнен видео доказ како веродостојен. Видео снимката од раскрсница некаде во источна Украина, на територијата под контрола на бунтовниците, беше прикажана како идентична на снимаката од камионот со празен лансер за „Бук“ ракета од минатата година (локацијата на таа снимка никогаш не беше верифицирана) и тоа само поради тоа што и на двете снимки се гледаат слични бандери!?
Како и да е, се додека сеопфатната разузнавачка информација за судбината на МХ-17 се држи во тајност, такви будалаштини ќе можат да се користат. Авторот на текстот има информации и дека холандскиот извештај е исто така полн со непотврдени претпоставки и цитира нешта како можниот агол под кој е истрелан проектилот за да наметне дека се виновни етничките руски бунтовници.
Минатиот октомври, првичниот холандски извештај одговори на малку прашања, освен што потврди дека МХ-17 очигледно бил уништен со „објекти со огромна брзина кои навлегле во авионот однадвор“. СДругите клучни прашања останаа без одговор, како што е тврдењето дека руски воен радар наводно има докази за присуство на украински ловец „СУ-25“ во таа област, тврдење кое властите во Киев го негираа.
Или рускиот радар потврдува дека имаприсуство на млазен ловец „кој се искачува“ како што се приближува на три до пет километри од патничкиот авион – како што тврдеа Русите на прес конференцијата на 21-јули 2014 година – или не потврдува. Властите во Киев тврдеа дека немало ниовни воени авиопни во таа област во тој момент.
Но. Холандсиот извештај на 34 страници го премолчува прашањето за млазниот ловец, иако наведува дека истражителите добиле „набљудувачки информации од Воздушната контрола на Руската федерација“. Извештајот исто така го премолчува и „немој да лаеш“ прашањето за тоа дали владата на САД има стателитски податоци кои откриваат од каде точно наводниот проектил земја-воздух бил лансиран и кој го лансирал.
Администрацијата на Обама потврди дека има информации за тие факти, но владата на САД не ги објави фотографиите и другите разузнавачки податоци кои наводно ги потврдуваат овие обвиненија. Чудно, но и холандскиот извештај вели дека истрагата добила „сателитски слики снимени во деновите по настанот“. Очигледно е дка многу порелевантни за потврдување на вината би биле слики снимени во деновите и часовите пред несреќата.
Повикувањето на холандскиот извештај само на сателитските фотографии по рушењето е сито така чудно, затоа што руската војска објави бројни сателитски снимки кои наводно прикажуваат „Бук“ системи на украинската влада северно од источноукраинскиот град Донецк пред нападот, вклучувајчи и две батерии кој наводно биле префрлени 50 километри јужно од Донецк на 17-ти јули, денот на уривањето, а потоа биле отстранети на 18-ти јули.
Рускиот генерал-потполковник Андреј Картополов ја повика украинската влада да го објасни преместувањето на системите „Бук“, како и зошто радарите на Киев „Купол-М19С18“ кои го координираат летањето на проектилите „Бук“ прикажале зголемена активност во периодорт непосредно пред нападот на 17-ти јули.
Украинската влада на тие прашања возврати со тврдење дека имала „докази за тоа дека проектилите кои го погодииле авионот биле испукани од терористите, кои добиваат оружје и тренинг од Руската федерација“, според Андреј Лисенко, портпарол на украинскиот Совет за бебзедност, при што го употребува терминот „терористи“ за етничките руски бунтовници.
Каде е разузнавањето?
На 29-ти јули, насред се пожестоката реторика од функционерите на американската влада и од западните медиуми, „Разузнавачки професионалци – ветерани за здрав разум“ (Veteran Intelligence Professionals for Sanity, здружение на поранешни разузнавачи), го повика претседателот Обама да ги обелодени доказите кои владата ги има за рушењето на авионот, вклучувајќи ги и сателитските снимки.
„Како професионални разузнавачи ние сме посрамени од непрофесионалната употреба на делумни разузнавачки податоци“, пишаа од здружението. „Како Американци, живееме во надеж дека, ако имате појасни докази, ќе најдете начин да ги објавите без понатамошно одложување. Со тоа што ја обвинува Русија дека е директно или индиректно одговорна, Државниот секретар Џон Кери делува прилично убедлив. Но, не и доказите. Неговите изјави се чинат преуранети и имаат знаци на обид да се влијае врз конечната одлука“.
Ккако и да е, администрацијата на Обама не успеа да објави ниту една разузнавачка информација која би ги поддржала овие тврдења, ниту пак каква и да е нова информација. Еден извор на авторот на текстот му кажал дека американските разузнавачки аналитичари се плашат да зборуваат за информациите кои го порекнуваат почетното скокање во заклучоци поради агресивното гонење на „свиркачите“ од сдтрана на Обама.
Ако конечниот извештај на Хиланѓаните излезе со внимателно заокружување на неубедливите докази со кои се обвинуваат про-руските бунтовници, тогаш е сосема веројатно дека нијансите ќе бидат целосно исфрлени од извештаите со кои ќе се нахрани постоечката пропагандна машинерија. Конвенционалната мудрост за „руската вина“ ќе биде зацврстена.
Мала најава за тоа како ќе се довива целата операција може да се види во неодамнешниот текст во New York Times од Дејвид Херценхорн (David Herszenhorn) од 29-ти јуни: „Лидерите на про-руските сепратисти во источноукраинскиот регион Луганск им го блокираа пристапот на холандските припадници на полицијата кои ја водеа истрагата за срушениот малезијски авион пред речиси една година, соопшти канцеларијата на холандскиот Јавен обвинител… Обструкциите на сепаратистичките функционери ги присилија истражителите од холандската полиција и Министерство за одбрана, предвремено да ја прекинат истрагата на терен во Украина, без да извршат вештачење на столбовите и на мрежата за безжична телефонија, соопшти канцеларијата на Јавниот обвинител… Врз основа на прелиминарните анализи на разузнавачките информации, вклучувајќи ги и тие на американската администрација, се верува дека авионот бил уништен опд проектил земја-воздух, истрелан од територијата контролирана на про-руските сепаратистички сили.“
И додека нападот содржан во текстот на Херценхорн ги оцрнува про-руските бунтовници – и предвидува некои од точките кои најверојатно ќе бидат истакнати во холандскиот извештај – можеби најбитниот збор употребен во текстот е „прелиминарен“. Иако е точно дека „прелиминарниот“ извештај на владата на САД од 22-ри јули 2014 година ги обвинува бунтовниците, многу посуштинско прашање – кое New York Times го премолчува – е тоа зошто владата на САД за цела една година не објави никаква понова верзија на „прелиминарниот“ извештај.
Советот за безбедност на Холандија (Dutch Safety Board) објави краток извештај за напредокот на истрагата на 1-ви јули годинава, нагласувајќи дека го предала нацрт-конечниот извештај до „акредитираните претставници на земјите-учеснички… на 2-ри јуни“, и им дала 60 дена да ги достават своите забелешки пред „дефинитивно конечниот“ извештај да биде објавен во октомври.
Во меѓувреме, холандските истражители кој ја водат криминалната истрага велат дека немаат конкретни осомничени, но главниот истражител Фред Вестербек (Fred Westerbeke) тврди дека истрагата посочила „повеќе лица од интерес“. Вестербек исто така вели дека криминалната истрага ќе заврши до крајот на годината или уште подоцна./крај/мф/сс
Истражувачкиот новинар Роберт Пери се прослави со провалувањето на аферите за снабдување со американско оружје на Иран и на бунтовницте во Никарагва во 1980-те години. Автор е и на повеќе книги, од која најпозната е „Украдениот приказна на Америка“ (America’s Stolen Narrative).
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Анализи
Силјановска vs Пендаровски: Кој добива, а кој губи во битката на социјалните мрежи и медиумите?
Претседателските кандидати Стево Пендаровски и Гордана Силјановска-Давкова најмногу се спомнуваат во медиумите, а најмалку се популарни меѓу твитерџиите. Во негативен контекст почесто е споменувана Силјановска на социјалните мрежи „Феjсбук“ и „Твитер“, но и во медиумите.
Ова го покажа првата сентимент-анализа на истражувачкиот центар на „Макфакс“, која се изработуваше во периодот од 1 до 9 април годинава. Процесот на изработка на анализата е базиран на компјутерски алгоритми и има задача да одреди во каков контекст (многу негативен, негативен, неутрален, позитивен или многу позитивен) е напишан одреден текст или дел од текстот.
Преку системот беа анализирани 220 медиуми, како и објавите и коментарите на над еден милион корисници на „Фејсбук“ и твитовите од 300 илјади профили. Тестирањата на платформата покажaа дека користените технологии даваат резултат со точност поголема од 80 проценти.
Според анализата, имињата на Силјановска-Давкова и на Пендаровски почесто се споменуваат во медиумите отколку на социјалните мрежи „Твитер“ и „Фејсбук“. Во првите девет дена од месецот тие биле споменати вкупно 3.515 пати. На „Фејсбук“ биле споменати речиси двојно помалку, а најмалку биле споменувани на „Твитер“.
Силјановска, според оваа анализа, најмногу била спомената на веб-порталите „Република“, „Курир“, „Инфомакс“ и на „Прес 24“, а Пендаровски на „Прес 24“, „Макпрес“, „24 инфо“ и на „Вечер“. Од инфографикот може да се види комплетната слика за тоа во кој медиум биле најмногу застапени двајцата претседателски кандидати.
Во однос на контекстот на споменување во медиумите може да се заклучи дека постои тесна разлика меѓу Силјановска и Пендаровски, иако кандидатката зад која стои опозициската ВМРО-ДПМНЕ предничи со негативните коментари.
Па, така, во многу негативен контекст Силјановска била спомената 201 пат, а Пендаровски 136 пати. Ако таа била спомната 914 пати во негативен контекст, Пендаровски во истиот контекст бил спомнат 778 пати. Тој предничи и во однос на неутралните спомнувања во медиумите, а Силјановска предничи во однос на позитивните споменувања. Тесна е разликата меѓу многу позитивните конотации, во кои биле ставени двајцата претседателски кандидати на кои се однесува анализата, во која за 8 споменувања предност има Пендаровски.
Според податоците од аналитичкиот центар на „Макфакс“, претседателскиот кандидат Пендаровски е попопуларен од Силјановска во однос на бројот на споменувања. Во многу позитивен или позитивен контекст меѓу твитерџиите тој е споменат 231 пат, а Силјановска 201. Во однос на тоа дали кандидатите се споменати во негативен или многу негативен контекст за нијанса води Силјановска, која е спомената 401 пат, а Пендаровски 389.
Слична ситуација може да се види и на „Фејсбук“, каде што Пендаровски има предност во однос на бројот на споменувања. Ако Силјановска била спомената 481 пат во многу негативен или во негативен контекст, Пендаровски е споменат 429 пати. Кај претседателскиот кандидат зад кој стои СДСМ поголем е бројот на позитивни или многу позитивни споменувања на социјалната мрежа „Фејсбук“.
Според сето ова, Силјановска има поголема вредност на вкупниот сентимент во негативен контекст на социјалните мрежи и во медиумите од Пендаровски. Важно е да се потенцира дека не станува збор за анкета што ги мери гласовите за кандидатите, туку за начинот на кој тие се прикажани и коментирани во интернет-просторот. Истражувачкиот центар на „Макфакс“ на почетокот на кампањата за претседателските кандидати спроведе анкета.
Целосната методологија за начинот на изработката на сентимент-анализите на истражувачкиот центар на „Макфакс“ е достапна на следниот линк.
Анализи
СЈО со детали: Како Камчев и Мијалков ги переле парите градејќи империја
Злосторничко здружение, кое функционирало повеќе од 8 години, од 2009 година, кога биле отворани и затворани фирми, перени милиони и милиони евра, биле менувани сопственици, бил купуван огромен имот, отворани фирми на офшор-дестинации за еднократна употреба, префрлувани пари преку кипарски банки, а потоа овие испрани пари влегуваат како основачки влогови за да формираат македонски фирми.
Вака накусо може да се опише случајот „Империја“ на специјалното јавно обвинителство (СЈО), каде што, меѓу другите, осомничени се едни од највлијателните луѓе во земјата, бизнисменот Орце Камчев и поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков.
Три месеци по почнувањето на истрагата, обвинителството излезе со детали за еден од најобемните предмети за кој засега е утврдено дека се испрани речиси 11 милиони евра.
Истрагата е проширена за „Графички центар“ и за „Медија принт Македонија“ (МПМ), извршени се претреси во фирмите, осомничените се испрашани и собрани се докази.
Соработката меѓу Македонија и Кипар е воспоставена, па сега, конечно, на виделина излегуваат и имињата на оние што се криеле зад офшор-фирмите преку кои се переле пари.
Од крајот на јуни до крајот на октомври 2018 година некои од осомничените од „Империја“ биле под посебни истражни мерки.
„Мијалков не беше под посебни истражни мерки, Камчев многу внимателно зборуваше по телефон, но не и другите осомничени“, велат од СЈО.
Без разлика како ќе се одвива понатаму истрагата за „Империја“, со оглед на тоа што статусот и истрагите на СЈО сè уште се неизвесни, оттаму велат дека собрани се речиси 90 отсто од доказите за случајот да може да продолжи понатаму.
Злосторничкото здружение се распаѓа кон крајот на 2017 и почетокот на 2018 година кога осомничените почнуваат да земаат кредити за да се раздолжат, но тоа не значи дека тука завршуваат и нивните поединечни активности.
Под лупа на СЈО е и фирмата поврзана со семејството Мијалкови, „Бест веј инвестмент“, формирана веднаш по обеледонувањето на таканаречените бомби во 2015 година, чиј сопственик е синот на Сашо Мијалков, Јордан. СЈО истражува како се ширел бизнисот и како оваа фирма успева да заработи огромни суми и да стекне голем имот само за три години работа. „Бест веј инвестмент“, ако во 2016 година имала приходи од 816 илјади евра, во 2017 година веќе приходите ѝ растат на 9,6 милиони евра, што само покажува дека независно кој е на власт, бизнисите на Мијалков работат со полна пареа.
Краен сопственик на мистериозната „Ексико“ бил Камчев
Центарот на истрагата за „Империја“ се познатата офшор-фирма „Ексико“ и бизнисменот Орце Камчев.
Истрагата утврдила дека зад првата фирма-мајка на „Ексико“, „Делта инвестмент“ од Белизе, всушност се крие таткото на Орце Камчев, Илија. Од оваа фирма, која поседуваше акции во големи акционерски друштва, а се јавуваше и како еден од сопствениците на атрактивните плацови на Водно, досега сите креваа раце и демантираа дека стојат зад неа.
Истрагата на СЈО утврдила дека по Илија Камчев, набргу како краен сопственик фигурирал и поранешниот директор на македонски „Телеком“, Жарко Луковски, а кога сопствеништвото на фирмата се сели во Америка, односно сопственик станува извесна „Калвус ЛЛЦ“ (Calvus LLC) од САД, крајниот сопственик е всушност Орце Камчев.
Од оваа американска фирма кон „Ексико“ се влеваат 1,6 милион евра како прилив, а дел од овие пари завршува на личната сметка на Камчев, додека со дел се купувани имот и земјиште во Гевгелија, на кое понатаму е предвидено да се градат казина.
Подоцна, а и до ден-денеска, сопственик на „Ексико“ е фирмата со швајцарски капитал „Т&МЈ инвестмент“ од Лугано, Швајцарија, фирма зад која оперативните сознанија покажале дека краен сопственик е член на семејството Мијалкови. Од швајцарската фирма кон македонската „Ексико“ немало никаков прилив или одлив на пари.
„Ексико“ не е единствената фирма преку која функционирало ова злосторничко здружение. Колку за пример, во истатата 2009 година офшор-компанијата „Хоспитал менаџмент груп ЛЛЦ’ од Кипар ја основа клиничката болница „Систина“. Понатаму, оваа компанија го продава имотот на друга офшор-компанија од Панама. „Орка холдинг“ го купува уделот од панамската, па повторно ѝ го продава на „Систина“, со што фактички Камчев внесува удел од „Хоспитал менаџмент“ од Кипар во Македонија.
Сомнежи за перење пари преку кипарски банки
Значаен дел од истрагата на СЈО за „Империја“ има и фирмата „Финзи“ – истата фирма за која во таканаречените бомби можеше да се слушне дека одела набавката за опрема за следење интернет-комуникации за МВР. Министерството, додека на чело на УБК беше Мијалков, наместо директно да ја набави изреалската опрема за прислушување, тоа го правела преку „Финзи“. Во текот на истрагата за случајот самоубиство изврши директорот на „Финзи“, Коста Крпач, во април 2016 година.
Сега истрагата за „Империја“ повторно допира до „Финзи“, фирма основана од „Финзи ЛЛЦ“ во САД. Краен сопственик на оваа компанија, според СЈО, повторно е Орце Камчев.
Во неколку наврати од „Финзи ЛЛЦ“ преку кипарска банка кон македонската „Финзи“ биле исплатувани 650.000 евра. Во тоа време, односно во 2009 година, директор на „Финзи“ во Македонија е Владислав Стајковиќ, брат на Небојша Стајковиќ, поранешен помошник-министер за информатичка технологија во МВР.
Овие пари понатаму влегуваат како основачки влог во „Систина кардиологија“, фирма што подоцна е преименувана во „Си-Фи-Кар“ („Систина“, „Финзи“, “Кара“). Во 2012 година, според СЈО, кога парите веќе се испрани, американската мајка-фирма се затвора и се отвора нова фирма, во која Крпач влегува како директор, а на истата сметка легнуваат парите од израелската донација за опрема за прислушување.
„Не купуваат компании за да работат со нив, туку за да извлечат што можат“
Многу компании, офшор, стотици папки со документи и изјави од сведоци содржи еден од најобемните предмети на СЈО – „Империја“. Од она што беше претставено пред новинарските екипи, неизбежен е заклучокот дека од досегашната истрага и собраните докази станува збор за класични примери за сомнежи за перење пари пред кои надлежните институции со години молчеле или се откажувале од гонење поради немање докази.
Дел од истрагата е отстапен и на купувањето на „Бетон Штип“ од страна на ТИМ ДОО, „Орка холдинг“, „Езимит“ ДООЕЛ и „Ексико“.
„Кога тие купуваат компанија, не ја купуваат за да ја работат, туку да извлечат што може од имотот на компанијата“, велат од СЈО.
Па, така, и овој пат сознанијата говорат дека од „Бетон Штип“ се извлечени 4 милиони евра, односно газдите ги тераат акционерите со парите да купуваат имот, а понатаму како што се извлекуваат парите, така се инвестираат во други зделки за што патем говорат и последните информации дека речиси 250 работници веќе ги напуштаат работните места од „Бетон Штип“ и истовремено преку суд си ги бараат неисплатените плати за последните четири месеци.
Дел од истрагата го опфаќа и „Фершпед“, односно од моментот кога Кираца Трајковска, која беше еден од мнозинските акционери во “Фершпед“, поради долг во Еуростандард банка, преку посредник побарала кредит од Стопанска банка АД Битола. Камчев, кој е дел од Управниот одбор на банката, наместо кредит, според СЈО, на Трајковска ѝ понудил преку физички лица да ѝ бидат префрлени парите по што биле ослободени нејзините акции од „Фершпед“.
За да им ги продаде акциите на странски инвеститори, таа го ангажирала брокерот Јованче Тасковски. Но, за нејзината намера дознал Штерјо Наков, кој побарал помош од Мијалков, со цел тој да ги купи акциите. Мијалков се договора со Камчев да ја изиграат, па без нејзино знаење, според СЈО, Ненад Јосифовиќ ги продава акциите на физички и правни лица поврзани со Наков за 4 милиони евра повисока цена од реалната. Парите од зделката завршуваат во фирма чии сопственици се „Ексико“, „Орка холдинг“ и „Тимох“.
Во делот од истрагата за „Империја“ влегуваат и стари случаи, кои претходно во обвинителствата завршувале со откажување од гонење поради немање доволно докази. Таков пример е истрагата за „пропаѓањето“ на „Орка спорт“, „Орка текстил“ и други фирми во сопственост на сега покојниот Илија Камчев. Данокот се избегнувал да се плаќа преку лажни стечаи, обезвреднување на имотот и формирање офшор-компании, а потоа парите „чисти“ биле внесувани во земјата, односно целиот имот бил пренесуван на новоформирани компании.
На овој начин, впрочем, и се градела целата империја – преку лојални соработници, изигрување на законитe и формирање компании за еднократна употреба.
Како ќе заврши истрагата и дали случајот ќе добие епилог останува неизвесно. Засега Орце Камчев и Сашо Мијалков се во домашен притвор, а конечниот збор ќе го каже Врховниот суд.
Освен Камчев и Мијалков, осомничени во случајот „Империја“ се и Ратка Куноска-Камчева, мајка на Камчев и неизвршен член на Одборот на директори на „Орка ходинг“, Кристина Камчева-Стојческа, сестра на Камчев и неизвршен член на Одборот на директори на „Жито полог Тетово“, Лилјана Гајдоска, правник во фирмите на Камчев, неизвршен член на Одборот на директори на ЗК „Пелагонија“, Тодор Мирчевски, директор на „Ексико“, Владислав Стајковиќ, сопственик на НВСП, доскорешен директор на „Мобико“ и поранешен директор на „Финзи“, Ванче Мијалчев, извршен директор на „Бетон Штип“, Јованче Тасковски, брокер, и Дејан Јанев од „О.Т.Е. инвест“.
Анализи
Политиката го подели СЈО на табори
„Чарлиевите ангели“ ги нема. Катица Јанева, Ленче Ристоска и Фатиме Фетаи речиси една година не се појавуваат на заеднички прес-конференции. Во јавноста и на социјалните мрежи сè погласни се критиките за работата на специјалното јавно обвинителство и ослабената доверба во оваа институција.
Три и пол години по формирањето, целосен судски епилог има само за два случаја а сè погласни се шпекулациите дека во СЈО владее поделеност на обвинителите на табори, кои меѓусебно не се согласуваат за дејствувањето на ова обвинителство, па тие разлики во мислењата лесно се забележливи и во јавноста.
Трите жени, кои беа симбол за СЈО, ретко може се видат заедно во јавноста, а речиси една година Ленче Ристоска и Фатиме Фетаи не даваат заеднички изјави. Според нашите извори, со слични ставови на една страна биле обвинителките Катица Јанева и Лиле Стефанова, а на друга Ленче Ристоска и Фатиме Фетаи.
Од друга страна, сè поприсутна во јавноста е главната специјална обвинителка Катица Јанева, која, според најавите, во вторник ќе се појави на „1ТВ“, каде што заедно со обвинителите Лиле Стефанова и Трајче Пеливанов треба да одговараат и на прашања од гледачите. Токму во фирмата сопственик на „1ТВ“, „БМЈ медиа груп“, работи синот на Јанева, младиот гевгеличанец Лазар Јанев, за кого веќе беше објавено дека пред вработените бил претставен како директор на правна служба. Пред точно два месеца Јанева беше гостинка на „1ТВ“ и се фотографира со сопственикот на телевизијата, Бојан Јовановски, со назнака дека станува збор за работен состанок.
Во СЈО во последната година во целост се смени практиката на комуникација со јавноста. Последната прес-конференција СЈО ја одржа на 21 март минатата година.
Повеќе нема брифинзи со новинари, а на обвинителките Ристоска и Фетаи не им е дозволено да даваат интервјуа и изјави. Целосна затвореност владее и во однос на истрагите. Случајот „Империја“, во кој, меѓу другите, се осомничени и бизнисменот Јордан Камчев и ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, беше отворен пред повеќе од 2 месеца, а од СЈО нема дополнителни информации, освен дека истрагата е сложена.
Сите обиди на „Макфакс“ да обезбедат брифинг за случајот беа залудни. Новинарите меѓу себе коментираат дека ова обвинителство, кое наметна транспарентно работење, последнава година се затворило, иако обвинителите поминале серија обуки за комуникација со јавноста. Тоа остава простор за шпекулации во постапувањето по предметите на обвинителството. Од друга страна, во редовното Обвинителство се спроведува тренинг за односи со јавноста на обвинителите.
Според нашите информации, во специјалното јавно обвинителство меѓу некои од вработените владее незадоволство од начинот на работа, особено по последните политички случувања, амнестии и повици за помирување, кои во голем дел влијаат и врз актуелните предмети што се во судска постапка, но и на оние што се во истрага и предистрага, а во кои, меѓу другите, се вклучени и Сашо Мијалков, Елизабета Канческа-Милевска, Али Ахмети, Бујар Османи.
Ексминистерката за култура, КанческаМилевска, е инволвирана во предистрагата за предметот „Скопје 2014“, кој е еден од најобемните предмети на СЈО, за Мијалков се водат повеќе судски постапки, а предметот за агенцијата за обезбедување СГС е во предистрага.
Во процесот на помирувањето наголемо се споменуваа и измените во Кривичниот законик, односно член 353, став 5, кој ја регулира злоупотребата на службената положба преку јавните набавки. Доколку дојде до промена на овој член, како што беше најавувано, помали казни или ослободување од одговорност ќе добијат голем број обвинети во случаите на СЈО, меѓу кои и Мијалков.
Уставниот суд сè уште не расправал по иницијативата на адвокатот Еленко Миланов, кој бара судиите да се произнесат за овој член од Кривичниот законик.
Сите овие политички инволвирања, кои допираат и до СЈО, според нашите извори, довеле до голем раздор во работата на институцијата, која има годишен буџет од 3,7 милиони евра. Некои од обвинителите се разочарани од фактот што нивните предмети и нивната работа зависат исклучително од тековната политичка ситуација, па токму затоа во последниот период и не се работи на нови предистраги бидејќи се чека исходот од тоа што ќе се случува со институцијата и дали евентуално одредени функционери од претходната, но и од актуелната власт, ќе избегнат одговорност.