Контакт

Анализи

Украинските олигарси се нафрлија едни на други

Објавено пред

Украинскиот режим произлезен од државниот удар се сочува со нешто што наликува на кавга меѓу криминалци , откако олигархот и „војвода“ Игор Коломојски, на кој му беше дадена цела провинција да си ја владее (Днепропетровск, но на 25-ти март украинскиот претседател Порошенко му ја одзеде функцијата), ги доведе своите вооружени платеници во Киев за да се борат за контролата врз енергетската компанија во државна сопственост (УкрТрансНафта), со што уште повеќе ги усложни владините пропагандни напори, пишува американскиот новинар Роберт Пери на својот портал Consortium.news

Во утописката земја, како што американските мејнстрим медиуми ја претставуваат тековната украинска криза, минатогодишното назначување на насилниот олигарх Игор Коломојски за гувернер на источните провинции на земјата беше протуркано како „демократска реформа“, затоа што тој наводно бил премногу богат за да можат да го поткупат, без притоа да забележат дека неговото богатство потекнува токму од долгогодишното пљачкосување на економијата на Украина.

Со други зборови, новиот „демократски“ режим поддржан од САД, откако го сруши демократски избраниот претседател затоа што бил „корумпиран“, го награди еден од врвните украински крадци со тоа што му даде да владее со своја сопствена провинција, Днепропетровската област, со помош на неговата лична армија.

Минатата година, бруталните милиции на Коломојски, во кои се вклучени и нео-нацистички одреди, беа величани поради нивните жестоки борби против етничките Руси од истокот, поддржани од Русија, кои се спротивставија на отстранувањето на претседателот за кој тие гласале. Но, сега Коломојски, чија финансиска империја се руши со падот на украинската еономија, ги сврти своите платеници против украинската влада, водена од еден друг олигарх, престедателот Петро Порошенко.

На 17-ти март, Коломојски и неговите платеници заминаа за Киев, откако владата се обиде да ја преземе контролата врз енергетската компаниоја во државна сопственост „УкрТрансНафта“, со која директоруваше човек на Коломојски (олигархот поседува 30 проценти од компанијата, но досега имаше речиси неограничена контрола врз неа). Коломојски и неговите луѓе извршија упад во канцелариите на компанијата со цел да ја одземат и да ја уништат документацијата. Напуштајќи ја зградата, тој почна да ги пцуе насобраните новинари, кои се обидуваа да дознаат што се случува, делејќи неповрзани изјави за некакво „руско саботерство“.

Ова беше многу видлив доказ за тоа како функционира корумпираниот украински политичко-економски систем и за природата на „реформаторите“ кои САД ги истурка на власт. Според BusinessInsider, владата во Киев се обидела да го смири накострешениот Коломојски со изјавата дека, „новиот директор на компанијата нема да поведе никаква финансиска истрага“.

Сепак, остана нејасно дали Коломојски ќе се задоволи со понудата која, всушност, се сведува на предлог сите дотогашни криминали да минат неказнето. Но, ако ветената амнестија се покаже како недоволна, Коломојски, се чини, е сосема подготвен да ја употреби својата приватна армија за да обесхрабри каков и да е обид за повикување на одговорност.

Наредната недела, Валентин Наливајченко, шефот на Управата за државна безбедност, ги обвини функционерите од Днепропетровск за финансирање вооружени банди и за закани кон истражните органи, како што известува Bloomberg. Во извештајот на телевизиската куќа уште се наведува и дека Украина паднала на 142-то место од 175 држави на индексот за перцепција на корупцијата на Transparency International, најлош резултат во Европа.

Размена на милијарди

Пристапот „не гледам никакво зло“ кон тоа како работи сегашната украинска власт се однесува и на новата украинска министерка за финансии Натали Јарешко која, како што се чини, се збогати на сметка на 150-те милиони долари на американските даночни обврзници, со кои се финансираше инвестицискиот фонд за Украина.

Јарешко, поранешен американски дипломат која во декември минатата година прекуноќ се здоби со украинско државјанство за да стане министер за финансии, беше на чело на Западниот НИС фонд за претприемачи (Western NIS Enterprise Fund – WNISEF), кој таа го претвори во центар за внатрешно тргување, матни зделки и конфликт на интереси, иако Агенцијата за меѓународен развој на САД (US Agency for International Development – USAID) покажа многу мал интерес за истражување на етичките проблеми со овој фонд – дури и откако поранешниот сопруг на Јарешко објави документи кои ги докажуваат малверзациите.

Јарешко ќе раководи со распределбата на 17,5 милијарди американски долари кои Меѓународниот монетарен фонд ѝ ги додели на Украина, заедно со милијардите долари помош кои земјата ги очекува од американската и од европските влади.

Во врска со тврдењата на Коломоиски за „руски саботери“, владата изјави дека тоа не е точно, објаснувајќи дека судирот произлегол од неодамнешното гласање во парламентот на Украина да се намали влијанието на Коломоиски во раководењето со компанијата од позиција на малцински акционер. Како дел од поместувањата, штитеникот на Коломоиски, Олександр Лазорко беше избркан од функцијата директор на компанијата, но тој одби да си замине и се забарикадира во својата канцеларија, со што ја постави сцената за доаѓањето на Коломојски и неговите вооружени платеници.

Наредниот ден, New York Times извести за спорот, но побрза да додаде поголемо објаснување за тоа како 52-годишниот олигарх, „бил еден од неколкуте олигарси за кои се сметало дека се премногу богати за да бидат поткупени и кои биле назначени во раководството на Украина за да ја стабилизираат земјата“.

Исто така, се верува дека Коломојски си има купено влијание и внатре во владата на САД, преку задгрбни манипулации со најголемата украинска приватна фирма за гас, „Burisma Holdings“. Минатата година, оваа матна компанија со седиште на Кипар го назначи синот на актуелниот потпретседател на САД, Џо Бајден – Хантер Бајден, за член на бордот на директори. Според јавно достапните материјали за лоби-групите во Вашингтон, „Burisma“, исто така, прибрала низа лобисти со одлични контакти, некои од нив со врски со државниот секретар на САД, Џон Кери, вклучувајќи го и поранешниот шеф на кабинетот на Кери додека беше сенатор, Дејвид Леитер.

„Со вмешаноста на Леитер во оваа фирма се заокружува моќен тим од Американци со одлични политички врски, во кој е вклучен и новиот член на бордот на директори, Девон Арчер, поранешен советник на Џон Кери во текот на кампањата за избор за претседател на САД во 2004 година. И Арчер и Хантер Бајден биле деловни партнери со зетот на Кери, Кристофер Хајнц, оснивачот на приватната финансиска компанија ‘Rosemont Capital’“, известува неделникот Time.

Украински истражувачки новинари, пак, успеаја да ја проследат сопственоста на „Burisma“ до „Privat Bank“, која е под целосна контрола на Коломојски.

Така, се чини дека украинските олигарси, кои поседуваат енормна моќ во оваа корумпирана држава, сега острат еден на друг за она што е останато од економскиот плен во земјата и воедно се позиционираат за удел во меѓународната помош која треба да пристигне./крај/мф/сс

 

Роберт Пери е истражувачки новинар и сопственик на порталот Consortium.news, кој се прослави во 1980-те години, кога за агенцијата Associated Press и за неделникот Newsweek го провали тајното снабдување на Иран со американско оружје, подоцна наречено Irangate. Тој, меѓу другото, е и автор на книгата „Украдената американска приказна“ (Stolen American Narrative).

Извор: Макфакс

Анализи

Силјановска vs Пендаровски: Кој добива, а кој губи во битката на социјалните мрежи и медиумите?

Објавено пред

Претседателските кандидати Стево Пендаровски и Гордана Силјановска-Давкова најмногу се спомнуваат во медиумите, а најмалку се популарни меѓу твитерџиите. Во негативен контекст почесто е споменувана Силјановска на социјалните мрежи „Феjсбук“ и „Твитер“, но и во медиумите.

Ова го покажа првата сентимент-анализа на истражувачкиот центар на „Макфакс“, која се изработуваше во периодот од 1 до 9 април годинава. Процесот на изработка на анализата е базиран на компјутерски алгоритми и има задача да одреди во каков контекст (многу негативен, негативен, неутрален, позитивен или многу позитивен) е напишан одреден текст или дел од текстот.

Преку системот беа анализирани 220 медиуми, како и објавите и коментарите на над еден милион корисници на „Фејсбук“ и твитовите од 300 илјади профили. Тестирањата на платформата покажaа дека користените технологии даваат резултат со точност поголема од 80 проценти.

Според анализата, имињата на Силјановска-Давкова и на Пендаровски почесто се споменуваат во медиумите отколку на социјалните мрежи „Твитер“ и „Фејсбук“. Во првите девет дена од месецот тие биле споменати вкупно 3.515 пати. На „Фејсбук“ биле споменати речиси двојно помалку, а најмалку биле споменувани на „Твитер“.

Силјановска, според оваа анализа, најмногу била спомената на веб-порталите „Република“, „Курир“, „Инфомакс“ и на „Прес 24“, а Пендаровски на „Прес 24“, „Макпрес“, „24 инфо“ и на „Вечер“. Од инфографикот може да се види комплетната слика за тоа во кој медиум биле најмногу застапени двајцата претседателски кандидати.

Во однос на контекстот на споменување во медиумите може да се заклучи дека постои тесна разлика меѓу Силјановска и Пендаровски, иако кандидатката зад која стои опозициската ВМРО-ДПМНЕ предничи со негативните коментари.

Па, така, во многу негативен контекст Силјановска била спомената 201 пат, а Пендаровски 136 пати. Ако таа била спомната 914 пати во негативен контекст, Пендаровски во истиот контекст бил спомнат 778 пати. Тој предничи и во однос на неутралните спомнувања во медиумите, а Силјановска предничи во однос на позитивните споменувања. Тесна е разликата меѓу многу позитивните конотации, во кои биле ставени двајцата претседателски кандидати на кои се однесува анализата, во која за 8 споменувања предност има Пендаровски.

Според податоците од аналитичкиот центар на „Макфакс“, претседателскиот кандидат Пендаровски е попопуларен од Силјановска во однос на бројот на споменувања. Во многу позитивен или позитивен контекст меѓу твитерџиите тој е споменат 231 пат, а Силјановска 201. Во однос на тоа дали кандидатите се споменати во негативен или многу негативен контекст за нијанса води Силјановска, која е спомената 401 пат, а Пендаровски 389.

Слична ситуација може да се види и на „Фејсбук“, каде што Пендаровски има предност во однос на бројот на споменувања. Ако Силјановска била спомената 481 пат во многу негативен или во негативен контекст, Пендаровски е споменат 429 пати. Кај претседателскиот кандидат зад кој стои СДСМ поголем е бројот на позитивни или многу позитивни споменувања на социјалната мрежа „Фејсбук“.

Според сето ова, Силјановска има поголема вредност на вкупниот сентимент во негативен контекст на социјалните мрежи и во медиумите од Пендаровски. Важно е да се потенцира дека не станува збор за анкета што ги мери гласовите за кандидатите, туку за начинот на кој тие се прикажани и коментирани во интернет-просторот. Истражувачкиот центар на „Макфакс“ на почетокот на кампањата за претседателските кандидати спроведе анкета.

Целосната методологија за начинот на изработката на сентимент-анализите на истражувачкиот центар на „Макфакс“ е достапна на следниот линк.

Прикажи повеќе...

Анализи

СЈО со детали: Како Камчев и Мијалков ги переле парите градејќи империја

Објавено пред

Злосторничко здружение, кое функционирало повеќе од 8 години, од 2009 година, кога биле отворани и затворани фирми, перени милиони и милиони евра, биле менувани сопственици, бил купуван огромен имот, отворани фирми на офшор-дестинации за еднократна употреба, префрлувани пари преку кипарски банки, а потоа овие испрани пари влегуваат како основачки влогови за да формираат македонски фирми.

Вака накусо може да се опише случајот „Империја“ на специјалното јавно обвинителство (СЈО), каде што, меѓу другите, осомничени се едни од највлијателните луѓе во земјата, бизнисменот Орце Камчев и поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков.

Три месеци по почнувањето на истрагата, обвинителството излезе со детали за еден од најобемните предмети за кој засега е утврдено дека се испрани речиси 11 милиони евра.

Истрагата е проширена за „Графички центар“ и за „Медија принт Македонија“ (МПМ), извршени се претреси во фирмите, осомничените се испрашани и собрани се докази.

Соработката меѓу Македонија и Кипар е воспоставена, па сега, конечно, на виделина излегуваат и имињата на оние што се криеле зад офшор-фирмите преку кои се переле пари.

Од крајот на јуни до крајот на октомври 2018 година некои од осомничените од „Империја“ биле под посебни истражни мерки.

„Мијалков не беше под посебни истражни мерки, Камчев многу внимателно зборуваше по телефон, но не и другите осомничени“, велат од СЈО.

Без разлика како ќе се одвива понатаму истрагата за „Империја“, со оглед на тоа што статусот и истрагите на СЈО сè уште се неизвесни, оттаму велат дека собрани се речиси 90 отсто од доказите за случајот да може да продолжи понатаму.

Злосторничкото здружение се распаѓа кон крајот на 2017 и почетокот на 2018 година кога осомничените почнуваат да земаат кредити за да се раздолжат, но тоа не значи дека тука завршуваат и нивните поединечни активности.

Под лупа на СЈО е и фирмата поврзана со семејството Мијалкови, „Бест веј инвестмент“, формирана веднаш по обеледонувањето на таканаречените бомби во 2015 година, чиј сопственик е синот на Сашо Мијалков, Јордан. СЈО истражува како се ширел бизнисот и како оваа фирма успева да заработи огромни суми и да стекне голем имот само за три години работа. „Бест веј инвестмент“, ако во 2016 година имала приходи од 816 илјади евра, во 2017 година веќе приходите ѝ растат на 9,6 милиони евра, што само покажува дека независно кој е на власт, бизнисите на Мијалков работат со полна пареа.

Краен сопственик на мистериозната „Ексико“ бил Камчев

Натписот на поштенското сандаче на улицата Иван Милутиновиќ во Скопје сведочи за постоењето на „Ексико“, чие сопствеништво е скриено

Центарот на истрагата за „Империја“ се познатата офшор-фирма „Ексико“ и бизнисменот Орце Камчев.

Истрагата утврдила дека зад првата фирма-мајка на „Ексико“, „Делта инвестмент“ од Белизе, всушност се крие таткото на Орце Камчев, Илија. Од оваа фирма, која поседуваше акции во големи акционерски друштва, а се јавуваше и како еден од сопствениците на атрактивните плацови на Водно, досега сите креваа раце и демантираа дека стојат зад неа.

Истрагата на СЈО утврдила дека по Илија Камчев, набргу како краен сопственик фигурирал и поранешниот директор на македонски „Телеком“, Жарко Луковски, а кога сопствеништвото на фирмата се сели во Америка, односно сопственик станува извесна „Калвус ЛЛЦ“ (Calvus LLC) од САД, крајниот сопственик е всушност Орце Камчев.

Од оваа американска фирма кон „Ексико“ се влеваат 1,6 милион евра како прилив, а дел од овие пари завршува на личната сметка на Камчев, додека со дел се купувани имот и земјиште во Гевгелија, на кое понатаму е предвидено да се градат казина.

Подоцна, а и до ден-денеска, сопственик на „Ексико“ е фирмата со швајцарски капитал „Т&МЈ инвестмент“ од Лугано, Швајцарија, фирма зад која оперативните сознанија покажале дека краен сопственик е член на семејството Мијалкови. Од швајцарската фирма кон македонската „Ексико“ немало никаков прилив или одлив на пари.

„Ексико“ не е единствената фирма преку која функционирало ова злосторничко здружение. Колку за пример, во истатата 2009 година офшор-компанијата „Хоспитал менаџмент груп ЛЛЦ’ од Кипар ја основа клиничката болница „Систина“. Понатаму, оваа компанија го продава имотот на друга офшор-компанија од Панама. „Орка холдинг“ го купува уделот од панамската, па повторно ѝ го продава на „Систина“, со што фактички Камчев внесува удел од „Хоспитал менаџмент“ од Кипар во Македонија.

Сомнежи за перење пари преку кипарски банки

Преку кипарски банки парите влегуваат во земјата

Значаен дел од истрагата на СЈО за „Империја“ има и фирмата „Финзи“ – истата фирма за која во таканаречените бомби можеше да се слушне дека одела набавката за опрема за следење интернет-комуникации за МВР. Министерството, додека на чело на УБК беше Мијалков, наместо директно да ја набави изреалската опрема за прислушување, тоа го правела преку „Финзи“. Во текот на истрагата за случајот самоубиство изврши директорот на „Финзи“, Коста Крпач, во април 2016 година.

Сега истрагата за „Империја“ повторно допира до „Финзи“, фирма основана од „Финзи ЛЛЦ“ во САД. Краен сопственик на оваа компанија, според СЈО, повторно е Орце Камчев.

Во неколку наврати од „Финзи ЛЛЦ“ преку кипарска банка кон македонската „Финзи“ биле исплатувани 650.000 евра. Во тоа време, односно во 2009 година, директор на „Финзи“ во Македонија е Владислав Стајковиќ, брат на Небојша Стајковиќ, поранешен помошник-министер за информатичка технологија во МВР.

Овие пари понатаму влегуваат како основачки влог во „Систина кардиологија“, фирма што подоцна е преименувана во „Си-Фи-Кар“ („Систина“, „Финзи“, “Кара“). Во 2012 година, според СЈО, кога парите веќе се испрани, американската мајка-фирма се затвора и се отвора нова фирма, во која Крпач влегува како директор, а на истата сметка легнуваат парите од израелската донација за опрема за прислушување.

„Не купуваат компании за да работат со нив, туку за да извлечат што можат“

Орце Камчев и Сашо Мијалков, клучните играчи во „Империја“

Многу компании, офшор, стотици папки со документи и изјави од сведоци содржи еден од најобемните предмети на СЈО – „Империја“. Од она што беше претставено пред новинарските екипи, неизбежен е заклучокот дека од досегашната истрага и собраните докази станува збор за класични примери за сомнежи за перење пари пред кои надлежните институции со години молчеле или се откажувале од гонење поради немање докази.

Дел од истрагата е отстапен и на купувањето на „Бетон Штип“ од страна на ТИМ ДОО, „Орка холдинг“, „Езимит“ ДООЕЛ и „Ексико“.

„Кога тие купуваат компанија, не ја купуваат за да ја работат, туку да извлечат што може од имотот на компанијата“, велат од СЈО.

Па, така, и овој пат сознанијата говорат дека од „Бетон Штип“ се извлечени 4 милиони евра, односно газдите ги тераат акционерите со парите да купуваат имот, а понатаму како што се извлекуваат парите, така се инвестираат во други зделки за што патем говорат и последните информации дека речиси 250 работници веќе ги напуштаат работните места од „Бетон Штип“ и истовремено преку суд си ги бараат неисплатените плати за последните четири месеци.

Дел од истрагата го опфаќа и „Фершпед“, односно од моментот кога Кираца Трајковска, која беше еден од мнозинските акционери во “Фершпед“, поради долг во Еуростандард банка, преку посредник побарала кредит од Стопанска банка АД Битола. Камчев, кој е дел од Управниот одбор на банката, наместо кредит, според СЈО, на Трајковска ѝ понудил преку физички лица да ѝ бидат префрлени парите по што биле ослободени нејзините акции од „Фершпед“.

За да им ги продаде акциите на странски инвеститори, таа го ангажирала брокерот Јованче Тасковски. Но, за нејзината намера дознал Штерјо Наков, кој побарал помош од Мијалков, со цел тој да ги купи акциите. Мијалков се договора со Камчев да ја изиграат, па без нејзино знаење, според СЈО, Ненад Јосифовиќ ги продава акциите на физички и правни лица поврзани со Наков за 4 милиони евра повисока цена од реалната. Парите од зделката завршуваат во фирма чии сопственици се „Ексико“, „Орка холдинг“ и „Тимох“.

Во делот од истрагата за „Империја“ влегуваат и стари случаи, кои претходно во обвинителствата завршувале со откажување од гонење поради немање доволно докази. Таков пример е истрагата за „пропаѓањето“ на „Орка спорт“, „Орка текстил“ и други фирми во сопственост на сега покојниот Илија Камчев. Данокот се избегнувал да се плаќа преку лажни стечаи, обезвреднување на имотот и формирање офшор-компании, а потоа парите „чисти“ биле внесувани во земјата, односно целиот имот бил пренесуван на новоформирани компании.

На овој начин, впрочем, и се градела целата империја – преку лојални соработници, изигрување на законитe и формирање компании за еднократна употреба.

Како ќе заврши истрагата и дали случајот ќе добие епилог останува неизвесно. Засега Орце Камчев и Сашо Мијалков се во домашен притвор, а конечниот збор ќе го каже Врховниот суд.

Освен Камчев и Мијалков, осомничени во случајот „Империја“ се и Ратка Куноска-Камчева, мајка на Камчев и неизвршен член на Одборот на директори на „Орка ходинг“, Кристина Камчева-Стојческа, сестра на Камчев и неизвршен член на Одборот на директори на „Жито полог Тетово“, Лилјана Гајдоска, правник во фирмите на Камчев, неизвршен член на Одборот на директори на ЗК „Пелагонија“, Тодор Мирчевски, директор на „Ексико“, Владислав Стајковиќ, сопственик на НВСП, доскорешен директор на „Мобико“ и поранешен директор на „Финзи“, Ванче Мијалчев, извршен директор на „Бетон Штип“, Јованче Тасковски, брокер, и Дејан Јанев од „О.Т.Е. инвест“.

Прикажи повеќе...

Анализи

Политиката го подели СЈО на табори

Објавено пред

„Чарлиевите ангели“ ги нема. Катица Јанева, Ленче Ристоска и Фатиме Фетаи речиси една година не се појавуваат на заеднички прес-конференции. Во јавноста и на социјалните мрежи сè погласни се критиките за работата на специјалното јавно обвинителство и ослабената доверба во оваа институција.

Три и пол години по формирањето, целосен судски епилог има само за два случаја а сè погласни се шпекулациите дека во СЈО владее поделеност на обвинителите на табори, кои меѓусебно не се согласуваат за дејствувањето на ова обвинителство, па тие разлики во мислењата лесно се забележливи и во јавноста.

Трите жени, кои беа симбол за СЈО, ретко може се видат заедно во јавноста, а речиси една година Ленче Ристоска и Фатиме Фетаи не даваат заеднички изјави. Според нашите извори, со слични ставови на една страна биле обвинителките Катица Јанева и Лиле Стефанова, а на друга Ленче Ристоска и Фатиме Фетаи.

Од друга страна, сè поприсутна во јавноста е главната специјална обвинителка Катица Јанева, која, според најавите, во вторник ќе се појави на „1ТВ“, каде што заедно со обвинителите Лиле Стефанова и Трајче Пеливанов треба да одговараат и на прашања од гледачите. Токму во фирмата сопственик на „1ТВ“, „БМЈ медиа груп“, работи синот на Јанева, младиот гевгеличанец Лазар Јанев, за кого веќе беше објавено дека пред вработените бил претставен како директор на правна служба. Пред точно два месеца Јанева беше гостинка на „1ТВ“ и се фотографира со сопственикот на телевизијата, Бојан Јовановски, со назнака дека станува збор за работен состанок.

Во СЈО во последната година во целост се смени практиката на комуникација со јавноста. Последната прес-конференција СЈО ја одржа на 21 март минатата година.

Повеќе нема брифинзи со новинари, а на обвинителките Ристоска и Фетаи не им е дозволено да даваат интервјуа и изјави. Целосна затвореност владее и во однос на истрагите. Случајот „Империја“, во кој, меѓу другите, се осомничени и бизнисменот Јордан Камчев и ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, беше отворен пред повеќе од 2 месеца, а од СЈО нема дополнителни информации, освен дека истрагата е сложена.

Сите обиди на „Макфакс“ да обезбедат брифинг за случајот беа залудни. Новинарите меѓу себе коментираат дека ова обвинителство, кое наметна транспарентно работење, последнава година се затворило, иако обвинителите поминале серија обуки за комуникација со јавноста. Тоа остава простор за шпекулации во постапувањето по предметите на обвинителството. Од друга страна, во редовното Обвинителство се спроведува тренинг за односи со јавноста на обвинителите.

Според нашите информации, во специјалното јавно обвинителство меѓу некои од вработените владее незадоволство од начинот на работа, особено по последните политички случувања, амнестии и повици за помирување, кои во голем дел влијаат и врз актуелните предмети што се во судска постапка, но и на оние што се во истрага и предистрага, а во кои, меѓу другите, се вклучени и Сашо Мијалков, Елизабета Канческа-Милевска, Али Ахмети, Бујар Османи.

Ексминистерката за култура, КанческаМилевска, е инволвирана во предистрагата за предметот „Скопје 2014“, кој е еден од најобемните предмети на СЈО, за Мијалков се водат повеќе судски постапки, а предметот за агенцијата за обезбедување СГС е во предистрага.

Во процесот на помирувањето наголемо се споменуваа и измените во Кривичниот законик, односно член 353, став 5, кој ја регулира злоупотребата на службената положба преку јавните набавки. Доколку дојде до промена на овој член, како што беше најавувано, помали казни или ослободување од одговорност ќе добијат голем број обвинети во случаите на СЈО, меѓу кои и Мијалков.

Уставниот суд сè уште не расправал по иницијативата на адвокатот Еленко Миланов, кој бара судиите да се произнесат за овој член од Кривичниот законик.

Сите овие политички инволвирања, кои допираат и до СЈО, според нашите извори, довеле до голем раздор во работата на институцијата, која има годишен буџет од 3,7 милиони евра. Некои од обвинителите се разочарани од фактот што нивните предмети и нивната работа зависат исклучително од тековната политичка ситуација, па токму затоа во последниот период и не се работи на нови предистраги бидејќи се чека исходот од тоа што ќе се случува со институцијата и дали евентуално одредени функционери од претходната, но и од актуелната власт, ќе избегнат одговорност.

Прикажи повеќе...

Најново

Свет2 часа

Хамас најави примирје, ќе трае 2 часа и ќе важи само за Тел Авив

Палестинската организација Хамас најави примирје со Израел, во траење од 2 часа, кое ќе започне во 22 часот по локално...

Свет3 часа

Нетанјаху до Бајден: Израел не сака да повредува лица кои не се вклучени во борбата со Хамас

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска му соопшти на американскиот претседател Џо Бајден дека Израел „прави се за да избегне повреда...

Македонија8 часа

13 починати и 112 нови случаи на Ковид-19 од 4.196 тестови

Министерството за здравство информира дека во последните 24 часа се направени 4.196 тестирања, а регистрирани се 112 нови случаи на...

Свет9 часа

(Видео) Израел во Газа уништи зграда во која се канцелариите на „Ал-Џезира“ и светски агенции

Израел во воздушен напад уништи зграда во која се сместени канцелариите на катарската телевизија „Ал-Џезира“, како и на светските новински...

Македонија9 часа

Заев: Законот за дивоградбите ќе се врати во Собрание, мора да ги спасиме домовите на сиромашните

Премиерот Заев вели дека не се откажува од носењето на Законот за легализација на дивоградбите. Откако претседателот Стево Пендаровски не...

Македонија10 часа

Родителите против дигитализација: Преку референдум ќе ги спасиме нашите деца

Oдборот на граѓанската иницијатива „Учебници и настава мора да има“ денеска одржа протест пред Министерството за образование, противејќи се на...

Македонија11 час

Пристигнаа 100.000 кинески вакцини, на кутиите порака: „Пријателот во неволја е поблизок од брат“

Солидарноста и помошта тогаш кога е најпотребна, ја враќаат вербата во човештвото, напиша на социјалните мрежи министерот за здравство, Венко...

Македонија12 часа

МНР ги советува македонските граѓани да не патуваат во Израел

Министерството за надворешни работи, имајќи ја во предвид ескалацијата на безбедносната состојба во Израел, сугерира на македонските државјани да избегнуваат...

Македонија13 часа

Во болниците низ земјава има 536 ковид-пациенти, во Скопје за 24 часа хоспитализирани 22 лица

Вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот кои се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во...

Свет14 часа

Најмалку 12 загинати во воздушнитe напади на Газа, срушена е и џамија

Палестинските власти потврдија дека најмалку 12 лица загинaле денеска во еден од неколкуте воздушни напади на северот на Појасот Газа,...

Македонија1 ден

Се исфрла мајонезот од исхраната во градинките, по труењето на децата во кумановската градинка

Министерството за труд и социјална политика соопшти дека ќе направи целосна ревизија на нормативите и стандардите за исхрана и оброци...

Македонија1 ден

Починатата 33 – годишна пациентка имала четири операции, а не една како што било заведено во отпусното писмо

Семејството на 33-годишната пациентка, на која ѝ беше изваден миом од матката, го објави отпусното писмо и јавно бара одговорност...

Свет1 ден

Русија официјално ги прогласи Чешка и САД за непријателски земји

Руската влада денеска официјално ги означи Чешка и САД како „непријателски земји“. Како што беше објавено на официјалниот портал за...

Свет1 ден

СЗО со порака до богатите земји: Наместо да ги вакцинирате децата, дајте ги вакцините на сиромашните

Светската здравствена организација денеска ги повика богатите земји да ги преиспитаат плановите за вакцинирање на деца против Ковид-19 и наместо...

Македонија1 ден

16 починати и 30 нови случаи на Ковид-19 од 1.658 тестирања

Министерството за здравство информира дека во последните 24 часа се направени 1.658 тестирања, а регистрирани се 30 нови случаи на...

Македонија1 ден

Грчките гранични служби го отворија преминот Евзони за македонските граѓани

Од 13 часот е почнато да се пропуштаат возила кон Грција на граничниот премин Евзони. По застојот што настана изутринава...

Македонија1 ден

Пендаровски не го потпиша указот за легализација на бесправно изградените објекти

Претседателот Стево Пендаровски го извести претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, дека одлучи да не го потпише...

Македонија1 ден

Филипче: Помладите ќе почекаат за вакцинација

Пријавените за вакцина преку vakcinacija.mk најдоцна до понеделник ќе добијат термини за вакцинација, рече денес министерот за здравство, Венко Филипче....

Европа2 дена

Германски виролог предупредува на опасност од четврти бран на вирусот

Германскиот виролог Хендрик Штрек очекува дека ситуацијата во врска со коронавирусот сигурно ќе се влоши наесен и дека е можен...

Свет2 дена

Борел: Европската Унија не е способна да го запре Израел

Жосеп Борел, високиот комесар на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, изјави дека Европската Унија не е во состојба да...

Досие