Контакт

Анализи

Вистината боли но лекува – затоа во борба против лажните вести

Објавено пред

Вистината кога тогаш излегува на виделина. Ова не е само убава изрека туку и непобитен факт заснован на илјадници години човеково искуство. Но, ајде да се послужиме со уште некоја паметна и многу цитирана мисла, па да речеме и дека „во војна вистината прва умира“. И не само во војна туку и во мир, и не само денес туку и вчера, а сосем извесно и утре, во сите времиња и во сите околности, секогаш ќе се најде некој што ќе се обиде да ја сокрие, да ја измени, да ја искриви или целосно да ја покрие со лага. И потоа лагата да и ја претстави на јавноста како единствена можна вистина. Што да се прави, таква е човечката природа, амбициите, стравот и незнаењето прават од некои луѓе страшни манипулатори, а кога таквите имаат моќ и контрола врз средствата за информирање, последиците знаат да бидат застрашувачки, а понекогаш дури и фатални.

dobivaj vesti na viber

Затоа, потребна е борба за вистината. Упорно, константно и систематски мораме да се фатиме во костец со лажните вести бидејќи од нив, во актуелните хиперпродукциски времиња, и човекот како поединец и општеството во целина имаат огромна штета. Европа веќе ја разбра опасноста од бранот таканаречени фејк-њуз (fake news) и презеде ригорозни мерки за самозаштита. Од една страна санкции за поединци, компании или дури и држави кои свесно и тенденциозно ги пласираат и од друга страна формирање на експертски тимови составени од новинари, аналитичари, научници сите заедно спрегнати во одлучна, иако бескрајно долга борба против лажните информации. Потребни се и други средства во таа битка несомнено, но нив самите си ги носи новото време и новите околности во кои лажните вести битисуваат во се пософистицирани форми следејќи го својот прирoдeн пат на еволуција во вистински хибридни чудовишта.

Лажните вести постојат откако постои човекот. Се разбира уште во прастари времиња племенските водачи, разните шамани, жреци и друиди знаеле да ги заведуваат соплемениците со чудесни толкувања на природните непогоди или со „читање“ на ѕвездите онака како што ним им одговара, но првите организирани и контролирани „лажњаци“ се појавуваат во западниот свет некаде во времето на сломот на Римската Република, кога во борбата за симпатиите на римските маси подоцнежниот император Октавијан Август го демонизирал својот соперник, славниот генерал Марк Антониј ширејќи за него измислици дека е развратник, изрод и предавник на римските традиции. Уште повеќе, лажните вести ја испратиле во историјата неговата љубовница, египетската кралица Клеопатра ( Македонка по крв зарем не!) која желбата да му ја врати старата слава на Египет ја платила не само со својот живот туку и со најодвратни обвинувања кои ќе ја следат во долгите столетија по нејзината смрт.

Но да не одиме толку назад. Минатиот 20-ти век беше период на усовршување на пропагандата во политичкки и воени цели. Бернајс и Гебелс фабрикуваните вести ги подигнаа на едно неверојатно високо ниво, правејќи често најбесмислени конструкции, зачинети со сериозноста на министерството за пропаганда и со бескрајно повторување, да влегуваат во ушите на слушателот и во свеста на читателот како свршен факт и „највистинита“ од сите можни вистини.

Нивната „наука“ потоа забрзано се усовршуваше и 21-то столетие го започнавме (и еве, 17 години го тераме), во неверојатен хаос предизвикан од константната, непрекината канонада од луди, бизарни, глупави, смешни, подмолни и штетни вести, стратешки распоредени во грандиозната низа на интернет портали, сајтови, телевизии, аналитички центри, министерства и генералштабни подземни канцеларии.

Во новите усовршени околности лажните вести се пласираат на севозможни начини, но нивната поделба во следниве категории засега се смета за најсоодветна;

 

  1. Сатира или пародија: овие вести не се создадени со интенција да предизвикаат штета но можат да предизвикаат заблуда.

 

  1. Лажна конекција: кога насловоти поднасловот немаат реална поврзаност со текстот кој што следува.

 

  1. Збунувачка содржина: збунувачка употреба на информации со цел да се промени рамката на текстот.

 

  1. Лажна содржина: кога оригиналниот документ се споделува со лажни подинформации.

 

  1. Измамничка содржина: кога оригиналниот текст е лажно претставен.

 

  1. Манипулативна содржина: кога оригиналниот текст или фотографија се манипулира за да предизвика заблуда.

 

  1. Фабрикувана содржина: кога новата содржина е стопроцентна лага, дизјанирана за да предизвика заблуда или да направи штета.

 

Да повториме дека лажните вести, како што е наведено и во горната поделба, најчесто не се којзнае колку штетни. Кога на некој портал ќе прочитате дека „Тито е жив“ или дека „анонимен експерт на НАСА открива: огромен астероид за две недели ќе ја смачка Земјата“, доколку имате просечна интелигенција веднаш ќе знаете дека „новинарот“ се глупира или на ефтин начин бара внимание. Но што правиме кога лажната вест предизвикува сериозни импликации за поединци, групи или цели општества? Што правите кога во предвоена состојба меѓу две земји некој објавува дека таму и таму од страна на непријателот се убиени, киднапирани, измачувани толку и толку луѓе? Впрочем и Втората светска војна, најкатастрофалната што некогаш човечкиот род ја доживеал, започна со лажна вест објавена утрото на први септември 1939 година дека полски војници навлегле на германска територија и зазеле некаква небитна радио станица во едно погранично село. Тоа што подоцна се докажа дека „полските војници“ всушнсот биле затвореници специјално облечени во полски униформи и застрелани покрај радио станицата, не значи ама баш ништо. Хитлер го обезбеди потребниот повод и веднаш тргна во „одбрана на германската нација од словенските орди“ што на крајот резултираше со 60 милиони мртви, стравично разурнување и ментално осакатување на генерации Европјани кои и покрај сите напори, се уште не можат ниту да си ја објаснат трагедијата која биле принудени да ја одживеат.

Или ајде да се вратиме во нашето време. Што значи кога на вести ќе ви кажат, повикувајќи се на „добро информирани извори“, или на „неименувани функционери“ дека припадник на вашата етничка заедница бил убиен во соседната земја со која имате политички проблеми, само затоа што на националистите во таа земја не им се допаѓа мотивот на неговата маичка или знакот на неговиот автомобил? Какви реперкусии може да предизвика ваквата информација, какво чувство на вознемиреност или дури на бес се раѓа кај оние што гледаат, слушаат или читаат за таков настан, кој подоцна се покажува дека воопшто не се случил? Да земеме друг пример. Колкав страв се всадува во свеста на граѓаните кога со утринското кафе им се сервира информација дека на планината над главниот град се забележани униформирани, добро вооружени групи чија намера за дејствување во најмала рака не може да биде забавна? Подоцна може да излезе дека групи да речеме баш и немало, или дека не била група во прашање туку некаков занесен ловџија се шетал низ коријата, ама штетата е веќе направена и може да предизвика опасни компликации во меѓуетничките односи. Очигледно имаме постојано примери за лажни вести кои не се направени за да се добие толку посакуваниот број на кликања туку се свесно и вешто конструирани за да предизвикаат извесен ефект и да постигнат одредена, често крајно сомнителна цел.

Од друга страна, се случува создавачите на лажни вести да извршат влијание чија што ширина ниту самите не можат да ја разберат. Се уште се свежи сеќавањата на момците од Велес, групата која отвори десетици сајтови за поддршка на претседателската кандидатура на сегашниот амеркански челник Доналд Трамп во времето додека траеше изборната кампања. Младите велешани влегле во играта со јасна намера да заработат некоја брза пара, кога одеднаш се појавија во ударните вести на сите меинстрим медиуми и станаа светска сензација. Тешко е да се поверува дека нивната улога во победата на Трамп била клучна но ширејќи ги измислените, полувистинити или манипулативни вести за Хилари Клинтон тие сепак извршија извесно влијание врз оние американски граѓани кои на нив налетале во интернет просторот. И со тоа го ставија малото поспано балканско гратче на мапата обоено со црвена боја, како показател што може да се направи со малку пари, силна желба и внимателно избрани елементи за влијание врз психологијата на масите.

Една работа е јасна. Лажните вести не се вести. Лагата не може да биде вистина колку пати и да се повторува и во какви било облици да се појавува. Екипата која сега ги создава содржините на Макфакс вистината ја смета за света и нема намера да ја менува за привилегии, за награди или пари. И не само тоа, на нашиот портал започнуваме со една, според нас исправна цел, откривање и презентирање пред јавноста на она што се нарекува проверка на факти во вестите кои македонскиот (и не само тој) читател секојдневно ги добива во интернет просторот, на телевизија, на радио или од пишаните медиуми. Имаме посебна рубрика каде ќе бидат презентирани нашите откритија, каде ќе добивате извештаи засновани на професионална проверка на секоја инфромација која ние самите (или вие почитувани, зошто да не) ќе ја пронајдеме а се сомневаме дека е скарана со вистината. Не тврдиме дека ќе ја обзнаниме секоја манипулација, измама или полувистина но ветуваме дека ќе дадеме се од себе за да успееме во нашата намера и да ја зацементираме вашата доверба. Зошто, да не заборавиме: вистината понекогаш боли но секогаш лекува.

 

Драган Милосављевиќ

 

Анализи

Силјановска vs Пендаровски: Кој добива, а кој губи во битката на социјалните мрежи и медиумите?

Објавено пред

Претседателските кандидати Стево Пендаровски и Гордана Силјановска-Давкова најмногу се спомнуваат во медиумите, а најмалку се популарни меѓу твитерџиите. Во негативен контекст почесто е споменувана Силјановска на социјалните мрежи „Феjсбук“ и „Твитер“, но и во медиумите.

dobivaj vesti na viber

Ова го покажа првата сентимент-анализа на истражувачкиот центар на „Макфакс“, која се изработуваше во периодот од 1 до 9 април годинава. Процесот на изработка на анализата е базиран на компјутерски алгоритми и има задача да одреди во каков контекст (многу негативен, негативен, неутрален, позитивен или многу позитивен) е напишан одреден текст или дел од текстот.

Преку системот беа анализирани 220 медиуми, како и објавите и коментарите на над еден милион корисници на „Фејсбук“ и твитовите од 300 илјади профили. Тестирањата на платформата покажaа дека користените технологии даваат резултат со точност поголема од 80 проценти.

Според анализата, имињата на Силјановска-Давкова и на Пендаровски почесто се споменуваат во медиумите отколку на социјалните мрежи „Твитер“ и „Фејсбук“. Во првите девет дена од месецот тие биле споменати вкупно 3.515 пати. На „Фејсбук“ биле споменати речиси двојно помалку, а најмалку биле споменувани на „Твитер“.

Силјановска, според оваа анализа, најмногу била спомената на веб-порталите „Република“, „Курир“, „Инфомакс“ и на „Прес 24“, а Пендаровски на „Прес 24“, „Макпрес“, „24 инфо“ и на „Вечер“. Од инфографикот може да се види комплетната слика за тоа во кој медиум биле најмногу застапени двајцата претседателски кандидати.

Во однос на контекстот на споменување во медиумите може да се заклучи дека постои тесна разлика меѓу Силјановска и Пендаровски, иако кандидатката зад која стои опозициската ВМРО-ДПМНЕ предничи со негативните коментари.

Па, така, во многу негативен контекст Силјановска била спомената 201 пат, а Пендаровски 136 пати. Ако таа била спомната 914 пати во негативен контекст, Пендаровски во истиот контекст бил спомнат 778 пати. Тој предничи и во однос на неутралните спомнувања во медиумите, а Силјановска предничи во однос на позитивните споменувања. Тесна е разликата меѓу многу позитивните конотации, во кои биле ставени двајцата претседателски кандидати на кои се однесува анализата, во која за 8 споменувања предност има Пендаровски.

Според податоците од аналитичкиот центар на „Макфакс“, претседателскиот кандидат Пендаровски е попопуларен од Силјановска во однос на бројот на споменувања. Во многу позитивен или позитивен контекст меѓу твитерџиите тој е споменат 231 пат, а Силјановска 201. Во однос на тоа дали кандидатите се споменати во негативен или многу негативен контекст за нијанса води Силјановска, која е спомената 401 пат, а Пендаровски 389.

Слична ситуација може да се види и на „Фејсбук“, каде што Пендаровски има предност во однос на бројот на споменувања. Ако Силјановска била спомената 481 пат во многу негативен или во негативен контекст, Пендаровски е споменат 429 пати. Кај претседателскиот кандидат зад кој стои СДСМ поголем е бројот на позитивни или многу позитивни споменувања на социјалната мрежа „Фејсбук“.

Според сето ова, Силјановска има поголема вредност на вкупниот сентимент во негативен контекст на социјалните мрежи и во медиумите од Пендаровски. Важно е да се потенцира дека не станува збор за анкета што ги мери гласовите за кандидатите, туку за начинот на кој тие се прикажани и коментирани во интернет-просторот. Истражувачкиот центар на „Макфакс“ на почетокот на кампањата за претседателските кандидати спроведе анкета.

Целосната методологија за начинот на изработката на сентимент-анализите на истражувачкиот центар на „Макфакс“ е достапна на следниот линк.

Прикажи повеќе...

Анализи

СЈО со детали: Како Камчев и Мијалков ги переле парите градејќи империја

Објавено пред

Злосторничко здружение, кое функционирало повеќе од 8 години, од 2009 година, кога биле отворани и затворани фирми, перени милиони и милиони евра, биле менувани сопственици, бил купуван огромен имот, отворани фирми на офшор-дестинации за еднократна употреба, префрлувани пари преку кипарски банки, а потоа овие испрани пари влегуваат како основачки влогови за да формираат македонски фирми.

dobivaj vesti na viber

Вака накусо може да се опише случајот „Империја“ на специјалното јавно обвинителство (СЈО), каде што, меѓу другите, осомничени се едни од највлијателните луѓе во земјата, бизнисменот Орце Камчев и поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков.

Три месеци по почнувањето на истрагата, обвинителството излезе со детали за еден од најобемните предмети за кој засега е утврдено дека се испрани речиси 11 милиони евра.

Истрагата е проширена за „Графички центар“ и за „Медија принт Македонија“ (МПМ), извршени се претреси во фирмите, осомничените се испрашани и собрани се докази.

Соработката меѓу Македонија и Кипар е воспоставена, па сега, конечно, на виделина излегуваат и имињата на оние што се криеле зад офшор-фирмите преку кои се переле пари.

Од крајот на јуни до крајот на октомври 2018 година некои од осомничените од „Империја“ биле под посебни истражни мерки.

„Мијалков не беше под посебни истражни мерки, Камчев многу внимателно зборуваше по телефон, но не и другите осомничени“, велат од СЈО.

Без разлика како ќе се одвива понатаму истрагата за „Империја“, со оглед на тоа што статусот и истрагите на СЈО сè уште се неизвесни, оттаму велат дека собрани се речиси 90 отсто од доказите за случајот да може да продолжи понатаму.

Злосторничкото здружение се распаѓа кон крајот на 2017 и почетокот на 2018 година кога осомничените почнуваат да земаат кредити за да се раздолжат, но тоа не значи дека тука завршуваат и нивните поединечни активности.

Под лупа на СЈО е и фирмата поврзана со семејството Мијалкови, „Бест веј инвестмент“, формирана веднаш по обеледонувањето на таканаречените бомби во 2015 година, чиј сопственик е синот на Сашо Мијалков, Јордан. СЈО истражува како се ширел бизнисот и како оваа фирма успева да заработи огромни суми и да стекне голем имот само за три години работа. „Бест веј инвестмент“, ако во 2016 година имала приходи од 816 илјади евра, во 2017 година веќе приходите ѝ растат на 9,6 милиони евра, што само покажува дека независно кој е на власт, бизнисите на Мијалков работат со полна пареа.

Краен сопственик на мистериозната „Ексико“ бил Камчев

Натписот на поштенското сандаче на улицата Иван Милутиновиќ во Скопје сведочи за постоењето на „Ексико“, чие сопствеништво е скриено

Центарот на истрагата за „Империја“ се познатата офшор-фирма „Ексико“ и бизнисменот Орце Камчев.

Истрагата утврдила дека зад првата фирма-мајка на „Ексико“, „Делта инвестмент“ од Белизе, всушност се крие таткото на Орце Камчев, Илија. Од оваа фирма, која поседуваше акции во големи акционерски друштва, а се јавуваше и како еден од сопствениците на атрактивните плацови на Водно, досега сите креваа раце и демантираа дека стојат зад неа.

Истрагата на СЈО утврдила дека по Илија Камчев, набргу како краен сопственик фигурирал и поранешниот директор на македонски „Телеком“, Жарко Луковски, а кога сопствеништвото на фирмата се сели во Америка, односно сопственик станува извесна „Калвус ЛЛЦ“ (Calvus LLC) од САД, крајниот сопственик е всушност Орце Камчев.

Од оваа американска фирма кон „Ексико“ се влеваат 1,6 милион евра како прилив, а дел од овие пари завршува на личната сметка на Камчев, додека со дел се купувани имот и земјиште во Гевгелија, на кое понатаму е предвидено да се градат казина.

Подоцна, а и до ден-денеска, сопственик на „Ексико“ е фирмата со швајцарски капитал „Т&МЈ инвестмент“ од Лугано, Швајцарија, фирма зад која оперативните сознанија покажале дека краен сопственик е член на семејството Мијалкови. Од швајцарската фирма кон македонската „Ексико“ немало никаков прилив или одлив на пари.

„Ексико“ не е единствената фирма преку која функционирало ова злосторничко здружение. Колку за пример, во истатата 2009 година офшор-компанијата „Хоспитал менаџмент груп ЛЛЦ’ од Кипар ја основа клиничката болница „Систина“. Понатаму, оваа компанија го продава имотот на друга офшор-компанија од Панама. „Орка холдинг“ го купува уделот од панамската, па повторно ѝ го продава на „Систина“, со што фактички Камчев внесува удел од „Хоспитал менаџмент“ од Кипар во Македонија.

Сомнежи за перење пари преку кипарски банки

Преку кипарски банки парите влегуваат во земјата

Значаен дел од истрагата на СЈО за „Империја“ има и фирмата „Финзи“ – истата фирма за која во таканаречените бомби можеше да се слушне дека одела набавката за опрема за следење интернет-комуникации за МВР. Министерството, додека на чело на УБК беше Мијалков, наместо директно да ја набави изреалската опрема за прислушување, тоа го правела преку „Финзи“. Во текот на истрагата за случајот самоубиство изврши директорот на „Финзи“, Коста Крпач, во април 2016 година.

Сега истрагата за „Империја“ повторно допира до „Финзи“, фирма основана од „Финзи ЛЛЦ“ во САД. Краен сопственик на оваа компанија, според СЈО, повторно е Орце Камчев.

Во неколку наврати од „Финзи ЛЛЦ“ преку кипарска банка кон македонската „Финзи“ биле исплатувани 650.000 евра. Во тоа време, односно во 2009 година, директор на „Финзи“ во Македонија е Владислав Стајковиќ, брат на Небојша Стајковиќ, поранешен помошник-министер за информатичка технологија во МВР.

Овие пари понатаму влегуваат како основачки влог во „Систина кардиологија“, фирма што подоцна е преименувана во „Си-Фи-Кар“ („Систина“, „Финзи“, “Кара“). Во 2012 година, според СЈО, кога парите веќе се испрани, американската мајка-фирма се затвора и се отвора нова фирма, во која Крпач влегува како директор, а на истата сметка легнуваат парите од израелската донација за опрема за прислушување.

„Не купуваат компании за да работат со нив, туку за да извлечат што можат“

Орце Камчев и Сашо Мијалков, клучните играчи во „Империја“

Многу компании, офшор, стотици папки со документи и изјави од сведоци содржи еден од најобемните предмети на СЈО – „Империја“. Од она што беше претставено пред новинарските екипи, неизбежен е заклучокот дека од досегашната истрага и собраните докази станува збор за класични примери за сомнежи за перење пари пред кои надлежните институции со години молчеле или се откажувале од гонење поради немање докази.

Дел од истрагата е отстапен и на купувањето на „Бетон Штип“ од страна на ТИМ ДОО, „Орка холдинг“, „Езимит“ ДООЕЛ и „Ексико“.

„Кога тие купуваат компанија, не ја купуваат за да ја работат, туку да извлечат што може од имотот на компанијата“, велат од СЈО.

Па, така, и овој пат сознанијата говорат дека од „Бетон Штип“ се извлечени 4 милиони евра, односно газдите ги тераат акционерите со парите да купуваат имот, а понатаму како што се извлекуваат парите, така се инвестираат во други зделки за што патем говорат и последните информации дека речиси 250 работници веќе ги напуштаат работните места од „Бетон Штип“ и истовремено преку суд си ги бараат неисплатените плати за последните четири месеци.

Дел од истрагата го опфаќа и „Фершпед“, односно од моментот кога Кираца Трајковска, која беше еден од мнозинските акционери во “Фершпед“, поради долг во Еуростандард банка, преку посредник побарала кредит од Стопанска банка АД Битола. Камчев, кој е дел од Управниот одбор на банката, наместо кредит, според СЈО, на Трајковска ѝ понудил преку физички лица да ѝ бидат префрлени парите по што биле ослободени нејзините акции од „Фершпед“.

За да им ги продаде акциите на странски инвеститори, таа го ангажирала брокерот Јованче Тасковски. Но, за нејзината намера дознал Штерјо Наков, кој побарал помош од Мијалков, со цел тој да ги купи акциите. Мијалков се договора со Камчев да ја изиграат, па без нејзино знаење, според СЈО, Ненад Јосифовиќ ги продава акциите на физички и правни лица поврзани со Наков за 4 милиони евра повисока цена од реалната. Парите од зделката завршуваат во фирма чии сопственици се „Ексико“, „Орка холдинг“ и „Тимох“.

Во делот од истрагата за „Империја“ влегуваат и стари случаи, кои претходно во обвинителствата завршувале со откажување од гонење поради немање доволно докази. Таков пример е истрагата за „пропаѓањето“ на „Орка спорт“, „Орка текстил“ и други фирми во сопственост на сега покојниот Илија Камчев. Данокот се избегнувал да се плаќа преку лажни стечаи, обезвреднување на имотот и формирање офшор-компании, а потоа парите „чисти“ биле внесувани во земјата, односно целиот имот бил пренесуван на новоформирани компании.

На овој начин, впрочем, и се градела целата империја – преку лојални соработници, изигрување на законитe и формирање компании за еднократна употреба.

Како ќе заврши истрагата и дали случајот ќе добие епилог останува неизвесно. Засега Орце Камчев и Сашо Мијалков се во домашен притвор, а конечниот збор ќе го каже Врховниот суд.

Освен Камчев и Мијалков, осомничени во случајот „Империја“ се и Ратка Куноска-Камчева, мајка на Камчев и неизвршен член на Одборот на директори на „Орка ходинг“, Кристина Камчева-Стојческа, сестра на Камчев и неизвршен член на Одборот на директори на „Жито полог Тетово“, Лилјана Гајдоска, правник во фирмите на Камчев, неизвршен член на Одборот на директори на ЗК „Пелагонија“, Тодор Мирчевски, директор на „Ексико“, Владислав Стајковиќ, сопственик на НВСП, доскорешен директор на „Мобико“ и поранешен директор на „Финзи“, Ванче Мијалчев, извршен директор на „Бетон Штип“, Јованче Тасковски, брокер, и Дејан Јанев од „О.Т.Е. инвест“.

Прикажи повеќе...

Анализи

Политиката го подели СЈО на табори

Објавено пред

„Чарлиевите ангели“ ги нема. Катица Јанева, Ленче Ристоска и Фатиме Фетаи речиси една година не се појавуваат на заеднички прес-конференции. Во јавноста и на социјалните мрежи сè погласни се критиките за работата на специјалното јавно обвинителство и ослабената доверба во оваа институција.

dobivaj vesti na viber

Три и пол години по формирањето, целосен судски епилог има само за два случаја а сè погласни се шпекулациите дека во СЈО владее поделеност на обвинителите на табори, кои меѓусебно не се согласуваат за дејствувањето на ова обвинителство, па тие разлики во мислењата лесно се забележливи и во јавноста.

Трите жени, кои беа симбол за СЈО, ретко може се видат заедно во јавноста, а речиси една година Ленче Ристоска и Фатиме Фетаи не даваат заеднички изјави. Според нашите извори, со слични ставови на една страна биле обвинителките Катица Јанева и Лиле Стефанова, а на друга Ленче Ристоска и Фатиме Фетаи.

Од друга страна, сè поприсутна во јавноста е главната специјална обвинителка Катица Јанева, која, според најавите, во вторник ќе се појави на „1ТВ“, каде што заедно со обвинителите Лиле Стефанова и Трајче Пеливанов треба да одговараат и на прашања од гледачите. Токму во фирмата сопственик на „1ТВ“, „БМЈ медиа груп“, работи синот на Јанева, младиот гевгеличанец Лазар Јанев, за кого веќе беше објавено дека пред вработените бил претставен како директор на правна служба. Пред точно два месеца Јанева беше гостинка на „1ТВ“ и се фотографира со сопственикот на телевизијата, Бојан Јовановски, со назнака дека станува збор за работен состанок.

Во СЈО во последната година во целост се смени практиката на комуникација со јавноста. Последната прес-конференција СЈО ја одржа на 21 март минатата година.

Повеќе нема брифинзи со новинари, а на обвинителките Ристоска и Фетаи не им е дозволено да даваат интервјуа и изјави. Целосна затвореност владее и во однос на истрагите. Случајот „Империја“, во кој, меѓу другите, се осомничени и бизнисменот Јордан Камчев и ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, беше отворен пред повеќе од 2 месеца, а од СЈО нема дополнителни информации, освен дека истрагата е сложена.

Сите обиди на „Макфакс“ да обезбедат брифинг за случајот беа залудни. Новинарите меѓу себе коментираат дека ова обвинителство, кое наметна транспарентно работење, последнава година се затворило, иако обвинителите поминале серија обуки за комуникација со јавноста. Тоа остава простор за шпекулации во постапувањето по предметите на обвинителството. Од друга страна, во редовното Обвинителство се спроведува тренинг за односи со јавноста на обвинителите.

Според нашите информации, во специјалното јавно обвинителство меѓу некои од вработените владее незадоволство од начинот на работа, особено по последните политички случувања, амнестии и повици за помирување, кои во голем дел влијаат и врз актуелните предмети што се во судска постапка, но и на оние што се во истрага и предистрага, а во кои, меѓу другите, се вклучени и Сашо Мијалков, Елизабета Канческа-Милевска, Али Ахмети, Бујар Османи.

Ексминистерката за култура, КанческаМилевска, е инволвирана во предистрагата за предметот „Скопје 2014“, кој е еден од најобемните предмети на СЈО, за Мијалков се водат повеќе судски постапки, а предметот за агенцијата за обезбедување СГС е во предистрага.

Во процесот на помирувањето наголемо се споменуваа и измените во Кривичниот законик, односно член 353, став 5, кој ја регулира злоупотребата на службената положба преку јавните набавки. Доколку дојде до промена на овој член, како што беше најавувано, помали казни или ослободување од одговорност ќе добијат голем број обвинети во случаите на СЈО, меѓу кои и Мијалков.

Уставниот суд сè уште не расправал по иницијативата на адвокатот Еленко Миланов, кој бара судиите да се произнесат за овој член од Кривичниот законик.

Сите овие политички инволвирања, кои допираат и до СЈО, според нашите извори, довеле до голем раздор во работата на институцијата, која има годишен буџет од 3,7 милиони евра. Некои од обвинителите се разочарани од фактот што нивните предмети и нивната работа зависат исклучително од тековната политичка ситуација, па токму затоа во последниот период и не се работи на нови предистраги бидејќи се чека исходот од тоа што ќе се случува со институцијата и дали евентуално одредени функционери од претходната, но и од актуелната власт, ќе избегнат одговорност.

Прикажи повеќе...

Најново

Топ1 час

Деветнаесетгодишна девојка го управувала автомобилот со којшто беше усмртена жената во Чаир

Деветнаесетгодишна девојка (А.Џ.) управувала со автомобилот „сеат алтеа“, со којшто попладнево беше прегазена жената во скопската населба Чаир којашто почина...

Македонија2 часа

Студентите на протест поради јавниот превоз, бараат и набавка на нови автобуси и велосипедска инфраструктура

Универзитетското студентско сообрание (УСС-УКИМ) за утре, 22 ноември, најавува протест поради проблемите со јавниот превоз што ќе се случува од...

Топ3 часа

Трагедија вечерва во Чаир: Загина жена, ја прегази автомобил

Жена загина во скопската неселба Чаир, кога во неа удрил автомобил со скопски регистерски ознаки. Според информациите од СВР Скопје...

Македонија6 часа

Владата ќе му позајми на градот Скопје дел од нафтените резерви на државата за ЈСП

Владата вонредно расправаше поради недостигот на енергенси за обавување на јавниот сообраќај на територијата на Град Скопје, при што беше...

Македонија7 часа

(Видео) Избегната тепачка во Собранието, Гаши го повика обезбедувањето

Во македонскиот парламент денеска избегната тепачка меѓу некои од пратениците. Инцидентот се случи меѓу лидерот на Левицата, Димитар Апасиев, и...

Македонија10 часа

Црната листа на САД е многу динамична и отворена за додавање нови имиња, порача Агелер

Американската амбасадорка Анџела Агелер, денеска, одговарајќи на новинарско прашање во врска со црната листа на САД, рече дека таа е...

Скопје11 часа

(Видео) СДСМ со решенија за кризата во Скопје: закон за финансиска поддршка на Градот и на ЈСП, субвенциии за гориво, вели Јанчева

„Како што најавивме, денес сме тука за да ги презентираме нашите конкретни предлози за надминување на кризата во која се...

Македонија11 часа

ЈСП избрало неприфатлива понуда во набавката на „евродизелот“, утврдени неправилности во постапката, соопшти Бирото за јавни набавки

Постапката за јавна набавка на „евродизелот“ објавена од страна на договорниот орган ЈСП беше предмет на управна контрола во Бирото...

Скопје12 часа

Славески свика итна вонредна седница на Советот на Скопје поради колапсот на јавниот превоз

Претседателот на Совет на Скопје Трајко Славески за денеска во 18 часот закажа итна вонредна седница на која треба да...

Скопје13 часа

Колапс на јавниот превоз, скопјани се солидаризираат: „Застанете ако сте со автомобил, превезете некого“

Од синоќа, со оглед дека нема автобуси, на социјалните мрежи се споделуваат повици за оние што одат на работа со...

Регион13 часа

Ексминистер и двајца поранешни директори меѓу уапсените за уривањето на натстрешникот на Железничката станица во Нови Сад

Поради уривањето на натстрешникот на Железничката станица во Нови Сад, уапсени се 11 лица, соопшти Вишото јавно обвинителство во Нови...

Европа13 часа

(Видео) Русите ја нападнаа Украина со шест бомбардери „ту-95“ и „миг“, Днепар во пламен

Во денешниот руски ракетен напад е оштетена индустриска компанија во Днепар, а во градот избувнале пожари, изјави началникот на воената...

Европа14 часа

Ажурираната нуклеарна доктрина на Русија е лукав потег на Путин против Бајден и му оди во прилог на Доналд Трамп

Нуклеарните закани на Москва се прилично суптилна игра која директно не ѝ штети на Русија, туку му штети на актуелниот...

Свет16 часа

Северна Кореја и Русија потпишаа протокол за соработка

Северна Кореја и Русија потпишаа протокол за соработка по состаноците за трговија, економија, наука и технологија во Пјонгјанг, објави севернокорејскиот...

Европа16 часа

(Видео) Еруптира вулкан на Исланд

Вулкан во близина на главниот град на Исланд доцна синоќа еруптираше по десетти пат во последните три години, исфрлајќи големи...

Македонија1 ден

(Видео) Заглавен сообраќајот во Скопје, автобуси нема, Брзата помош не можеше да се пробие на Бит Пазар

Скопје е парализирано попладнево. Автобусите не сообраќаат, а граѓани се жалат дека не успеваат да најдат ниту слободно такси поради...

Македонија1 ден

Осудени велешаните кои силуваа 14-годишно девојче, највисоката казна е 5 години и 6 месеци затвор

Во Основниот кривичен суд денес беше објавена пресудата против тринаесетте лица од Велес кои беа обвинети за сексуално злоставување на...

Македонија1 ден

Мицкоски за Шекеринска: Ѝ честитав за изборот за заменик-генерална секретарка на НАТО, за нас – националното единство е пред партиските интереси

„Не е тајна дека во минатото сме имале многу концептуални разлики кога станува збор за справувањето со актуелните проблеми, политиките,...

Македонија1 ден

Со гордост ќе ја претставувам Северна Македонија на оваа висока меѓународна позиција, рече Шекеринска

Радмила Шекеринска, која беше назначена за втор човек на НАТО, односно заменик-генерална секретарка на алијансата, утрово се заблагодари за честитките...

Македонија1 ден

Поднесени 20 претставки за загадениот воздух, Меџити вели дека гасификацијата е решение за урбаните средини

До народниот правобранител поднесени се 40 претставки од областа на животната средина, од кои 20-ина за квалитетот на воздухот, изјави...