Контакт

Анализи

Стратфор: Помирување со американската империја

Објавено пред

Оние кои САД ја нарекуваат империја најчесто со тоа мислат на нешто злобно. Други, пак, би ја нарекле како било поинаку, да можат. Но, што е уште поважно, ако САД за себе мисли дека е империја, тогаш треба да почне да ги учи лекциите на империјалната моќ. Ништо не е поштетно од империја која бегрижно ја користи својата моќ. 

dobivaj vesti na viber

„Империја“ е валкан збор. Ако се земе предвид однесувањето на повеќето имерии, ова и не толку неразумно. Но, имеријата, исто така, е едноставен опис на состојба, честопати непланирана и ретко посакувана. Напротив, империите кои беа создадени со намера, како наполеоновата Франција и нацистичката Германија, ретко кога траеле. Повеќето имерии не планирале да станат империи. Тие станувале империја, за потоа да сватат што станале. Понекогаш долго време и не сваќале што се, а таа неспособност да се свати реалноста носи масивни последици.

Втората светска војна и раѓањето на империјата

САД стана империја во 1945 година. Точно е дека во Шпанско – американската војна САД намерно ја презедоа контролата врз Филипините и Куба. Исто така е точно дека тогаш државата почна себеси да се доживува како имеприја, но во реалноста не беше. Куба и Филипините беа фантазирање за империја и таа илузија се распадна во текотна Првата светска војна, последователниот период на изолационазам и Големата депресија.

Вистинската американска империја која се појави потоа е нуспроизвод на други настани. Немаше никаков голем заговор. На некој начин, околностите на создавањето ја направија толку моќна. Динамиката на Втората светска војна доведе до колапс на европскиот полуосторв и негова окупација од Советите и Американците. Истата динамика доведе до окупација на Јапонија и директно владеење од страна на САД како де факто колонија, со генерал Даглас Мекартур како вице-крал.

САД се најде во една невообичаена империја, која сакаше да ја напушти. Тоа беше искрена желба, не обична пропаганда. Прво, САД беше првиот анти-империјален проект во модерно време. Таа во принцип се спротивставуваше на империјализмот. Уште поважно, империјата значеше одлив на американските ресурси, не извор на богатство. Втората светска војна ги уништи и Јапонија и Западна Европа. САД имаа многу мала и никаква економска корист од тоа да ги задржат териториите. Конечно, на крајот на војната САД во голема мера беа недопрени од последиците, па дури и беа една од ретките држави кои профитираа од неа. Парите се правеа во САД, не во некаква империја. Војниците и генералите сакаа да си одат дома.

Но, за разлика од Првата светска војна, Американците не можеа да се откажат. Претходната војна ги уништи речиси сите кои учествуваа во неа. Никој немаше енергија да се обиде да стане хегемон. САД се задоволија со тоа да ја препуштат Европа на нејзината сопствена динамика. Втората светска војна заврши поинаку. Советскиот сојуз беше разорен, но сепак остана моќен. Се наметна како хегемон на истокот и, да ги немаше САД, можеше многу лесно да ја доминира цела Европа. Ова претставуваше проблем за Вашингтон, затоа што вистински обединета Европа – дали доброволно како ефективна федерација или под доминација на една држава – имаше доволно ресурси да ја предизвика САД.

САД не можеше да си замине. Не дека се доживуваше себеси како надзорник на империја, а и факт е дека дозволуваше многу повеќе внатрешна политичка автономија, отколку што тоа го правеше Советскиот сојуз во својот регион. А згора на задржувањето на военото присуство, САД ја организираа европската економија и го создадоа и учествуваа во европскиот одбранбен систем. Ако суштина на суверенитетот е способноста да се одлучува дали ќе се оди во војна, тогаш таа моќ повеќе не беше во Лондон, Варшава или Париз. Беше во Москва и во Вашингтон.

Организацискиот принцип на американската стратегија беше идејата за сопирање. Неспособна да изврши инвазија врз Советскиот сојуз, основната стратегија на Вашингтон беше да го контролира. Американското влијание се рашири низ Европа, се до Иран. Советската стратегија беше да го заобиколи системот на сопирање преку поддршка на востанија и сојузнички движења колку што е можно поблиску до заднинската линија на САД. Европските империи колабираа и се фрагментираа. Советите се трудеа од остатоците да создадат сојузничка структура, а Америка се трудеше да ги блокира.

Економијата на една империја

Една од предностите на сојузништвото со Советскиот сојуз, особено за востаничките групи, беше великодушната испорака на оружје. Предноста на сојузништвото со САД беше припадноста на една динамична трговска зона и имањето пристап до инвестициски капитал и до најновите технологии. Некои нации, како Јужна Кореја, имаа огромна корист од тоа. Некои не. Лидерите во земјите како Никарагва сметаа дека ќе добијат повеќе од советската политичка и воена поддршка, отколку од трговијата со САД.

САД беа недостижно најголемата економска сила, со целосна контрола врз морињата, бази ширум светот и динамичен трговски и инвестициски систем кој им носеше добробит на земјите кои беа стратешки критични за САД или кои беа барем спсобни да извлечат корист од неа. Токму во тој момент, на почетокот на Студената војна, САД почна да се однесува како империја, иако се уште несвесно.

Географијата на американската империја делумно беше изградена врз воените релации, но најмногу преку економските односи. На почетокот овие економски односи беа релативно тривијални за американскиот бизнис. Но, како што созреваше системот, вредноста на инвестициите се вивна, заедно со битноста на увозот, извозот и пазарите на труд. Како и со секоја вистински успешна империја, тоа не започна со некој грандиозен дизајн, дури ни со сон за такво нешто. Стратешките потреби создаваа економска реалност во држава по држава, се додека одредени главни индистрии не станаа зависни барем од некои од тие држави. Очигледни примери беа Саудиска Арабија или Венецуела, чијашто нафта беше погон за американските нафтни компании и кои поради тоа (иако прилично далеку од конвенционалната стратешка важност) станаа економски многу битни. Ова на крајот ги направи и стратешки битни.

Како што една империја созрева, така расте нејзината економска вредност, особено кога не ги присилува другите. Присилата е скапа и ја поткопува вредноста на имепријата. Идеална колонија е онаа којашто воопшто не е колонија, туку нација која има корист од економските односи и со имеријалната сила и со остатокот од имеријата. Примарните воени релации треба или да бидат меѓузависност или, ако не е можно, зависност на вредната клиент-држава од моќта на империјата.

Така САД се втурна во тоа да стане империја. Прво, беше недостижно богата и моќна. Второ, се соочуваше со потенцијален непријател, способен да и се спротивстави на глобално ниво, во огромен број на држави. Трето, ја употреби економската предност да намами барем некои од овие држави во економски, а оттаму и во воени и политички релации. Четврто, овие држави станаа значително битни за разни сектори на американската економија.

Ограничувањата на американската империја

Проблемот на американската империја се израслините останати од Студената војна. Во тој период, САД очекуваше војните да ги води со коалиции создадени околу неа, при што таа ќе го понесеше главниот товар. Кога започна операцијата „Пустинска бура“ во 1991 година, надвладеа принципот од Студената војна. Се создаде коалиција во чиј центар беше САД. По 11-ти септември, беше донесена одлука завоени дејствија во Авганистан и во Ирак според истиот основен модел. Се создаде коалиција, но централната воена сила беше американска и се претпостави дека економската корист од соработката со САД ќе се самопотврди. Од многу аспекти, војните по 11-ти септември ја преземаа основната рамка од Втората светска војна. Воените планери за Ирак експлицитно ја дискутираа окупацијата на Јапонија и на Германија.

Ниту една империја не може да поднесе директно владеење. Можеби најдобар пример се нацистите. Тие се обидоа директно да владеат со Полска, освоија територија од советите, го турнаа Виши за да владеат со цела Франција, наместо со половина и така натаму. Британците, од друга страна, ја владееја Индија со еден тенок слој на функционери и офицери и поголем кадар од бизнисмени кои се обидуваа да се збогатат. Очигледно е дека Британците минаа многу подобро. Германците се истоштија не само со тоа што се прерастегнаа, туку исто така со тоа што пренасочуваа трупи и администратори за директно да владеат со одредени држави. Британците успеаја да ја претворат својата империја во нешто исклучително битно за глобалниот систем. Германците беа скршени не само од нивните непријатели, туку и од освојувањата.

По 1992 година, САД остана како единствена балансирана глобална сила. Поточно, таа беше единствената нација способна да проектира економска, политичка и воена моќ на глобално ниво. САД беа и се уште се енормно моќни. Сепак, ова е многу поразлично од семоќност. Кога ги слушате политичарите како дебатираат за Русија, Иран или Јемен, добивате впечаток дека тие мислат оти моќта на САД е безгранична. Секогаш постојат граници, а империите преживуваат само кога ги препознаваат и ги почитуваат.

Примарната граница на американската империја е истата која важеше и за британската и за римската империја: демографијата. Во Евроазија (Европа и Азија заедно), Американците се надјачани од моментот кога ќе стапнат на таа територија. Војската на САД е изградена врз мултипликатори на моќта, орудија кои можат да го уништат непријателот пред тој да може да ја уништи релативно малата копнена сила која ќе биде распоредена. Оваа стратегија некогаш функционира. На долги патеки не функционира. Непријателот може да поднесе многу повеќе уништување од малата американска сила. Оваа лекција беше научена во Виетнам и уште повеќе во Ирак и во Авганистан. Ирак е држава со 25 милиони луѓе. Американците испратија околу 130.000 војници. Неизбежно, стапката на уништување ги потклекна Американците. Митот дека Американците немаат стомак за војна заборава дека САД се бореа во Виетнам цели седум години и во Ирак уште толку. Јавноста знае да биде многу трпелива. Проблемот е во математиката на војната. Во одреден момент, стапката на уништување едноставно повеќе не ги оправдува политичките цели.

Распоредување на огромни сили во Евроазија не може да се поддржи, освен во случаи кога таква сила треба да се донесе на места на кои е многу битно да се победи. Овие прилики се по правило многу ретки и со преголем временски распон меѓу нив. Инаку единствената стратегија е индиректно војување: префрлањена товарот на војната врз оние кои сакаат да го поднесат или кои немаат друг избор. Во првите години на Втората светска војна, индиректното војување беше користено за поддршка на Обединетото кралство и на Советскиот сојуз против Германија.

Постојат две варијанти на индиректно војување. Првата е поддршка на домородни сили чии интереси се поклопуваат. Ова беше направено во првите фази на војната во Авганистан. Втората е одржување на бапансот на моќта меѓу нациите. Гледаме како ова се вообличува на Блискиот исток, при што САД играат со четирите главни регионални сили, Иран, Саудиска Арабија, Израел и Турција, подржувајќи првин едната, па другата во еден постојан акт на балансирање. Во Ирак, американските ловци изведуваат воздушни удари во координација со иранските копнени сили. Во Јемен, САД ги поддржуваат саудиските воздушни удари врз Хутите, кои се обучувани од Иранците.

Ова е суштината на една империја. Британската изрека вели дека не постојат вечни пријатели или вечни непријатели, само вечи интереси. Ова старо клише, како и повеќето клишеа, е вистинито. САД е во процес на учење на таа лекција. САД, на многу начини, беше пошармантна кога јасно ги разликуваше пријателите и непријателите. Но, тоа е луксуз кој империите не можат да си го дозволат.

Градење систем на балансирање

Сега гледаме како САД ја ребалансира својата стратегија со тоа што учи да балансира. Една глобална сила не може да си дозволи да биде директно вмешана во безбројните конфликти со кои ќе се соочи ширум светот. Многу бргу ќе се истошти. Преку употреба на разни алатки, таа мора да создаде регионални и глобални баланси без да го узурпира внатрешниот суверенитет. Трикот е да се создадат ситуации во кои другите држави ќе сакаат да го прават она што е во интерес на САД.

Ова е многу тежок потфат. Првиот чекор е да се употребат економски поттикнувања за да се вообличи однесувањето на другите држави. Тоа не го прави американското Министерство за трговија, туку бизнисот. Вториот е да се обезбеди економска помош за потклекнатите држави. Третиот е да се обезбеди воена помош. Четвртиот е да се испратат советници. Петтиот е да се испрати огромна сила. Најтешко е да се усоврши скокот од четвртиот на петтиот чекор. Огромната сила речиси никогаш не треба да се користи. Но, кога советниците и помошта не можат да го решат проблемот кој мора итно да се реши, тогаш единстверниот вид на сила кој треба да се употреби е токму огромната сила. Римските легии многу ретко биле употребувани, но кога биле, на нивната огромна моќ никој не можел да ѝ се спротивстави.

Одговорностите на една империја

Јас намерно во овој текст ја претставив Америка како империја, знаејќи дека тој термин ќе предизвика бранувања. Оние кои САД ја нарекуваат империја најчесто со тоа мислат на нешто злобно. Други, пак, би ја нарекле како било поинаку, да можат. Но, помага ако се соочиме со реалноста во која се наоѓа САД. Секогаш е корисно да се биде искрен, особено самите со себе. Но, што е уште поважно, ако САД за себе мисли дека е империја, тогаш треба да почне да ги учи лекциите на империјалната моќ. Ништо не е поштетно од империја која бегрижно ја користи својата моќ.

Вистина е дека САД не сакаше вистински да стане империја. Исто така, вистина е дека, вака или онака, нејзините намери немаат никаква важност. Околностите, историјата и геополитиката создадоа ентитет кој, ако не е империја, тогаш секако наликува на тоа. Империите не мора да се опресивни. Персијците биле прилично либерални.

Американската идеологија и американската реалност не се инхерентно некомпатибилни. Со две работи мора да се соочиме: прво, САД не може да се откаже од моќта која ја има. Не постои практичен начин да се стори тоа. Второ, имајќи ја предвид огромноста на нејзината моќ, таа ќе биде вовлекувана во конфликти без оглед дали го сака тоа или не. Империите се честопати стравувани, понекогаш почитувани. Но никогаш сакани од остатокот на светот. А преправањето дека не сте империја не може никого да излаже.

Тековниот акт на балансирање на Блискиот исток претставува фундаментално ребалансирање на американската стратегија. Се уште е килаво и лошо обмислено. Но се случува. А за остатокот од светот, идејата дека Американците ќе дојдат да завршат работа ќе станува се поретка. САД нема да интервенира. Таа ќе ја менаџира ситуацијата, понекогаш во корист на една држава, друг пат на друга. /крај/мф/сс

Извор: Stratfor



©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Анализи

Силјановска vs Пендаровски: Кој добива, а кој губи во битката на социјалните мрежи и медиумите?

Објавено пред

Претседателските кандидати Стево Пендаровски и Гордана Силјановска-Давкова најмногу се спомнуваат во медиумите, а најмалку се популарни меѓу твитерџиите. Во негативен контекст почесто е споменувана Силјановска на социјалните мрежи „Феjсбук“ и „Твитер“, но и во медиумите.

dobivaj vesti na viber

Ова го покажа првата сентимент-анализа на истражувачкиот центар на „Макфакс“, која се изработуваше во периодот од 1 до 9 април годинава. Процесот на изработка на анализата е базиран на компјутерски алгоритми и има задача да одреди во каков контекст (многу негативен, негативен, неутрален, позитивен или многу позитивен) е напишан одреден текст или дел од текстот.

Преку системот беа анализирани 220 медиуми, како и објавите и коментарите на над еден милион корисници на „Фејсбук“ и твитовите од 300 илјади профили. Тестирањата на платформата покажaа дека користените технологии даваат резултат со точност поголема од 80 проценти.

Според анализата, имињата на Силјановска-Давкова и на Пендаровски почесто се споменуваат во медиумите отколку на социјалните мрежи „Твитер“ и „Фејсбук“. Во првите девет дена од месецот тие биле споменати вкупно 3.515 пати. На „Фејсбук“ биле споменати речиси двојно помалку, а најмалку биле споменувани на „Твитер“.

Силјановска, според оваа анализа, најмногу била спомената на веб-порталите „Република“, „Курир“, „Инфомакс“ и на „Прес 24“, а Пендаровски на „Прес 24“, „Макпрес“, „24 инфо“ и на „Вечер“. Од инфографикот може да се види комплетната слика за тоа во кој медиум биле најмногу застапени двајцата претседателски кандидати.

Во однос на контекстот на споменување во медиумите може да се заклучи дека постои тесна разлика меѓу Силјановска и Пендаровски, иако кандидатката зад која стои опозициската ВМРО-ДПМНЕ предничи со негативните коментари.

Па, така, во многу негативен контекст Силјановска била спомената 201 пат, а Пендаровски 136 пати. Ако таа била спомната 914 пати во негативен контекст, Пендаровски во истиот контекст бил спомнат 778 пати. Тој предничи и во однос на неутралните спомнувања во медиумите, а Силјановска предничи во однос на позитивните споменувања. Тесна е разликата меѓу многу позитивните конотации, во кои биле ставени двајцата претседателски кандидати на кои се однесува анализата, во која за 8 споменувања предност има Пендаровски.

Според податоците од аналитичкиот центар на „Макфакс“, претседателскиот кандидат Пендаровски е попопуларен од Силјановска во однос на бројот на споменувања. Во многу позитивен или позитивен контекст меѓу твитерџиите тој е споменат 231 пат, а Силјановска 201. Во однос на тоа дали кандидатите се споменати во негативен или многу негативен контекст за нијанса води Силјановска, која е спомената 401 пат, а Пендаровски 389.

Слична ситуација може да се види и на „Фејсбук“, каде што Пендаровски има предност во однос на бројот на споменувања. Ако Силјановска била спомената 481 пат во многу негативен или во негативен контекст, Пендаровски е споменат 429 пати. Кај претседателскиот кандидат зад кој стои СДСМ поголем е бројот на позитивни или многу позитивни споменувања на социјалната мрежа „Фејсбук“.

Според сето ова, Силјановска има поголема вредност на вкупниот сентимент во негативен контекст на социјалните мрежи и во медиумите од Пендаровски. Важно е да се потенцира дека не станува збор за анкета што ги мери гласовите за кандидатите, туку за начинот на кој тие се прикажани и коментирани во интернет-просторот. Истражувачкиот центар на „Макфакс“ на почетокот на кампањата за претседателските кандидати спроведе анкета.

Целосната методологија за начинот на изработката на сентимент-анализите на истражувачкиот центар на „Макфакс“ е достапна на следниот линк.

Прикажи повеќе...

Анализи

СЈО со детали: Како Камчев и Мијалков ги переле парите градејќи империја

Објавено пред

Злосторничко здружение, кое функционирало повеќе од 8 години, од 2009 година, кога биле отворани и затворани фирми, перени милиони и милиони евра, биле менувани сопственици, бил купуван огромен имот, отворани фирми на офшор-дестинации за еднократна употреба, префрлувани пари преку кипарски банки, а потоа овие испрани пари влегуваат како основачки влогови за да формираат македонски фирми.

dobivaj vesti na viber

Вака накусо може да се опише случајот „Империја“ на специјалното јавно обвинителство (СЈО), каде што, меѓу другите, осомничени се едни од највлијателните луѓе во земјата, бизнисменот Орце Камчев и поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков.

Три месеци по почнувањето на истрагата, обвинителството излезе со детали за еден од најобемните предмети за кој засега е утврдено дека се испрани речиси 11 милиони евра.

Истрагата е проширена за „Графички центар“ и за „Медија принт Македонија“ (МПМ), извршени се претреси во фирмите, осомничените се испрашани и собрани се докази.

Соработката меѓу Македонија и Кипар е воспоставена, па сега, конечно, на виделина излегуваат и имињата на оние што се криеле зад офшор-фирмите преку кои се переле пари.

Од крајот на јуни до крајот на октомври 2018 година некои од осомничените од „Империја“ биле под посебни истражни мерки.

„Мијалков не беше под посебни истражни мерки, Камчев многу внимателно зборуваше по телефон, но не и другите осомничени“, велат од СЈО.

Без разлика како ќе се одвива понатаму истрагата за „Империја“, со оглед на тоа што статусот и истрагите на СЈО сè уште се неизвесни, оттаму велат дека собрани се речиси 90 отсто од доказите за случајот да може да продолжи понатаму.

Злосторничкото здружение се распаѓа кон крајот на 2017 и почетокот на 2018 година кога осомничените почнуваат да земаат кредити за да се раздолжат, но тоа не значи дека тука завршуваат и нивните поединечни активности.

Под лупа на СЈО е и фирмата поврзана со семејството Мијалкови, „Бест веј инвестмент“, формирана веднаш по обеледонувањето на таканаречените бомби во 2015 година, чиј сопственик е синот на Сашо Мијалков, Јордан. СЈО истражува како се ширел бизнисот и како оваа фирма успева да заработи огромни суми и да стекне голем имот само за три години работа. „Бест веј инвестмент“, ако во 2016 година имала приходи од 816 илјади евра, во 2017 година веќе приходите ѝ растат на 9,6 милиони евра, што само покажува дека независно кој е на власт, бизнисите на Мијалков работат со полна пареа.

Краен сопственик на мистериозната „Ексико“ бил Камчев

Натписот на поштенското сандаче на улицата Иван Милутиновиќ во Скопје сведочи за постоењето на „Ексико“, чие сопствеништво е скриено

Центарот на истрагата за „Империја“ се познатата офшор-фирма „Ексико“ и бизнисменот Орце Камчев.

Истрагата утврдила дека зад првата фирма-мајка на „Ексико“, „Делта инвестмент“ од Белизе, всушност се крие таткото на Орце Камчев, Илија. Од оваа фирма, која поседуваше акции во големи акционерски друштва, а се јавуваше и како еден од сопствениците на атрактивните плацови на Водно, досега сите креваа раце и демантираа дека стојат зад неа.

Истрагата на СЈО утврдила дека по Илија Камчев, набргу како краен сопственик фигурирал и поранешниот директор на македонски „Телеком“, Жарко Луковски, а кога сопствеништвото на фирмата се сели во Америка, односно сопственик станува извесна „Калвус ЛЛЦ“ (Calvus LLC) од САД, крајниот сопственик е всушност Орце Камчев.

Од оваа американска фирма кон „Ексико“ се влеваат 1,6 милион евра како прилив, а дел од овие пари завршува на личната сметка на Камчев, додека со дел се купувани имот и земјиште во Гевгелија, на кое понатаму е предвидено да се градат казина.

Подоцна, а и до ден-денеска, сопственик на „Ексико“ е фирмата со швајцарски капитал „Т&МЈ инвестмент“ од Лугано, Швајцарија, фирма зад која оперативните сознанија покажале дека краен сопственик е член на семејството Мијалкови. Од швајцарската фирма кон македонската „Ексико“ немало никаков прилив или одлив на пари.

„Ексико“ не е единствената фирма преку која функционирало ова злосторничко здружение. Колку за пример, во истатата 2009 година офшор-компанијата „Хоспитал менаџмент груп ЛЛЦ’ од Кипар ја основа клиничката болница „Систина“. Понатаму, оваа компанија го продава имотот на друга офшор-компанија од Панама. „Орка холдинг“ го купува уделот од панамската, па повторно ѝ го продава на „Систина“, со што фактички Камчев внесува удел од „Хоспитал менаџмент“ од Кипар во Македонија.

Сомнежи за перење пари преку кипарски банки

Преку кипарски банки парите влегуваат во земјата

Значаен дел од истрагата на СЈО за „Империја“ има и фирмата „Финзи“ – истата фирма за која во таканаречените бомби можеше да се слушне дека одела набавката за опрема за следење интернет-комуникации за МВР. Министерството, додека на чело на УБК беше Мијалков, наместо директно да ја набави изреалската опрема за прислушување, тоа го правела преку „Финзи“. Во текот на истрагата за случајот самоубиство изврши директорот на „Финзи“, Коста Крпач, во април 2016 година.

Сега истрагата за „Империја“ повторно допира до „Финзи“, фирма основана од „Финзи ЛЛЦ“ во САД. Краен сопственик на оваа компанија, според СЈО, повторно е Орце Камчев.

Во неколку наврати од „Финзи ЛЛЦ“ преку кипарска банка кон македонската „Финзи“ биле исплатувани 650.000 евра. Во тоа време, односно во 2009 година, директор на „Финзи“ во Македонија е Владислав Стајковиќ, брат на Небојша Стајковиќ, поранешен помошник-министер за информатичка технологија во МВР.

Овие пари понатаму влегуваат како основачки влог во „Систина кардиологија“, фирма што подоцна е преименувана во „Си-Фи-Кар“ („Систина“, „Финзи“, “Кара“). Во 2012 година, според СЈО, кога парите веќе се испрани, американската мајка-фирма се затвора и се отвора нова фирма, во која Крпач влегува како директор, а на истата сметка легнуваат парите од израелската донација за опрема за прислушување.

„Не купуваат компании за да работат со нив, туку за да извлечат што можат“

Орце Камчев и Сашо Мијалков, клучните играчи во „Империја“

Многу компании, офшор, стотици папки со документи и изјави од сведоци содржи еден од најобемните предмети на СЈО – „Империја“. Од она што беше претставено пред новинарските екипи, неизбежен е заклучокот дека од досегашната истрага и собраните докази станува збор за класични примери за сомнежи за перење пари пред кои надлежните институции со години молчеле или се откажувале од гонење поради немање докази.

Дел од истрагата е отстапен и на купувањето на „Бетон Штип“ од страна на ТИМ ДОО, „Орка холдинг“, „Езимит“ ДООЕЛ и „Ексико“.

„Кога тие купуваат компанија, не ја купуваат за да ја работат, туку да извлечат што може од имотот на компанијата“, велат од СЈО.

Па, така, и овој пат сознанијата говорат дека од „Бетон Штип“ се извлечени 4 милиони евра, односно газдите ги тераат акционерите со парите да купуваат имот, а понатаму како што се извлекуваат парите, така се инвестираат во други зделки за што патем говорат и последните информации дека речиси 250 работници веќе ги напуштаат работните места од „Бетон Штип“ и истовремено преку суд си ги бараат неисплатените плати за последните четири месеци.

Дел од истрагата го опфаќа и „Фершпед“, односно од моментот кога Кираца Трајковска, која беше еден од мнозинските акционери во “Фершпед“, поради долг во Еуростандард банка, преку посредник побарала кредит од Стопанска банка АД Битола. Камчев, кој е дел од Управниот одбор на банката, наместо кредит, според СЈО, на Трајковска ѝ понудил преку физички лица да ѝ бидат префрлени парите по што биле ослободени нејзините акции од „Фершпед“.

За да им ги продаде акциите на странски инвеститори, таа го ангажирала брокерот Јованче Тасковски. Но, за нејзината намера дознал Штерјо Наков, кој побарал помош од Мијалков, со цел тој да ги купи акциите. Мијалков се договора со Камчев да ја изиграат, па без нејзино знаење, според СЈО, Ненад Јосифовиќ ги продава акциите на физички и правни лица поврзани со Наков за 4 милиони евра повисока цена од реалната. Парите од зделката завршуваат во фирма чии сопственици се „Ексико“, „Орка холдинг“ и „Тимох“.

Во делот од истрагата за „Империја“ влегуваат и стари случаи, кои претходно во обвинителствата завршувале со откажување од гонење поради немање доволно докази. Таков пример е истрагата за „пропаѓањето“ на „Орка спорт“, „Орка текстил“ и други фирми во сопственост на сега покојниот Илија Камчев. Данокот се избегнувал да се плаќа преку лажни стечаи, обезвреднување на имотот и формирање офшор-компании, а потоа парите „чисти“ биле внесувани во земјата, односно целиот имот бил пренесуван на новоформирани компании.

На овој начин, впрочем, и се градела целата империја – преку лојални соработници, изигрување на законитe и формирање компании за еднократна употреба.

Како ќе заврши истрагата и дали случајот ќе добие епилог останува неизвесно. Засега Орце Камчев и Сашо Мијалков се во домашен притвор, а конечниот збор ќе го каже Врховниот суд.

Освен Камчев и Мијалков, осомничени во случајот „Империја“ се и Ратка Куноска-Камчева, мајка на Камчев и неизвршен член на Одборот на директори на „Орка ходинг“, Кристина Камчева-Стојческа, сестра на Камчев и неизвршен член на Одборот на директори на „Жито полог Тетово“, Лилјана Гајдоска, правник во фирмите на Камчев, неизвршен член на Одборот на директори на ЗК „Пелагонија“, Тодор Мирчевски, директор на „Ексико“, Владислав Стајковиќ, сопственик на НВСП, доскорешен директор на „Мобико“ и поранешен директор на „Финзи“, Ванче Мијалчев, извршен директор на „Бетон Штип“, Јованче Тасковски, брокер, и Дејан Јанев од „О.Т.Е. инвест“.

Прикажи повеќе...

Анализи

Политиката го подели СЈО на табори

Објавено пред

„Чарлиевите ангели“ ги нема. Катица Јанева, Ленче Ристоска и Фатиме Фетаи речиси една година не се појавуваат на заеднички прес-конференции. Во јавноста и на социјалните мрежи сè погласни се критиките за работата на специјалното јавно обвинителство и ослабената доверба во оваа институција.

dobivaj vesti na viber

Три и пол години по формирањето, целосен судски епилог има само за два случаја а сè погласни се шпекулациите дека во СЈО владее поделеност на обвинителите на табори, кои меѓусебно не се согласуваат за дејствувањето на ова обвинителство, па тие разлики во мислењата лесно се забележливи и во јавноста.

Трите жени, кои беа симбол за СЈО, ретко може се видат заедно во јавноста, а речиси една година Ленче Ристоска и Фатиме Фетаи не даваат заеднички изјави. Според нашите извори, со слични ставови на една страна биле обвинителките Катица Јанева и Лиле Стефанова, а на друга Ленче Ристоска и Фатиме Фетаи.

Од друга страна, сè поприсутна во јавноста е главната специјална обвинителка Катица Јанева, која, според најавите, во вторник ќе се појави на „1ТВ“, каде што заедно со обвинителите Лиле Стефанова и Трајче Пеливанов треба да одговараат и на прашања од гледачите. Токму во фирмата сопственик на „1ТВ“, „БМЈ медиа груп“, работи синот на Јанева, младиот гевгеличанец Лазар Јанев, за кого веќе беше објавено дека пред вработените бил претставен како директор на правна служба. Пред точно два месеца Јанева беше гостинка на „1ТВ“ и се фотографира со сопственикот на телевизијата, Бојан Јовановски, со назнака дека станува збор за работен состанок.

Во СЈО во последната година во целост се смени практиката на комуникација со јавноста. Последната прес-конференција СЈО ја одржа на 21 март минатата година.

Повеќе нема брифинзи со новинари, а на обвинителките Ристоска и Фетаи не им е дозволено да даваат интервјуа и изјави. Целосна затвореност владее и во однос на истрагите. Случајот „Империја“, во кој, меѓу другите, се осомничени и бизнисменот Јордан Камчев и ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, беше отворен пред повеќе од 2 месеца, а од СЈО нема дополнителни информации, освен дека истрагата е сложена.

Сите обиди на „Макфакс“ да обезбедат брифинг за случајот беа залудни. Новинарите меѓу себе коментираат дека ова обвинителство, кое наметна транспарентно работење, последнава година се затворило, иако обвинителите поминале серија обуки за комуникација со јавноста. Тоа остава простор за шпекулации во постапувањето по предметите на обвинителството. Од друга страна, во редовното Обвинителство се спроведува тренинг за односи со јавноста на обвинителите.

Според нашите информации, во специјалното јавно обвинителство меѓу некои од вработените владее незадоволство од начинот на работа, особено по последните политички случувања, амнестии и повици за помирување, кои во голем дел влијаат и врз актуелните предмети што се во судска постапка, но и на оние што се во истрага и предистрага, а во кои, меѓу другите, се вклучени и Сашо Мијалков, Елизабета Канческа-Милевска, Али Ахмети, Бујар Османи.

Ексминистерката за култура, КанческаМилевска, е инволвирана во предистрагата за предметот „Скопје 2014“, кој е еден од најобемните предмети на СЈО, за Мијалков се водат повеќе судски постапки, а предметот за агенцијата за обезбедување СГС е во предистрага.

Во процесот на помирувањето наголемо се споменуваа и измените во Кривичниот законик, односно член 353, став 5, кој ја регулира злоупотребата на службената положба преку јавните набавки. Доколку дојде до промена на овој член, како што беше најавувано, помали казни или ослободување од одговорност ќе добијат голем број обвинети во случаите на СЈО, меѓу кои и Мијалков.

Уставниот суд сè уште не расправал по иницијативата на адвокатот Еленко Миланов, кој бара судиите да се произнесат за овој член од Кривичниот законик.

Сите овие политички инволвирања, кои допираат и до СЈО, според нашите извори, довеле до голем раздор во работата на институцијата, која има годишен буџет од 3,7 милиони евра. Некои од обвинителите се разочарани од фактот што нивните предмети и нивната работа зависат исклучително од тековната политичка ситуација, па токму затоа во последниот период и не се работи на нови предистраги бидејќи се чека исходот од тоа што ќе се случува со институцијата и дали евентуално одредени функционери од претходната, но и од актуелната власт, ќе избегнат одговорност.

Прикажи повеќе...

Најново

Свет2 часа

Кинескиот претседател со предупредување до Блинкен: „Вашингтон едно кажува друго прави“

„Вашингтон мора да престане „да кажува едно, а да прави друго“, како и да престане да го третира Пекинг како...

Македонија5 часа

„Не е законски да не е осигурана Клиниката, за тоа треба да преземе одговорност менаџментот“, кажа Демири

Министерот за здравство Илир Демири кажа дека штетата на Токсикологија е покриена, откако имаше хаварија со цевката за парно. „Клиничкиот...

Македонија5 часа

„Не е точно дека со ДУИ подготвуваме сценарио за бојкот на вториот круг на претседателските избори“, кажа Ковачевски

Претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски кажа дека не е точно дека подготвуваат со ДУИ сценарио за бојкот на вториот круг...

Топ8 часа

Во тешка сообраќајна несреќа загина 20-годишник од Прилепско

Вчера во 12.16 часот во ОВР Прилеп било пријавено дека на регионалниот пат Македонски Брод–Прилеп, кај село Новоселани, се случила...

Македонија8 часа

Маскиран со „фантомка“ влегол во казино во Лешок, репетирал автоматската пушка и украл 329.780 денари: притвор за 28-годишник

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Тетово донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 28-годишен жител на Непроштено, осомничен за...

Свет10 часа

Јенс Столтенберг: Украина се уште може да ја добие војната против Русија

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг изјави дека Украина се уште може да победи во војната против Русија, но дека...

Свет10 часа

Израел е подготвен да прифати ослободување на помалку од 40 заложници, пишуваат медиуми

Израел е подготвен да го ублажи барањето од Хамас и да ослободи 40 заложници во замена за привремен прекин на...

Македонија11 часа

ВМРО-ДПМНЕ: Над 180.000 гласови предност се обврска за ВМРО-ДПМНЕ Македонија повторно да ја врати на народот

180.000 гласа разлика во корист на Силјановска Давкова и ВМРО-ДПМНЕ пред Пендаровски и СДС е порака дека народот сака промени...

Свет11 часа

Америка и испраќа на Украина скап пакет оружје, откриeно што може да има во него

Веќе во петок, САД би можеле да објават нов пакет оружје за помош на Украина во вредност од шест милијарди...

Регион11 часа

Лекари во Загреб вградиле мозочен стимулатор на маж со Паркинсонова болест : „Може да вози велосипед, да плива“

Уште еден голем успех на хрватските лекари. Тим хирурзи во болницата Дубрава прв во овој дел од Европа вгради мозочен...

Свет11 часа

Русите уапсија двајца нивни војници за грозоморни злосторства

Двајца руски војници се приведени под сомнение дека убиле пет лица во окупираниот дел од областа Херсон. Александар Осипов и...

Македонија22 часа

Ковачевски: Ќе продолжиме да се бориме за секој граѓанин и за европската иднина на Македонија

„Вчера граѓаните нѝ пратија силна порака и ние таа порака ја слушнавме. Но, се лажат сите кои мислат дека ќе...

Македонија22 часа

Јакимовски до Муцунски: Прв излегов и го признав поразот, а тие во алкохолизирана состојба едвај го прочитаа тоа што го напишале

„Колегата Тимчо Муцунски се подбивал со мојот резултат на овие претседателски избори, притоа обидувајќи се малку да биде вицкаст. Иако...

Македонија23 часа

Мицкоски до СДСМ и Ковачевски: Нека не ве чуди што ве снајде вчера

Мириса на промени, бранот започна и нема запирање. Она што го говорев кога дојдов тука пред некоја недела, стана вистина....

Македонија1 ден

Позитивна оценка за првиот круг од претседателските избори, забелешки за острата и негативна реторика од страна на ОБСЕ/ОДИХР

Првиот круг од претседателските избори беше конкурентен и гласачите можеа да направат информиран избор. Меѓународната набљудувачка мисија на ОБСЕ/ОДИХР во...

Македонија1 ден

Во прв круг за претседател е избран само Киро Глигоров со освоени 715.087 гласа, Силјановска-Давкова и Пендаровски вторпат одат во втор круг

По вчерашниот прв круг од седмите претседателски избори, Киро Глигоров остана единствениот претседател избран во прв круг од осамостојувањето до...

Топ1 ден

Маж од Радовиш со месеци сексуално вознемирувал малолетно девојче

Радовишанец со месеци силувал малолетничка Вчера, во Полициската станица Радовиш било пријавено дека 45-годишен жител на Радовиш во периодот од...

Македонија1 ден

Таткото на Вања ќе оди во куќен притвор, Врховниот суд му ја уважи жалбата

Врховниот суд ја уважи жалбата на таткото на убиената Вања Ѓорчевска. Со тоа укинат му е притворот и определени се...

Македонија1 ден

Ангелов за ДУИ: Со пушка дојдоа на власт, со пенкало да ги отераме на буништето на историјата

Колку и да е убедлива, победата нема да биде комплетна доколку ДУИ не биде срушена од власт, вели претседателот на...

Македонија1 ден

Стевчо собра повеќе потписи од гласови – поразот на Јакимовски главна тема на социјалните мрежи

Кандидатот за претседател на ГРОМ и актуелен градоначалник на скопската општина Карпош, Стевчо Јакимовски, на вчерашниот прв круг од претседателските...