МАКФАКС

Анализа Макфакс: Ранливостите на сајбер просторот, човечкиот фактор далеку пред сите други

Анализа  Макфакс: Ранливостите на сајбер просторот, човечкиот фактор далеку пред сите други
30.11.2016, 12:19

Ранливостите во сајбер просторот и сајбер безбедноста се должат на многу работи, но еден од тие фактори е најкритичен, а тоа е човечкиот фактор, објаснуваат експертите на регионалниот форум посветен на сајбербезбедноста кои деновиве се одржува во Белград, во организација на швајцарската организација DCAF. Секако дека софтервот и комуникациските протоколи имаат свои ранливости, но тука секогаш предничи човечкиот фактор, објаснува Владимир Радуновиќ, директорот на Фондацијата Дипло, која се занимава со е-дипломатија и сајбер безбедност.

„Ранливостите во сајбер просторот постојат во софтверот, протоколите и во умовите на луѓето. Постојат истражувања дека 90 проценти од сите сајбер напади имаат барем по една компонента која што е човечка. Нападите како што се phishing, односно страниците кои ги мамат луѓето да отворат некакви линкови кои потоа дозволуваат пристап до нивните податоци, мрежи во компаниите каде што работат и отвораат секаков вид на ранливости кои потоа се користени од страна на напаѓачите“, вели Радуновиќ.

Побарувачката на новите комуникациски уреди е често премногу голема за компаниите реално да можат да посветат време на безбедноста за нивните корисници додека ги користат, но се поголемите ризици и закани по приватноста во последно време успеваат да го променат ова, додава тој.

„Доколку постои голема побарувачка околу новите уреди како што се смартфоните, лаптопите итн, тогаш вниманието коешто е насочено кон безбедноста на софтверот е многу мало и е безмалку ничија грижа. Се додека ова се случува, тогаш кај индустријата и реално нема некаква иницијатива за фокусот да се ставен на безбедноста. Сепак ова се менува во последно време и луѓето почнуваат да размислуваат околу ризиците по нивната приватност, пред се користејќи ја енкрипцијата. Така што можевме да видиме како Епл воведе толку силна енкрипција што ни ФБИ не можеше да ја пробие, Фејсбук месинџер го направи истото тоа, Вајбер исто така, се повеќе и повеќе продукти инкорпориаат енкрипција како начин на заштита. Сноуден исто така се осврна на ова, односно на парадоксот дека луѓето наместо да се насочат кон институциите кои треба да ги заштитат, како што се ЦИА, ФБИ итн, тие се повеќе ја бараат оваа заштита од компаниите кои се во оваа индустрија“, вели српскиот експерт.

Војувањето во сајбер просторот, пак, односно новиот вид на „неконвенционални“ војни исто така ја зголемува потребата од еден тип на глобална сајбер безбедност, во која пак главниот збор повторно ќе го имаат големите воени сили како што се САД, Русија и Кина, смета тој. Самите методи кои се употребуваат и начинот на војувањето во сајбер просторот се исто така нешто за што во моментот преговараат големите сили.

„Меѓународното право има некакви права и механизми за тоа какво треба да биде учеството во воените дејства на конвенционалните војни, а во моментов има дијалог помеѓу главните земји во ОН и тие дискутираат за нормите на однесување во сајбер војувањето, но секако дека сето ова е необврзувачко и подложно на дипломатијата. Сепак постои некаков дијалог и намери за да се избегнуваат вакви инциденти. Има ткн „жешка линија“ помеѓу Вашингтон и Москва, уште од времињата на Студената војна, тие и сега ја користат и за нуклеарната соработка но од скоро започнаа да ја користат и околу сајбер инцидентите. Според неодамнешните наоди, таа беше искористена пред месец дена, кога САД и порачаа на Русија да не се „меша“ во претседателските избори“, објаснува Радуновиќ, еден од предавачите на регионалната конференција за сајбер безбедност во Белград, а на која учествува и Макфакс./крај/мф/бс

No Posts Found

Поврзани написи

Макфакс е-билтен

Email *