Контакт

Анализи

Митот за пренадуената грчка држава

Објавено пред

Вистинскиот проблем е во приватниот сектор, пишува за Foreign Affairs професорката по политикологија од Универзитетот на Вирџинија, САД, Дебора Букојанис, во текст кој е, можеби, една од најпрецизните анализи на грчкото општество и потеклото на проблемите со кои се соочува. Сличностите со македонското општество се ненамерни, но вџашувачки

dobivaj vesti na viber

Од Атина, преку Берлин, па сé до Вашингтон, постои едно нешто со кое, се чини, сите се согласуваат: главниот проблем на Грција е пренадуената, преплатена и корумпирана држава, која го задушува приватниот сектор.

Оваа дијагноза е само напола точна. Некои делови од приказната се точни, но некои погрешното ги толкуваат фактите, додека, пак, трети грешно ги претставуваат последиците како причини. Коренот на проблемите на Грција лежи во концентрацијата на моќ во приватниот сектор, во вкоренетите интереси на таа елита и во општествената нееднаквост која произлегува од тоа. Овие услови го кочеа пазарниот раст, создавањето на видот на социјални служби кои го сочинуваат ’рбетот на сите развиени економии и на општествената еднаквост која ја овозможува политичката стабилност. Грчката метастазирана држава е само симптом на сите овие проблеми – додуша симптом кој резултатите ги прави уште полоши.

Како што многумина либерални Грци и странци успеаја да сфатат, една мала група олигарси поседува диспропорционална моќ, со оглед на големината на државата (околу 11 милиони жители). Само четири грчки семејства ги контролираат грчките медиуми и се уште се корисници на масивни заеми дадени за нивните компании кои произведуваат само загуби. Корпорациите ги користат своите врски за да го канализираат финансирањето од фондовите кон пренатрупаните фирми или дури и кон приватни сметки. Земјоделската банка на Грција, на пример, е заглавена во кривични постапки поради петте милијарди евра во нелегални заеми. Ваквата клима го помогна кредитниот бум во 2000-те години и и недоговорноста која сега ја оптоварува економијата со 164 милијарди евра во лоши приватни заеми.

Ваквиот урнек опстојува со децении, а во истиот тој период Грција се соочува со второ по големина ниво на нееднаквост во Западна Европа (веднаш по Португалија)- а ова е само ако се пресмета пријавениот приход. Даночното затајување е масовна појава. Сивата економија во Грција се проценува на околу 30 проценти од БДП-то на земјата но, најверојатно, е многу поголема. Самовработените се главните затајувачи на данок. Според една проценка, самовработените професионалци досега не пријавиле повеќе од 28 милијарди евра данок. Богатството традиционално многу повеќе се расфрла во широка потрошувачка, отколку во инвестиции. Згора на тоа, малите и средните претпријатија обезбедуваат 86 проценти од постоечките работни места (една од највисоките стапки во Европа), најголемиот дел од нив во секторите трговија, ситна преработувачка и туризам. Но, менаџерските и работните вештини се најчесто слаби, иако креативните исклучоци постојано потсетуваат на потенцијалот на оваа држава. Проблемите се влошени од тоа што повеќето бизниси се семејни и од обичајот вработените да се третираат како потчинети. Учеството на пазарот на трудот во Грција (луѓе кои се вработени или активно бараат работа) се влечка на 53 проценти – дури и Ирска и Португалија се над 60 проценти.

Повеќето Грци се тврдокорни во своето убедување дека проблемите се вина на државата и на корумпираните политичари. Но, парламентот е микрокосмос на грчкото општество. Дури и политичарите кои се залагаат за промени се соочуваат со ѕидот од вкоренети интереси. Подмитливата, дискредитирана држава е благопријатна за секој кој сака да ги крши правилата – не можат олигарсите да тврдат дека се „присилени“ да затајуваат данок, тоа е нивен избор. Корупцијата и недостигот од меритократија во државните апарати одат рака в рака со концентрацијата на богатство и моќ кај неколкумина, кое, пак, ја развлекува корупцијата надолу по скалата. Овие концентрирани интереси го ограничија пазарот во Грција и со тоа ги ограничија и можностите за вработување.

Ограничениот пазар придонесе кон двете главни одлики на грчкото општество. Прво, Грците со слаби професионални вештини и со историја на општествена исклученост се свртеа кон државата за вработувања – особено од 1980-те години наваму – а државата им излезе в пресрет користејќи ги вработувањата како замена за социјална благосостојба. Овој процес многу лесно се деградираше во патронатство и купување на гласови. Политичарите ги делеја државните вработувања без оглед на квалификациите на вработените. Како резултат на тоа, корупцијата и неефикасноста на јавниот сектор ги блокираше сите напори за реформи (кои започнаа на почетокот на 1990-те години).

Истовремено многумина Грци – кои, како народ, се познати по нивната „претприемничка душа“ – започнаа свои сопствени бизниси; други станаа професионалци. Но, ова се типично самостојни потфати, затоа што Грците масовно признаваат дека никој не сака да работи за друг. Една третина од населението е самовработена (далеку највисок сооднос во Европа) и тоа во сектори кои се високо неефикасни и подложни на затајување на данокот.

Овие два услова создаваат отровна мешавина. Сопствениците на малите бизниси и самовработените се борат да преживеат. Секој ден мора да се справуваат со државната администрација, опоганета од непотизам и неефикасност. Фрустрацијата се претвора во вирулентна омраза кон вработените во јавниот сектор и се спојува со наметливата антидржавна идеологија. Ваквата идеологија, исто така, го олеснува одбегнувањето на тешката работа потребна за реформите. Таквите чувства само го влошуваат проблемот, со тоа што ги вкопуваат двете заблуди за државниот апарат кои го инхибираат напредокот.

Дали е грчкиот државен апарат пренадуен и преплатен?

Најбитната заблуда за грчкиот државен апарат е дека тој е „премногу голем“. Прифатеното значење на ова е дека апаратот или троши премногу пари или премногу вработува, или и двете. Овие проблеми ја оптоваруваа Грција во 1980-те години, но не и денес. Инсистирањето на нив само ја влошува ситуацијата.

И покрај сите обвинувања, во текот на 2000-те години грчките јавни трошоци беа под просекот на ЕУ, со тоа што левитираа над просекот само неколку години. Остриот пад на грчкиот БДП во 2008 година, секако, го зголеми соодносот. Но денес бројката е 49,3 проценти од БДП-то или околу просекот на еврозоната. Некои плати, особено во јавните корпорации, беа навистина скандалозни. Пензиите исто така беа огромен трошок, но тие повеќе се должеана демографијата и раното пензионирање, отколку на систематски великодушни исплати. Здравствената заштита е огромен товар. Но, бројките покажуваат дека проблемот не е во тоа што „државата е голема“. Проблемот е во тоа што царуваат непотизмот и корупцијата, создавајќи нееднаквост во распределбата и економска неефикасност.

Натаму, грчките приходи никогаш не држеа чекор со расходите. Грците сметаат дека се премногу оданочени. И навистина, многумина од нив навистина и се, но Грција како држава никогаш не оданочуваше премногу (сé до тековната рецесија), туку само лошо го спроведуваше процесот, а сега дури и полошо. И конечно, Грција, едноставно, многу повеќе увезува отколку што извезува: дефицитот на тековната сметка се движи околу девет проценти во изминатава деценија. Сево ова придонесе кон тоа грчкиот долг од 1980-те години наваму да стане втор по големина во ОЕЦД во 2008 година, или 117 проценти од БДП-то.

Но ниту еден од овие проблеми не се резултат на тоа што државниот сектор денес е премногу голем. Потврдувањето на бројките и натаму е проблематично во Грција, но во 2008 година, дури и пред кризата, државната администрација вработуваше околу 19 проценти од работната сила, вклучувајќи ги јавните корпорации, што е блиску до просекот во ОЕЦД (Велика Британија вработува 23 проценти). Да не беа во текот на 2000-те години вработени додатни 300.000 луѓе, стапката ќе се движеше далеку под просекот.

Всушност, денес, по реформите, отпуштени се токму околу 300.000 луѓе (вклучувајќи ги и приватните доставувачи, каде што најмногу царува патронатниот систем). Ова е речиси 30 проценти од вкупниот број вработени во државниот апарат од 2010 година наваму. По отпуштањата, грчкиот јавен сектор е повторно недоволно екипиран во најкритичните служби, пренатрупан во небитните и неефикасен во речиси сите.

Неподобниот и неефикасен персонал, од своја страна, предизвиика три последици. Процедурите траат многу подолго отколку што би требало, вработените чувствуваат дека се прерастргнати и или лошто работат или стануваат апатични, а службите се неспособни да ги реформираат процедурите или да ги автоматизираат. Честопати апликацииите за дозволи се влечкаат по бироата со недели или со месеци. Или процедури кои можат да се завршат на интернет, мора да се завршуваат лично и на повеќе шалтери. Сé на сé, ваквиот систем води кон милиони изгубени работни часови. Тоа е држава која е неадекватна, а не преголема.

Конечно, ограничениот пазар и слабата држава објаснуваат уште еден стереотип за „претерано привилегираниот“ грчки работник: раното пензионирање. Денес клиентелизмот и фискалната нерационалност на системот предизвикуваат бес. Но, логиката на раното пензионирање ја применува и владата на САД: тоа се користи да се намали платниот список без да има отпуштања. Еден (не)обучен работник кој рано заминува во пензија може да отвори место за некој кој е обучен, а невработен. Во Грција ваквата размена не се употребуваше како во САД и возврати многу лошо: сега пензиите на оние кои рано заминаа во пензија непропорционално го оптоваруваат државниот буџет. Значи, тоа беше лоша политика која не се исплатеше. Но, повторно, проблемот потекнува од зашеметениот грчки пазар на трудот. Кога државата е слаба, дури и разумните политики се поткопани од клиентелизмот. Но, кратењата на раните пензионирања кои сега се наметнуваат ќе значат помалку нови работни места и оттаму повеќе работници кои бараат работа во растргнатиот приватен сектор, во момент кога невработеноста наближува 26 проценти.

Дали државата го убива бизнисот?

Тогаш зошто приватниот сектор не вработуваше колку што можеше, или требаше, пред кризата? Стандардниот одговор ја обвинува државата. Грчката бирократија и регулативи се, навистина, една нерационална спирала од мерки, судскиот систем има потреба од радикални реформи, а низ целиот јавен сектор се вгнездени мрзеливи службеници. Меѓународните проценки ја класифицираат Грција како „лоша за бизнис“ (иако, како што ни станува сé појасно, овие процени се оптоварени од безброј нејаснотии). За некои ваквите услови значат дека единствено револуција може да помогне. А реформите кои ги бараат доверителите се херкуловска задача, која бара и ресурси и време.

Како и да е, два факта уште повеќе ја комплицираат сликата. Кога трошоците за „гринфилд“ и „стартап“ компаниите се премногу високи, рационалните личности ги здружуваат ресурсите и ги делат трошоците преку поголеми партерства или фирми. А сепак, Грција и натаму е земја со најголем број микро претпријатија и самовработени, што значи дека регулативите и трошоците очигледно не ги попречуваат поединците да влезат или да опстојат на пазарот, дури и кога се соочени со бескрајни пречки. Грците непрестано се жалат на овие потешкотии и пречки. Но, наместо да одговорат со иницијативи и со здружување на ресурсите, тие го мамат системот или работат со загуба.

Се чини дека некои од завршените реформи внесоа битни измени во поглед на времето и трошоците за покренување мал бизнис. Но, олеснувањето на влезот и на функционирањето внатре во пазарот нема да доведе до раст ако не биде нападната патологијата која ги држи грчките фирми мали и ја задушува соработката. Напротив, премногу неефикасни, пропаднати мали семејни бизниси и продавници значат премногу луѓе со опустошени штедни влогови и без каква и да е безбедносна мрежа (патем, овие неуспешни индивидуалци станаа класични кандидати за продолжување на државниот непотизам). Ова не е вина на државата. Тоа е избор. Она во што државата навистина потфрли е необјаснувањето на јавноста дека некои од трошоците се наменети да ги обесхрабрат оние кои се премногу мали сами да опстанат на пазарот.

Истовремено, пазарот е вистински затворен онаму каде што големите играчи имаат создадено олигополи, како што е во секторот на млекото. Тоа е делумно и причината што индексот на цените на мало порасна речиси 10 проценти од 2008 година наваму! Само силна држава може да ги одземе таквите привилегии, а кредитниот притисок може да послужи како катализатор.

Друга загатка се грчките „затворени професии“: правници, инженери, фармацевти и така натаму, кои се оптоварени со безброј регулативи и високи трошоци за влез. Економистите им се противат на затворените професии затоа што ограничувањето на влезот и конкуренцијата создаваат кусоци и ги прават услугите поскапи. Грчките услуги се навистина скапи. А сепак, Грција има вишок од професионалци во затворените професии, а не кусок. На пример, во земјата има 380 адвокати на сто илјади луѓе, додека европскиот просек е 140. Истото важи и за таксистите, лекарите, фармацевтите и така натаму.

Оваа ситуација се создаде од гаранциите на грчката држава за минимален приход за професионалците, како што се адвокатите и осигурани профити за малите бизниси, како што се аптеките, без притоа да го ограничи нивниопт број. Зошто? Затоа што професионалците си го излобирале тоа; не е случајно тоа што главнината пратеници во грчкиот парламент традиционално потекнуваат токму од овие затворени професии.

Реформите целат кон тоа да се отстранат субвенциите за овие професии и со тоа да се спречи премногу луѓе да се определат за нив. Но, дерегулацијата и остранувањето на рестрикциите, како што е случај во сите напредни економии, може да предизвикаат анархија, даночно затајување и измами. Исто така, без успешен притисок и поттикнувања за другите бизниси да мрднат над мали претпријатија, опциите за работа и натаму ќе бидат лимитирани, а оние кои ќе бидат прернасочени од затворените професии ќе нема каде да одат.

Што е следно?

За волја на вистината, Грција од 2009 година наваму презема чекори без преседан за да ги оствари надворешните побарувања. Даночните приходи како процент од БДП-то се наближуваат кон просекот на ОЕЦД. Сиот поврат на данок од 2003 година наваму е регистриран на интернет, со што ѝ се овозможува на државата да ги споредува информациите. Но, отако прибирањето на даноците на имот порасна, на хартија, од 500 милиони евра на 3,5 милијарди евра за две години, не зачудува тоа што реалната наплата е во застој. Сепак, реформските мерки го намалија дефицитот од 15,4 проценти од БДП-то на 3,5 проценти за само пет години – потфат за пофалба.

Цената на овој напредок беше енормна: невработеност, беда и политичка нестабилност. Позицијата на Грција во Европа и натаму е загрозена. Натаму, наголемо се очекува најновите фискални цели предвидени од грчките доверители да предизвикаат уште поголема рецесија, со што реформите ќе се соочат со уште поголем ризик. Прокрустовите кратења во јавниот сектор, освен што ќе ги осакатат социјалните придобивки, ќе остават државата со намален и деморализиран персонал, со кој ќе треба да се соочи со сé похеркуловската задача да се спроведе реформите. А ако не се зафати со закоравените интереси и со реформите, Грција ќе ги промаши сите цели – и тогаш „грегзит“-от ќе стане вистинска закана.

Некои го потикнуваат отпорот на општеството со тоа што се фокусираат на неодамнешните вработувања. Со невработеност од речиси 26 проценти, некои вработувања незибежно ќе се толкуваат како замена за социјална помош. Ако сака да ги постигне целите, Грција, наместо тоа, треба да се фокусира на процедурални заштеди и ефикасност, а не да остави уште повеќе луѓе без работа. Според една проценка, во периодот пред кризата неефикасноста на грчката бирократија ја чинела земјата 14 милијарди евра годишно, речиси колку што изнесуваше грчкиот дефицит во 2007 година. Некаков напредок е постигнат. На пример, секоја година граѓаните губеа десеттици милиони работни часови само во чекањето во редиците за плаќање на сметките и на даноците. Сега сите сметки се автоматизирани. Секако, ова е само врвот на леденикот, но за да се зграпчат потенцијалните придобивки потребно е време и организација, а и двете во моментов недостасуваат.

За да се случи вистинска реформа, на Грција прво ѝ се потребни три нешта. Прво, ѝ треба нова визија за нејзините граѓански служби. Работењето за државата треба да е постигнување, како што е во другите напредни демократии, а не замена за социјална помош. Талентираните американски студенти, кои имаат фрлено око на Стејт дипартментот, на пример, знаат дека ќе мора да направат безброј обиди пред да ја постигнат својата цел. Како и да е, ова значи дека платите и бенефициите, исто така, мора да бидат конкурентни. Пазарната економија бара цврсти државни институции, а за таквите мора да се плати.

Второ, на Грција ѝ е потребна институционална помош за да ги присили богатите затајувачи на данок да си ги платат своите обврски и да ги почитуваат правилата. Исто така, мора да ги присили елитите да ги декларираат домашните приходи (тековната даночна иницијатива граѓаните да ги доставуваат сметките од лекарите не е доволно силна). Даночењето на елитите нема да ги затвори сите фискални дупки, но кога богатите ги одбегнуваат даноците, масата население не гледа причина и таа да не го прави истото.

И конечно, соработката и прогресивната ефикасност треба да бидат поддржани од потикнувања, на пример фискални. Митот за благонадежниот претприемач закатанчен од корумпираната држава е само еден дел од приказната. Другиот е дека ако малите и семејните бизниси и дуќани, како и професионалците, не бидат турнати кон соработка и прогресивна ефикасност, вработувањето ќе се влечка и растот ќе биде нееднаков, а со тоа и социјално исклучив.

Без напредок на сите овие фронтови, Грција ќе остане она што била отсекогаш, сиромашна држава со неколкумина богати граѓани./крај/мф/сс

Извор: Макфакс



©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Анализи

Силјановска vs Пендаровски: Кој добива, а кој губи во битката на социјалните мрежи и медиумите?

Објавено пред

Претседателските кандидати Стево Пендаровски и Гордана Силјановска-Давкова најмногу се спомнуваат во медиумите, а најмалку се популарни меѓу твитерџиите. Во негативен контекст почесто е споменувана Силјановска на социјалните мрежи „Феjсбук“ и „Твитер“, но и во медиумите.

dobivaj vesti na viber

Ова го покажа првата сентимент-анализа на истражувачкиот центар на „Макфакс“, која се изработуваше во периодот од 1 до 9 април годинава. Процесот на изработка на анализата е базиран на компјутерски алгоритми и има задача да одреди во каков контекст (многу негативен, негативен, неутрален, позитивен или многу позитивен) е напишан одреден текст или дел од текстот.

Преку системот беа анализирани 220 медиуми, како и објавите и коментарите на над еден милион корисници на „Фејсбук“ и твитовите од 300 илјади профили. Тестирањата на платформата покажaа дека користените технологии даваат резултат со точност поголема од 80 проценти.

Според анализата, имињата на Силјановска-Давкова и на Пендаровски почесто се споменуваат во медиумите отколку на социјалните мрежи „Твитер“ и „Фејсбук“. Во првите девет дена од месецот тие биле споменати вкупно 3.515 пати. На „Фејсбук“ биле споменати речиси двојно помалку, а најмалку биле споменувани на „Твитер“.

Силјановска, според оваа анализа, најмногу била спомената на веб-порталите „Република“, „Курир“, „Инфомакс“ и на „Прес 24“, а Пендаровски на „Прес 24“, „Макпрес“, „24 инфо“ и на „Вечер“. Од инфографикот може да се види комплетната слика за тоа во кој медиум биле најмногу застапени двајцата претседателски кандидати.

Во однос на контекстот на споменување во медиумите може да се заклучи дека постои тесна разлика меѓу Силјановска и Пендаровски, иако кандидатката зад која стои опозициската ВМРО-ДПМНЕ предничи со негативните коментари.

Па, така, во многу негативен контекст Силјановска била спомената 201 пат, а Пендаровски 136 пати. Ако таа била спомната 914 пати во негативен контекст, Пендаровски во истиот контекст бил спомнат 778 пати. Тој предничи и во однос на неутралните спомнувања во медиумите, а Силјановска предничи во однос на позитивните споменувања. Тесна е разликата меѓу многу позитивните конотации, во кои биле ставени двајцата претседателски кандидати на кои се однесува анализата, во која за 8 споменувања предност има Пендаровски.

Според податоците од аналитичкиот центар на „Макфакс“, претседателскиот кандидат Пендаровски е попопуларен од Силјановска во однос на бројот на споменувања. Во многу позитивен или позитивен контекст меѓу твитерџиите тој е споменат 231 пат, а Силјановска 201. Во однос на тоа дали кандидатите се споменати во негативен или многу негативен контекст за нијанса води Силјановска, која е спомената 401 пат, а Пендаровски 389.

Слична ситуација може да се види и на „Фејсбук“, каде што Пендаровски има предност во однос на бројот на споменувања. Ако Силјановска била спомената 481 пат во многу негативен или во негативен контекст, Пендаровски е споменат 429 пати. Кај претседателскиот кандидат зад кој стои СДСМ поголем е бројот на позитивни или многу позитивни споменувања на социјалната мрежа „Фејсбук“.

Според сето ова, Силјановска има поголема вредност на вкупниот сентимент во негативен контекст на социјалните мрежи и во медиумите од Пендаровски. Важно е да се потенцира дека не станува збор за анкета што ги мери гласовите за кандидатите, туку за начинот на кој тие се прикажани и коментирани во интернет-просторот. Истражувачкиот центар на „Макфакс“ на почетокот на кампањата за претседателските кандидати спроведе анкета.

Целосната методологија за начинот на изработката на сентимент-анализите на истражувачкиот центар на „Макфакс“ е достапна на следниот линк.

Прикажи повеќе...

Анализи

СЈО со детали: Како Камчев и Мијалков ги переле парите градејќи империја

Објавено пред

Злосторничко здружение, кое функционирало повеќе од 8 години, од 2009 година, кога биле отворани и затворани фирми, перени милиони и милиони евра, биле менувани сопственици, бил купуван огромен имот, отворани фирми на офшор-дестинации за еднократна употреба, префрлувани пари преку кипарски банки, а потоа овие испрани пари влегуваат како основачки влогови за да формираат македонски фирми.

dobivaj vesti na viber

Вака накусо може да се опише случајот „Империја“ на специјалното јавно обвинителство (СЈО), каде што, меѓу другите, осомничени се едни од највлијателните луѓе во земјата, бизнисменот Орце Камчев и поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков.

Три месеци по почнувањето на истрагата, обвинителството излезе со детали за еден од најобемните предмети за кој засега е утврдено дека се испрани речиси 11 милиони евра.

Истрагата е проширена за „Графички центар“ и за „Медија принт Македонија“ (МПМ), извршени се претреси во фирмите, осомничените се испрашани и собрани се докази.

Соработката меѓу Македонија и Кипар е воспоставена, па сега, конечно, на виделина излегуваат и имињата на оние што се криеле зад офшор-фирмите преку кои се переле пари.

Од крајот на јуни до крајот на октомври 2018 година некои од осомничените од „Империја“ биле под посебни истражни мерки.

„Мијалков не беше под посебни истражни мерки, Камчев многу внимателно зборуваше по телефон, но не и другите осомничени“, велат од СЈО.

Без разлика како ќе се одвива понатаму истрагата за „Империја“, со оглед на тоа што статусот и истрагите на СЈО сè уште се неизвесни, оттаму велат дека собрани се речиси 90 отсто од доказите за случајот да може да продолжи понатаму.

Злосторничкото здружение се распаѓа кон крајот на 2017 и почетокот на 2018 година кога осомничените почнуваат да земаат кредити за да се раздолжат, но тоа не значи дека тука завршуваат и нивните поединечни активности.

Под лупа на СЈО е и фирмата поврзана со семејството Мијалкови, „Бест веј инвестмент“, формирана веднаш по обеледонувањето на таканаречените бомби во 2015 година, чиј сопственик е синот на Сашо Мијалков, Јордан. СЈО истражува како се ширел бизнисот и како оваа фирма успева да заработи огромни суми и да стекне голем имот само за три години работа. „Бест веј инвестмент“, ако во 2016 година имала приходи од 816 илјади евра, во 2017 година веќе приходите ѝ растат на 9,6 милиони евра, што само покажува дека независно кој е на власт, бизнисите на Мијалков работат со полна пареа.

Краен сопственик на мистериозната „Ексико“ бил Камчев

Натписот на поштенското сандаче на улицата Иван Милутиновиќ во Скопје сведочи за постоењето на „Ексико“, чие сопствеништво е скриено

Центарот на истрагата за „Империја“ се познатата офшор-фирма „Ексико“ и бизнисменот Орце Камчев.

Истрагата утврдила дека зад првата фирма-мајка на „Ексико“, „Делта инвестмент“ од Белизе, всушност се крие таткото на Орце Камчев, Илија. Од оваа фирма, која поседуваше акции во големи акционерски друштва, а се јавуваше и како еден од сопствениците на атрактивните плацови на Водно, досега сите креваа раце и демантираа дека стојат зад неа.

Истрагата на СЈО утврдила дека по Илија Камчев, набргу како краен сопственик фигурирал и поранешниот директор на македонски „Телеком“, Жарко Луковски, а кога сопствеништвото на фирмата се сели во Америка, односно сопственик станува извесна „Калвус ЛЛЦ“ (Calvus LLC) од САД, крајниот сопственик е всушност Орце Камчев.

Од оваа американска фирма кон „Ексико“ се влеваат 1,6 милион евра како прилив, а дел од овие пари завршува на личната сметка на Камчев, додека со дел се купувани имот и земјиште во Гевгелија, на кое понатаму е предвидено да се градат казина.

Подоцна, а и до ден-денеска, сопственик на „Ексико“ е фирмата со швајцарски капитал „Т&МЈ инвестмент“ од Лугано, Швајцарија, фирма зад која оперативните сознанија покажале дека краен сопственик е член на семејството Мијалкови. Од швајцарската фирма кон македонската „Ексико“ немало никаков прилив или одлив на пари.

„Ексико“ не е единствената фирма преку која функционирало ова злосторничко здружение. Колку за пример, во истатата 2009 година офшор-компанијата „Хоспитал менаџмент груп ЛЛЦ’ од Кипар ја основа клиничката болница „Систина“. Понатаму, оваа компанија го продава имотот на друга офшор-компанија од Панама. „Орка холдинг“ го купува уделот од панамската, па повторно ѝ го продава на „Систина“, со што фактички Камчев внесува удел од „Хоспитал менаџмент“ од Кипар во Македонија.

Сомнежи за перење пари преку кипарски банки

Преку кипарски банки парите влегуваат во земјата

Значаен дел од истрагата на СЈО за „Империја“ има и фирмата „Финзи“ – истата фирма за која во таканаречените бомби можеше да се слушне дека одела набавката за опрема за следење интернет-комуникации за МВР. Министерството, додека на чело на УБК беше Мијалков, наместо директно да ја набави изреалската опрема за прислушување, тоа го правела преку „Финзи“. Во текот на истрагата за случајот самоубиство изврши директорот на „Финзи“, Коста Крпач, во април 2016 година.

Сега истрагата за „Империја“ повторно допира до „Финзи“, фирма основана од „Финзи ЛЛЦ“ во САД. Краен сопственик на оваа компанија, според СЈО, повторно е Орце Камчев.

Во неколку наврати од „Финзи ЛЛЦ“ преку кипарска банка кон македонската „Финзи“ биле исплатувани 650.000 евра. Во тоа време, односно во 2009 година, директор на „Финзи“ во Македонија е Владислав Стајковиќ, брат на Небојша Стајковиќ, поранешен помошник-министер за информатичка технологија во МВР.

Овие пари понатаму влегуваат како основачки влог во „Систина кардиологија“, фирма што подоцна е преименувана во „Си-Фи-Кар“ („Систина“, „Финзи“, “Кара“). Во 2012 година, според СЈО, кога парите веќе се испрани, американската мајка-фирма се затвора и се отвора нова фирма, во која Крпач влегува како директор, а на истата сметка легнуваат парите од израелската донација за опрема за прислушување.

„Не купуваат компании за да работат со нив, туку за да извлечат што можат“

Орце Камчев и Сашо Мијалков, клучните играчи во „Империја“

Многу компании, офшор, стотици папки со документи и изјави од сведоци содржи еден од најобемните предмети на СЈО – „Империја“. Од она што беше претставено пред новинарските екипи, неизбежен е заклучокот дека од досегашната истрага и собраните докази станува збор за класични примери за сомнежи за перење пари пред кои надлежните институции со години молчеле или се откажувале од гонење поради немање докази.

Дел од истрагата е отстапен и на купувањето на „Бетон Штип“ од страна на ТИМ ДОО, „Орка холдинг“, „Езимит“ ДООЕЛ и „Ексико“.

„Кога тие купуваат компанија, не ја купуваат за да ја работат, туку да извлечат што може од имотот на компанијата“, велат од СЈО.

Па, така, и овој пат сознанијата говорат дека од „Бетон Штип“ се извлечени 4 милиони евра, односно газдите ги тераат акционерите со парите да купуваат имот, а понатаму како што се извлекуваат парите, така се инвестираат во други зделки за што патем говорат и последните информации дека речиси 250 работници веќе ги напуштаат работните места од „Бетон Штип“ и истовремено преку суд си ги бараат неисплатените плати за последните четири месеци.

Дел од истрагата го опфаќа и „Фершпед“, односно од моментот кога Кираца Трајковска, која беше еден од мнозинските акционери во “Фершпед“, поради долг во Еуростандард банка, преку посредник побарала кредит од Стопанска банка АД Битола. Камчев, кој е дел од Управниот одбор на банката, наместо кредит, според СЈО, на Трајковска ѝ понудил преку физички лица да ѝ бидат префрлени парите по што биле ослободени нејзините акции од „Фершпед“.

За да им ги продаде акциите на странски инвеститори, таа го ангажирала брокерот Јованче Тасковски. Но, за нејзината намера дознал Штерјо Наков, кој побарал помош од Мијалков, со цел тој да ги купи акциите. Мијалков се договора со Камчев да ја изиграат, па без нејзино знаење, според СЈО, Ненад Јосифовиќ ги продава акциите на физички и правни лица поврзани со Наков за 4 милиони евра повисока цена од реалната. Парите од зделката завршуваат во фирма чии сопственици се „Ексико“, „Орка холдинг“ и „Тимох“.

Во делот од истрагата за „Империја“ влегуваат и стари случаи, кои претходно во обвинителствата завршувале со откажување од гонење поради немање доволно докази. Таков пример е истрагата за „пропаѓањето“ на „Орка спорт“, „Орка текстил“ и други фирми во сопственост на сега покојниот Илија Камчев. Данокот се избегнувал да се плаќа преку лажни стечаи, обезвреднување на имотот и формирање офшор-компании, а потоа парите „чисти“ биле внесувани во земјата, односно целиот имот бил пренесуван на новоформирани компании.

На овој начин, впрочем, и се градела целата империја – преку лојални соработници, изигрување на законитe и формирање компании за еднократна употреба.

Како ќе заврши истрагата и дали случајот ќе добие епилог останува неизвесно. Засега Орце Камчев и Сашо Мијалков се во домашен притвор, а конечниот збор ќе го каже Врховниот суд.

Освен Камчев и Мијалков, осомничени во случајот „Империја“ се и Ратка Куноска-Камчева, мајка на Камчев и неизвршен член на Одборот на директори на „Орка ходинг“, Кристина Камчева-Стојческа, сестра на Камчев и неизвршен член на Одборот на директори на „Жито полог Тетово“, Лилјана Гајдоска, правник во фирмите на Камчев, неизвршен член на Одборот на директори на ЗК „Пелагонија“, Тодор Мирчевски, директор на „Ексико“, Владислав Стајковиќ, сопственик на НВСП, доскорешен директор на „Мобико“ и поранешен директор на „Финзи“, Ванче Мијалчев, извршен директор на „Бетон Штип“, Јованче Тасковски, брокер, и Дејан Јанев од „О.Т.Е. инвест“.

Прикажи повеќе...

Анализи

Политиката го подели СЈО на табори

Објавено пред

„Чарлиевите ангели“ ги нема. Катица Јанева, Ленче Ристоска и Фатиме Фетаи речиси една година не се појавуваат на заеднички прес-конференции. Во јавноста и на социјалните мрежи сè погласни се критиките за работата на специјалното јавно обвинителство и ослабената доверба во оваа институција.

dobivaj vesti na viber

Три и пол години по формирањето, целосен судски епилог има само за два случаја а сè погласни се шпекулациите дека во СЈО владее поделеност на обвинителите на табори, кои меѓусебно не се согласуваат за дејствувањето на ова обвинителство, па тие разлики во мислењата лесно се забележливи и во јавноста.

Трите жени, кои беа симбол за СЈО, ретко може се видат заедно во јавноста, а речиси една година Ленче Ристоска и Фатиме Фетаи не даваат заеднички изјави. Според нашите извори, со слични ставови на една страна биле обвинителките Катица Јанева и Лиле Стефанова, а на друга Ленче Ристоска и Фатиме Фетаи.

Од друга страна, сè поприсутна во јавноста е главната специјална обвинителка Катица Јанева, која, според најавите, во вторник ќе се појави на „1ТВ“, каде што заедно со обвинителите Лиле Стефанова и Трајче Пеливанов треба да одговараат и на прашања од гледачите. Токму во фирмата сопственик на „1ТВ“, „БМЈ медиа груп“, работи синот на Јанева, младиот гевгеличанец Лазар Јанев, за кого веќе беше објавено дека пред вработените бил претставен како директор на правна служба. Пред точно два месеца Јанева беше гостинка на „1ТВ“ и се фотографира со сопственикот на телевизијата, Бојан Јовановски, со назнака дека станува збор за работен состанок.

Во СЈО во последната година во целост се смени практиката на комуникација со јавноста. Последната прес-конференција СЈО ја одржа на 21 март минатата година.

Повеќе нема брифинзи со новинари, а на обвинителките Ристоска и Фетаи не им е дозволено да даваат интервјуа и изјави. Целосна затвореност владее и во однос на истрагите. Случајот „Империја“, во кој, меѓу другите, се осомничени и бизнисменот Јордан Камчев и ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, беше отворен пред повеќе од 2 месеца, а од СЈО нема дополнителни информации, освен дека истрагата е сложена.

Сите обиди на „Макфакс“ да обезбедат брифинг за случајот беа залудни. Новинарите меѓу себе коментираат дека ова обвинителство, кое наметна транспарентно работење, последнава година се затворило, иако обвинителите поминале серија обуки за комуникација со јавноста. Тоа остава простор за шпекулации во постапувањето по предметите на обвинителството. Од друга страна, во редовното Обвинителство се спроведува тренинг за односи со јавноста на обвинителите.

Според нашите информации, во специјалното јавно обвинителство меѓу некои од вработените владее незадоволство од начинот на работа, особено по последните политички случувања, амнестии и повици за помирување, кои во голем дел влијаат и врз актуелните предмети што се во судска постапка, но и на оние што се во истрага и предистрага, а во кои, меѓу другите, се вклучени и Сашо Мијалков, Елизабета Канческа-Милевска, Али Ахмети, Бујар Османи.

Ексминистерката за култура, КанческаМилевска, е инволвирана во предистрагата за предметот „Скопје 2014“, кој е еден од најобемните предмети на СЈО, за Мијалков се водат повеќе судски постапки, а предметот за агенцијата за обезбедување СГС е во предистрага.

Во процесот на помирувањето наголемо се споменуваа и измените во Кривичниот законик, односно член 353, став 5, кој ја регулира злоупотребата на службената положба преку јавните набавки. Доколку дојде до промена на овој член, како што беше најавувано, помали казни или ослободување од одговорност ќе добијат голем број обвинети во случаите на СЈО, меѓу кои и Мијалков.

Уставниот суд сè уште не расправал по иницијативата на адвокатот Еленко Миланов, кој бара судиите да се произнесат за овој член од Кривичниот законик.

Сите овие политички инволвирања, кои допираат и до СЈО, според нашите извори, довеле до голем раздор во работата на институцијата, која има годишен буџет од 3,7 милиони евра. Некои од обвинителите се разочарани од фактот што нивните предмети и нивната работа зависат исклучително од тековната политичка ситуација, па токму затоа во последниот период и не се работи на нови предистраги бидејќи се чека исходот од тоа што ќе се случува со институцијата и дали евентуално одредени функционери од претходната, но и од актуелната власт, ќе избегнат одговорност.

Прикажи повеќе...

Најново

Македонија2 часа

Силјановска: Како никој не се сети да им каже во ЕУ дека самите во член 4 гарантираат немешање во внатрешните работи и почитување на уставните структури

Како може некому да ветите дека ќе го смените Уставот, кога Уставот може да го сменат само пратениците во Уставот....

Македонија3 часа

СДСМ за Димитриевски: Ароганција е кога човек-партија одработува против своите довчерашни сопартијци

Ароганција е кога човек-партија одработува против своите довчерашни сопартијци и во тоа нема ништо социјалдемократски ниту вредносно туку единствено и...

Македонија3 часа

Пендаровски: Не велам дека Европската преговарачка рамка е во ред, ама е договорена од 27 држави – ние или ја прифаќаме, или ја одбиваме

Во вечерашниот телевизиски дуел помеѓу двата претседателски кандидати, Пендаровски се осврна на неговиот концепт за напредок на државата, за кој,...

Свет6 часа

Борел: Западен Балкан има историска можност да ја поврзе својата иднина со ЕУ

Високиот претставник за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Жосеп Борел,  по повод 20-годишнината од најголемото проширување на ЕУ, изјави...

Македонија8 часа

Димитриевски: Ароганцијата на оние кои дозволија отварање на бугарски клубови во Македонија е ненадминлива

Движењето ЗНАМ – За наша Македонија денеска по повод празникот на трудот Први Мај организираше пикник во Пелинце. Претседателот на...

Македонија10 часа

Демократски сојуз: Народот не може да создаде толку колку што власта може да украде

Демократскиот сојуз на сите работници им го честита Меѓународниот Ден на правата, 1-ви Мај. „Во услови на влошена економско-социјална положба...

Македонија11 часа

„Колку повеќе не напаѓаат посилни не прават“ – Работниците дадоа црвен картон на судот поради обидите за притисоците врз синдикатите

Претседателот на ССМ Слободан Трендафилов на денешниот протест порача дека работниците даваат црвен картон на Врховниот судот за неговата одлука...

Македонија11 часа

Европски фронт: Ветингот, услов за нова Влада

Арта Билали Зендели, претставник на Европскиот фронт  на прес- конференција истакна дека ветингот ќе биде услов за новата Влада. Според...

Македонија11 часа

СДСМ не ја прифаќа понудата на Максим Димитриевски

Граѓаните и гласачите на СДСМ веќе ја препознаваат измамата која им е сервирана од страна на ЗНАМ и непринципиелните коалиции....

Македонија13 часа

Силјановска Давкова: Посебно ми беше убаво кога видов дека сме победиле и во Муртино

Гордана Силјановска-Давкова порача од Струмица дека ќе се вивне политичкиот вулкан како отпор на феудалните енклави на замислените европјани. „Во...

Македонија13 часа

Милионерот Каевски ја злоупотребил позицијата како директор на АМС, со распределбата на ваучерите направен милионски криминал, велат од ВМРО-ДПМНЕ

Милионерот Дарко Каевски ја злоупотребил позицијата како директор на Агенциојата за млади и спорт, АМС, со распределбата на ваучерите направен...

Македонија14 часа

Од денеска жичницата на Водно ќе работи два часа повеќе од досега

Од ЈСП Скопје информираат дека дека поради празникот 1 Мај – Меѓународниот ден на трудот, јавниот превоз ќе сообраќа по...

Македонија14 часа

Колони возила на Богородица, се чека и по еден час

Според информациите на граничниот премин Богородица за излез од Македонија се чека и по еден час за возила кои се...

Свет14 часа

Небензја: Русија е категорично против резолуцијата за Сребреница

Рускиот амбасадор во Обединетите нации Василиј Небензја изјави дека Русија е категорично против резолуцијата за Сребреница во Генералното собрание на...

Свет14 часа

Шојгу нареди да се обезбеди повеќе оружје за војната во Украина

Министерот за одбрана на Русија, Сергеј Шојгу нареди што поскоро да се обезбеди поголемо количество оружје за воената операција во...

Свет15 часа

(Видео) Се урна дел од автопат во Кина: возила паднаа во провалија, десетици мртви

Се урна автопат во провинцијата Гуангдонг во јужна Кина. Дел од автопатот се урна рано наутро во јужна Кина, при...

Македонија15 часа

Меѓународниот ден на трудот ќе се одбележи со првомајски протест и низа барања до новата влада

Пораст на платите во приватниот и во јавниот сектор, минимална плата во износ од најмалку 450 евра во првите 100...

Македонија1 ден

Каевски: Обвинувањата на ОЈО се неосновани и тенденциозни, тврдам дека го немам прекршено законот

Поранешниот директор на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски ги отфрли сите обвинувања на ОЈО против него, кои, како...

Македонија1 ден

Ковачевски: Условувања не прифаќаме, СДСМ е државничка партија

СДСМ не прифаќа никакви условувања и со никого нема да прави политички дилови, особено не со некого кој веќе се...

Македонија1 ден

Мицкоски до Османи: Слоганот не е шовинистички туку означува дека ќе ја вратиме Македонија на народот, кој вие од власта го крадете

Додека од власта зборуваат за интеграции, ја купуваат „Соравија“ додека тие се колнат лажно во европските вредности, им течат тендери...