Контакт

Анализи

Поделбата на примарен и секундарен родител по развод е дискриминирачка

Објавено пред

Шеснаесетгодишно девојче од Скопје, чии родители се веќе пет години разведени и немаат никаков меѓусебен контакт, ја има таа среќа нејзините родители подеднакво да бидат присутни во нејзиниот живот и да не бидат поделени на примарен и секундарен родител.

dobivaj vesti na viber

 

 

Оваа привилегија ѝ била овозможена благодарение на високата свест на нејзината мајка, која иако го добила старателството над детето и има нарушени односи со поранешниот сопруг, во ниту еден момент не помислила да ѝ ги ускрати секојдневните контакти со татко ѝ.

 

Мајката во разговор за Макфакс вели дека одлуката нејзината ќерка да има видување со нејзиниот татко буквално секој ден, ја донела без размислување, самостојно, без ничие влијание или сугестија.

 

„Мојата ќерка е поврзана со татко ѝ, знам колку тој ѝ значи и знам колку секое дете има потреба од татко. Впрочем и јас бев и сé уште сум многу поврзана со мојот татко и знам колку тоа значи“, вели нашата соговорничка, која сакаше да остане анонимна.

 

Ниту во еден миг не помислила, преку ограничување на видувањата со детето, да „ги расчистува сметките“ со поранешниот сопруг, иако тој на почетокот не плаќал редовно алиментација, а еднаш за одредено недоразбирање дури ја пријавил и во полиција, поради што таа минала неколку часа во станица.

 

За неа е несфатливо однесувањето на оние мајки кои децата ги користат како инструмент за „пазарање“ со поранешните сопрузи и не дозволуваат децата да имаат почести контакти со таткото. Им порачува да си ги голтнат суетите, да разговараат со своите деца, без разлика на возраста на детето, да го слушнат нивниот глас и да го стават интересот на детето на прво место.

 

„Не можам да сфатам во XXI век да постои дискриминација кон мажите како татковци и да им се дозволува да имаат само минимално видување со децата по развод. Тоа треба да се укине. Ако се боревме за рамноправност како жени, и успеавме да станеме директорки, министерки, докторки, професорки, треба да се заложиме да се укине оваа дискриминација кон мажите“, вели ова мајка, која без размислување застана зад Иницијативата за измена на законот за семејство, со кој би се вовело поделено старателство и заедничка одговорност по разводот.

 

Нејзината професија е поврзана со работа со деца, а од искуствата што ги има како педагог, вели дека оние деца кои имаат ограничени видувања со еден родител по разводот се поповлечени од останатите деца.

 

На нашата забелешка каде ќерката се чувствува дома, дали кај мајка си или кај татко си, со оглед дека подеднакво време минува на двете места, таа вели дека тоа што нејзината ќерка има два дома може да биде само предност, а не недостаток.

 

На нејзиното лице може да се препознае среќа, поради фактот што нејзината ќерка се развива во вистинска личност, полна со самодоверба, без никакви предрасуди, па дури секогаш им помага и им дава совети на оние деца кои потешко го поднесуваат разводот на родителите.

 

 

 

Дискриминиран татко, депримирано дете

 

Ова е само еден од поретките примери, наспроти повеќето во коишто едниот родител, во најголем случај таткото, има крајно ограничено видување со своето дете по разводот.

 

Голем е бројот на примери во коишто децата се лишени од љубовта на другиот родител, што се должи на постоечките закони, со кои неретко на таткото му се даваат само 14 часа месечно видување со своето дете.

 

Овие родители велат дека минуваат низ вистинска голгота, а тешко им паѓа кога на децата не знаат како да им објаснат зошто не можат повеќе да ги гледаат или зошто, на пример, не можат да ги однесат или да ги земат од училиште.

 

Најголем апсурд е, велат тие, тоа што вашето дете може да го гледа секој – за време на спортски натпревар, приредба, претстава, на улица – но ако појдете вие да го гледате, ризикувате да се соочите со кривична пријава.

 

Славе Павловски, електроинженер од Скопје, кој има и диплома за аниматор, педагог и забавувач и често работи со деца, својата ќерка има можност да ја види само неколку часа месечно, и тоа најчесто на улица.

 

По разводот, неговата сопруга со ќерката се преселила во едно помало место, стотина километри оддалечено од Скопје. Центарот за социјални работи донел решение со кое Славе може да остварува контакт со својата ќерка секоја втора недела во месецот од 12 до 17 часот и секоја втора среда од 17 до 19 часот.

 

За да ја види својата ќерка, Славе мора да патува најмалку 200 километри, а контактот со детето му е најчесто на улица. Кога е девојчето втора смена на училиште, терминот во среда му пропаѓа, а неретко се случува, поради дејноста со којашто се занимава, да биде службено зафатен и во неделата, кога треба да има видување со својата ќерка.

 

Тој нема можност ќеркичката да ја однесе во својот дом, а неговата мајка од здравствени причини повеќе не може да патува за да оствари контакт со својата внука.

 

Славе над 13 години работи со деца и има меѓународна диплома за забавување деца. Често е ангажиран од скопските игротеки да ги анимира децата и да приредува разни перформанси, а летно време организира едукативен камп во Претор, каде што има деца од најразлична возраст, кои се тука без своите родители и за нив се грижи Славе. Покрај ова, Славе секој ден по два три часа се грижи за едно дете со посебни потреби, на барање на неговите родители.

 

Тој со задоволство го покажува компјутерот полн со фотографии, на кои се гледаат насмеани и пресреќни деца, како уживаат во игрите со Славе, кој со тажни очи ќе ве праша „Како е можно сиве овие деца да ги правам среќни, а моето дете не можам?“.

 

Вели дека по разводот на почетокот минувал низ вистински пекол, бидејќи поранешната сопруга не му давала воопшто да го реализира предвиденото видување со нивната ќерка, а од локалната полициска станица не сакале да го евидентираат случајот.

 

Против Славе дури била поднесена и кривична пријава за „нарушување на образовниот процес“ на неговата ќерка, бидејќи за нејзиниот роденден дошол во училиштето со торта, за што вели дека добил и претходна согласност преку смс порака од поранешната сопруга, но и покрај тој бил пријавен.

 

Славе се сомнева дека неговата ќерка попуштила со успехот во училиштето по разводот, а според негова проценка, таа е депресивна поради разделеноста со својот татко и плаче кога треба да заврши нивната средба.

 

Тој гледа голема надеж во Иницијативата за промена на законот, со кој би му се овозможило многу повеќе да се гледа со своето дете.

 

„Со новиот закон очекувам многу повеќе да се гледам со своето дете. Тоа е голема надеж за мене. Промената на Законот е добра и за сите идни генерации. Не посакувам никому да се разведе, но кога ќе се разведуваат луѓето, нема повеќе да се прават вакви родови дискриминации, затоа што колку мајката е вредна за едно дете, толку е и таткото вреден за тоа дете“, вели Славе Павловски во разговор за Макфакс.

 

 

 

Приватните психолозите ја поддржуваат иницијативата

 

Психолозите имаат поделени мислења околу оваа тема. Иницијативата ја поддржуваат помладите психолози и оние кои работат приватно, додека оние со подолг стаж и вработените во државните институции сметаат дека предложените законски измени не се соодветни.

 

Надица Скепароска-Петковска од Советувалиштето Мозаик ја поддржува иницијативата  за воведување на заедничко старателство, истакнувајќи дека е неопходно детето да се гледа со двата родитела по разводот, но смета дека треба да се воведе во практиката на начин кој е најсоодветен и за децата и за родителите.

 

„Во зависност од возраста на детето треба да се направат услови како тоа најповолно ќе се изведе. За детето не е поволно еден ден да биде кај едниот родител еден ден кај другиот. Она што е најповолно за децата е и по разводот тие да имаат стабилна и константна средина, константно живеалиште, со можност да ги гледаат родителите што е можно почесто“, изјави Скепароска-Петковска за Макфакс.

 

Според неа, заедничкото старателство е модел кој во одредени случаи е тежок за родителите, со оглед на тоа што тие треба да се однесуваат како да се сé уште во брак, а во случаи каде претходно постоеле несогласувања меѓу сопружниците, кавги па дури и насилство, овој модел потешко функционира по развод.

 

„Тука предлагам дополнително советување или медијација од стручни лица со двајцата родители околу тоа како најдобро да го менаџираат заедничкото старателство, а притоа да нема дополнителни конфликти. На детето најмалку му е потребно да гледа двајца родители кои никако не можат да се договорат колку часа, каде и како ќе се гледа детето со родителот со кој не живее постојано“, укажува Скепароска-Петковска.

 

Нашата соговорничка, која е магистер по клиничка психологија, вели дека разводот за секое дете претставува стрес.

 

„Секое дете го доживува разводот стресно, но сепак во зависност од својата конституција и возраст, детето одговара на одреден начин. Некои деца тагуваат и го очекуваат денот кога родителите ќе се вратат повторно заедно, некои деца продолжуваат натаму потиснувајќи ја тагата, некои деца се лутат на родителите зошто се разделиле и зошто не е сѐ како порано“, рече Скепароска-Петковска.

 

Во нејзината пракса со деца на разведени родители среќавала најразлични примери, при што истакнува дека оние деца кои имаат ограничено видување со едниот родител се понесигурни и пооптоварени од децата кои имаат непречено видување со двата родитела.

 

„Најдобрите примери се оние каде разводот настанал спогодбено, детето најчесто живее со мајката и може да го види таткото кога ќе посака и кога ќе може. Во тој случај детето е запознаено дека родителите не се согласувале, дека живеат одвоено и дека се секогаш тука за него. Има и случаи каде родителите после разводот се среќаваат заедно со детето, поминуваат одредено време заедно и разговараат што е најповолно за детето. Дури и случаи каде детето оди на годишен одмор со едниот, па со другиот родител. Во тие случаи детето се чувствува сигурно, сакано и заштитено и има изградено заемна доверба со двата родитела“, вели Скепароска-Петковска.

 

Според неа, овие примери се показател дека на еден начин веќе постои модел на заедничко старателство кое не е законски регулирано.

 

„Од друга страна, пак, децата каде има ограничено видување, живеат во несигурност кога повторно ќе го видат другиот родител, па имаат прашања од типот: како ќе биде кога ќе го видат и колку време ќе имаат да поминат заедно? Тоа дополнително го оптоварува детето и задава дополнителни грижи“, истакнува Скепароска-Петковска.

 

Нашата соговорничка нагласува дека не би требало да има поделба на главен и спореден родител по разводот.

 

„Самите називи главен и спореден родител поттикнуваат на започнување на игри на моќ помеѓу родителите. Главниот родител доминира и казнува преку детето а споредниот родител се чувствува како жртва. Во тој триаголник се одвиваат многу психолошки игри кои не се поволни ниту за возрасните а најмалку за децата. После разводот партнерите не се веќе сопружници, но засекогаш остануваат родители и тука нема главен и спореден родител“, рече Скепароска-Петковска.

 

 

 

Психолозите во државните институции резервирани

 

Од Министерството за труд и социјална политика не успеавме да добиеме став.  Иако ни беше ветено дека писмено ќе ни го достават нивното мислење во врска со Иницијативата за измена на законот за семејство, сé уште не добивме известување.

 

Сепак, успеавме да добиеме мислење на психолози кои работат во надлежни државни институции. Тие укажуваат дека многу внимателно треба да се разледа оваа иницијатива, да не се избрзува и, пред сé, интересите на детето да бидат на прво место.

 

Весна Самоиловска, психолог при Центарот за социјални дејности, вели дека најважно од сѐ е родителите по разводот, да ги остават суетите на страна, и да се договараат меѓусебно за доброто на детето.

 

На нашата забелешка дека постојат родители кај кои е невозможно постигнување на договор, таа вели дека во тој случај се поставува прашањето дали тие родители се воопшто подобни за родителство.

 

„Најдобро за детето е родителите да се договараат меѓусебно, а доколку тоа самите не можат да го направат, треба да побараат помош од советувалиштата кои постојат при Центрите за социјална работа, тука е Центарот за ментално здравје, а во последно време се отворија и многу приватни институции“, вели Самоиловска.

 

Таа посочи еден пример на успешно медијаторство неодамна во Кочани, кој резултирал со договор на родителите, по што двајцата доброволно побарале де се укине решението со кое на едниот родител му било ограничено видувањето со нивното дете.

 

Искуствата покажуваат дека стриктна примена на термините за видување кои се одредуваат со акт не се добри за децата, бидејќи детето не може секогаш да биде подготвено точно во минута за да му се предаде на другиот родители.

 

Од тие причини Самоиловска апелирара до родителите да бидат малку пофлексибилни и да не се пријавуваат меѓусебно во полиција, бидејќи тоа е на штета на детето.

 

Самоиловска учествуваше на јавната дебата организирана од групата родители кои се залагаат за промена на законот, при што се стекнала со првичен впечаток дека се работи за еден вид борба на лична борба на татковците, а интересот на децата е ставен во втор план.

 

„Треба многу внимателно да се пристапи кон оваа тема и интересот на детето да се стави на прво место. Деновиве имавме еден случај во кој татко по упорно убедување на поранешната сопруга и на институции издејствува зголемување на видувањето со децата, но само по една недела дојде и рече ‘јас не можам, ова е тешко за мене’“, истакнува Самоиловска.

 

И нејзина колешка од државна институција со 35 години искуство има сличен став и смета дека треба да се разговара на оваа тема и да се направи истражување, но нејзино лично мислење е дека не треба да има законска измена со којашто ќе се воведе задолжително поделено старателство.

 

„Сметам дека е тоа неизводливо. Не е добро детето постојано да го менува домот, а да не зборуваме дека тоа е невозможно за оние деца чии родители живеат во различни градови“, вели нашата соговорничка, која нагласи дека искажува лично мислење, а не став на институцијата во која работи.

 

Таа смета дека наместо да се менува закон, потребно е да се менува менталитетот на луѓето, бидејќи и постојниот закон не ги ограничува родителите, кај кои не е доделено детето, да имаат повеќе видување со децата.

 

„Во случаи кога тимот од Центарот за социјални работи ќе процени дека во интерес на детето е да има повеќе видување со децата, ќе донесе таква одлука и тука не постои никакво законско ограничување“, вели нашата соговорничка, којашто сепак, признава дека постојат примери во кои на едниот родител неправедно му е ограничено времето на видување со своето дете.

 

 

 

Можен ли е договор при нерамноправна положба

 

Токму за ова забелешки имаат и родителите кои ја понесоа Иницијативата за промена на законот за семејство.

 

Наум Рибароски истакнува дека кога тој се разведувал во решението изготвено од Центарот за социјални работи, со кое со децата може да помине два викенди месечно, било наведено дека двајцата родители се добри, но оти децата биле малку повеќе поврзани со мајката.

 

„Ако е така, зошто тогаш многу повеќе време ги доделија децата кај мајката, а не само малку повеќе, како што стои во образложението. Покрај ова, кога тимот го правеше увидот во мојот дом не беа присутни децата и не може да знаат како јас го минувам времето со нив и колку децата се блиски со мене“, вели Рибароски, додавајќи дека се стекнува впечаток оти увидите се прават само про-форма.

 

За него се спорни и сугестиите на надлежните дека двајцата родители треба се договараат, бидејќи, вели дека е тешко со некого да се договарате, кога тој однапред е во повластена положба и знае дека, доколку нема договор, одлуката на институциите ќе биде во негова полза.

 

„Кога ќе стават двајцата во рамноправна положба, полесно ќе се дојде до договор, бидејќи едниот родител нема да настапува од позиција на надмоќ и нема децата да ги користи како инструмент за пресметка“, смета Рибароски.

 

Мотивот за оваа иницијатива е да се смени сегашната несфатлива практика децата при развод да се доделуваат на едниот родител, а другиот да добива крајно ограничено видување, во кое најчесто е 5-6 пати месечно, има ситуации во кои родителите само по 14 часови го гледаат децата, а има и примери во кои родител со години не може да си го видат детето. Сегашната ситуација предизвикува трагедии, отуѓување на детето од едниот родител, иако тој родител сака да го гледа детето.

 

Рибароски не очекува веднаш да се смени законот, особено доколку се има предвид актуелната политичка ситуација и период во кој претстојат избори, но истакнува дека е значајно овој проблем да се актуелизира што повеќе во јавноста.

 

Постоечкиот закон е многу општ и секој може да прави како сака, се носат субјективни решенија и нема објективна рамка, вели Рибароски.

 

Тој вели дека темата побудила интерес во јавноста и кај надлежните органи,при што постои согласност дека има потреба да се менуваат работите, но кај надлежните нема согласност за закон за поделено старателство.

 

Рибароски смета дека е контрадикторно тоа што од една страна се истакнува дека  закон за поделено старателство би бил штетен за  детето, но од друга страна доколку двајца родители договорат заедничко старателство Центарот за социјални работи веднаш го прифаќа таквиот договор.

 

„Сегашното законско решение креира проблеми и дискриминира еден родител, иако и тој е тука за детето“, вели Рибароски и додава дека ниту една институција не го следи развојот на детето после разводот.

 

„Не се само родителите на децата дискриминирани, тука се бабата, дедото, тетка, чичко, вујко. Секоја година бројот на разводи се зголемува драстично. Статистичките податоци покажуваат дека има над 2.000 разводи годишно. Според груба проценка има барем 1.000 деца секоја година на кои им е ограничено видувањето со другиот родител. Кога на тоа ќе се додадат другите роднини, баби тетки, значи бројот на незадоволни луѓе се зголемува на 5.000 до 6.000 и оваа појава е како плима“, вели Рибароски.

 

Тој нагласува дека мора да се прилагодат законите на новата ситуација и дека постоечкиот закон е донесен во време кога имало многу помалку разводи.

 

 

 

Држави со ваков закон имаат позитивни искуства

 

Искуствата во државите кои законски вовеле рамноправно родителство по развод се многу позитивни. Прва ваков закон донела Шведска во 1976 година, со цел благосостојба на децата, неселективна родова еднаквост на сите полиња и активна политика за родова еднаквост.

 

Спроведено  било истражување во Шведска на над 172.000 деца дека, при што учествувале деца чии родители не се разведени, деца во кои подеднакво се присутни родителите по разводот, деца со повеќе минато време со еден родители и деца кои растат само со еден родител. Притоа е забележано дека процентот на деца со психосоматски проблеми е најмал кај оние чии родители не се разведени, а само малку е поголем кај оние деца кои минуваат еднакво време со двата родители, додека кај останатите две групи овој процент е повисок.

 

Истражувањето во Шведска покажало дека децата кои поминуваат еднакво време со двајцата родители покажуваат помал ризик кон емоционални проблеми и немаат проблем со прилагодување во средината.

 

Одделувањето од едниот родител после разводот кај детето предизвикува сериозен губиток на социјален, економски и човечки капитал и потенцијал и има девастирачки ефект по неговиот психосоцијален и емоционален живот.

 

И други истражувања во светот покажале дека има придобивките од рамноправно родителство кај децата, при што се потенцира дека ова е најдобрата можна опција после развод и најблиска до еднојадрено семејство, со неа полесно се пребродува  стресот од разводот, значајно е присуство на двајцата родители и по развод, има највисоко измерено задоволство, драстично е намален ризик од асоцијално однесување, а поголем е успех во училиштето и во спортот.

 

Придобивките за родителите се: Минимизирање на стресот од разводот, Елиминирање на борбата за тоа кој ќе го добие родителското право над детето, Поголема професионална стабилност и напредување, Избегнување на економски ризична и социјално ранлива група, Повеќе можност за социјализација во слободните периоди и Поголем мотив за евентуално влегување во нов брак.

 

Европските тенденциите се Пресумпција на еднакво родителство во разводните постапки, Еднаква појдовна основа за родителите кога не можат да се договорат, Воведување законски гарантирано минимално време од 30-35 отсто, Акумулирање и флексибилно надоместување на пропуштеното време со децата./крај/мф/ап

 

Анализи

Силјановска vs Пендаровски: Кој добива, а кој губи во битката на социјалните мрежи и медиумите?

Објавено пред

Претседателските кандидати Стево Пендаровски и Гордана Силјановска-Давкова најмногу се спомнуваат во медиумите, а најмалку се популарни меѓу твитерџиите. Во негативен контекст почесто е споменувана Силјановска на социјалните мрежи „Феjсбук“ и „Твитер“, но и во медиумите.

dobivaj vesti na viber

Ова го покажа првата сентимент-анализа на истражувачкиот центар на „Макфакс“, која се изработуваше во периодот од 1 до 9 април годинава. Процесот на изработка на анализата е базиран на компјутерски алгоритми и има задача да одреди во каков контекст (многу негативен, негативен, неутрален, позитивен или многу позитивен) е напишан одреден текст или дел од текстот.

Преку системот беа анализирани 220 медиуми, како и објавите и коментарите на над еден милион корисници на „Фејсбук“ и твитовите од 300 илјади профили. Тестирањата на платформата покажaа дека користените технологии даваат резултат со точност поголема од 80 проценти.

Според анализата, имињата на Силјановска-Давкова и на Пендаровски почесто се споменуваат во медиумите отколку на социјалните мрежи „Твитер“ и „Фејсбук“. Во првите девет дена од месецот тие биле споменати вкупно 3.515 пати. На „Фејсбук“ биле споменати речиси двојно помалку, а најмалку биле споменувани на „Твитер“.

Силјановска, според оваа анализа, најмногу била спомената на веб-порталите „Република“, „Курир“, „Инфомакс“ и на „Прес 24“, а Пендаровски на „Прес 24“, „Макпрес“, „24 инфо“ и на „Вечер“. Од инфографикот може да се види комплетната слика за тоа во кој медиум биле најмногу застапени двајцата претседателски кандидати.

Во однос на контекстот на споменување во медиумите може да се заклучи дека постои тесна разлика меѓу Силјановска и Пендаровски, иако кандидатката зад која стои опозициската ВМРО-ДПМНЕ предничи со негативните коментари.

Па, така, во многу негативен контекст Силјановска била спомената 201 пат, а Пендаровски 136 пати. Ако таа била спомната 914 пати во негативен контекст, Пендаровски во истиот контекст бил спомнат 778 пати. Тој предничи и во однос на неутралните спомнувања во медиумите, а Силјановска предничи во однос на позитивните споменувања. Тесна е разликата меѓу многу позитивните конотации, во кои биле ставени двајцата претседателски кандидати на кои се однесува анализата, во која за 8 споменувања предност има Пендаровски.

Според податоците од аналитичкиот центар на „Макфакс“, претседателскиот кандидат Пендаровски е попопуларен од Силјановска во однос на бројот на споменувања. Во многу позитивен или позитивен контекст меѓу твитерџиите тој е споменат 231 пат, а Силјановска 201. Во однос на тоа дали кандидатите се споменати во негативен или многу негативен контекст за нијанса води Силјановска, која е спомената 401 пат, а Пендаровски 389.

Слична ситуација може да се види и на „Фејсбук“, каде што Пендаровски има предност во однос на бројот на споменувања. Ако Силјановска била спомената 481 пат во многу негативен или во негативен контекст, Пендаровски е споменат 429 пати. Кај претседателскиот кандидат зад кој стои СДСМ поголем е бројот на позитивни или многу позитивни споменувања на социјалната мрежа „Фејсбук“.

Според сето ова, Силјановска има поголема вредност на вкупниот сентимент во негативен контекст на социјалните мрежи и во медиумите од Пендаровски. Важно е да се потенцира дека не станува збор за анкета што ги мери гласовите за кандидатите, туку за начинот на кој тие се прикажани и коментирани во интернет-просторот. Истражувачкиот центар на „Макфакс“ на почетокот на кампањата за претседателските кандидати спроведе анкета.

Целосната методологија за начинот на изработката на сентимент-анализите на истражувачкиот центар на „Макфакс“ е достапна на следниот линк.

Прикажи повеќе...

Анализи

СЈО со детали: Како Камчев и Мијалков ги переле парите градејќи империја

Објавено пред

Злосторничко здружение, кое функционирало повеќе од 8 години, од 2009 година, кога биле отворани и затворани фирми, перени милиони и милиони евра, биле менувани сопственици, бил купуван огромен имот, отворани фирми на офшор-дестинации за еднократна употреба, префрлувани пари преку кипарски банки, а потоа овие испрани пари влегуваат како основачки влогови за да формираат македонски фирми.

dobivaj vesti na viber

Вака накусо може да се опише случајот „Империја“ на специјалното јавно обвинителство (СЈО), каде што, меѓу другите, осомничени се едни од највлијателните луѓе во земјата, бизнисменот Орце Камчев и поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков.

Три месеци по почнувањето на истрагата, обвинителството излезе со детали за еден од најобемните предмети за кој засега е утврдено дека се испрани речиси 11 милиони евра.

Истрагата е проширена за „Графички центар“ и за „Медија принт Македонија“ (МПМ), извршени се претреси во фирмите, осомничените се испрашани и собрани се докази.

Соработката меѓу Македонија и Кипар е воспоставена, па сега, конечно, на виделина излегуваат и имињата на оние што се криеле зад офшор-фирмите преку кои се переле пари.

Од крајот на јуни до крајот на октомври 2018 година некои од осомничените од „Империја“ биле под посебни истражни мерки.

„Мијалков не беше под посебни истражни мерки, Камчев многу внимателно зборуваше по телефон, но не и другите осомничени“, велат од СЈО.

Без разлика како ќе се одвива понатаму истрагата за „Империја“, со оглед на тоа што статусот и истрагите на СЈО сè уште се неизвесни, оттаму велат дека собрани се речиси 90 отсто од доказите за случајот да може да продолжи понатаму.

Злосторничкото здружение се распаѓа кон крајот на 2017 и почетокот на 2018 година кога осомничените почнуваат да земаат кредити за да се раздолжат, но тоа не значи дека тука завршуваат и нивните поединечни активности.

Под лупа на СЈО е и фирмата поврзана со семејството Мијалкови, „Бест веј инвестмент“, формирана веднаш по обеледонувањето на таканаречените бомби во 2015 година, чиј сопственик е синот на Сашо Мијалков, Јордан. СЈО истражува како се ширел бизнисот и како оваа фирма успева да заработи огромни суми и да стекне голем имот само за три години работа. „Бест веј инвестмент“, ако во 2016 година имала приходи од 816 илјади евра, во 2017 година веќе приходите ѝ растат на 9,6 милиони евра, што само покажува дека независно кој е на власт, бизнисите на Мијалков работат со полна пареа.

Краен сопственик на мистериозната „Ексико“ бил Камчев

Натписот на поштенското сандаче на улицата Иван Милутиновиќ во Скопје сведочи за постоењето на „Ексико“, чие сопствеништво е скриено

Центарот на истрагата за „Империја“ се познатата офшор-фирма „Ексико“ и бизнисменот Орце Камчев.

Истрагата утврдила дека зад првата фирма-мајка на „Ексико“, „Делта инвестмент“ од Белизе, всушност се крие таткото на Орце Камчев, Илија. Од оваа фирма, која поседуваше акции во големи акционерски друштва, а се јавуваше и како еден од сопствениците на атрактивните плацови на Водно, досега сите креваа раце и демантираа дека стојат зад неа.

Истрагата на СЈО утврдила дека по Илија Камчев, набргу како краен сопственик фигурирал и поранешниот директор на македонски „Телеком“, Жарко Луковски, а кога сопствеништвото на фирмата се сели во Америка, односно сопственик станува извесна „Калвус ЛЛЦ“ (Calvus LLC) од САД, крајниот сопственик е всушност Орце Камчев.

Од оваа американска фирма кон „Ексико“ се влеваат 1,6 милион евра како прилив, а дел од овие пари завршува на личната сметка на Камчев, додека со дел се купувани имот и земјиште во Гевгелија, на кое понатаму е предвидено да се градат казина.

Подоцна, а и до ден-денеска, сопственик на „Ексико“ е фирмата со швајцарски капитал „Т&МЈ инвестмент“ од Лугано, Швајцарија, фирма зад која оперативните сознанија покажале дека краен сопственик е член на семејството Мијалкови. Од швајцарската фирма кон македонската „Ексико“ немало никаков прилив или одлив на пари.

„Ексико“ не е единствената фирма преку која функционирало ова злосторничко здружение. Колку за пример, во истатата 2009 година офшор-компанијата „Хоспитал менаџмент груп ЛЛЦ’ од Кипар ја основа клиничката болница „Систина“. Понатаму, оваа компанија го продава имотот на друга офшор-компанија од Панама. „Орка холдинг“ го купува уделот од панамската, па повторно ѝ го продава на „Систина“, со што фактички Камчев внесува удел од „Хоспитал менаџмент“ од Кипар во Македонија.

Сомнежи за перење пари преку кипарски банки

Преку кипарски банки парите влегуваат во земјата

Значаен дел од истрагата на СЈО за „Империја“ има и фирмата „Финзи“ – истата фирма за која во таканаречените бомби можеше да се слушне дека одела набавката за опрема за следење интернет-комуникации за МВР. Министерството, додека на чело на УБК беше Мијалков, наместо директно да ја набави изреалската опрема за прислушување, тоа го правела преку „Финзи“. Во текот на истрагата за случајот самоубиство изврши директорот на „Финзи“, Коста Крпач, во април 2016 година.

Сега истрагата за „Империја“ повторно допира до „Финзи“, фирма основана од „Финзи ЛЛЦ“ во САД. Краен сопственик на оваа компанија, според СЈО, повторно е Орце Камчев.

Во неколку наврати од „Финзи ЛЛЦ“ преку кипарска банка кон македонската „Финзи“ биле исплатувани 650.000 евра. Во тоа време, односно во 2009 година, директор на „Финзи“ во Македонија е Владислав Стајковиќ, брат на Небојша Стајковиќ, поранешен помошник-министер за информатичка технологија во МВР.

Овие пари понатаму влегуваат како основачки влог во „Систина кардиологија“, фирма што подоцна е преименувана во „Си-Фи-Кар“ („Систина“, „Финзи“, “Кара“). Во 2012 година, според СЈО, кога парите веќе се испрани, американската мајка-фирма се затвора и се отвора нова фирма, во која Крпач влегува како директор, а на истата сметка легнуваат парите од израелската донација за опрема за прислушување.

„Не купуваат компании за да работат со нив, туку за да извлечат што можат“

Орце Камчев и Сашо Мијалков, клучните играчи во „Империја“

Многу компании, офшор, стотици папки со документи и изјави од сведоци содржи еден од најобемните предмети на СЈО – „Империја“. Од она што беше претставено пред новинарските екипи, неизбежен е заклучокот дека од досегашната истрага и собраните докази станува збор за класични примери за сомнежи за перење пари пред кои надлежните институции со години молчеле или се откажувале од гонење поради немање докази.

Дел од истрагата е отстапен и на купувањето на „Бетон Штип“ од страна на ТИМ ДОО, „Орка холдинг“, „Езимит“ ДООЕЛ и „Ексико“.

„Кога тие купуваат компанија, не ја купуваат за да ја работат, туку да извлечат што може од имотот на компанијата“, велат од СЈО.

Па, така, и овој пат сознанијата говорат дека од „Бетон Штип“ се извлечени 4 милиони евра, односно газдите ги тераат акционерите со парите да купуваат имот, а понатаму како што се извлекуваат парите, така се инвестираат во други зделки за што патем говорат и последните информации дека речиси 250 работници веќе ги напуштаат работните места од „Бетон Штип“ и истовремено преку суд си ги бараат неисплатените плати за последните четири месеци.

Дел од истрагата го опфаќа и „Фершпед“, односно од моментот кога Кираца Трајковска, која беше еден од мнозинските акционери во “Фершпед“, поради долг во Еуростандард банка, преку посредник побарала кредит од Стопанска банка АД Битола. Камчев, кој е дел од Управниот одбор на банката, наместо кредит, според СЈО, на Трајковска ѝ понудил преку физички лица да ѝ бидат префрлени парите по што биле ослободени нејзините акции од „Фершпед“.

За да им ги продаде акциите на странски инвеститори, таа го ангажирала брокерот Јованче Тасковски. Но, за нејзината намера дознал Штерјо Наков, кој побарал помош од Мијалков, со цел тој да ги купи акциите. Мијалков се договора со Камчев да ја изиграат, па без нејзино знаење, според СЈО, Ненад Јосифовиќ ги продава акциите на физички и правни лица поврзани со Наков за 4 милиони евра повисока цена од реалната. Парите од зделката завршуваат во фирма чии сопственици се „Ексико“, „Орка холдинг“ и „Тимох“.

Во делот од истрагата за „Империја“ влегуваат и стари случаи, кои претходно во обвинителствата завршувале со откажување од гонење поради немање доволно докази. Таков пример е истрагата за „пропаѓањето“ на „Орка спорт“, „Орка текстил“ и други фирми во сопственост на сега покојниот Илија Камчев. Данокот се избегнувал да се плаќа преку лажни стечаи, обезвреднување на имотот и формирање офшор-компании, а потоа парите „чисти“ биле внесувани во земјата, односно целиот имот бил пренесуван на новоформирани компании.

На овој начин, впрочем, и се градела целата империја – преку лојални соработници, изигрување на законитe и формирање компании за еднократна употреба.

Како ќе заврши истрагата и дали случајот ќе добие епилог останува неизвесно. Засега Орце Камчев и Сашо Мијалков се во домашен притвор, а конечниот збор ќе го каже Врховниот суд.

Освен Камчев и Мијалков, осомничени во случајот „Империја“ се и Ратка Куноска-Камчева, мајка на Камчев и неизвршен член на Одборот на директори на „Орка ходинг“, Кристина Камчева-Стојческа, сестра на Камчев и неизвршен член на Одборот на директори на „Жито полог Тетово“, Лилјана Гајдоска, правник во фирмите на Камчев, неизвршен член на Одборот на директори на ЗК „Пелагонија“, Тодор Мирчевски, директор на „Ексико“, Владислав Стајковиќ, сопственик на НВСП, доскорешен директор на „Мобико“ и поранешен директор на „Финзи“, Ванче Мијалчев, извршен директор на „Бетон Штип“, Јованче Тасковски, брокер, и Дејан Јанев од „О.Т.Е. инвест“.

Прикажи повеќе...

Анализи

Политиката го подели СЈО на табори

Објавено пред

„Чарлиевите ангели“ ги нема. Катица Јанева, Ленче Ристоска и Фатиме Фетаи речиси една година не се појавуваат на заеднички прес-конференции. Во јавноста и на социјалните мрежи сè погласни се критиките за работата на специјалното јавно обвинителство и ослабената доверба во оваа институција.

dobivaj vesti na viber

Три и пол години по формирањето, целосен судски епилог има само за два случаја а сè погласни се шпекулациите дека во СЈО владее поделеност на обвинителите на табори, кои меѓусебно не се согласуваат за дејствувањето на ова обвинителство, па тие разлики во мислењата лесно се забележливи и во јавноста.

Трите жени, кои беа симбол за СЈО, ретко може се видат заедно во јавноста, а речиси една година Ленче Ристоска и Фатиме Фетаи не даваат заеднички изјави. Според нашите извори, со слични ставови на една страна биле обвинителките Катица Јанева и Лиле Стефанова, а на друга Ленче Ристоска и Фатиме Фетаи.

Од друга страна, сè поприсутна во јавноста е главната специјална обвинителка Катица Јанева, која, според најавите, во вторник ќе се појави на „1ТВ“, каде што заедно со обвинителите Лиле Стефанова и Трајче Пеливанов треба да одговараат и на прашања од гледачите. Токму во фирмата сопственик на „1ТВ“, „БМЈ медиа груп“, работи синот на Јанева, младиот гевгеличанец Лазар Јанев, за кого веќе беше објавено дека пред вработените бил претставен како директор на правна служба. Пред точно два месеца Јанева беше гостинка на „1ТВ“ и се фотографира со сопственикот на телевизијата, Бојан Јовановски, со назнака дека станува збор за работен состанок.

Во СЈО во последната година во целост се смени практиката на комуникација со јавноста. Последната прес-конференција СЈО ја одржа на 21 март минатата година.

Повеќе нема брифинзи со новинари, а на обвинителките Ристоска и Фетаи не им е дозволено да даваат интервјуа и изјави. Целосна затвореност владее и во однос на истрагите. Случајот „Империја“, во кој, меѓу другите, се осомничени и бизнисменот Јордан Камчев и ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, беше отворен пред повеќе од 2 месеца, а од СЈО нема дополнителни информации, освен дека истрагата е сложена.

Сите обиди на „Макфакс“ да обезбедат брифинг за случајот беа залудни. Новинарите меѓу себе коментираат дека ова обвинителство, кое наметна транспарентно работење, последнава година се затворило, иако обвинителите поминале серија обуки за комуникација со јавноста. Тоа остава простор за шпекулации во постапувањето по предметите на обвинителството. Од друга страна, во редовното Обвинителство се спроведува тренинг за односи со јавноста на обвинителите.

Според нашите информации, во специјалното јавно обвинителство меѓу некои од вработените владее незадоволство од начинот на работа, особено по последните политички случувања, амнестии и повици за помирување, кои во голем дел влијаат и врз актуелните предмети што се во судска постапка, но и на оние што се во истрага и предистрага, а во кои, меѓу другите, се вклучени и Сашо Мијалков, Елизабета Канческа-Милевска, Али Ахмети, Бујар Османи.

Ексминистерката за култура, КанческаМилевска, е инволвирана во предистрагата за предметот „Скопје 2014“, кој е еден од најобемните предмети на СЈО, за Мијалков се водат повеќе судски постапки, а предметот за агенцијата за обезбедување СГС е во предистрага.

Во процесот на помирувањето наголемо се споменуваа и измените во Кривичниот законик, односно член 353, став 5, кој ја регулира злоупотребата на службената положба преку јавните набавки. Доколку дојде до промена на овој член, како што беше најавувано, помали казни или ослободување од одговорност ќе добијат голем број обвинети во случаите на СЈО, меѓу кои и Мијалков.

Уставниот суд сè уште не расправал по иницијативата на адвокатот Еленко Миланов, кој бара судиите да се произнесат за овој член од Кривичниот законик.

Сите овие политички инволвирања, кои допираат и до СЈО, според нашите извори, довеле до голем раздор во работата на институцијата, која има годишен буџет од 3,7 милиони евра. Некои од обвинителите се разочарани од фактот што нивните предмети и нивната работа зависат исклучително од тековната политичка ситуација, па токму затоа во последниот период и не се работи на нови предистраги бидејќи се чека исходот од тоа што ќе се случува со институцијата и дали евентуално одредени функционери од претходната, но и од актуелната власт, ќе избегнат одговорност.

Прикажи повеќе...

Најново

Свет30 минути

Путин: Не постои средство за пресретнување на ракетата „Орешник“

Рускиот претседател Владимир Путин денеска изјави дека ракетниот систем „Орешник“ не е средство за масовно уништување, туку високо прецизно оружје...

Македонија5 часа

Силниот ветер предизвика штети во Штип: оштетен покрив на училиште, паднати дрвја на повеќе локации

Силен ветар оштети дел од покрив на средното електро-машинско училиште во Штип, а дрво падна и во непосредна близина на...

Македонија5 часа

Град Скопје: Во Шуто Оризари нема јавен превоз поради советничката група на ВМРО-ДПМНЕ

Македонија повторно станува заробена режимска држава во која граѓаните се злоупотребуваат како потрошен материјал на политичките партии за наметнување на...

Македонија6 часа

Студентите и средношколците не смеат да трпат поради партиски препукувања – младите излегоа на протестот за проблемите со градскиот превоз

Студентите и средношколците не смеат да трпат поради партиски препукувања, беше една од пораките кои студентите ги упатија на денешниот...

Македонија6 часа

Курто Дудуш ја обвини Арсовска за расизам и дискриминација: „Пишува ли на автобусите на ЈСП ‘забрането за Роми’“

Градоначалникот на Општина Шуто Оризари, Курто Дудуш, на денешниот протест за јавниот превоз упати повеќе барања до градоначалничката Данела Арсовска,...

Македонија8 часа

За лекарски прегледи се чека и со месеци, а стотици термини останале празни оти граѓаните не дошле: „Ако не можат, нека откажат преку СМС“ – апелираат надлежните

Граѓаните што не може да го искористат закажаниот „Мој термин“ во јавното здравство, преку СМС-порака да го откажат за да...

Топ10 часа

Скопјанка на 69-годишна возраст е жената што загина по удар на автомобил во Чаир

Шеесет и деветгодишна жена, со иницијали Н.П. од Скопје е починатата по ударот на автомобил во Чаир, објави МВР. Несреќата...

Македонија12 часа

Почувствуван земјотрес во Македонија

Утрово е регистриран земјотрес со јачина од 2,10 степени според Рихтер во Македонија. Според првите информации од ЕМСЦ, епицентарот е...

Македонија12 часа

(Видео) ДПМНЕ предизвикувајќи тепачка избегна да одговори зошто не ја укина историската комисија, велат од Левица

„На вчерашната седница за пратенички прашања, пратеникот од Левица, Реџеп Исмаил – Хактан, постави прашања за кои јавноста чека одговор...

Македонија13 часа

СДС со примитивни методи во Собранието го активира насилникот и пудлицата на Венко, Апасиев, велат од ВМРО-ДПМНЕ

„Венко Филипче и СДС тотално се изгубија на политичката мапа по катастрофалниот пораз и последните анкети каде рејтингот им е...

Свет14 часа

Унгарија го поддржа Нетанјаху: Одлуката на Меѓународниот кривичен суд е апсурдна

Министерот за надворешни работи на Унгарија ги критикуваше налозите за апсење на Меѓународниот кривичен суд за израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху...

Европа14 часа

Украинскиот парламент ја одложи седницата, на пратениците им е кажано да ги држат своите семејства подалеку од владиниот кварт на Киев

Украинскиот парламент ја одложи седницата што требаше да се одржи денеска поради безбедносни причини, јави јавната телевизија Суспилнe, повикувајќи се...

Свет15 часа

Ким Џонг-ун ги нападна САД: Никогаш не сме биле толку блиску до термонуклеарна војна со Јужна Кореја

Севернокорејскиот лидер Ким Џонг-Ун ги обвини САД за провокации и ескалација на тензиите, велејќи дека Корејскиот Полуостров никогаш не се...

Топ1 ден

Деветнаесетгодишна девојка го управувала автомобилот со којшто беше усмртена жената во Чаир

Деветнаесетгодишна девојка (А.Џ.) управувала со автомобилот „сеат алтеа“, со којшто попладнево беше прегазена жената во скопската населба Чаир којашто почина...

Скопје1 ден

Студентите на протест поради јавниот превоз, бараат и набавка на нови автобуси и велосипедска инфраструктура

Универзитетското студентско сообрание (УСС-УКИМ) за утре, 22 ноември, најавува протест поради проблемите со јавниот превоз што ќе се случува од...

Топ1 ден

Трагедија вечерва во Чаир: Загина жена, ја прегази автомобил

Жена загина во скопската неселба Чаир, кога во неа удрил автомобил со скопски регистерски ознаки. Според информациите од СВР Скопје...

Скопје1 ден

Владата ќе му позајми на градот Скопје дел од нафтените резерви на државата за ЈСП

Владата вонредно расправаше поради недостигот на енергенси за обавување на јавниот сообраќај на територијата на Град Скопје, при што беше...

Македонија1 ден

(Видео) Избегната тепачка во Собранието, Гаши го повика обезбедувањето

Во македонскиот парламент денеска избегната тепачка меѓу некои од пратениците. Инцидентот се случи меѓу лидерот на Левицата, Димитар Апасиев, и...

Македонија1 ден

Црната листа на САД е многу динамична и отворена за додавање нови имиња, порача Агелер

Американската амбасадорка Анџела Агелер, денеска, одговарајќи на новинарско прашање во врска со црната листа на САД, рече дека таа е...

Скопје1 ден

(Видео) СДСМ со решенија за кризата во Скопје: закон за финансиска поддршка на Градот и на ЈСП, субвенциии за гориво, вели Јанчева

„Како што најавивме, денес сме тука за да ги презентираме нашите конкретни предлози за надминување на кризата во која се...