(ВИДЕО) Сашо Мијалков: Невин сум

(ВИДЕО) Сашо Мијалков: Невин сум

Поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков, дојде денеска во Апелацискиот суд на расправа по жалбата на СЈО за одбивањето да му се изрече мерка притвор и неговата жалба на одлуката да му се одземе пасошот. Мијалков е еден од десеттемина обвинети за предметите „Таргет“ и „Тврдина“, при што се товари за три дела – злосторничко здружување, злоупотреба на службената положба и овластувањата и за примање награда за противзаконско влијание.

Обвинителката на СЈО, Ленче Ристоска, на судот му достави анкетни листови на Мијалков доставени до Државната комисија за спречување корупција, како и извод од централниот регистар во Чешка, од кои се гледа дека Мијалков има стан и фирма, како сугестија дека таму може да избега. На тоа реагира одбраната, при што неговиот адвокат Љупчо Шврговски посочи дека Мијалков има имот во Чешка уште од 1993 година и, да сакал, немало да се врати во земјата. Мијалков, покрај Шврговски, го бранат уште двајца адвокати, Миле Петровски и Петар Василев.

Мијалков, како и други обвинети, се бранеше дека не само што не се обидува да избега туку и менувал авионски билети само за да дојде во СЈО. Тој вети дека ќе се јавува во судот и во СЈО, но обвинителот на Специјалното обвинителство, Трајче Пеливанов, се пожали дека Мијалков селективно ги прима поканите и контактот со него е отежнат. На тоа Шврговски реплицира дека не треба секој криминалец да знае каде е Мијалков илустрирајќи ја потребата од негова безбедност со фактот дека во моментот има шест телохранители. Тоа што СЈО бара притвор за обвинетиот, за Шврговски е политичка пресметка.
 Бранејќи се, Мијалков тврдеше дека кога бил во СЈО, се договорил со Катица Јанева дека ќе се јавува за исказ и дека СЈО сега сака да го манипулира судот.
„Верувам во овој суд и во професионалноста на судиите“, рече тој на крајот додавајќи дека е невин по сите обвиненија.

В. Маглешов