Македонија
Вградено второто вештачко срце во Клиничката болница „Аџибадем Систина“
Второ целосно вештачко срце е вградено во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ во Скопје. Со оглед на исклучително тешката и ретка операција, имајќи ја предвид претходната состојба на пациентот, ова е уште еден пионерски кардиохируршки зафат со што Клиничката болница и воопшто македонското здравство се вбројуваат помеѓу петте водечки центри за кардиохирургија во Европа. Ова е втора кардиохируршка операција на вградување на целосно вештачко срце во Македонија за само неполни четири месеци, по првата изведена во јули годинава.
„Горди сме на нашиот тим на кардиохирурзи, којшто е единствен сертифициран тим за изведување на овој тип интервенции во Република Македонија. Од експертите од странство добиваме признанија за изведувањето на оваа крајно комплексна операција. Нивните признанија се за вкупните капацитети на болницата, подготвеноста и знаењето на нашиот тим, предводен од проф. д-р Николиќ, да влеземе во ризичен зафат за да го спасиме животот на младата пациентка. Но, повеќе од сè, тие се потврда за оставрувањето на целта што ја поставивме пред нас пред осум години: станавме најдобриот кардиохируршки центар во Македонија и еден од најдобрите во Европа!”, изјави д-р Јана Марин, директор на болницата и член на Одборот на директори на „Аџибадем Систина“.
Марин објасни дека се работи за пациентка на 28-годишна возраст од Скопје, во Клиничката болница е донесена во животно-загрозувачка состојба, а по оперативниот зафат изведен во четвртокот вечерта, таа е будна, самостојно дише и, засега, се чувствува добро.
Комплексната интервенција траела околу осум часа и комплетно ја извел тимот од „Аџибадем Систина“, предводен од шефот на Одделот за кардиохирургија, проф. д-р Александар Николиќ. Вградувањето вештачко срце е најтешката интервенција во кардиохирургијата.
Со вградувањето вештачко срце, пациентката доби шест до осум години живот, по кои ќе биде потребна трансплантација, а, поради брзиот напредок на медицината, се надеваме дека ќе најдеме друго посоодветно решение за неа и за побрзо време, велат во Клиничката болница.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ЦУК: Коловозите во државата на многу места се влажни и имало ситни одрони на сите патни правци
Во Центарот за управување со кризи, имало вкупно 1 694 повици на единствениот повикувачки број за итни случаи 112.
Од нив „реални“ повици биле 49,82 отсто, а 50,18 отсто биле за други потреби на граѓаните што не биле итни. Кон полиција биле упатени 69,92 отсто и кон итната медицинска помош 28,91 отсто од реалните повици кон 112 во ЦУК.
Во последното деноноќие немало евидентирани пожари на отворено.
Од ЦУК потсетуваат дека коловозите во државата на многу места се влажни и имало ситни одрони на сите патни правци во последното деноноќие.
Екипите ги отстранувале одроните на патот и нема прекин на сообраќајот.
Сервисни информации
Преку денот сончево со мала до умерена облачност, утрото претежно ведро и наместа постудено
Времето денеска со претежно ведро и наместа постудено утро. Преку денот ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Попладне во планинските региони ќе има услови за краткотраен локален дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од западен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -1 до 7, а максималната ќе достигне од 16 до 23 степени.
Во Скопје ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со слаб ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 21 степен.
Во сабота попладне ќе има услови за локална нестабилност со краткотраен пороен дожд и грмежи. Потоа следува период на стабилно и топло време.
Скопје
Без струја делови од општините Петровец, Ѓорче Петров и Сарај
ЕВН Македонија АД известуваат дека без електрична енергија денеска ќе останат делови од општините Петровец, Ѓорче Петвов и Сарај.
– во периодот од 08.30 до 14.30 часот, корисниците од с. Кожле, Тунел Катланово, с.Бадар (општина Петровец)
– во периодот од 09.00 до 11.00 часот, корисниците од дел од ул. 52 кон обиколница во Стопански Двор ( општина Ѓорче Петвов )
– во периодот од 09.00 до 11.00 часот, дел од корисниците во Сарај кај општината (општина Сарај)