Контакт

Анализи

Студентите од „Гоце Делчев“ тежат половина милион евра годишно – Министерството не знае како се трошат овие пари?

Објавено пред

Иако Владата најави дека овој студентски дом ќе се реновира, студентите кои постигнаа светска „слава“ кога фотографиите од условите во кои живеат го обиколија светот, од оваа есен подготвуваат поширока акција за студентските права

dobivaj vesti na viber

Околу 60.000 евра месечно, или повеќе од половина милион евра годишно – толку пари се добиваат од најголемиот студентски дом „Гоце Делчев“ во Скопје, ако се помножи бројот на легла (1.216) со заокружена цена од 3.000 денари месечно, колку што за храна и сместување плаќа секој студент примен во овој дом.

Како и за што се трошат овие пари? Според Законот за студентски стандард, („Службен весник на Република Македонија“ бр. 15/2013 и 120/2013), обврските на Државниот студентски дом односно на неговиот Управен одбор, меѓу другото се – да донесе годишен финансиски план за тоа како ќе се трошат парите за наредната година, а Извештајот за работата во претходната година да го достави до Министерството најдоцна до 31 јануари во тековната година (член 35 од законот).

Согласно Законот за пристап до информации, побаравме од Министерството да ни го достави на увид финансискиот план за последните две години. Сакавме да видиме колку пари одат за храна, колку за евентуални поправки во собите, колку за други намени… По еден месец чекање, одговорот што го добивме беше „Финансиските извештаи за студентските домови од минатите три години се доставени до одговорните лица во Заводот за ревизија, па затоа не сме во можност да ви ги доставиме“. Од Заводот за ревизија ни рекоа дека и да ги доставило до нив, надлежното Министерство мора да ги има овие извештаи.

Според одговорот што го добивме, или Министерството за образование не знае како надлежните ги трошат парите од студентите, или избегнува да ги даде тие документи, кои се од јавен интерес? Ако е така, единствено логично прашање што се поставува е – зошто се кријат информациите за парите?!

Во недостиг на конкретни цифри, финансирањето на престојот и исхраната на студентите во домовите се врши на следниов начин – Според Законот за студентски стандард, („Службен весник на Република Македонија“ бр. 15/2013 и 120/2013), Министерството за образование и наука за студентите кои се сместени во државен студентски дом партиципира во цената за сместување и исхрана до 50 отсто од утврдената цена, а разликата до вкупната цена ја доплаќа студентот. Средства за финансирање на државните студентски домови се обезбедуваат од Буџетот на Република Македонија согласно со Законот за буџетите, Законот за извршување на Буџетот на Република Македонија, како и од корисниците на услуги, стои во Законот.

Зошто нема топла вода, ѕидовите паѓаат и лифтовите се расипуваат?

Набавка за потрошен материјал за хигиена, услуги за поправка на цевководна инсталација за водовод, услуги за одржување и поправка на топловодна и парноводна мрежа, услуги за одржување и поправка на котлара и пумпи, набавка за непредвидени услуги за поправка на лифтови, и уште една за дополнителни и непредвидени услуги – ова се набавките во делот „склучени договори“ што годинава ги објавил Државниот студентски дом, а се однесува на други набавки освен за храна и пијалаци, покажуваат податоците од интернет страницата на Бирото за јавни набавки. Набавките за лани, според податоците од Бирото, се за материјали за мајстори, мазут и течни горива, за потрошен материјал и хигиена.

Колку пати годишно Државниот студентски центар поправа лифтови, водоводни цевки, електрична инсталација, дали ги варосал собите, кога последен пат купил кревети, душеци, ќебиња? Ако набавките се редовни, а поправките навремени и соодветни, зошто студентите се жалат дека тоалетите и бањите се неупотребливи, нема топла вода, се расипуваат лифтовите, нема доволно храна?

На овие прашања одговор побаравме од Државниот студентски дом – Скопје и од директорката Даниела Темелкова. Таа не одговори на ниту едно прашање. Била на одмор, иако кога побаравме средба за темата, не одмораше. Од МОН, едноставно, го игнорираа прашањето колку пари годишно се собираат од студентските домови во Скопје и како се распределуваат.

„Како Влада во изминатите неколку години имаме инвестирано приближно 200 милиони денари во насока на подобрување на стандардите за сместување во студентските домови. Актуелната влада е и единствената досега којашто се одлучила да изгради нови капацитети – нови објекти во студентски дом ’Стив Наумов’, како и да реконструира постојни објекти како што е студентскиот дом ’Гоце Делчев’. Проектот предвидува целосна реконструкција на домот, која подразбира замена на подовите, столаријата, санација на ѕидовите, санитарните јазли, електричната инсталација и сета останата опрема“, се вели во одговорот од Министерството.

 

Во „Гоце Делчев“ има четири блока. За стандардна двокреветна соба студентите плаќаат по 3.445 денари од кревет. Цената за еднокреветна соба е 3.645 денари. Управата ги сместува студентите и во таканаречените кујни, простории кои можеби некогаш и ја имале таа намена, по цена од 3.145 денари од студент. Во оваа цена, покрај сместувањето, се вклучени и одреден број бонови за храна. При вселување, плаќаат по 250 денари за КЗЖ (Културно забавен живот). Ако сакаат во домското диско, влезница им се наплаќа задолжително. Станува збор за суми со кои може да се реновира по една соба неделно, но каде одат овие пари, се прашуваат студентите?

Во јануари минатата година, по серија инциденти во студентските домови, оставка даде Крешимир Павиќ, дотогашниот директор на Студентски центар. Оставката на Павиќ, кој на функција беше повеќе од пет години, помина речиси незабележително – само со едно соопштение од Министерството за образование. На негово место дојде Темелкова, поранешна воспитувачка и директорка на детска градинка во Аеродром. Од неа не се слушна глас за проблемите во студентските домови.

Инспекторите немоќни пред мизеријата во „Гоце“

Студентскиот дом „Гоце Делчев“ е во лоша санитарно-техничка состојба. Бидејќи станува збор за огромен објект и неговото реновирање е голема инвестиција, нема најава за преземање мерки за да се подобри состојбата.

Додека го работевме истражувањето, ни кажаа дека извештајот за годинава допрва ќе се подготвува. Причината е што санитарните и здравствените инспектори ги прават контролите кон крајот на мај и во јуни, а во септември проверуваат колку во тек на летото се санирале недостатоците за да се подготви објектот за новата учебна година.

Во септември лани, кога требало повторно да ја проверат состојбата, инспекторите напишале: „Што се однесува до студентскиот дом „Гоце Делчев“, за кого е издадено решение, истото не е исконтролирано, бидејќи се дадени подолги рокови, но таму станува збор за огромна инвестиција и со години состојбата е непроменета“.

Џевџес Шаќири, директор на Инспекторатот, ги потврди наодите на инспекторите.

„Во студентскиот дом „Гоце Делчев“ со години не е интервенирано. Управителите не ни можеа да интервенираат со оглед на тоа дека беа потребни многу пари, кои Државниот студентски центар ги нема. Досега не е вложен ни денар во овој студентски дом. Знаете, тој е граден уште во времето на Југославија, и однадвор можеби изгледа здраво и одлично, но состојбата внатре е лоша. Она што најмногу се интервенирало од она што ние сме го барале е варосување, бојадисување, поправка на одводи и канализација и слично, но ништо друго потемелно“, изјави Шаќири.

Тој верува дека состојбата ќе се среди со реновирањето што го најави Владата.

„Ме радува тоа што државата одвои пари за реновирање на овој дом, како и на ’Невена Георгиева – Дуња’ или популарниот Медицинар, за којшто јас сум посебно врзан, затоа што таму поминав две години од животот. Се интервенираше и во домот во Автокоманда, ’Стив Наумов’, па состојбите полека почнуваат да се поправаат“, смета Шаќири.

Од овој извештај произлегува дека санитарните инспектори утврдиле лоша санитарна и техничка состојба во домот, укажале на тоа, и како да кренале раце – толку е лошо, што не може да се поправи додека од корен не се реновира.

Редици за 200 грама стек

Додека чекаат Владата да почне да го остварува ветувањето дека Домот ќе се реновира, студентите раскажуваат дека и оваа учебна година се принудени да се сместат во неподносливи услови. Во март годинава, дел од нив се организираа во иницијативата „Операција студентски дом“. Со мотото „Преку индексот ни е!“, постигнаа светска „слава“ кога фотографиите од домот ги обиколија светските медиуми. Тие за СКУП велат: „го кренавме гласот, но живееме исто како и пред тоа“.

„Кога беше во тек ’Операција’, имаше многу контроли во Домот. Влегуваа по собите, гледаа дали се собираме по повеќе луѓе, бараа домски книшки. Во продавницата од каде купуваме со бонови стигна повеќе храна од вообичаено. Интензивно беа носени пратки со храна, но кога помина гужвата,повторно останаа нарезоците од непостоечки ’Хедис’ на една недела пред истекот на рокот“, велат студентите на прашањето што се смени овие неколку месеци откако нивниот глас допре до јавноста.

 

Минатата учебна година им помина со проблеми со расипани лифтови, темни ходници, неподносливи бањи, без доволно топла вода, во соби со мувлосани ѕидови, храна која ем е еднообразна ем количински не е доволна…. Од овој септември, ситуацијата со влагата, мувлата и немањето топла вода е иста.

„Најмногу храна има во септември и октомври. Потоа почнува да ја снемува. Од месо, годинава имаше само стек. Во мензата имаше залепен лист дека секој смее да земе само по 200 грама стек. Се редиме во редица и чекаме по 40 минути за парче стек и порција помфрит. Помфритот се јаде со лажица, оти во мензата нема доволно вилушки. Минатата година, во бифето имаше сокови – годинава, ги нема ниту фрижидерите. Топла вода и парно се реткост. На ниту еден кат нема противпожарни апарати. Мачките и кучињата се како дома низ ходниците. На катот кај мене, тоалети и туш кабините се без врати. Не е пријатно, но мора да ги користиме, оти друго нема. Во секој блок има по два лифта. За еден знаеш дека сигурно не работи. Низ ходниците е хорор. Некои светилки не работат, други романтично трепкаат цело време. Во мај, лифтот во Г блокот не работеше две недели. Кога врне, врне и на катовите и се прават споеви во електричната инсталација“, раскажуваат студентите.

Според нивните тврдења, во цел блок имало само еден мајстор електричар.

„ Имаме четворица мајстори – столар, водоводџија, бравар и електричар. Немаат основни алати за работа. Откако си отиде електричарот, за пукната фасонка чекав три недели. Течеше вентил во вецето, водоводџијата немаше клешта за да го поправи“, раскажува друг студент.

„Операција студентски дом“ во нова битка

Членовите на „Операција студентски дом“ велат дека причината за иницијатива е паѓањето на лифт во Б блокот, од осми на втори кат, а тоа никој не го признал.

На почетокот биле 50-ина студенти. Изненадени се што за кратко време постигнаа успех на кој ни тие не се надеваа – жалат за опструкциите што им ги прават нивни колеги по студентски маки и за обидите да им се залепи политичка етикета. Ги радува што добиле десетици повици за донации. Од Австралија и Германија ги прашувале како да им пратат помош, но тие ги одбиле сите такви понуди. Нивните објави имаа преку пет милиони прегледи.

„Ние не сме, ниту сакаме да бидеме политичари. Многу внимаваме и се оградуваме од сите партии. Бидејќи се појавивме пред избори, имаше обиди за провокации и од едната и од другата страна, но засега се држиме подалеку од нив. Со отворени писма им укажуваме дека ние се бориме единствено за нашите права како студенти“, велат дел од иницијаторите.

Од есенва, тие ќе ја продолжат битката – ќе бараат „студентски мониторинг“ на условите во мензата, бифето и останатите заеднички простории во СД „Гоце Делчев“. Планираат да ја прошират иницијативата и во домовите во Автокоманда и во Центар.

„Главна и основна задача на „Операција студентски дом“, останува да биде медиум за вистинската слика на животот на студентите во студентските домови. Иако со самото формирање ОСД единствено се посвети на „Гоце Делчев“, сметајќи ја состојбата во кој тој се наоѓа како алармантна, со почетокот на новата учебна година, „Операција“ ќе работи на вклучување на останатите студентски домови во Скопје, со цел јавноста да биде информирана. Главна цел е поддршката на студентите-станари да се ослободат од стравот дека ќе го изгубат местото од домот ако проговорат за секојдневните потешкотии, и токму тоа ослободување од стравот да го канализираат во дела“, велат иницијаторите./крај/мф/бб

 

(„Сторијата е поддржана од ЦИН СКУП Македонија во рамките на НЕД проектот “Подигнување на јавната свест против корупција преку истражувачко новинарство“.)

Извор: Макфакс



©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Анализи

Силјановска vs Пендаровски: Кој добива, а кој губи во битката на социјалните мрежи и медиумите?

Објавено пред

Претседателските кандидати Стево Пендаровски и Гордана Силјановска-Давкова најмногу се спомнуваат во медиумите, а најмалку се популарни меѓу твитерџиите. Во негативен контекст почесто е споменувана Силјановска на социјалните мрежи „Феjсбук“ и „Твитер“, но и во медиумите.

dobivaj vesti na viber

Ова го покажа првата сентимент-анализа на истражувачкиот центар на „Макфакс“, која се изработуваше во периодот од 1 до 9 април годинава. Процесот на изработка на анализата е базиран на компјутерски алгоритми и има задача да одреди во каков контекст (многу негативен, негативен, неутрален, позитивен или многу позитивен) е напишан одреден текст или дел од текстот.

Преку системот беа анализирани 220 медиуми, како и објавите и коментарите на над еден милион корисници на „Фејсбук“ и твитовите од 300 илјади профили. Тестирањата на платформата покажaа дека користените технологии даваат резултат со точност поголема од 80 проценти.

Според анализата, имињата на Силјановска-Давкова и на Пендаровски почесто се споменуваат во медиумите отколку на социјалните мрежи „Твитер“ и „Фејсбук“. Во првите девет дена од месецот тие биле споменати вкупно 3.515 пати. На „Фејсбук“ биле споменати речиси двојно помалку, а најмалку биле споменувани на „Твитер“.

Силјановска, според оваа анализа, најмногу била спомената на веб-порталите „Република“, „Курир“, „Инфомакс“ и на „Прес 24“, а Пендаровски на „Прес 24“, „Макпрес“, „24 инфо“ и на „Вечер“. Од инфографикот може да се види комплетната слика за тоа во кој медиум биле најмногу застапени двајцата претседателски кандидати.

Во однос на контекстот на споменување во медиумите може да се заклучи дека постои тесна разлика меѓу Силјановска и Пендаровски, иако кандидатката зад која стои опозициската ВМРО-ДПМНЕ предничи со негативните коментари.

Па, така, во многу негативен контекст Силјановска била спомената 201 пат, а Пендаровски 136 пати. Ако таа била спомната 914 пати во негативен контекст, Пендаровски во истиот контекст бил спомнат 778 пати. Тој предничи и во однос на неутралните спомнувања во медиумите, а Силјановска предничи во однос на позитивните споменувања. Тесна е разликата меѓу многу позитивните конотации, во кои биле ставени двајцата претседателски кандидати на кои се однесува анализата, во која за 8 споменувања предност има Пендаровски.

Според податоците од аналитичкиот центар на „Макфакс“, претседателскиот кандидат Пендаровски е попопуларен од Силјановска во однос на бројот на споменувања. Во многу позитивен или позитивен контекст меѓу твитерџиите тој е споменат 231 пат, а Силјановска 201. Во однос на тоа дали кандидатите се споменати во негативен или многу негативен контекст за нијанса води Силјановска, која е спомената 401 пат, а Пендаровски 389.

Слична ситуација може да се види и на „Фејсбук“, каде што Пендаровски има предност во однос на бројот на споменувања. Ако Силјановска била спомената 481 пат во многу негативен или во негативен контекст, Пендаровски е споменат 429 пати. Кај претседателскиот кандидат зад кој стои СДСМ поголем е бројот на позитивни или многу позитивни споменувања на социјалната мрежа „Фејсбук“.

Според сето ова, Силјановска има поголема вредност на вкупниот сентимент во негативен контекст на социјалните мрежи и во медиумите од Пендаровски. Важно е да се потенцира дека не станува збор за анкета што ги мери гласовите за кандидатите, туку за начинот на кој тие се прикажани и коментирани во интернет-просторот. Истражувачкиот центар на „Макфакс“ на почетокот на кампањата за претседателските кандидати спроведе анкета.

Целосната методологија за начинот на изработката на сентимент-анализите на истражувачкиот центар на „Макфакс“ е достапна на следниот линк.

Прикажи повеќе...

Анализи

СЈО со детали: Како Камчев и Мијалков ги переле парите градејќи империја

Објавено пред

Злосторничко здружение, кое функционирало повеќе од 8 години, од 2009 година, кога биле отворани и затворани фирми, перени милиони и милиони евра, биле менувани сопственици, бил купуван огромен имот, отворани фирми на офшор-дестинации за еднократна употреба, префрлувани пари преку кипарски банки, а потоа овие испрани пари влегуваат како основачки влогови за да формираат македонски фирми.

dobivaj vesti na viber

Вака накусо може да се опише случајот „Империја“ на специјалното јавно обвинителство (СЈО), каде што, меѓу другите, осомничени се едни од највлијателните луѓе во земјата, бизнисменот Орце Камчев и поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков.

Три месеци по почнувањето на истрагата, обвинителството излезе со детали за еден од најобемните предмети за кој засега е утврдено дека се испрани речиси 11 милиони евра.

Истрагата е проширена за „Графички центар“ и за „Медија принт Македонија“ (МПМ), извршени се претреси во фирмите, осомничените се испрашани и собрани се докази.

Соработката меѓу Македонија и Кипар е воспоставена, па сега, конечно, на виделина излегуваат и имињата на оние што се криеле зад офшор-фирмите преку кои се переле пари.

Од крајот на јуни до крајот на октомври 2018 година некои од осомничените од „Империја“ биле под посебни истражни мерки.

„Мијалков не беше под посебни истражни мерки, Камчев многу внимателно зборуваше по телефон, но не и другите осомничени“, велат од СЈО.

Без разлика како ќе се одвива понатаму истрагата за „Империја“, со оглед на тоа што статусот и истрагите на СЈО сè уште се неизвесни, оттаму велат дека собрани се речиси 90 отсто од доказите за случајот да може да продолжи понатаму.

Злосторничкото здружение се распаѓа кон крајот на 2017 и почетокот на 2018 година кога осомничените почнуваат да земаат кредити за да се раздолжат, но тоа не значи дека тука завршуваат и нивните поединечни активности.

Под лупа на СЈО е и фирмата поврзана со семејството Мијалкови, „Бест веј инвестмент“, формирана веднаш по обеледонувањето на таканаречените бомби во 2015 година, чиј сопственик е синот на Сашо Мијалков, Јордан. СЈО истражува како се ширел бизнисот и како оваа фирма успева да заработи огромни суми и да стекне голем имот само за три години работа. „Бест веј инвестмент“, ако во 2016 година имала приходи од 816 илјади евра, во 2017 година веќе приходите ѝ растат на 9,6 милиони евра, што само покажува дека независно кој е на власт, бизнисите на Мијалков работат со полна пареа.

Краен сопственик на мистериозната „Ексико“ бил Камчев

Натписот на поштенското сандаче на улицата Иван Милутиновиќ во Скопје сведочи за постоењето на „Ексико“, чие сопствеништво е скриено

Центарот на истрагата за „Империја“ се познатата офшор-фирма „Ексико“ и бизнисменот Орце Камчев.

Истрагата утврдила дека зад првата фирма-мајка на „Ексико“, „Делта инвестмент“ од Белизе, всушност се крие таткото на Орце Камчев, Илија. Од оваа фирма, која поседуваше акции во големи акционерски друштва, а се јавуваше и како еден од сопствениците на атрактивните плацови на Водно, досега сите креваа раце и демантираа дека стојат зад неа.

Истрагата на СЈО утврдила дека по Илија Камчев, набргу како краен сопственик фигурирал и поранешниот директор на македонски „Телеком“, Жарко Луковски, а кога сопствеништвото на фирмата се сели во Америка, односно сопственик станува извесна „Калвус ЛЛЦ“ (Calvus LLC) од САД, крајниот сопственик е всушност Орце Камчев.

Од оваа американска фирма кон „Ексико“ се влеваат 1,6 милион евра како прилив, а дел од овие пари завршува на личната сметка на Камчев, додека со дел се купувани имот и земјиште во Гевгелија, на кое понатаму е предвидено да се градат казина.

Подоцна, а и до ден-денеска, сопственик на „Ексико“ е фирмата со швајцарски капитал „Т&МЈ инвестмент“ од Лугано, Швајцарија, фирма зад која оперативните сознанија покажале дека краен сопственик е член на семејството Мијалкови. Од швајцарската фирма кон македонската „Ексико“ немало никаков прилив или одлив на пари.

„Ексико“ не е единствената фирма преку која функционирало ова злосторничко здружение. Колку за пример, во истатата 2009 година офшор-компанијата „Хоспитал менаџмент груп ЛЛЦ’ од Кипар ја основа клиничката болница „Систина“. Понатаму, оваа компанија го продава имотот на друга офшор-компанија од Панама. „Орка холдинг“ го купува уделот од панамската, па повторно ѝ го продава на „Систина“, со што фактички Камчев внесува удел од „Хоспитал менаџмент“ од Кипар во Македонија.

Сомнежи за перење пари преку кипарски банки

Преку кипарски банки парите влегуваат во земјата

Значаен дел од истрагата на СЈО за „Империја“ има и фирмата „Финзи“ – истата фирма за која во таканаречените бомби можеше да се слушне дека одела набавката за опрема за следење интернет-комуникации за МВР. Министерството, додека на чело на УБК беше Мијалков, наместо директно да ја набави изреалската опрема за прислушување, тоа го правела преку „Финзи“. Во текот на истрагата за случајот самоубиство изврши директорот на „Финзи“, Коста Крпач, во април 2016 година.

Сега истрагата за „Империја“ повторно допира до „Финзи“, фирма основана од „Финзи ЛЛЦ“ во САД. Краен сопственик на оваа компанија, според СЈО, повторно е Орце Камчев.

Во неколку наврати од „Финзи ЛЛЦ“ преку кипарска банка кон македонската „Финзи“ биле исплатувани 650.000 евра. Во тоа време, односно во 2009 година, директор на „Финзи“ во Македонија е Владислав Стајковиќ, брат на Небојша Стајковиќ, поранешен помошник-министер за информатичка технологија во МВР.

Овие пари понатаму влегуваат како основачки влог во „Систина кардиологија“, фирма што подоцна е преименувана во „Си-Фи-Кар“ („Систина“, „Финзи“, “Кара“). Во 2012 година, според СЈО, кога парите веќе се испрани, американската мајка-фирма се затвора и се отвора нова фирма, во која Крпач влегува како директор, а на истата сметка легнуваат парите од израелската донација за опрема за прислушување.

„Не купуваат компании за да работат со нив, туку за да извлечат што можат“

Орце Камчев и Сашо Мијалков, клучните играчи во „Империја“

Многу компании, офшор, стотици папки со документи и изјави од сведоци содржи еден од најобемните предмети на СЈО – „Империја“. Од она што беше претставено пред новинарските екипи, неизбежен е заклучокот дека од досегашната истрага и собраните докази станува збор за класични примери за сомнежи за перење пари пред кои надлежните институции со години молчеле или се откажувале од гонење поради немање докази.

Дел од истрагата е отстапен и на купувањето на „Бетон Штип“ од страна на ТИМ ДОО, „Орка холдинг“, „Езимит“ ДООЕЛ и „Ексико“.

„Кога тие купуваат компанија, не ја купуваат за да ја работат, туку да извлечат што може од имотот на компанијата“, велат од СЈО.

Па, така, и овој пат сознанијата говорат дека од „Бетон Штип“ се извлечени 4 милиони евра, односно газдите ги тераат акционерите со парите да купуваат имот, а понатаму како што се извлекуваат парите, така се инвестираат во други зделки за што патем говорат и последните информации дека речиси 250 работници веќе ги напуштаат работните места од „Бетон Штип“ и истовремено преку суд си ги бараат неисплатените плати за последните четири месеци.

Дел од истрагата го опфаќа и „Фершпед“, односно од моментот кога Кираца Трајковска, која беше еден од мнозинските акционери во “Фершпед“, поради долг во Еуростандард банка, преку посредник побарала кредит од Стопанска банка АД Битола. Камчев, кој е дел од Управниот одбор на банката, наместо кредит, според СЈО, на Трајковска ѝ понудил преку физички лица да ѝ бидат префрлени парите по што биле ослободени нејзините акции од „Фершпед“.

За да им ги продаде акциите на странски инвеститори, таа го ангажирала брокерот Јованче Тасковски. Но, за нејзината намера дознал Штерјо Наков, кој побарал помош од Мијалков, со цел тој да ги купи акциите. Мијалков се договора со Камчев да ја изиграат, па без нејзино знаење, според СЈО, Ненад Јосифовиќ ги продава акциите на физички и правни лица поврзани со Наков за 4 милиони евра повисока цена од реалната. Парите од зделката завршуваат во фирма чии сопственици се „Ексико“, „Орка холдинг“ и „Тимох“.

Во делот од истрагата за „Империја“ влегуваат и стари случаи, кои претходно во обвинителствата завршувале со откажување од гонење поради немање доволно докази. Таков пример е истрагата за „пропаѓањето“ на „Орка спорт“, „Орка текстил“ и други фирми во сопственост на сега покојниот Илија Камчев. Данокот се избегнувал да се плаќа преку лажни стечаи, обезвреднување на имотот и формирање офшор-компании, а потоа парите „чисти“ биле внесувани во земјата, односно целиот имот бил пренесуван на новоформирани компании.

На овој начин, впрочем, и се градела целата империја – преку лојални соработници, изигрување на законитe и формирање компании за еднократна употреба.

Како ќе заврши истрагата и дали случајот ќе добие епилог останува неизвесно. Засега Орце Камчев и Сашо Мијалков се во домашен притвор, а конечниот збор ќе го каже Врховниот суд.

Освен Камчев и Мијалков, осомничени во случајот „Империја“ се и Ратка Куноска-Камчева, мајка на Камчев и неизвршен член на Одборот на директори на „Орка ходинг“, Кристина Камчева-Стојческа, сестра на Камчев и неизвршен член на Одборот на директори на „Жито полог Тетово“, Лилјана Гајдоска, правник во фирмите на Камчев, неизвршен член на Одборот на директори на ЗК „Пелагонија“, Тодор Мирчевски, директор на „Ексико“, Владислав Стајковиќ, сопственик на НВСП, доскорешен директор на „Мобико“ и поранешен директор на „Финзи“, Ванче Мијалчев, извршен директор на „Бетон Штип“, Јованче Тасковски, брокер, и Дејан Јанев од „О.Т.Е. инвест“.

Прикажи повеќе...

Анализи

Политиката го подели СЈО на табори

Објавено пред

„Чарлиевите ангели“ ги нема. Катица Јанева, Ленче Ристоска и Фатиме Фетаи речиси една година не се појавуваат на заеднички прес-конференции. Во јавноста и на социјалните мрежи сè погласни се критиките за работата на специјалното јавно обвинителство и ослабената доверба во оваа институција.

dobivaj vesti na viber

Три и пол години по формирањето, целосен судски епилог има само за два случаја а сè погласни се шпекулациите дека во СЈО владее поделеност на обвинителите на табори, кои меѓусебно не се согласуваат за дејствувањето на ова обвинителство, па тие разлики во мислењата лесно се забележливи и во јавноста.

Трите жени, кои беа симбол за СЈО, ретко може се видат заедно во јавноста, а речиси една година Ленче Ристоска и Фатиме Фетаи не даваат заеднички изјави. Според нашите извори, со слични ставови на една страна биле обвинителките Катица Јанева и Лиле Стефанова, а на друга Ленче Ристоска и Фатиме Фетаи.

Од друга страна, сè поприсутна во јавноста е главната специјална обвинителка Катица Јанева, која, според најавите, во вторник ќе се појави на „1ТВ“, каде што заедно со обвинителите Лиле Стефанова и Трајче Пеливанов треба да одговараат и на прашања од гледачите. Токму во фирмата сопственик на „1ТВ“, „БМЈ медиа груп“, работи синот на Јанева, младиот гевгеличанец Лазар Јанев, за кого веќе беше објавено дека пред вработените бил претставен како директор на правна служба. Пред точно два месеца Јанева беше гостинка на „1ТВ“ и се фотографира со сопственикот на телевизијата, Бојан Јовановски, со назнака дека станува збор за работен состанок.

Во СЈО во последната година во целост се смени практиката на комуникација со јавноста. Последната прес-конференција СЈО ја одржа на 21 март минатата година.

Повеќе нема брифинзи со новинари, а на обвинителките Ристоска и Фетаи не им е дозволено да даваат интервјуа и изјави. Целосна затвореност владее и во однос на истрагите. Случајот „Империја“, во кој, меѓу другите, се осомничени и бизнисменот Јордан Камчев и ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, беше отворен пред повеќе од 2 месеца, а од СЈО нема дополнителни информации, освен дека истрагата е сложена.

Сите обиди на „Макфакс“ да обезбедат брифинг за случајот беа залудни. Новинарите меѓу себе коментираат дека ова обвинителство, кое наметна транспарентно работење, последнава година се затворило, иако обвинителите поминале серија обуки за комуникација со јавноста. Тоа остава простор за шпекулации во постапувањето по предметите на обвинителството. Од друга страна, во редовното Обвинителство се спроведува тренинг за односи со јавноста на обвинителите.

Според нашите информации, во специјалното јавно обвинителство меѓу некои од вработените владее незадоволство од начинот на работа, особено по последните политички случувања, амнестии и повици за помирување, кои во голем дел влијаат и врз актуелните предмети што се во судска постапка, но и на оние што се во истрага и предистрага, а во кои, меѓу другите, се вклучени и Сашо Мијалков, Елизабета Канческа-Милевска, Али Ахмети, Бујар Османи.

Ексминистерката за култура, КанческаМилевска, е инволвирана во предистрагата за предметот „Скопје 2014“, кој е еден од најобемните предмети на СЈО, за Мијалков се водат повеќе судски постапки, а предметот за агенцијата за обезбедување СГС е во предистрага.

Во процесот на помирувањето наголемо се споменуваа и измените во Кривичниот законик, односно член 353, став 5, кој ја регулира злоупотребата на службената положба преку јавните набавки. Доколку дојде до промена на овој член, како што беше најавувано, помали казни или ослободување од одговорност ќе добијат голем број обвинети во случаите на СЈО, меѓу кои и Мијалков.

Уставниот суд сè уште не расправал по иницијативата на адвокатот Еленко Миланов, кој бара судиите да се произнесат за овој член од Кривичниот законик.

Сите овие политички инволвирања, кои допираат и до СЈО, според нашите извори, довеле до голем раздор во работата на институцијата, која има годишен буџет од 3,7 милиони евра. Некои од обвинителите се разочарани од фактот што нивните предмети и нивната работа зависат исклучително од тековната политичка ситуација, па токму затоа во последниот период и не се работи на нови предистраги бидејќи се чека исходот од тоа што ќе се случува со институцијата и дали евентуално одредени функционери од претходната, но и од актуелната власт, ќе избегнат одговорност.

Прикажи повеќе...

Најново

Македонија25 минути

„Влен“: ДУИ како во холивудско сценарио оркестрирала сензационално враќање на Груевски

Јавноста деновиве дозна шокантни детали за тоа како ДУИ, како во холивудско филмско сценарио го оркестрирала сензационалното враќање на поранешниот...

Македонија38 минути

(Видео) Ветрот направи повеќе штети во Битола: Откорнати се покриви од згради, куќи, паднаа и бандери

Делови од Македонија во последното деноноќие беа зафатени со невреме проследено со силен ветер, што причини штети во неколку региони...

Топ1 час

Автомобил излета од патот кај Битола, возачот тешко повреден

Автомобил управуван од 68-годишен маж од Битола излета од патот Ресен-Битола. Од МВР информираа дека несреќата се случила вчера во...

Македонија2 часа

СДСМ: МВР итно да постапи, запален е автомобилот на претседателот на Општинската организација Кривогаштани

СДСМ објави дека најостро го осудува вандалскиот чин и палењето на возилото на претседателот на Општинската организација Кривогаштани, Антонио Симоноски....

Свет3 часа

Трамп објави повеќе номинации за челните позиции во неговата идна администрација

Новоизбраниот претседател на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, најави нова серија назначувања во неговата претстојна администрација. Поранешниот финансиски менаџер на...

Свет5 часа

Зеленски: Украина работи на развој на нови видови воздушна одбрана

Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска изјави дека Украина работи на развој на нови видови воздушна одбрана за да се спротивстави...

Свет5 часа

Мелони: Налогот за апсење на Нетанјаху ќе биде тема на Г7, Израел и терористите не се исто

Италија планира да го разгледа налогот на Меѓународниот кривичен суд (МКС) за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху на претстојниот...

Свет15 часа

Путин: Не постои средство за пресретнување на ракетата „Орешник“

Рускиот претседател Владимир Путин денеска изјави дека ракетниот систем „Орешник“ не е средство за масовно уништување, туку високо прецизно оружје...

Македонија19 часа

Сиљановска-Давкова ја прими Шекеринска: Единството меѓу носителите на највисоките функции е клучот за успехот на државата

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска ја прими Радмила Шекеринска за да ѝ го честита изборот на функцијата заменик-генерална секретарка на...

Македонија20 часа

Силниот ветер предизвика штети во Штип: оштетен покрив на училиште, паднати дрвја на повеќе локации

Силен ветар оштети дел од покрив на средното електро-машинско училиште во Штип, а дрво падна и во непосредна близина на...

Македонија20 часа

Град Скопје: Во Шуто Оризари нема јавен превоз поради советничката група на ВМРО-ДПМНЕ

Македонија повторно станува заробена режимска држава во која граѓаните се злоупотребуваат како потрошен материјал на политичките партии за наметнување на...

Македонија21 час

Студентите и средношколците не смеат да трпат поради партиски препукувања – младите излегоа на протестот за проблемите со градскиот превоз

Студентите и средношколците не смеат да трпат поради партиски препукувања, беше една од пораките кои студентите ги упатија на денешниот...

Македонија21 час

Курто Дудуш ја обвини Арсовска за расизам и дискриминација: „Пишува ли на автобусите на ЈСП ‘забрането за Роми’“

Градоначалникот на Општина Шуто Оризари, Курто Дудуш, на денешниот протест за јавниот превоз упати повеќе барања до градоначалничката Данела Арсовска,...

Македонија23 часа

За лекарски прегледи се чека и со месеци, а стотици термини останале празни оти граѓаните не дошле: „Ако не можат, нека откажат преку СМС“ – апелираат надлежните

Граѓаните што не може да го искористат закажаниот „Мој термин“ во јавното здравство, преку СМС-порака да го откажат за да...

Топ1 ден

Скопјанка на 69-годишна возраст е жената што загина по удар на автомобил во Чаир

Шеесет и деветгодишна жена, со иницијали Н.П. од Скопје е починатата по ударот на автомобил во Чаир, објави МВР. Несреќата...

Македонија1 ден

Почувствуван земјотрес во Македонија

Утрово е регистриран земјотрес со јачина од 2,10 степени според Рихтер во Македонија. Според првите информации од ЕМСЦ, епицентарот е...

Македонија1 ден

(Видео) ДПМНЕ предизвикувајќи тепачка избегна да одговори зошто не ја укина историската комисија, велат од Левица

„На вчерашната седница за пратенички прашања, пратеникот од Левица, Реџеп Исмаил – Хактан, постави прашања за кои јавноста чека одговор...

Македонија1 ден

СДС со примитивни методи во Собранието го активира насилникот и пудлицата на Венко, Апасиев, велат од ВМРО-ДПМНЕ

„Венко Филипче и СДС тотално се изгубија на политичката мапа по катастрофалниот пораз и последните анкети каде рејтингот им е...

Свет1 ден

Унгарија го поддржа Нетанјаху: Одлуката на Меѓународниот кривичен суд е апсурдна

Министерот за надворешни работи на Унгарија ги критикуваше налозите за апсење на Меѓународниот кривичен суд за израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху...

Европа1 ден

Украинскиот парламент ја одложи седницата, на пратениците им е кажано да ги држат своите семејства подалеку од владиниот кварт на Киев

Украинскиот парламент ја одложи седницата што требаше да се одржи денеска поради безбедносни причини, јави јавната телевизија Суспилнe, повикувајќи се...