Анализи
Семеен бизнис за постојана војна
Викторија Нуланд и Роберт Каган имаат разработено прекрасно семејно дуќанче. Преку својата функција во Стејт дипартментот, таа генерира војна, додека преку постојаните коментари во угледни весници тој бара од КОнгресот да купува повеќе оружје. Тоа не е без пари, затоа што благодарниот воено-индустриски комплекс истура пари во институтите каде што работи Роберт и другите Каганови, пишува американскиот истражувачки новинар Роберт Пери на неговиот портал Consortium.news
Неоконзервативниот умник Роберт Каган и неговата сопруга, помошникот Државен секретар на САД за евроазиски прашања Викторија Нуланд, водат впечатлив семеен бизнис: таа ја разгори „жешката“ војна во Украина и помогна да почне Втората студената војна со Русија, а тој втрчува во поволен момент и бара од Конгресот да ја зголеми набавката на оружје за да може Америка да се справи со овие нови безбедносни закани.
Овој исклучителен сопруг – сопруга дует му служи на воено-индустрискиот комплекс за задавање двојни удари, тим од внатрешен и надворешен човек кој ја создава потребата повеќе воени трошоци, врши политички притисок за да обезбеди поголерми набавки и ужива кога благодарните производители на оружје истураат богати грантови во истомислечките вашингтонски институти.
Од тоа нема полза само пошироката неоконзервативна заедница, туку и другите членови на кланот Каган, вклучувајќи го и братот на Роберт, Фредерик, од Американскиот институт за претприемништво (American Enterprise Institute) и неговата снаа Кимберли, која води свое сопствено дуќанче наречено Институт за изучување на војната (Institute for Study of War).
Самиот Роберт Каган е Виш соработник на Brookings Institution (организација која не објавува кој ја финансира), ја искористи неодамна својата преплатена позиција на надворешен коментатор на Washington Post за да ги намами републиканците да ги отстранат ограничувањата на буџетот на Пентагон од таканаречениот sequester (http://en.wikipedia.org/wiki/Budget_sequestration_in_2013), кој тој го пресмета на околу 523 милијарди американски долари (во што, очигледно, не се вметнати дополнителните трошоци за војна). Каган ги повика законодавците од ГОП (Great Old Party, назив на Републиканската партија) да додадат уште најмалку 38 милијарди американски долари, со тоа што би било подобро ако се меѓу 54 и 117 милијарди американски долари:
„Фактот дека застапниците на повеќе трошење се соочуваат со речиси непремостливи препреки во борбата да се одобри барем минималната сума од Конгрес кој е контролиран од републиканците говори многу – за хипокризијата на републиканците. Републиканците се навидум многу гласни во обвинувањата на (претседателот Барак) Обама дека ја ослабел националната безбедност, а, сепак, кога ќе дојде време да се плати надворешната политика која ја наметнува нивната силна реторика, не можете никаде да ги најдете…“
„Уредниците и колумнистите кои го напаѓаат Обама и ги поттикнуваат републиканците, треба да им кажат и на тие републиканци и на своите читатели дека националната безбедност чини пари и дека писмата и говорите се повеќе од безначајни без парите…“
„Тоа ќе ги изнервира оние републиканци кои сакаат владата уште повеќе да се намали, кои ги обожуваат ограничувањата и на кои не им е грижа како тие влијаат на одбраната. Но, лидерство значи и повремно на луѓето да им се каже и тоа што не сакаат да го слушнат. Тие кои претендираат да ја водат САД во наредните години, и републиканци и демократи, треба да покажат каква политичка храброст поседуваат, сега веднаш, кога се носат круцијалните буџетски одлуки.“
Така, начинот да се покаже храброст, според гледиштето на Каган, е да се истураат уште повеќе милијарди во воено-индустрискиот комплекс и со тоа зборовите да се заменат со дела во врска со потребата „да се одбрани Украина“ и да се спречи „лошиот нуклеарен договор со Иран“.
Сепак, ако не беа напорите на Нуланд како помошник Државен секретар за евроазиски прашања, украинската криза можеби не ќе постоеше. Неоконзервативна остаток во администрацијата на Обама од времето кога го советуваше потпретседателот (на претседателот Џорџ Бупш помладиот) Дик Чејни, Нуланд мина низ серија унапредувања под поранешниот Државен секретар Хилари Клинтон, а ја доби поддршката и од сегашниот Државен секретар Џон Кери.
Унапредена на сегашното работно место во септември 2013 година, Нуланд бргу потоа почна сериозно да се ангажира во „смена на режимот“ во Украина. Таа лично се заложи кај деловните лидери и политичките активисти да му се спротивстават на избраниот претседател Виктор Јанукович. Ги потсети извршните директори на корпорациите дека САД веќе има вложено пет милијарди американски долари во своите „европски аспирации“ и буквално им делеше колачиња на демонстрантите на плоштадот Мајдан во Киев.
Во соработка со други неоконзервативци, вклучувајќи ги и претседателот на Националната оставнина за демократија (National Endowment for Democracy) Карл Гершман и сенаторот Џон Мекејн, Нуланд јасно стави на знаење дека САД ќе поддржи промена на режимот на Јанукович, што стануваше сé поизвесно како што нео-нацистите и другите десничарски милиции почнаа да се слеваат во Киев од западна Украина.
На почетокот на фебруари 2014 година, Нуланд разговараше за промените посакувани од САД со американскиот амбасадор во Украина, Гофри Пјат (и самиот ветеран на операцијата на „промена на режимот“ во Меѓународната агенција за атомска енергија, кога послушникот на САД, Јукија Амано, стана генерален директор во 2009 година). Нуланд кон предложениот збор на нови украински функционери се однесуваше како да тргува со бејзбол сликички – некои ги отфрлаше, другите ги прибираше. „Јац е нашиот дечко“, рече таа за нејзиниот фаворит Арсениј Јаценјук. Понижувајќи ја недоволно агресивната Европа, таа го изговори прочуеното „кој ја ебе Европа“ и продолжи да го брифира Пјат за тоа како „ќе ја залепи целата работа“, додека тој умуваше за тоа како да „се посредува во сето тоа“. Нивните необезбедени телефони беа прислушувани, а разговорот протече во јавноста.
„Смената на режимот“ во Украина
Државниот удар против Јанукович се случи на 22-ри фебруари 2014 година, кога нео-нацистичките милиции и другите насилни екстремисти ги зазедоа владините згради и го присилија претседателот и другите функционери во бегство за да си ги спасат животите. Стејт дипартментот на Нуланд набрзина го прогласи новиот режим за „легитимен“ и Јаценјук стана премиер.
Рускиот претседател Владимир Путин, кој беше зафатен со Зимските олимписки игри во Сочи, беше фатен на препад од државниот удар во соседството и свика кризен состанок за да се одреди како да се заштитат етничките Руси во Украина и руската поморска база на Крим, што доведе до секцесија на Крим од Украина и анексија од страна на Русија.
Иако немаше докази дека Путин ја предизвикал украинската криза – напротив, сите докази посочуваа токму кон спротивното – Стејт дипартментот им продаде на лековерните мејнстрим американски медиуми пропагандна тема за тоа дека Путин некако ја оркестрирал ситуацијата во Украина за да може натаму да изврши инвазија врз Европа. Поранешниот Државен секретар Хилари Клинтон го спореди Путин со Адолф Хитлер.
Кога новата влада во Киев ја започна бруталната „анти-терористичка операција“ за да го покори востанието на огромното етничко руско население во источна и јужна Украина, Нуланд и другите неоконзервативци ги протуркаа економските санкции против Русија и бараа оружје за режимот во Киев.
Во екот на „информативната војна“ насочена и кон домашната јавност во САД, но и кон светската, започна да се обликува новата Студена војна. Видни неоконзервативци, вклучувајќи го и сопругот на Нуланд, Роберт Куган, соосновач на „Проектот за новиот американски век“ (Project for the New American Century) кој беше мозокот зад војната во Ирак, за домашната јавност подготви тема дека Обама се покажал како многу „слаб“ и со тоа ја поканил „агресијата“ на Путин.
Во мај 2014 година, Каган објави обемен есеј во The New Republic, насловен „Суперсилите не смеат да се пензионираат“, во кој Каган го избербати Обама поради тоа што не успеал да ја оддржи американската доминација во светот и бара помускулест став на САД кон нејзините непријатели.
Во текстот објавен во New York Times за есејот, како бил создаден и периодот по објавувањето, новинарот Џејсон Хоровиц известува дека Куган и Нуланд делат исти гледишта на светот, како и исти лични амбиции, при што Нуланд ги коригира текстовите на Каган, вклучувајќи го и тој што го избербати нејзиниот наводен шеф. Иако тогаш Нуланд одби прецизно да го искоментира есејот на нејзиниот сопруг, таа навести дека има слични гледишта. „Доволно е да се каже,“ рече Нуланд, „дека ништо не излегува од дома ако јас не сметам дека е достоинствено за неговите таленти. Да кажеме така.“
Херовиц извести дека Обама толку се загрижил поради наопадот од Каган, што го ревидирал говорот кој требало да го одржи на Воената академија „Вест Поинт“ со цел да одврати дел од критиките, па дури и го поканил Каган на ручек во Белата куќа, каде што, тврдат извори од внатре, „го третирал како еднаков на себе“.
Потопувањето на мировниот договор
И секогаш кога ќе се појави заканата во Украина да завладее мир, влетува Нуланд за да се осигура дека воените интереси се целосно заштитени. Минатиот месец, германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот престедател Франсоа Оланд изделкаа план за прекин на огнот и политичко решение, познат како „Минск 2“, со што ја поттикнаа Нуланд да се ангажира во уште повеќе маневри „зад сцената“ со цел да го саботира договорот.
Според германскиот весник Bild, кој цитира неименувани извори, во еден друг прислушуван разговор, овојпат во Минхен, Германија, Нуланд му се потсмева на мировниот договор како на „московската работа на Меркел“. Се претпоставува дека изворот е самата германска влада, која ја озвучила собата во хотелот „Bayerischer Hof“. Надодавајќи на презирот на Нуланд кон Меркел, еден друг американски функционер го нарече договорот „московското срање“ на Европејците.
Нуланд во разговорт наведува дека Меркел и Оланд се грижеле само за практичното влијание на украинската војна врз Европа. „Тие се плашат од штетите врз нивните економии, од контра-санкциите на Русија“. Според сторијата на Bild, Нуланд исто така претставила и стратегија за противудар врз дипломатијата на Меркел, со употреба на жесток речник во врска со украинската криза.
„Можеме да се бориме со Европејците, можеме против нив да се бориме со реторика“,наводно рекла Нуланд.
Командантот на НАТО, американскиот воздухопловен генерал Филип Бредлав е цитиран како вели дека повеќе оружје за украинската влада би „му ја кренало на Путин цената на војната“. Нуланд, исто така, им дофрлила на присутните американски политичари дека „инсистира да се употребува фразата ’дефанзивни системи’, наспроти фразата ’офанзивни системи’ за руското оружје.
Нуланд звучи прилично решена да ја потопи мировната иницијатива на Меркел и Оланд, дури и наспроти фактот дека е осмислена од два главни сојузника на САД и со благослов на претседателот Обама. Се чини дека во тоа и успеа, откако миленикот на Нуланд, премиерот Јаценјук, успеа во легислативата која се однесува на имплементацијата на политичкото решение „Минск 2“ да уфрли отровно апче.
Украинскиот парламент во Киев додаде клаузула која, во суштина, бара бунтовниците прво да се предадат и да ѝ дозволат на украинската влада да организира избори пред да се одреди федералната структура на земјата. „Минск 2“ повикува на дијалог со претставниците на бунтовните источни територии, на патот кон воспоставување широка автономија за тој регион.
Наместо тоа, како рефлексија на тврдокорните ставови на Нуланд, Киев одби какви и да е разговори со бунтовниците и инсистира на контрола врз овие територии пред да може да продолжи процесот. Ако мине оваа легислатива, тоа речиси со сигурност ќе резултира во обновување на војната меѓу воените сили поддржани од нуклеарните сили Русија и САД, многу опасна ситуација за целиот свет.
Не само што повторно ќе се разгори украинската граѓанска војна, туку истото ќе се случи и со Студената војна меѓу Вашингтон и Москва, што е шанса за несфатлива заработувачка за воено-индустрискиот комплекс. Тоа е и поентата на споменатиот текст на сопругот на Нуланд, објавен во Washington Post.
Исплатата
Но, немојте да мислите дека ова бркнување во паричниците на американските даночни обврзници се однесува само на оваа една брачна двојка. Ќе имамногу пари и за другите неоконзервативни институти ширум Вашингтон, вклучувајќи го и Фредерик Каган, кој работи за десничарскиот Американски институт за претприемништво (American Enterprise Institute) и за неговата сопруга, Кимберли, која раководи свој сопствен институт, Институтот за проучување на војната (ISW).
Според годишните извештаи на ISW, нивни првични поддржувачи се претежно десничарски фондации, како што е Фондацијата Смит–Ричардсон (Smith-Richardson Foundation) и Фондацијата на Линд и Хери Бредли (Lynde and Harry Bradley Foundation), но подоцна пристигнува поддршка и од цела лепеза на воено-индустриски претприемачи, вклучувајќи ги и водечките, како „General Dynamics“, „Northrop Grunman“ и CACI, како и не толку познатите фирми како „DynCorp International“, којашто ја тренираше авганистанската полиција, и „Palantir“, технолошка компанија основана со помош на деловниот огранок на CIA, фирмата „In-Q-Tel“. „Palantir“ го обезбедуваше софтверот за американското воено разузнавање во Авганистан.
Од основањето во 2007 година, ISW главно се фокусираше на војните на Блискиот исток, особено на Ирак и на Авганистан, што вклучуваше и блиска соработка со генералот Дејвид Петраус кога тој командуваше со американските сили во овие земји. Сепак, во поскоро време ISW започна интензивно да известува за војната во Украина.
Со други зборови, семејството Каган поседува речиси само-продолжувачки, циркуларен деловен модел – работи во внатрешните кругови на администрацијата за да ги стимулира војните, додека истовремено влијае врз јавната дебата преку извештаите на своите институти и колумните, во корист на повеќе трошење за воените потреби, за на крај да си ги соберат грантовите и другите финансиски подароци од благодарниот воено-индустриски комплекс.
За да бидеме фер, мора да се каже дека семејното дуќанче на Нуланд – Каган е само микрокосмос на начинот на кој воено-индустрискиот комплекс функционира веќе со децении: аналитичари на институтите ги генерираат причините за повеќе воени трошоци, владините бирократи ги осмислуваат потребните воени политики, а воен-индустрискиот комплекс заработуваат огромни суми, од кои дел завршуваат во истите тие институти – и така крвавиот, профитабилен круг се затвора.
Она што можеби ги прави посебни Нуланд и Каган е тоа што целиот процес кај нив останува во семејството./крај/мф/сс
Истражувачкиот новинар Роберт Пери е познат по тоа што го обелодени скандалот Ирангејт (Irangate) за снабдување на Иран со американско оружје во текот на 1980-те години, кога работеше за новинската агенција Associated Press. Тој е исто така автор на книгата „Украдената американска приказна“ (America’s Stolen Narrative)
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Анализи
Силјановска vs Пендаровски: Кој добива, а кој губи во битката на социјалните мрежи и медиумите?
Претседателските кандидати Стево Пендаровски и Гордана Силјановска-Давкова најмногу се спомнуваат во медиумите, а најмалку се популарни меѓу твитерџиите. Во негативен контекст почесто е споменувана Силјановска на социјалните мрежи „Феjсбук“ и „Твитер“, но и во медиумите.
Ова го покажа првата сентимент-анализа на истражувачкиот центар на „Макфакс“, која се изработуваше во периодот од 1 до 9 април годинава. Процесот на изработка на анализата е базиран на компјутерски алгоритми и има задача да одреди во каков контекст (многу негативен, негативен, неутрален, позитивен или многу позитивен) е напишан одреден текст или дел од текстот.
Преку системот беа анализирани 220 медиуми, како и објавите и коментарите на над еден милион корисници на „Фејсбук“ и твитовите од 300 илјади профили. Тестирањата на платформата покажaа дека користените технологии даваат резултат со точност поголема од 80 проценти.
Според анализата, имињата на Силјановска-Давкова и на Пендаровски почесто се споменуваат во медиумите отколку на социјалните мрежи „Твитер“ и „Фејсбук“. Во првите девет дена од месецот тие биле споменати вкупно 3.515 пати. На „Фејсбук“ биле споменати речиси двојно помалку, а најмалку биле споменувани на „Твитер“.
Силјановска, според оваа анализа, најмногу била спомената на веб-порталите „Република“, „Курир“, „Инфомакс“ и на „Прес 24“, а Пендаровски на „Прес 24“, „Макпрес“, „24 инфо“ и на „Вечер“. Од инфографикот може да се види комплетната слика за тоа во кој медиум биле најмногу застапени двајцата претседателски кандидати.
Во однос на контекстот на споменување во медиумите може да се заклучи дека постои тесна разлика меѓу Силјановска и Пендаровски, иако кандидатката зад која стои опозициската ВМРО-ДПМНЕ предничи со негативните коментари.
Па, така, во многу негативен контекст Силјановска била спомената 201 пат, а Пендаровски 136 пати. Ако таа била спомната 914 пати во негативен контекст, Пендаровски во истиот контекст бил спомнат 778 пати. Тој предничи и во однос на неутралните спомнувања во медиумите, а Силјановска предничи во однос на позитивните споменувања. Тесна е разликата меѓу многу позитивните конотации, во кои биле ставени двајцата претседателски кандидати на кои се однесува анализата, во која за 8 споменувања предност има Пендаровски.
Според податоците од аналитичкиот центар на „Макфакс“, претседателскиот кандидат Пендаровски е попопуларен од Силјановска во однос на бројот на споменувања. Во многу позитивен или позитивен контекст меѓу твитерџиите тој е споменат 231 пат, а Силјановска 201. Во однос на тоа дали кандидатите се споменати во негативен или многу негативен контекст за нијанса води Силјановска, која е спомената 401 пат, а Пендаровски 389.
Слична ситуација може да се види и на „Фејсбук“, каде што Пендаровски има предност во однос на бројот на споменувања. Ако Силјановска била спомената 481 пат во многу негативен или во негативен контекст, Пендаровски е споменат 429 пати. Кај претседателскиот кандидат зад кој стои СДСМ поголем е бројот на позитивни или многу позитивни споменувања на социјалната мрежа „Фејсбук“.
Според сето ова, Силјановска има поголема вредност на вкупниот сентимент во негативен контекст на социјалните мрежи и во медиумите од Пендаровски. Важно е да се потенцира дека не станува збор за анкета што ги мери гласовите за кандидатите, туку за начинот на кој тие се прикажани и коментирани во интернет-просторот. Истражувачкиот центар на „Макфакс“ на почетокот на кампањата за претседателските кандидати спроведе анкета.
Целосната методологија за начинот на изработката на сентимент-анализите на истражувачкиот центар на „Макфакс“ е достапна на следниот линк.
Анализи
СЈО со детали: Како Камчев и Мијалков ги переле парите градејќи империја
Злосторничко здружение, кое функционирало повеќе од 8 години, од 2009 година, кога биле отворани и затворани фирми, перени милиони и милиони евра, биле менувани сопственици, бил купуван огромен имот, отворани фирми на офшор-дестинации за еднократна употреба, префрлувани пари преку кипарски банки, а потоа овие испрани пари влегуваат како основачки влогови за да формираат македонски фирми.
Вака накусо може да се опише случајот „Империја“ на специјалното јавно обвинителство (СЈО), каде што, меѓу другите, осомничени се едни од највлијателните луѓе во земјата, бизнисменот Орце Камчев и поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков.
Три месеци по почнувањето на истрагата, обвинителството излезе со детали за еден од најобемните предмети за кој засега е утврдено дека се испрани речиси 11 милиони евра.
Истрагата е проширена за „Графички центар“ и за „Медија принт Македонија“ (МПМ), извршени се претреси во фирмите, осомничените се испрашани и собрани се докази.
Соработката меѓу Македонија и Кипар е воспоставена, па сега, конечно, на виделина излегуваат и имињата на оние што се криеле зад офшор-фирмите преку кои се переле пари.
Од крајот на јуни до крајот на октомври 2018 година некои од осомничените од „Империја“ биле под посебни истражни мерки.
„Мијалков не беше под посебни истражни мерки, Камчев многу внимателно зборуваше по телефон, но не и другите осомничени“, велат од СЈО.
Без разлика како ќе се одвива понатаму истрагата за „Империја“, со оглед на тоа што статусот и истрагите на СЈО сè уште се неизвесни, оттаму велат дека собрани се речиси 90 отсто од доказите за случајот да може да продолжи понатаму.
Злосторничкото здружение се распаѓа кон крајот на 2017 и почетокот на 2018 година кога осомничените почнуваат да земаат кредити за да се раздолжат, но тоа не значи дека тука завршуваат и нивните поединечни активности.
Под лупа на СЈО е и фирмата поврзана со семејството Мијалкови, „Бест веј инвестмент“, формирана веднаш по обеледонувањето на таканаречените бомби во 2015 година, чиј сопственик е синот на Сашо Мијалков, Јордан. СЈО истражува како се ширел бизнисот и како оваа фирма успева да заработи огромни суми и да стекне голем имот само за три години работа. „Бест веј инвестмент“, ако во 2016 година имала приходи од 816 илјади евра, во 2017 година веќе приходите ѝ растат на 9,6 милиони евра, што само покажува дека независно кој е на власт, бизнисите на Мијалков работат со полна пареа.
Краен сопственик на мистериозната „Ексико“ бил Камчев
Центарот на истрагата за „Империја“ се познатата офшор-фирма „Ексико“ и бизнисменот Орце Камчев.
Истрагата утврдила дека зад првата фирма-мајка на „Ексико“, „Делта инвестмент“ од Белизе, всушност се крие таткото на Орце Камчев, Илија. Од оваа фирма, која поседуваше акции во големи акционерски друштва, а се јавуваше и како еден од сопствениците на атрактивните плацови на Водно, досега сите креваа раце и демантираа дека стојат зад неа.
Истрагата на СЈО утврдила дека по Илија Камчев, набргу како краен сопственик фигурирал и поранешниот директор на македонски „Телеком“, Жарко Луковски, а кога сопствеништвото на фирмата се сели во Америка, односно сопственик станува извесна „Калвус ЛЛЦ“ (Calvus LLC) од САД, крајниот сопственик е всушност Орце Камчев.
Од оваа американска фирма кон „Ексико“ се влеваат 1,6 милион евра како прилив, а дел од овие пари завршува на личната сметка на Камчев, додека со дел се купувани имот и земјиште во Гевгелија, на кое понатаму е предвидено да се градат казина.
Подоцна, а и до ден-денеска, сопственик на „Ексико“ е фирмата со швајцарски капитал „Т&МЈ инвестмент“ од Лугано, Швајцарија, фирма зад која оперативните сознанија покажале дека краен сопственик е член на семејството Мијалкови. Од швајцарската фирма кон македонската „Ексико“ немало никаков прилив или одлив на пари.
„Ексико“ не е единствената фирма преку која функционирало ова злосторничко здружение. Колку за пример, во истатата 2009 година офшор-компанијата „Хоспитал менаџмент груп ЛЛЦ’ од Кипар ја основа клиничката болница „Систина“. Понатаму, оваа компанија го продава имотот на друга офшор-компанија од Панама. „Орка холдинг“ го купува уделот од панамската, па повторно ѝ го продава на „Систина“, со што фактички Камчев внесува удел од „Хоспитал менаџмент“ од Кипар во Македонија.
Сомнежи за перење пари преку кипарски банки
Значаен дел од истрагата на СЈО за „Империја“ има и фирмата „Финзи“ – истата фирма за која во таканаречените бомби можеше да се слушне дека одела набавката за опрема за следење интернет-комуникации за МВР. Министерството, додека на чело на УБК беше Мијалков, наместо директно да ја набави изреалската опрема за прислушување, тоа го правела преку „Финзи“. Во текот на истрагата за случајот самоубиство изврши директорот на „Финзи“, Коста Крпач, во април 2016 година.
Сега истрагата за „Империја“ повторно допира до „Финзи“, фирма основана од „Финзи ЛЛЦ“ во САД. Краен сопственик на оваа компанија, според СЈО, повторно е Орце Камчев.
Во неколку наврати од „Финзи ЛЛЦ“ преку кипарска банка кон македонската „Финзи“ биле исплатувани 650.000 евра. Во тоа време, односно во 2009 година, директор на „Финзи“ во Македонија е Владислав Стајковиќ, брат на Небојша Стајковиќ, поранешен помошник-министер за информатичка технологија во МВР.
Овие пари понатаму влегуваат како основачки влог во „Систина кардиологија“, фирма што подоцна е преименувана во „Си-Фи-Кар“ („Систина“, „Финзи“, “Кара“). Во 2012 година, според СЈО, кога парите веќе се испрани, американската мајка-фирма се затвора и се отвора нова фирма, во која Крпач влегува како директор, а на истата сметка легнуваат парите од израелската донација за опрема за прислушување.
„Не купуваат компании за да работат со нив, туку за да извлечат што можат“
Многу компании, офшор, стотици папки со документи и изјави од сведоци содржи еден од најобемните предмети на СЈО – „Империја“. Од она што беше претставено пред новинарските екипи, неизбежен е заклучокот дека од досегашната истрага и собраните докази станува збор за класични примери за сомнежи за перење пари пред кои надлежните институции со години молчеле или се откажувале од гонење поради немање докази.
Дел од истрагата е отстапен и на купувањето на „Бетон Штип“ од страна на ТИМ ДОО, „Орка холдинг“, „Езимит“ ДООЕЛ и „Ексико“.
„Кога тие купуваат компанија, не ја купуваат за да ја работат, туку да извлечат што може од имотот на компанијата“, велат од СЈО.
Па, така, и овој пат сознанијата говорат дека од „Бетон Штип“ се извлечени 4 милиони евра, односно газдите ги тераат акционерите со парите да купуваат имот, а понатаму како што се извлекуваат парите, така се инвестираат во други зделки за што патем говорат и последните информации дека речиси 250 работници веќе ги напуштаат работните места од „Бетон Штип“ и истовремено преку суд си ги бараат неисплатените плати за последните четири месеци.
Дел од истрагата го опфаќа и „Фершпед“, односно од моментот кога Кираца Трајковска, која беше еден од мнозинските акционери во “Фершпед“, поради долг во Еуростандард банка, преку посредник побарала кредит од Стопанска банка АД Битола. Камчев, кој е дел од Управниот одбор на банката, наместо кредит, според СЈО, на Трајковска ѝ понудил преку физички лица да ѝ бидат префрлени парите по што биле ослободени нејзините акции од „Фершпед“.
За да им ги продаде акциите на странски инвеститори, таа го ангажирала брокерот Јованче Тасковски. Но, за нејзината намера дознал Штерјо Наков, кој побарал помош од Мијалков, со цел тој да ги купи акциите. Мијалков се договора со Камчев да ја изиграат, па без нејзино знаење, според СЈО, Ненад Јосифовиќ ги продава акциите на физички и правни лица поврзани со Наков за 4 милиони евра повисока цена од реалната. Парите од зделката завршуваат во фирма чии сопственици се „Ексико“, „Орка холдинг“ и „Тимох“.
Во делот од истрагата за „Империја“ влегуваат и стари случаи, кои претходно во обвинителствата завршувале со откажување од гонење поради немање доволно докази. Таков пример е истрагата за „пропаѓањето“ на „Орка спорт“, „Орка текстил“ и други фирми во сопственост на сега покојниот Илија Камчев. Данокот се избегнувал да се плаќа преку лажни стечаи, обезвреднување на имотот и формирање офшор-компании, а потоа парите „чисти“ биле внесувани во земјата, односно целиот имот бил пренесуван на новоформирани компании.
На овој начин, впрочем, и се градела целата империја – преку лојални соработници, изигрување на законитe и формирање компании за еднократна употреба.
Како ќе заврши истрагата и дали случајот ќе добие епилог останува неизвесно. Засега Орце Камчев и Сашо Мијалков се во домашен притвор, а конечниот збор ќе го каже Врховниот суд.
Освен Камчев и Мијалков, осомничени во случајот „Империја“ се и Ратка Куноска-Камчева, мајка на Камчев и неизвршен член на Одборот на директори на „Орка ходинг“, Кристина Камчева-Стојческа, сестра на Камчев и неизвршен член на Одборот на директори на „Жито полог Тетово“, Лилјана Гајдоска, правник во фирмите на Камчев, неизвршен член на Одборот на директори на ЗК „Пелагонија“, Тодор Мирчевски, директор на „Ексико“, Владислав Стајковиќ, сопственик на НВСП, доскорешен директор на „Мобико“ и поранешен директор на „Финзи“, Ванче Мијалчев, извршен директор на „Бетон Штип“, Јованче Тасковски, брокер, и Дејан Јанев од „О.Т.Е. инвест“.
Анализи
Политиката го подели СЈО на табори
„Чарлиевите ангели“ ги нема. Катица Јанева, Ленче Ристоска и Фатиме Фетаи речиси една година не се појавуваат на заеднички прес-конференции. Во јавноста и на социјалните мрежи сè погласни се критиките за работата на специјалното јавно обвинителство и ослабената доверба во оваа институција.
Три и пол години по формирањето, целосен судски епилог има само за два случаја а сè погласни се шпекулациите дека во СЈО владее поделеност на обвинителите на табори, кои меѓусебно не се согласуваат за дејствувањето на ова обвинителство, па тие разлики во мислењата лесно се забележливи и во јавноста.
Трите жени, кои беа симбол за СЈО, ретко може се видат заедно во јавноста, а речиси една година Ленче Ристоска и Фатиме Фетаи не даваат заеднички изјави. Според нашите извори, со слични ставови на една страна биле обвинителките Катица Јанева и Лиле Стефанова, а на друга Ленче Ристоска и Фатиме Фетаи.
Од друга страна, сè поприсутна во јавноста е главната специјална обвинителка Катица Јанева, која, според најавите, во вторник ќе се појави на „1ТВ“, каде што заедно со обвинителите Лиле Стефанова и Трајче Пеливанов треба да одговараат и на прашања од гледачите. Токму во фирмата сопственик на „1ТВ“, „БМЈ медиа груп“, работи синот на Јанева, младиот гевгеличанец Лазар Јанев, за кого веќе беше објавено дека пред вработените бил претставен како директор на правна служба. Пред точно два месеца Јанева беше гостинка на „1ТВ“ и се фотографира со сопственикот на телевизијата, Бојан Јовановски, со назнака дека станува збор за работен состанок.
Во СЈО во последната година во целост се смени практиката на комуникација со јавноста. Последната прес-конференција СЈО ја одржа на 21 март минатата година.
Повеќе нема брифинзи со новинари, а на обвинителките Ристоска и Фетаи не им е дозволено да даваат интервјуа и изјави. Целосна затвореност владее и во однос на истрагите. Случајот „Империја“, во кој, меѓу другите, се осомничени и бизнисменот Јордан Камчев и ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, беше отворен пред повеќе од 2 месеца, а од СЈО нема дополнителни информации, освен дека истрагата е сложена.
Сите обиди на „Макфакс“ да обезбедат брифинг за случајот беа залудни. Новинарите меѓу себе коментираат дека ова обвинителство, кое наметна транспарентно работење, последнава година се затворило, иако обвинителите поминале серија обуки за комуникација со јавноста. Тоа остава простор за шпекулации во постапувањето по предметите на обвинителството. Од друга страна, во редовното Обвинителство се спроведува тренинг за односи со јавноста на обвинителите.
Според нашите информации, во специјалното јавно обвинителство меѓу некои од вработените владее незадоволство од начинот на работа, особено по последните политички случувања, амнестии и повици за помирување, кои во голем дел влијаат и врз актуелните предмети што се во судска постапка, но и на оние што се во истрага и предистрага, а во кои, меѓу другите, се вклучени и Сашо Мијалков, Елизабета Канческа-Милевска, Али Ахмети, Бујар Османи.
Ексминистерката за култура, КанческаМилевска, е инволвирана во предистрагата за предметот „Скопје 2014“, кој е еден од најобемните предмети на СЈО, за Мијалков се водат повеќе судски постапки, а предметот за агенцијата за обезбедување СГС е во предистрага.
Во процесот на помирувањето наголемо се споменуваа и измените во Кривичниот законик, односно член 353, став 5, кој ја регулира злоупотребата на службената положба преку јавните набавки. Доколку дојде до промена на овој член, како што беше најавувано, помали казни или ослободување од одговорност ќе добијат голем број обвинети во случаите на СЈО, меѓу кои и Мијалков.
Уставниот суд сè уште не расправал по иницијативата на адвокатот Еленко Миланов, кој бара судиите да се произнесат за овој член од Кривичниот законик.
Сите овие политички инволвирања, кои допираат и до СЈО, според нашите извори, довеле до голем раздор во работата на институцијата, која има годишен буџет од 3,7 милиони евра. Некои од обвинителите се разочарани од фактот што нивните предмети и нивната работа зависат исклучително од тековната политичка ситуација, па токму затоа во последниот период и не се работи на нови предистраги бидејќи се чека исходот од тоа што ќе се случува со институцијата и дали евентуално одредени функционери од претходната, но и од актуелната власт, ќе избегнат одговорност.