Контакт

Анализи

Старо Нагоричане потроши четврт милион евра за три километри спорен пат

Објавено пред

Откако полицијата поднесе кривична пријава, Јавното обвинителство во Куманово истражува дали има криминал во случајот во кој осомничени се градоначалникот на Старо Нагоричане, директорот на фирмата што го градела патот и градежниот инжeнер кој го пуштил во употреба. Ова е само еден пример од тендерите во малите општини за кои има големи сомнежи

dobivaj vesti na viber

Тесен кривулест пат, долг три километри, води од селото Никуљане кон селото Челопек, двете во општината Старо Нагоричане кај Куманово. Обичен пат покрај ливади и зеленило, кој поврзува две села… во што не би имало ништо необично, доколку со асфалтирањето на тие три километри, според полицијата, не е направена штета од 250.000 евра! Толку чинела неговата изградба, финансирана со пари од ИПА фондовите, преку Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој. Основното обвинителство во Куманово, од каде на наше прашање потврдија дека од почеток на август годинава почнале да го истражуваат овој случај, во следните месеци треба да се изјасни дали во правењето на патот има градежен криминал и дали притоа се оштетени општината и државата. Според податоците на електронскиот систем за јавни набавки, по два поништени тендери, на 11.08.2014 година, општината склучила договор со фирмата „Лабино Трејд“, за изградба на локален пат од 2.9 километри. Добиени биле четири понуди.  Највисока понуда била 23.704.152,00 ден.  Најниската понуда била 13.474.000,00 ден. Вредноста на склучениот договор со вклучен ДДВ е 16 милиони денари. Критериум за  доделување на договорот била најниска цена. Предвидено било градбата на патот да трае 120 денови и да заврши до крајот на истата година. На првиот тендер, распишан на 30.12.2013 година, се јавила само фирмата ЕУРО ПРОЕКТ ДООЕЛ од тетовско селото Селце, која понудила цена од 23.105.890 денари без ДДВ. Општината го поништила тендерот затоа што цената не се вклопувала во проценета вредност.  Вториот оглас е објавен во мај 2014 година и исто така бил поништен. На него имало четири понуди. Најниска цена од 17.450.000,00 денари понудиле УРБАН ИНВЕСТ ДОО Грков Јован селото Возарци, кај Кавадарци. И оваа цена не се вклопувала во проценета вредност. Фирмата „Лабино Трејд“ (http://www.clubeconomy.com.mk/detali.aspx?id=461) избрана на третиот тендер што го распишала Општината, почнала да го прави патот во октомври 2014 година. Некаде пред крај на изградбата, почнале проблемите – се јавиле луѓе кои тврдат дека патот зафатил дел од нивното земјиште, за кое не е направена експропријација, ниту им е платено. Други, пак, посочуваат дека патот не е по стандарди бидејќи е штедено на материјал. Документацијата не соодветствува со состојбата на терен. На дел од земјиштето не е направена експропријација. Тампонот не е поставен на потребната висина. Под знак прашалник е и оправданоста на проектот, дали овој пат воопшто требаше да се гради. Со него, патот од едното до другото село се скратува за 1,5 километри до два километра во споредба со регионалниот пат кој, исто така, ги поврзува двете села. „Тоа скратување е незначително. Освен, ако градоначалникот не си го направи пат за себе, откако си направи и викендичка во Челопек“, вели советник од општина Старо Нагоричане, кој бараше да остане анонимен. Општината градела на туѓо земјиште Градоначалник е Милован Стојковски, избран од редовите на Демократската партија на Србите на последните локални избори во 2013 година. Неговата партија е коалициски партнер на ВМРО-ДПМНЕ. Ова му е прв мандат како градоначалник. Стојковски тврди дека ги почитувал законите за градење.„Патот е изграден, имаше надзор, оштетени нема. За што ме обвинуваат тогаш? Ме обвинуваат дека не сум набавил имотен лист. Па ние не градиме зграда, пат правевме. Тука нема криминал, има многу инсинуации и многу политика“, ни изјави Стојковски. Според него, главен проблем е експропријацијата на земјиштето од 400 квадратни метри. На земјиштето има 34 парцели. „За 330 квадратни метри имаме целосна согласност од сопствениците. Тие се среќни што добија пари. Останатите парцели вредат 16.000 денари. Па тие луѓе не се ни оштетени“, вели Стојковски.Неколкупати се обидовме, но не успеавме, да стапиме во контакт со сопственици на овие парцели. Некои велат дека се плашат од реваншизам и одбија да зборуваат со новинари. Други се отселени, само имотот им е околу овие села. Стојковски потврдува дека викендичката во Челопек постои, но не била негова, туку на негов вујко. Вели дека бил стар објект, што тој го обновил за да не падне.

Кога ја најавија инвестицијата, од општината информираа дека „ жителите од општината ќе имаат повеќе придобивки, како олеснување на движењето на луѓето меѓу двете села, но и воопшто во самата општина, скратување на трошоците, полесна фреквенција на населението и поврзување на околните села“. Овој пат го поминавме неколку пати во јули. Тогаш сообраќај немаше. Освен нашиот автомобил, не налетавме ниту на други автомобили, ниту на други луѓе. Немаше дури ни запрежни коли, за разлика од патот од другата страна, каде раздвиженоста е поголема.  Во општина Старо Нагоричане има околу 3.800 жители. Во село Никуљане живеат стотина луѓе, а во Челопек, околу 200 луѓе.Полицијата поднела кривична пријава и против градоначалникот и против фирмата Во средината на мај годинава, за овој случај се заинтересирало и СВР Куманово. Откако се пожалиле сопственици на земјиштето зафатено од патот, полицијата поднела кривична пријава против градоначалникот и против фирмата, како и против инженерот кој правел надзор и го пуштил патот во употреба. Градоначалникот се товари за „злоупотреба на службената положба и овластување“, фирмата за „узурпација на недвижности“ а заедно на товар им се става делото „ бесправно градење“. Кривични пријави има и за  З.Н (58) од Скопје, кој го правел стручниот надзор и потпишал Одобрение за употреба на патот. „М.С. како градоначалник, вршејќи работи од јавен интерес, ја злоупотребил својата должност, со тоа што не постапил согласно повеќе одредби од Законот за градење и законот за експропријација при постапката за издавање на Одобрението за градба и запишување на градба од јавен интерес на општински пристапен пат с. Никуљане – с. Челопек , односно не обезбедил доказ, Имотен лист со запишано право на сопственост и со тоа ја оштетил РМ. Исто така, не обезбедил конечно решение за експропријација, не спровел постапка за плаќање надомест на физички лица во чија сопственост било земјиштето, со што ги оштетил физичките лица за точно неутврден износ“, стои во пријавата. Понатаму, се вели дека градоначалникот, заедно со управителот на „Лабино Трејд“, „заедно како соизвршители го изградиле предметниот пат спротивно Основниот проект за градба од 2011 година, а притоа дополнително заземале делови од туѓо земјиште лоцирани од двете страни и по целата должина на патот. З.Н, како главен надзорен инженер, назначен од Друштвото „Геинг“ ДОО Скопје при вршење стручен надзор ги повредил законските прописи од законот за градење при што му овозможил на правното лице да ги продолжи и заврши, а потоа и да ги наплати градежните работи и да оствари противправна имотна корист од 15.063.998 денари“. Според МВР, вредноста на договорот за вршење надзор е 405.920 денари, сума за која е оштетена општината.„Лабино – Трејд“ е фирма која е специјализирана за нискоградба, високо градба и проектирање. Лоцирана е во гостиварското село Чегране. Во услугите што ги прави фирмата се наведени асфалтирање патишта, реконструкција, проширување и реконструкција на тротоари, ископ, пробивање, пробивање на помошни патишта и др. Листата на досегашни проекти ги вклучува и скопската Обиколница (2006 – 2009 година) и изведба на дел од браната Света Петка (2009 – 2010 година). Ифраим Љутвиу, директор на „Лабино Трејд“, демантира оти има незаконитости при изградбата на патот.„Можеби има одредени отстапувања во висината на тампонот, но тоа е ситно, околу 5 отсто. Во пари, тоа се околу 1.000 евра. Отстапувањата се направени за подобро да се одводнува. Не е вистина дека патот е бесправно граден. Имаме одобрение за градба и проект, имавме три контроли, гарантираме 10 години за тој пат. Ништо не е направено надвор од одобрението за градба и измените во него. Да имаше нешто спорно, луѓето кои сега се жалат, ќе се јавеа на почетокот или во тек на изградбата, а не отпосле. Работиме 20 години, бевме подизведувачи на меѓународни компании… првпат добиваме кривична пријава“, изјави Љутвиу. Сепак, предметот стигнал до Основното јавно обвинителство во Куманово. На 18-ти јули, од таму го добивме следниот одговор: „Предметот за кој покажувате интерес е во работа во Основното јавно обвинителство – Куманово. Се работи за нов предмет, кој е примен по кривична пријава на СВР Куманово во мај годинава. Предметот е распореден кај надлежен јавен обвинител и по него се постапувa. Во моментов не сме во можност да споделиме повеќе детали со јавноста“.Иако предметот стигнал до Обвинителството, градоначалникот Стојковски тврди дека не ја добил ниту кривичната пријава.  Еден присвоил планинарски дом, друг точел гориво од пумпа без лиценца  Според податоците од МВР, за периодот од 2009 до 2013 година, полицијата поднела 45 кривични пријави против 52 градоначалници за делото злоупотреба на службена положба и овластување. Од 2014, пак, до јуни годинава, за истото дело полицијата поднела четири кривични пријави против четворица градоначалници. Или, во просек, секоја година има по шест кривични пријави за првите луѓе во општината кои ја користат функцијата за други цели.Во јануари оваа година, беше поднесена кривична пријава против градоначалникот на Струга и уште три лица. МВР го товари градоначалникот Зијадин Села дека издал паркинг за моторни возила кој со решение е означен за локација под заштита на државата. Закупувачот, ДООЕЛ Пошка – Сони од струшкото село Франгово го добил стопанисувањето со паркингот на две години, а не на три месеци како што било предвидено со тендерот. Адвокатот Жарко Стевановски поднесе две кривични пријави за злоупотреба на службената положба и овластување против прилепскиот градоначалник Марјан Ристески – првата е за изградбата и рушењето на фонтаната на градскиот плоштад „Методија Андонов – Ченто“, а втората за легализација на бесправно изграден објект.

 

Има и кривична пријава за штипскиот градоначалник Илчо Захараиев, затоа што издал Одобрение за реконструкција, доградба и надградба на трговскиот центар во Штип, со што се сомничи дека го прекршил Законот за градба. СДСМ поднесе кривична пријава против велешкиот градоначалник Славчо Чаидиев, за несовесно работење во службата или непријавување на кривично дело или сторител. Има кривична против поранешниот градоначалник на Кавадарци, Панчо Минов, кој се товари дека го оштетил општинскиот буџет за околу 36.000 евра.  ВР Битола поднесе кривична пријава против градоначалникот на Новаци, Лазар Котески, дека набавувал горива за службените возила, при што не распишал тендер за најдобар понудувач и точел гориво за службените возила од бензинска пумпа без лиценца. Г.П. (44), градоначалник на општина Чашка, си присвоил планинарски дом, па го продал. Според кривичната пријава на МВР, тој во 2011, во својство на градоначалник, го легализирал домот „Чеплес“ кој бил диво изграден, го впишал во катастарот, па го отуѓил. За градоначалникот на Берово, Драги Наџински, имаше кривична пријава дека легализирал објекти на две физички лица спротивно на закон, така што им овозможил да станат сопственици на државен имот за кој постојат документи од 1951 година. Со друга пријава, градоначалникот се сомничи дека спротивно на законот градел градска капела и мост кај Митрашинци. Центарот за граѓански комуникации, кој редовно и сеопфатно ги мониторира јавните набавки, направил анкета меѓу фирмите за евентуалната корупција во набавките. Вкупно 79 отсто од испитаните фирми одговориле дека има корупција, но различно ја оцениле нејзината присутност. Најголем дел од фирмите, 37 отсто, сметаат дека во јавните набавки често има корупција, 10 отсто сметаат дека секогаш има корупција, а 32 отсто се изјасниле дека ретко има корупција. Само 21 отсто од фирмите одговориле дека никогаш нема корупција при набавките. При тоа, на прво место се политичките врски, на второ место е поткупот, а на трето место се роднинските врски. Истражувањето е спроведено во периодот ноември 2015 – јануари 2016 година и во него учествувале 254 фирми од поголемите градови во Македонија./крај/мф/зс

Ова истражување е овозможено со поддршка од американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД) во рамките на Програмата на УСАИД за антикорупција. Содржината на публикацијата е одговорност на авторот и не ги изразува ставовите на УСАИД или на Владата на Соединетите Американски Држави.

 

Анализи

Силјановска vs Пендаровски: Кој добива, а кој губи во битката на социјалните мрежи и медиумите?

Објавено пред

Претседателските кандидати Стево Пендаровски и Гордана Силјановска-Давкова најмногу се спомнуваат во медиумите, а најмалку се популарни меѓу твитерџиите. Во негативен контекст почесто е споменувана Силјановска на социјалните мрежи „Феjсбук“ и „Твитер“, но и во медиумите.

dobivaj vesti na viber

Ова го покажа првата сентимент-анализа на истражувачкиот центар на „Макфакс“, која се изработуваше во периодот од 1 до 9 април годинава. Процесот на изработка на анализата е базиран на компјутерски алгоритми и има задача да одреди во каков контекст (многу негативен, негативен, неутрален, позитивен или многу позитивен) е напишан одреден текст или дел од текстот.

Преку системот беа анализирани 220 медиуми, како и објавите и коментарите на над еден милион корисници на „Фејсбук“ и твитовите од 300 илјади профили. Тестирањата на платформата покажaа дека користените технологии даваат резултат со точност поголема од 80 проценти.

Според анализата, имињата на Силјановска-Давкова и на Пендаровски почесто се споменуваат во медиумите отколку на социјалните мрежи „Твитер“ и „Фејсбук“. Во првите девет дена од месецот тие биле споменати вкупно 3.515 пати. На „Фејсбук“ биле споменати речиси двојно помалку, а најмалку биле споменувани на „Твитер“.

Силјановска, според оваа анализа, најмногу била спомената на веб-порталите „Република“, „Курир“, „Инфомакс“ и на „Прес 24“, а Пендаровски на „Прес 24“, „Макпрес“, „24 инфо“ и на „Вечер“. Од инфографикот може да се види комплетната слика за тоа во кој медиум биле најмногу застапени двајцата претседателски кандидати.

Во однос на контекстот на споменување во медиумите може да се заклучи дека постои тесна разлика меѓу Силјановска и Пендаровски, иако кандидатката зад која стои опозициската ВМРО-ДПМНЕ предничи со негативните коментари.

Па, така, во многу негативен контекст Силјановска била спомената 201 пат, а Пендаровски 136 пати. Ако таа била спомната 914 пати во негативен контекст, Пендаровски во истиот контекст бил спомнат 778 пати. Тој предничи и во однос на неутралните спомнувања во медиумите, а Силјановска предничи во однос на позитивните споменувања. Тесна е разликата меѓу многу позитивните конотации, во кои биле ставени двајцата претседателски кандидати на кои се однесува анализата, во која за 8 споменувања предност има Пендаровски.

Според податоците од аналитичкиот центар на „Макфакс“, претседателскиот кандидат Пендаровски е попопуларен од Силјановска во однос на бројот на споменувања. Во многу позитивен или позитивен контекст меѓу твитерџиите тој е споменат 231 пат, а Силјановска 201. Во однос на тоа дали кандидатите се споменати во негативен или многу негативен контекст за нијанса води Силјановска, која е спомената 401 пат, а Пендаровски 389.

Слична ситуација може да се види и на „Фејсбук“, каде што Пендаровски има предност во однос на бројот на споменувања. Ако Силјановска била спомената 481 пат во многу негативен или во негативен контекст, Пендаровски е споменат 429 пати. Кај претседателскиот кандидат зад кој стои СДСМ поголем е бројот на позитивни или многу позитивни споменувања на социјалната мрежа „Фејсбук“.

Според сето ова, Силјановска има поголема вредност на вкупниот сентимент во негативен контекст на социјалните мрежи и во медиумите од Пендаровски. Важно е да се потенцира дека не станува збор за анкета што ги мери гласовите за кандидатите, туку за начинот на кој тие се прикажани и коментирани во интернет-просторот. Истражувачкиот центар на „Макфакс“ на почетокот на кампањата за претседателските кандидати спроведе анкета.

Целосната методологија за начинот на изработката на сентимент-анализите на истражувачкиот центар на „Макфакс“ е достапна на следниот линк.

Прикажи повеќе...

Анализи

СЈО со детали: Како Камчев и Мијалков ги переле парите градејќи империја

Објавено пред

Злосторничко здружение, кое функционирало повеќе од 8 години, од 2009 година, кога биле отворани и затворани фирми, перени милиони и милиони евра, биле менувани сопственици, бил купуван огромен имот, отворани фирми на офшор-дестинации за еднократна употреба, префрлувани пари преку кипарски банки, а потоа овие испрани пари влегуваат како основачки влогови за да формираат македонски фирми.

dobivaj vesti na viber

Вака накусо може да се опише случајот „Империја“ на специјалното јавно обвинителство (СЈО), каде што, меѓу другите, осомничени се едни од највлијателните луѓе во земјата, бизнисменот Орце Камчев и поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков.

Три месеци по почнувањето на истрагата, обвинителството излезе со детали за еден од најобемните предмети за кој засега е утврдено дека се испрани речиси 11 милиони евра.

Истрагата е проширена за „Графички центар“ и за „Медија принт Македонија“ (МПМ), извршени се претреси во фирмите, осомничените се испрашани и собрани се докази.

Соработката меѓу Македонија и Кипар е воспоставена, па сега, конечно, на виделина излегуваат и имињата на оние што се криеле зад офшор-фирмите преку кои се переле пари.

Од крајот на јуни до крајот на октомври 2018 година некои од осомничените од „Империја“ биле под посебни истражни мерки.

„Мијалков не беше под посебни истражни мерки, Камчев многу внимателно зборуваше по телефон, но не и другите осомничени“, велат од СЈО.

Без разлика како ќе се одвива понатаму истрагата за „Империја“, со оглед на тоа што статусот и истрагите на СЈО сè уште се неизвесни, оттаму велат дека собрани се речиси 90 отсто од доказите за случајот да може да продолжи понатаму.

Злосторничкото здружение се распаѓа кон крајот на 2017 и почетокот на 2018 година кога осомничените почнуваат да земаат кредити за да се раздолжат, но тоа не значи дека тука завршуваат и нивните поединечни активности.

Под лупа на СЈО е и фирмата поврзана со семејството Мијалкови, „Бест веј инвестмент“, формирана веднаш по обеледонувањето на таканаречените бомби во 2015 година, чиј сопственик е синот на Сашо Мијалков, Јордан. СЈО истражува како се ширел бизнисот и како оваа фирма успева да заработи огромни суми и да стекне голем имот само за три години работа. „Бест веј инвестмент“, ако во 2016 година имала приходи од 816 илјади евра, во 2017 година веќе приходите ѝ растат на 9,6 милиони евра, што само покажува дека независно кој е на власт, бизнисите на Мијалков работат со полна пареа.

Краен сопственик на мистериозната „Ексико“ бил Камчев

Натписот на поштенското сандаче на улицата Иван Милутиновиќ во Скопје сведочи за постоењето на „Ексико“, чие сопствеништво е скриено

Центарот на истрагата за „Империја“ се познатата офшор-фирма „Ексико“ и бизнисменот Орце Камчев.

Истрагата утврдила дека зад првата фирма-мајка на „Ексико“, „Делта инвестмент“ од Белизе, всушност се крие таткото на Орце Камчев, Илија. Од оваа фирма, која поседуваше акции во големи акционерски друштва, а се јавуваше и како еден од сопствениците на атрактивните плацови на Водно, досега сите креваа раце и демантираа дека стојат зад неа.

Истрагата на СЈО утврдила дека по Илија Камчев, набргу како краен сопственик фигурирал и поранешниот директор на македонски „Телеком“, Жарко Луковски, а кога сопствеништвото на фирмата се сели во Америка, односно сопственик станува извесна „Калвус ЛЛЦ“ (Calvus LLC) од САД, крајниот сопственик е всушност Орце Камчев.

Од оваа американска фирма кон „Ексико“ се влеваат 1,6 милион евра како прилив, а дел од овие пари завршува на личната сметка на Камчев, додека со дел се купувани имот и земјиште во Гевгелија, на кое понатаму е предвидено да се градат казина.

Подоцна, а и до ден-денеска, сопственик на „Ексико“ е фирмата со швајцарски капитал „Т&МЈ инвестмент“ од Лугано, Швајцарија, фирма зад која оперативните сознанија покажале дека краен сопственик е член на семејството Мијалкови. Од швајцарската фирма кон македонската „Ексико“ немало никаков прилив или одлив на пари.

„Ексико“ не е единствената фирма преку која функционирало ова злосторничко здружение. Колку за пример, во истатата 2009 година офшор-компанијата „Хоспитал менаџмент груп ЛЛЦ’ од Кипар ја основа клиничката болница „Систина“. Понатаму, оваа компанија го продава имотот на друга офшор-компанија од Панама. „Орка холдинг“ го купува уделот од панамската, па повторно ѝ го продава на „Систина“, со што фактички Камчев внесува удел од „Хоспитал менаџмент“ од Кипар во Македонија.

Сомнежи за перење пари преку кипарски банки

Преку кипарски банки парите влегуваат во земјата

Значаен дел од истрагата на СЈО за „Империја“ има и фирмата „Финзи“ – истата фирма за која во таканаречените бомби можеше да се слушне дека одела набавката за опрема за следење интернет-комуникации за МВР. Министерството, додека на чело на УБК беше Мијалков, наместо директно да ја набави изреалската опрема за прислушување, тоа го правела преку „Финзи“. Во текот на истрагата за случајот самоубиство изврши директорот на „Финзи“, Коста Крпач, во април 2016 година.

Сега истрагата за „Империја“ повторно допира до „Финзи“, фирма основана од „Финзи ЛЛЦ“ во САД. Краен сопственик на оваа компанија, според СЈО, повторно е Орце Камчев.

Во неколку наврати од „Финзи ЛЛЦ“ преку кипарска банка кон македонската „Финзи“ биле исплатувани 650.000 евра. Во тоа време, односно во 2009 година, директор на „Финзи“ во Македонија е Владислав Стајковиќ, брат на Небојша Стајковиќ, поранешен помошник-министер за информатичка технологија во МВР.

Овие пари понатаму влегуваат како основачки влог во „Систина кардиологија“, фирма што подоцна е преименувана во „Си-Фи-Кар“ („Систина“, „Финзи“, “Кара“). Во 2012 година, според СЈО, кога парите веќе се испрани, американската мајка-фирма се затвора и се отвора нова фирма, во која Крпач влегува како директор, а на истата сметка легнуваат парите од израелската донација за опрема за прислушување.

„Не купуваат компании за да работат со нив, туку за да извлечат што можат“

Орце Камчев и Сашо Мијалков, клучните играчи во „Империја“

Многу компании, офшор, стотици папки со документи и изјави од сведоци содржи еден од најобемните предмети на СЈО – „Империја“. Од она што беше претставено пред новинарските екипи, неизбежен е заклучокот дека од досегашната истрага и собраните докази станува збор за класични примери за сомнежи за перење пари пред кои надлежните институции со години молчеле или се откажувале од гонење поради немање докази.

Дел од истрагата е отстапен и на купувањето на „Бетон Штип“ од страна на ТИМ ДОО, „Орка холдинг“, „Езимит“ ДООЕЛ и „Ексико“.

„Кога тие купуваат компанија, не ја купуваат за да ја работат, туку да извлечат што може од имотот на компанијата“, велат од СЈО.

Па, така, и овој пат сознанијата говорат дека од „Бетон Штип“ се извлечени 4 милиони евра, односно газдите ги тераат акционерите со парите да купуваат имот, а понатаму како што се извлекуваат парите, така се инвестираат во други зделки за што патем говорат и последните информации дека речиси 250 работници веќе ги напуштаат работните места од „Бетон Штип“ и истовремено преку суд си ги бараат неисплатените плати за последните четири месеци.

Дел од истрагата го опфаќа и „Фершпед“, односно од моментот кога Кираца Трајковска, која беше еден од мнозинските акционери во “Фершпед“, поради долг во Еуростандард банка, преку посредник побарала кредит од Стопанска банка АД Битола. Камчев, кој е дел од Управниот одбор на банката, наместо кредит, според СЈО, на Трајковска ѝ понудил преку физички лица да ѝ бидат префрлени парите по што биле ослободени нејзините акции од „Фершпед“.

За да им ги продаде акциите на странски инвеститори, таа го ангажирала брокерот Јованче Тасковски. Но, за нејзината намера дознал Штерјо Наков, кој побарал помош од Мијалков, со цел тој да ги купи акциите. Мијалков се договора со Камчев да ја изиграат, па без нејзино знаење, според СЈО, Ненад Јосифовиќ ги продава акциите на физички и правни лица поврзани со Наков за 4 милиони евра повисока цена од реалната. Парите од зделката завршуваат во фирма чии сопственици се „Ексико“, „Орка холдинг“ и „Тимох“.

Во делот од истрагата за „Империја“ влегуваат и стари случаи, кои претходно во обвинителствата завршувале со откажување од гонење поради немање доволно докази. Таков пример е истрагата за „пропаѓањето“ на „Орка спорт“, „Орка текстил“ и други фирми во сопственост на сега покојниот Илија Камчев. Данокот се избегнувал да се плаќа преку лажни стечаи, обезвреднување на имотот и формирање офшор-компании, а потоа парите „чисти“ биле внесувани во земјата, односно целиот имот бил пренесуван на новоформирани компании.

На овој начин, впрочем, и се градела целата империја – преку лојални соработници, изигрување на законитe и формирање компании за еднократна употреба.

Како ќе заврши истрагата и дали случајот ќе добие епилог останува неизвесно. Засега Орце Камчев и Сашо Мијалков се во домашен притвор, а конечниот збор ќе го каже Врховниот суд.

Освен Камчев и Мијалков, осомничени во случајот „Империја“ се и Ратка Куноска-Камчева, мајка на Камчев и неизвршен член на Одборот на директори на „Орка ходинг“, Кристина Камчева-Стојческа, сестра на Камчев и неизвршен член на Одборот на директори на „Жито полог Тетово“, Лилјана Гајдоска, правник во фирмите на Камчев, неизвршен член на Одборот на директори на ЗК „Пелагонија“, Тодор Мирчевски, директор на „Ексико“, Владислав Стајковиќ, сопственик на НВСП, доскорешен директор на „Мобико“ и поранешен директор на „Финзи“, Ванче Мијалчев, извршен директор на „Бетон Штип“, Јованче Тасковски, брокер, и Дејан Јанев од „О.Т.Е. инвест“.

Прикажи повеќе...

Анализи

Политиката го подели СЈО на табори

Објавено пред

„Чарлиевите ангели“ ги нема. Катица Јанева, Ленче Ристоска и Фатиме Фетаи речиси една година не се појавуваат на заеднички прес-конференции. Во јавноста и на социјалните мрежи сè погласни се критиките за работата на специјалното јавно обвинителство и ослабената доверба во оваа институција.

dobivaj vesti na viber

Три и пол години по формирањето, целосен судски епилог има само за два случаја а сè погласни се шпекулациите дека во СЈО владее поделеност на обвинителите на табори, кои меѓусебно не се согласуваат за дејствувањето на ова обвинителство, па тие разлики во мислењата лесно се забележливи и во јавноста.

Трите жени, кои беа симбол за СЈО, ретко може се видат заедно во јавноста, а речиси една година Ленче Ристоска и Фатиме Фетаи не даваат заеднички изјави. Според нашите извори, со слични ставови на една страна биле обвинителките Катица Јанева и Лиле Стефанова, а на друга Ленче Ристоска и Фатиме Фетаи.

Од друга страна, сè поприсутна во јавноста е главната специјална обвинителка Катица Јанева, која, според најавите, во вторник ќе се појави на „1ТВ“, каде што заедно со обвинителите Лиле Стефанова и Трајче Пеливанов треба да одговараат и на прашања од гледачите. Токму во фирмата сопственик на „1ТВ“, „БМЈ медиа груп“, работи синот на Јанева, младиот гевгеличанец Лазар Јанев, за кого веќе беше објавено дека пред вработените бил претставен како директор на правна служба. Пред точно два месеца Јанева беше гостинка на „1ТВ“ и се фотографира со сопственикот на телевизијата, Бојан Јовановски, со назнака дека станува збор за работен состанок.

Во СЈО во последната година во целост се смени практиката на комуникација со јавноста. Последната прес-конференција СЈО ја одржа на 21 март минатата година.

Повеќе нема брифинзи со новинари, а на обвинителките Ристоска и Фетаи не им е дозволено да даваат интервјуа и изјави. Целосна затвореност владее и во однос на истрагите. Случајот „Империја“, во кој, меѓу другите, се осомничени и бизнисменот Јордан Камчев и ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, беше отворен пред повеќе од 2 месеца, а од СЈО нема дополнителни информации, освен дека истрагата е сложена.

Сите обиди на „Макфакс“ да обезбедат брифинг за случајот беа залудни. Новинарите меѓу себе коментираат дека ова обвинителство, кое наметна транспарентно работење, последнава година се затворило, иако обвинителите поминале серија обуки за комуникација со јавноста. Тоа остава простор за шпекулации во постапувањето по предметите на обвинителството. Од друга страна, во редовното Обвинителство се спроведува тренинг за односи со јавноста на обвинителите.

Според нашите информации, во специјалното јавно обвинителство меѓу некои од вработените владее незадоволство од начинот на работа, особено по последните политички случувања, амнестии и повици за помирување, кои во голем дел влијаат и врз актуелните предмети што се во судска постапка, но и на оние што се во истрага и предистрага, а во кои, меѓу другите, се вклучени и Сашо Мијалков, Елизабета Канческа-Милевска, Али Ахмети, Бујар Османи.

Ексминистерката за култура, КанческаМилевска, е инволвирана во предистрагата за предметот „Скопје 2014“, кој е еден од најобемните предмети на СЈО, за Мијалков се водат повеќе судски постапки, а предметот за агенцијата за обезбедување СГС е во предистрага.

Во процесот на помирувањето наголемо се споменуваа и измените во Кривичниот законик, односно член 353, став 5, кој ја регулира злоупотребата на службената положба преку јавните набавки. Доколку дојде до промена на овој член, како што беше најавувано, помали казни или ослободување од одговорност ќе добијат голем број обвинети во случаите на СЈО, меѓу кои и Мијалков.

Уставниот суд сè уште не расправал по иницијативата на адвокатот Еленко Миланов, кој бара судиите да се произнесат за овој член од Кривичниот законик.

Сите овие политички инволвирања, кои допираат и до СЈО, според нашите извори, довеле до голем раздор во работата на институцијата, која има годишен буџет од 3,7 милиони евра. Некои од обвинителите се разочарани од фактот што нивните предмети и нивната работа зависат исклучително од тековната политичка ситуација, па токму затоа во последниот период и не се работи на нови предистраги бидејќи се чека исходот од тоа што ќе се случува со институцијата и дали евентуално одредени функционери од претходната, но и од актуелната власт, ќе избегнат одговорност.

Прикажи повеќе...

Најново

Македонија27 минути

(Видео) Кузеска: Го следиме трагот на парите, Томовски донира во ВМРО-ДПМНЕ

Скандалот со семејната фирма на Томовски која го чисти буџетот, или во бројки 5,3 милиони евра и 161 тендер е...

Свет3 часа

Зеленски: Преговорите со Америка не се лесни

Разговорите со американските претставници за мировниот план за Украина беа конструктивни, но не и лесни, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски...

Свет3 часа

Трамп: Разочаран сум од Зеленски

Претседателот на САД, Доналд Трамп, изјави дека не е сигурен дали украинскиот претседател Володимир Зеленски ќе се согласи со новиот...

Македонија3 часа

(Фото) Запленети 237 парчиња разновиден рачен, батериски и електричен алат без документација, уапсени две лица

Полицијата заплени 237 парчиња разновиден рачен, батериски и електричен алат без документација, а уапсени се две лица. Според информациите на...

Македонија3 часа

Авионско фрлање на мамки против беснило: граѓаните во наредниве денови исклучително внимателно да се движат во природа

Агенцијата за храна и ветеринарство започна со втората овогодинешна кампања за орална вакцинација на лисиците и дивите карнивози против болеста...

Македонија4 часа

Сиљановска-Давкова: Имаме епидемија на малодушност и рамнодушност, вклучително и кон лични и колективни трагедии

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се обрати на Свечената академија по повод државниот празник „Св. Климент Охридски“, којашто под нејзино покровителство се...

Македонија23 часа

(Видео) Милошоски: Во Македонија нема да се градат бегалски кампови

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, денеска демантираше дека Договорот за стратешко партнерство помеѓу Македонија и Велика Британија предвидува изградба на...

Македонија1 ден

(Фото+видео) Ивановски: Отстранет и првиот билборд од Железничката станица Скопје

„Отстранет и првиот билборд од Железничката станица Скопје“ – објави на ФБ, директорот на „Македонски железници – Инфраструктура“, Синиша Ивановски....

Македонија1 ден

(Видео) Кузеска: Кој му дал дозвола на Мицкоски да преговара за мигранти?

„Власта на Мицкоски подготвува анти државно и национално предавство. Угледните британски медиуми, како The Times, пренесуваат дека Владата на Мицкоски...

Топ1 ден

Притвор за неготинчанец кој со закани со нож принудил жена на полови дејствија, ја снимал и барал пари да не го објави видеото

Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против едно лице од Неготино, со живеалиште во Германија, кој е осомничен за кривични...

Свет1 ден

(Видео) Масовен руски напад врз Кременчук – делови од градот останаа без струја, вода и греење

Русија синоќа изврши масовен ракетен и дрон-напад врз украинскиот град Кременчук. Според украинските воздухопловни сили, експлозии биле забележани околу 1:30...

Свет1 ден

Најмалку 25 лица загинаа во голем пожар во ноќен клуб во Гоа, Индија

Најмалку 25 лица загинаа, а повеќемина се повредени во тежок пожар што околу полноќ го зафати популарен ноќен клуб во...

Свет2 дена

Експерти предупредуваат на радиоактивна прашина по оштетувањето на обвивката на Чернобил

Заштитната обвивка изградена за да спречи ширење на радијација од нуклеарната централа Чернобил мора итно да се поправи откако беше...

Македонија2 дена

Мицкоски: Европската интеграција не смее да се сведе на пасивно прифаќање, Македонија мора да знае да каже ДА кога тоа е во нејзина корист

Во 21 век, историското наследство не може да биде изговор за застој. Напротив, тоа е најсилен мотив државата да биде...

Македонија2 дена

Орбан: ВМРО стана една од најуспешните политички сили во Европа, ја поставивте вашата татковина на патот на стабилен, предвидлив и безбеден развој

Претставници на сестринските партии на ВМРО-ДПМНЕ упатија честитки за како што велат, достигнувањата на партијата кои ги имаше во последните...

Македонија2 дена

Тошковски доби опомена од „Сејф сити“ – возел со 1 километар на час над дозволената брзина

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, на Фејсбук објави дека добил порака за сторен сообраќаен прекршок од „Сејф сити“. „Утрово,...

Македонија2 дена

Томовски: СДС да се извинат за клеветите и измислицитe, посочената компанија не е моја, во моментов немам никаква приватна компанија

„Посочената компанија не е моја, ниту пак имам било каков удел во нејзе. Јас во моментов немам никаква приватна компанија...

Македонија2 дена

(Видео) Димитријевиќ: Семејната фирма на директорот на СОЗР добила 161 тендери за 5,3 милиони евра

Опозициската СДСМ денеска обвини дека семејната фирма на директорот на СОЗР, Ивица Томовски, која го менувала името, добила 161 тендери...

Македонија3 дена

Македонија нема, не планира и не преговара за отворање мигрантски кампови, порача ВМРО-ДПМНЕ

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ реагира по објавите на британските медиуми и СДСМ дека Владата подготвува договор со Обединетото Кралство за отворање центар...

Македонија3 дена

Британски медиуми објавија дека се преговара со Македонија за отворање центар за мигранти, СДСМ ја повика Владата да ја објави содржината на разговорите

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија ја повика Владата веднаш да ја објави целата содржина на разговорите со Британија и да одговори...