Контакт

Анализи

Стратфор – БиХ: Ескалација на етничките тензии

Објавено пред

Етничките тензии и натаму тлеат во Босна и Херцеговина. На 17-ти март „Бошњачката платформа“ формираше федерална влада без неопходното присуство на хрватски претставници во Горниот дом на парламентот, а на 25-ти истиот месец во Мостар се создаде хрватско-српска коалиција за рушење на таа влада.

dobivaj vesti na viber

Етничките тензии и натаму тлеат во Босна и Херцеговина. На 17-ти март „Бошњачката платформа“, политички блок предводен од Бошњаци, формираше федерална влада без неопходното присуство на хрватски претставници во Горниот дом на парламентот, а на 25-ти истиот месец во Мостар се создаде хрватско-српска коалиција за рушење на таа влада. Вторите објавија дека планираат да формираат национална влада и ги повикаа и бошњачките партии кои не се во блокот да им се придружат но, реално, никаква влада не може да биде формирана додека не се реши кризата во Федерацијата. Во Босна и Херцеговина веќе пет и пол месеци не постои ниту национална, ниту федерална влада. Долготрајните тензии помеѓу Хрватите и Бошњаците, кои тлеат веќе неколку години, се само дел од проблемот. Во суштината на дилемата е политичката структура на Босна и Херцеговина, искована од граѓанската војна во земјата.Политичката структура и конфликтотДоговорот од Вашингтон, потпишан во март 1994 година, стави крај на хрватско-муслиманската војна 1993-1994 година и ја создаде муслиманско-хрватската федерација. Со пактот на Бошњаците и на Хрватите им беше дадена одредена автономија и беше создаден ентитет составен од десет кантони (пет со доминантно муслиманско и пет со доминантно хрватско население, во моментот кога беше потпишан договорот), како и специјален аранжман со Хрватска. Дејтонскиот мировен договор од декември 1995 година, со кој целосно беше завршена Босанската војна, ги стави териториите под контрола на Србите – сега Република Српска (РС)  – под лабава контрола на Сараево, додека на блиските врски на Федерацијата со Хрватска им дојде крајот. Во согласност со Дејтонскиот договор централната влада на БиХ е составена од ротирачко трочлено претседателство,  со член од сите три главни етнички групи и слаб дводомен парламент со седиште во Сараево. Република Српска, пак, е де факто држава во државата, со свој парламент. Ова е комплексна политичка структура, во која растат бошњачко-хрватските тензии уште од националните избори во октомври 2010 година, на кои Бошњаците – исто како што сторија и во 2006 година – во ротирачкото претседателство избраа Хрват кој беше по нивен вкус, Жељко Комшиќ, иако огромно мнозинство на Хрватите гласаше за двајца други кандидати. Ова беше можно бидејќи Бошњаците и Хрватите, кои заедно се мнозинство,  гласаат во иста изборна единица во рамките на нивната Федерација и гласачите може да се одлучат за кој и да било кандидат, без оглед на нивната етничка припадност. Ова предизвика застој помеѓу Бошњаците и Хрватите, бидејќи Хрватите одбија да ги признат изборните резултати.На 15-ти март, комесарот Валентин Инцко од Канцеларијата на Високиот претставник, спонзорираше преговори помеѓу двете најголеми бошњачки партии, Социјалдемократската партија (СДП) и Партијата за демократски промени (СДА) и двете најголеми хрватски партии, Хрватската демократска задница на Босна и Херцеговина (ХДЗ БХ) и Хрватската демократска заедница на Босна и Херцеговина 1990 (ХДЗ 1990). Двете бошњачки партии, некогаш жестоки политички ривали, им понудија четири од петте уставно загарантирани министерски места за Хрватите во федералната влада на ХДЗ БХ и ХДЗ 1990, додека петтото го задржаа за Хрват од нивната партија СДП и хрватското место во ротирачкото претседателство му го дадоа на Комшиќ. Преговорите завршија без договор, бидејќи двете најголеми хрватски партии ги бараа сите пет министерски места и местото во ротирачкото претседателство, истакнувајќи дека огромното мнозинство на Хрвати во Босна гласале за нивните две партии.Без постигнат договор, на формирањето на босанската влада на 17-ти март, „Бошњачката платформа“ именуваше Хрвати од „украсните“ хрватски партии на петте уставно загарантирани министерски места и го именуваше Звонко Будимир, од малата, крајно десничарска хрватска партија на правата, за член на ротирачкото претседателство, со цел да ги исполни уставните етнички квоти. Како одговор на тоа, Хрватите ширум земјата истиот ден излегоа на протести, кои се уште траат.Хрватските партии покренаа судски процес пред Уставниот суд на Федерацијата и апелираа до Загреб веднаш да им помогне. Хрватскиот претседател Иво Јосиповиќ и премиерката Јадранка Косор повикаа во владата да бидат именувани „легитимните претставници“ на Хрватите, директен шамар на „Бошњачката платформа“ и нивните декоративни хрватски претставници. Ова беше големо отстапување од вообичаеното хрватско однесување на „рацете подалеку“ од босанските Хрвати, политика која е на сила уште од 2000 година и е суштински предуслов за хрватското членство во Европската унија. На 21-ви март, претседателот на ХДЗ БХ, Драган Човиќ, најави формирање на хрватско национално собрание во кантоните и општините со мнозинско хрватско население (девет хрватски партии, заедно со ХДЗ БХ и ХДЗ 1990 треба да се сретнат некаде по 16-ти април). Претседателот на ХДЗ 1990, Божо Љубиќ и претседателот на РС (и претседател на Партијата на сојузот на независните социјалдемократи), Милорад Додик го поддржаа овој потег. Кулминацијата на одговорот на Хрватите дојде на 25-ти март, кога Човиќ, Љубиќ, Додик и претседателот на Српската демократска партија, Младен Босиќ се собраа во Мостар – средба на шефовите на двете најголеми партии на босанските Хрвати и на двете најголеми српски партии во РС. Четворицата лидери издадоа заедничко соопштение со кое ги повика сите партии во Босна и Херцеговина да се вклучат во конструктивните преговори и го отфрлија, како што го нарекоа, нелегалното формирање на федералната влада и побараа да не се формира никаква влада се додека не се реши кризата во Федерацијата. Човиќ рече дека ќе разговара со лидерите на бошњачките политички лидери, но додаде дека при формирањето на федерална влада мора да се земат предвид и хрватските интереси.Српско-хрватски сојуз: ноќна мора за Бошњаците РС сака колку што е можно повеќе да ги девалвира централните власти во Сараево. Оттаму, Додик ги користи хрватско-бошњачките тензии за и покаже на меѓународната задница дека неговиот пристап со создавање на силен етнички ентитет, на сметка на централната босанска влада е, всушност, единствениот начин да се управува со БиХ и оттаму и неговото охрабрување за Хрватите да бараат повеќе отстапки од Бошњаците. Србите сметаат дека Бошњаците се обидуваат да ја наметнат својата волја внатре во Федерацијата наспроти желбите на Хрватите, а РС би била нивната следна можна жртва. Хрватите се борат за нивните седишта во владата и користат пристап неспоредливо поразличен од нивното прогласување на  самоуправа во 2001 година, поради систематска дискриминација (што доведе до распоредување на трупите на НАТО во областите населени со Хрвати и апсење на неколку поважни хрватски лидери). Измените на изборниот законик од страна на Високиот претставник во 2006 година, како и изборите во 2006 и 2010 година уште повеќе го поттикна хрватското незадоволство. Хрватите, а особено Човиќ, не пропуштаат прилика за да истакнат дека Хрватите сакаат нивните претставници да бидат избирани со гласовите на Хрватите и бараат да се почитува владеењето на правото. Се уште е големо прашање дали меѓународната заедница, особено Европската унија со која доминира Германија, која неофицијално го презема водството при политичките промени на Балканот, ќе поддржи централизирана Босна и Херцеговина или ќе им дозволи поголема автономија на Хрватите, наспроти политичкото прекројување во сопствена корист на Бошњаците внатре во Федерацијата. Советот на Европа на 21-ви март се закани со санкции ако не се оформи националната влада, со што во суштина ја охрабри „Бошњачката платформа“ да продолжи со своето коцкање со Федерацијата. На 24-ти март, босанската Централна изборна комисија го поништи формирањето на владата, бидејќи не се појави ни минималниот број на хрватски претставници потребен за формирање на влада. Канцеларијата на Високиот претставник првично не реагираше на маневарот на „Бошњачкат платформа“, но на 28-ми март Инцко објави дека наодот на Централната изборна комисија ќе биде суспендиран се додека Федералниот уставен суд не донесе одлука – потег кој го поддржа и амбасадата на САД.Сегашниот претседател на Федерацијата и член на ХДЗ БХ, Борјана Кристо, заедно со уште двајца хрватски министри, поднесоа оставки во знак на протест.  „Со суспендирањето на одлуката на Централната изборна комисија, единственото компетентно тело за имплементација на изборните резултати, владеењето на правото во Босна и Херцеговина е редуцирано до апсурд“, изјави тогаш Кристо. На 31-ви март, Човиќ изјави дека Хрватите ќе преминат кон граѓанска непослушност ако не се почитува одлуката на Централната изборна комисија. Со вмешувањето на Европската унија во интервенцијата во Либија и со се уште нерешената криза со суверените долгови во еврозоната, останува нејасно дали ЕУ воопшто ќе може повторно да се фокусира на Балканот. Се чинеше дека на почетокот на годинава се прават некакви напори во тој правец, но револуционерните активности во арапскиот свет го одвлекоа вниманието на Унијата. Ако централизираната Федерација и босанската држава доминирана од Бошњаци се вистинските цели на ЕУ, босанските Хрвати и босанските Срби, два стари непријатела, многу веројатно ќе формираат уште поцврст политички сојуз (како што навестува средбата од 25-ти март во Мостар), сојуз којшто политички ќе им се спротивстави на сите обиди за централизација. Српско-хрватскиот сојуз ќе биде стравично сценарио за Бошњаците, кој на крајот би можеле да бидат присилени да го преиспитаат свето коцкање со ескалација на тензиите и, наместо тоа, да почнат да трагаат по компромис, како што беше побарано од еден мал број на босански новинари, академици и политички партии. По суспендирањето на сите активности од страна на Уставниот суд, одлуката на „Бошњачката платформа“ дали ќе продолжи со владата која тие ја формираа или ќе ги прифатат барањата на огромното мнозинство хрватски гласачи би можела да одлучи и дали федерацијата и босанската држава ќе опстанат или ќе доживеат политички колапс. /крај/стратфор/



©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Анализи

Силјановска vs Пендаровски: Кој добива, а кој губи во битката на социјалните мрежи и медиумите?

Објавено пред

Претседателските кандидати Стево Пендаровски и Гордана Силјановска-Давкова најмногу се спомнуваат во медиумите, а најмалку се популарни меѓу твитерџиите. Во негативен контекст почесто е споменувана Силјановска на социјалните мрежи „Феjсбук“ и „Твитер“, но и во медиумите.

dobivaj vesti na viber

Ова го покажа првата сентимент-анализа на истражувачкиот центар на „Макфакс“, која се изработуваше во периодот од 1 до 9 април годинава. Процесот на изработка на анализата е базиран на компјутерски алгоритми и има задача да одреди во каков контекст (многу негативен, негативен, неутрален, позитивен или многу позитивен) е напишан одреден текст или дел од текстот.

Преку системот беа анализирани 220 медиуми, како и објавите и коментарите на над еден милион корисници на „Фејсбук“ и твитовите од 300 илјади профили. Тестирањата на платформата покажaа дека користените технологии даваат резултат со точност поголема од 80 проценти.

Според анализата, имињата на Силјановска-Давкова и на Пендаровски почесто се споменуваат во медиумите отколку на социјалните мрежи „Твитер“ и „Фејсбук“. Во првите девет дена од месецот тие биле споменати вкупно 3.515 пати. На „Фејсбук“ биле споменати речиси двојно помалку, а најмалку биле споменувани на „Твитер“.

Силјановска, според оваа анализа, најмногу била спомената на веб-порталите „Република“, „Курир“, „Инфомакс“ и на „Прес 24“, а Пендаровски на „Прес 24“, „Макпрес“, „24 инфо“ и на „Вечер“. Од инфографикот може да се види комплетната слика за тоа во кој медиум биле најмногу застапени двајцата претседателски кандидати.

Во однос на контекстот на споменување во медиумите може да се заклучи дека постои тесна разлика меѓу Силјановска и Пендаровски, иако кандидатката зад која стои опозициската ВМРО-ДПМНЕ предничи со негативните коментари.

Па, така, во многу негативен контекст Силјановска била спомената 201 пат, а Пендаровски 136 пати. Ако таа била спомната 914 пати во негативен контекст, Пендаровски во истиот контекст бил спомнат 778 пати. Тој предничи и во однос на неутралните спомнувања во медиумите, а Силјановска предничи во однос на позитивните споменувања. Тесна е разликата меѓу многу позитивните конотации, во кои биле ставени двајцата претседателски кандидати на кои се однесува анализата, во која за 8 споменувања предност има Пендаровски.

Според податоците од аналитичкиот центар на „Макфакс“, претседателскиот кандидат Пендаровски е попопуларен од Силјановска во однос на бројот на споменувања. Во многу позитивен или позитивен контекст меѓу твитерџиите тој е споменат 231 пат, а Силјановска 201. Во однос на тоа дали кандидатите се споменати во негативен или многу негативен контекст за нијанса води Силјановска, која е спомената 401 пат, а Пендаровски 389.

Слична ситуација може да се види и на „Фејсбук“, каде што Пендаровски има предност во однос на бројот на споменувања. Ако Силјановска била спомената 481 пат во многу негативен или во негативен контекст, Пендаровски е споменат 429 пати. Кај претседателскиот кандидат зад кој стои СДСМ поголем е бројот на позитивни или многу позитивни споменувања на социјалната мрежа „Фејсбук“.

Според сето ова, Силјановска има поголема вредност на вкупниот сентимент во негативен контекст на социјалните мрежи и во медиумите од Пендаровски. Важно е да се потенцира дека не станува збор за анкета што ги мери гласовите за кандидатите, туку за начинот на кој тие се прикажани и коментирани во интернет-просторот. Истражувачкиот центар на „Макфакс“ на почетокот на кампањата за претседателските кандидати спроведе анкета.

Целосната методологија за начинот на изработката на сентимент-анализите на истражувачкиот центар на „Макфакс“ е достапна на следниот линк.

Прикажи повеќе...

Анализи

СЈО со детали: Како Камчев и Мијалков ги переле парите градејќи империја

Објавено пред

Злосторничко здружение, кое функционирало повеќе од 8 години, од 2009 година, кога биле отворани и затворани фирми, перени милиони и милиони евра, биле менувани сопственици, бил купуван огромен имот, отворани фирми на офшор-дестинации за еднократна употреба, префрлувани пари преку кипарски банки, а потоа овие испрани пари влегуваат како основачки влогови за да формираат македонски фирми.

dobivaj vesti na viber

Вака накусо може да се опише случајот „Империја“ на специјалното јавно обвинителство (СЈО), каде што, меѓу другите, осомничени се едни од највлијателните луѓе во земјата, бизнисменот Орце Камчев и поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков.

Три месеци по почнувањето на истрагата, обвинителството излезе со детали за еден од најобемните предмети за кој засега е утврдено дека се испрани речиси 11 милиони евра.

Истрагата е проширена за „Графички центар“ и за „Медија принт Македонија“ (МПМ), извршени се претреси во фирмите, осомничените се испрашани и собрани се докази.

Соработката меѓу Македонија и Кипар е воспоставена, па сега, конечно, на виделина излегуваат и имињата на оние што се криеле зад офшор-фирмите преку кои се переле пари.

Од крајот на јуни до крајот на октомври 2018 година некои од осомничените од „Империја“ биле под посебни истражни мерки.

„Мијалков не беше под посебни истражни мерки, Камчев многу внимателно зборуваше по телефон, но не и другите осомничени“, велат од СЈО.

Без разлика како ќе се одвива понатаму истрагата за „Империја“, со оглед на тоа што статусот и истрагите на СЈО сè уште се неизвесни, оттаму велат дека собрани се речиси 90 отсто од доказите за случајот да може да продолжи понатаму.

Злосторничкото здружение се распаѓа кон крајот на 2017 и почетокот на 2018 година кога осомничените почнуваат да земаат кредити за да се раздолжат, но тоа не значи дека тука завршуваат и нивните поединечни активности.

Под лупа на СЈО е и фирмата поврзана со семејството Мијалкови, „Бест веј инвестмент“, формирана веднаш по обеледонувањето на таканаречените бомби во 2015 година, чиј сопственик е синот на Сашо Мијалков, Јордан. СЈО истражува како се ширел бизнисот и како оваа фирма успева да заработи огромни суми и да стекне голем имот само за три години работа. „Бест веј инвестмент“, ако во 2016 година имала приходи од 816 илјади евра, во 2017 година веќе приходите ѝ растат на 9,6 милиони евра, што само покажува дека независно кој е на власт, бизнисите на Мијалков работат со полна пареа.

Краен сопственик на мистериозната „Ексико“ бил Камчев

Натписот на поштенското сандаче на улицата Иван Милутиновиќ во Скопје сведочи за постоењето на „Ексико“, чие сопствеништво е скриено

Центарот на истрагата за „Империја“ се познатата офшор-фирма „Ексико“ и бизнисменот Орце Камчев.

Истрагата утврдила дека зад првата фирма-мајка на „Ексико“, „Делта инвестмент“ од Белизе, всушност се крие таткото на Орце Камчев, Илија. Од оваа фирма, која поседуваше акции во големи акционерски друштва, а се јавуваше и како еден од сопствениците на атрактивните плацови на Водно, досега сите креваа раце и демантираа дека стојат зад неа.

Истрагата на СЈО утврдила дека по Илија Камчев, набргу како краен сопственик фигурирал и поранешниот директор на македонски „Телеком“, Жарко Луковски, а кога сопствеништвото на фирмата се сели во Америка, односно сопственик станува извесна „Калвус ЛЛЦ“ (Calvus LLC) од САД, крајниот сопственик е всушност Орце Камчев.

Од оваа американска фирма кон „Ексико“ се влеваат 1,6 милион евра како прилив, а дел од овие пари завршува на личната сметка на Камчев, додека со дел се купувани имот и земјиште во Гевгелија, на кое понатаму е предвидено да се градат казина.

Подоцна, а и до ден-денеска, сопственик на „Ексико“ е фирмата со швајцарски капитал „Т&МЈ инвестмент“ од Лугано, Швајцарија, фирма зад која оперативните сознанија покажале дека краен сопственик е член на семејството Мијалкови. Од швајцарската фирма кон македонската „Ексико“ немало никаков прилив или одлив на пари.

„Ексико“ не е единствената фирма преку која функционирало ова злосторничко здружение. Колку за пример, во истатата 2009 година офшор-компанијата „Хоспитал менаџмент груп ЛЛЦ’ од Кипар ја основа клиничката болница „Систина“. Понатаму, оваа компанија го продава имотот на друга офшор-компанија од Панама. „Орка холдинг“ го купува уделот од панамската, па повторно ѝ го продава на „Систина“, со што фактички Камчев внесува удел од „Хоспитал менаџмент“ од Кипар во Македонија.

Сомнежи за перење пари преку кипарски банки

Преку кипарски банки парите влегуваат во земјата

Значаен дел од истрагата на СЈО за „Империја“ има и фирмата „Финзи“ – истата фирма за која во таканаречените бомби можеше да се слушне дека одела набавката за опрема за следење интернет-комуникации за МВР. Министерството, додека на чело на УБК беше Мијалков, наместо директно да ја набави изреалската опрема за прислушување, тоа го правела преку „Финзи“. Во текот на истрагата за случајот самоубиство изврши директорот на „Финзи“, Коста Крпач, во април 2016 година.

Сега истрагата за „Империја“ повторно допира до „Финзи“, фирма основана од „Финзи ЛЛЦ“ во САД. Краен сопственик на оваа компанија, според СЈО, повторно е Орце Камчев.

Во неколку наврати од „Финзи ЛЛЦ“ преку кипарска банка кон македонската „Финзи“ биле исплатувани 650.000 евра. Во тоа време, односно во 2009 година, директор на „Финзи“ во Македонија е Владислав Стајковиќ, брат на Небојша Стајковиќ, поранешен помошник-министер за информатичка технологија во МВР.

Овие пари понатаму влегуваат како основачки влог во „Систина кардиологија“, фирма што подоцна е преименувана во „Си-Фи-Кар“ („Систина“, „Финзи“, “Кара“). Во 2012 година, според СЈО, кога парите веќе се испрани, американската мајка-фирма се затвора и се отвора нова фирма, во која Крпач влегува како директор, а на истата сметка легнуваат парите од израелската донација за опрема за прислушување.

„Не купуваат компании за да работат со нив, туку за да извлечат што можат“

Орце Камчев и Сашо Мијалков, клучните играчи во „Империја“

Многу компании, офшор, стотици папки со документи и изјави од сведоци содржи еден од најобемните предмети на СЈО – „Империја“. Од она што беше претставено пред новинарските екипи, неизбежен е заклучокот дека од досегашната истрага и собраните докази станува збор за класични примери за сомнежи за перење пари пред кои надлежните институции со години молчеле или се откажувале од гонење поради немање докази.

Дел од истрагата е отстапен и на купувањето на „Бетон Штип“ од страна на ТИМ ДОО, „Орка холдинг“, „Езимит“ ДООЕЛ и „Ексико“.

„Кога тие купуваат компанија, не ја купуваат за да ја работат, туку да извлечат што може од имотот на компанијата“, велат од СЈО.

Па, така, и овој пат сознанијата говорат дека од „Бетон Штип“ се извлечени 4 милиони евра, односно газдите ги тераат акционерите со парите да купуваат имот, а понатаму како што се извлекуваат парите, така се инвестираат во други зделки за што патем говорат и последните информации дека речиси 250 работници веќе ги напуштаат работните места од „Бетон Штип“ и истовремено преку суд си ги бараат неисплатените плати за последните четири месеци.

Дел од истрагата го опфаќа и „Фершпед“, односно од моментот кога Кираца Трајковска, која беше еден од мнозинските акционери во “Фершпед“, поради долг во Еуростандард банка, преку посредник побарала кредит од Стопанска банка АД Битола. Камчев, кој е дел од Управниот одбор на банката, наместо кредит, според СЈО, на Трајковска ѝ понудил преку физички лица да ѝ бидат префрлени парите по што биле ослободени нејзините акции од „Фершпед“.

За да им ги продаде акциите на странски инвеститори, таа го ангажирала брокерот Јованче Тасковски. Но, за нејзината намера дознал Штерјо Наков, кој побарал помош од Мијалков, со цел тој да ги купи акциите. Мијалков се договора со Камчев да ја изиграат, па без нејзино знаење, според СЈО, Ненад Јосифовиќ ги продава акциите на физички и правни лица поврзани со Наков за 4 милиони евра повисока цена од реалната. Парите од зделката завршуваат во фирма чии сопственици се „Ексико“, „Орка холдинг“ и „Тимох“.

Во делот од истрагата за „Империја“ влегуваат и стари случаи, кои претходно во обвинителствата завршувале со откажување од гонење поради немање доволно докази. Таков пример е истрагата за „пропаѓањето“ на „Орка спорт“, „Орка текстил“ и други фирми во сопственост на сега покојниот Илија Камчев. Данокот се избегнувал да се плаќа преку лажни стечаи, обезвреднување на имотот и формирање офшор-компании, а потоа парите „чисти“ биле внесувани во земјата, односно целиот имот бил пренесуван на новоформирани компании.

На овој начин, впрочем, и се градела целата империја – преку лојални соработници, изигрување на законитe и формирање компании за еднократна употреба.

Како ќе заврши истрагата и дали случајот ќе добие епилог останува неизвесно. Засега Орце Камчев и Сашо Мијалков се во домашен притвор, а конечниот збор ќе го каже Врховниот суд.

Освен Камчев и Мијалков, осомничени во случајот „Империја“ се и Ратка Куноска-Камчева, мајка на Камчев и неизвршен член на Одборот на директори на „Орка ходинг“, Кристина Камчева-Стојческа, сестра на Камчев и неизвршен член на Одборот на директори на „Жито полог Тетово“, Лилјана Гајдоска, правник во фирмите на Камчев, неизвршен член на Одборот на директори на ЗК „Пелагонија“, Тодор Мирчевски, директор на „Ексико“, Владислав Стајковиќ, сопственик на НВСП, доскорешен директор на „Мобико“ и поранешен директор на „Финзи“, Ванче Мијалчев, извршен директор на „Бетон Штип“, Јованче Тасковски, брокер, и Дејан Јанев од „О.Т.Е. инвест“.

Прикажи повеќе...

Анализи

Политиката го подели СЈО на табори

Објавено пред

„Чарлиевите ангели“ ги нема. Катица Јанева, Ленче Ристоска и Фатиме Фетаи речиси една година не се појавуваат на заеднички прес-конференции. Во јавноста и на социјалните мрежи сè погласни се критиките за работата на специјалното јавно обвинителство и ослабената доверба во оваа институција.

dobivaj vesti na viber

Три и пол години по формирањето, целосен судски епилог има само за два случаја а сè погласни се шпекулациите дека во СЈО владее поделеност на обвинителите на табори, кои меѓусебно не се согласуваат за дејствувањето на ова обвинителство, па тие разлики во мислењата лесно се забележливи и во јавноста.

Трите жени, кои беа симбол за СЈО, ретко може се видат заедно во јавноста, а речиси една година Ленче Ристоска и Фатиме Фетаи не даваат заеднички изјави. Според нашите извори, со слични ставови на една страна биле обвинителките Катица Јанева и Лиле Стефанова, а на друга Ленче Ристоска и Фатиме Фетаи.

Од друга страна, сè поприсутна во јавноста е главната специјална обвинителка Катица Јанева, која, според најавите, во вторник ќе се појави на „1ТВ“, каде што заедно со обвинителите Лиле Стефанова и Трајче Пеливанов треба да одговараат и на прашања од гледачите. Токму во фирмата сопственик на „1ТВ“, „БМЈ медиа груп“, работи синот на Јанева, младиот гевгеличанец Лазар Јанев, за кого веќе беше објавено дека пред вработените бил претставен како директор на правна служба. Пред точно два месеца Јанева беше гостинка на „1ТВ“ и се фотографира со сопственикот на телевизијата, Бојан Јовановски, со назнака дека станува збор за работен состанок.

Во СЈО во последната година во целост се смени практиката на комуникација со јавноста. Последната прес-конференција СЈО ја одржа на 21 март минатата година.

Повеќе нема брифинзи со новинари, а на обвинителките Ристоска и Фетаи не им е дозволено да даваат интервјуа и изјави. Целосна затвореност владее и во однос на истрагите. Случајот „Империја“, во кој, меѓу другите, се осомничени и бизнисменот Јордан Камчев и ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, беше отворен пред повеќе од 2 месеца, а од СЈО нема дополнителни информации, освен дека истрагата е сложена.

Сите обиди на „Макфакс“ да обезбедат брифинг за случајот беа залудни. Новинарите меѓу себе коментираат дека ова обвинителство, кое наметна транспарентно работење, последнава година се затворило, иако обвинителите поминале серија обуки за комуникација со јавноста. Тоа остава простор за шпекулации во постапувањето по предметите на обвинителството. Од друга страна, во редовното Обвинителство се спроведува тренинг за односи со јавноста на обвинителите.

Според нашите информации, во специјалното јавно обвинителство меѓу некои од вработените владее незадоволство од начинот на работа, особено по последните политички случувања, амнестии и повици за помирување, кои во голем дел влијаат и врз актуелните предмети што се во судска постапка, но и на оние што се во истрага и предистрага, а во кои, меѓу другите, се вклучени и Сашо Мијалков, Елизабета Канческа-Милевска, Али Ахмети, Бујар Османи.

Ексминистерката за култура, КанческаМилевска, е инволвирана во предистрагата за предметот „Скопје 2014“, кој е еден од најобемните предмети на СЈО, за Мијалков се водат повеќе судски постапки, а предметот за агенцијата за обезбедување СГС е во предистрага.

Во процесот на помирувањето наголемо се споменуваа и измените во Кривичниот законик, односно член 353, став 5, кој ја регулира злоупотребата на службената положба преку јавните набавки. Доколку дојде до промена на овој член, како што беше најавувано, помали казни или ослободување од одговорност ќе добијат голем број обвинети во случаите на СЈО, меѓу кои и Мијалков.

Уставниот суд сè уште не расправал по иницијативата на адвокатот Еленко Миланов, кој бара судиите да се произнесат за овој член од Кривичниот законик.

Сите овие политички инволвирања, кои допираат и до СЈО, според нашите извори, довеле до голем раздор во работата на институцијата, која има годишен буџет од 3,7 милиони евра. Некои од обвинителите се разочарани од фактот што нивните предмети и нивната работа зависат исклучително од тековната политичка ситуација, па токму затоа во последниот период и не се работи на нови предистраги бидејќи се чека исходот од тоа што ќе се случува со институцијата и дали евентуално одредени функционери од претходната, но и од актуелната власт, ќе избегнат одговорност.

Прикажи повеќе...

Најново

Топ9 часа

Претреси во Охрид поради фотографирање избирачки список и гласачки ливчиња

Вчера, по претходно добиени оперативни податоци за фотографирање на избирачки список и гласачки ливчиња на првиот круг од претседателските избори...

Македонија10 часа

Личните документи ќе можат да се подигнат и в среда, извести МВР

Во пресрет на претстојните Претседателски и Парламентарни избори што ќе се одржат утре, Министерството за внатрешни работи ги известува граѓаните...

Македонија13 часа

За Бојмацалиев, полицијата е модерна и европска, Тошковски, пак, шокиран од недостоинствените услови во кои работат

Со свеченост во паркот кај авионот во скопско Ново Лисиче денес беше одбележан Денот на полицијата, 7 Мај. Техничкиот министер...

Економија14 часа

Од полноќ нови цени на горивата

Регулаторната комисија за енергетика донесе одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за...

Македонија15 часа

Јовановски за пријавата од Кичеец: Ова е почеток на една битка со цела криминална банда

Зоран Милевски-Кичеец го пријавил Бојан Јоавновски-Боки 13 во полицијата. Ова се однесува на статусот што Јовановски го објави вчера, а...

Топ18 часа

Тешка сообраќајна несреќа кај Влае – има повредени, едното возило преполовено

Тешка сообраќајна несреќа се случи утрово на булеварот Партизански одреди во скопската населба Влае. Во несреќата учествуваа две возила, од...

Свет18 часа

Израел: Ја презедовме контролата на преминот Рафа, специјалните сили на терен

Израелската армија утринава соопшти дека ја презела оперативната контрола на палестинската страна на јужниот граничен премин Рафа во Газа, кој...

Македонија18 часа

На ден пред двојните избори гласаат болните и изнемоштените лица, затворениците и дијаспората

Денес своето право на глас први ќе го остварат болните и изнемоштените лица, како и затворениците во казено-поправните домови во...

Македонија18 часа

Акредитирани 1.078 домашни и 770 странски набљудувачи за изборите

За вториот круг од претседателските избори и парламентарните избори на 8 мај акредитирани се вкупно 1999 набљудувачи, преведувачи и странски...

Македонија19 часа

Доаѓа нестабилно време со пороен дожд и грмежи

Во попладневните часови ќе има изолирана појава на нестабилност со краткотраен пороен дожд и појава на грмежи. Потоа од среда...

Македонија1 ден

МВР: Во Чашка приведени две лица поради сомнеж за изборен поткуп – фатени се со пиштоли, списоци и пари

Денеска во 15.20 часот полициски службеници од Одделението за криминалистичка полиција при СВР Велес го приведоа И.И.(52) од село Мелница,...

Македонија1 ден

Од полноќ почнува изборниот молк

На полноќ почнува изборниот молк пред парламентарните и вториот круг од претседателските избори, кои ќе се одржат в среда. Изборниот...

Топ1 ден

Деца натепани од врсници на Бит Пазар пред зградата во која живеат

Триесет и четиригодишната Ч.М.А. од Скопје пријавила дека околу 16.30 часот пред зградата во која живеат на подрачје на Бит...

Топ1 ден

Избоден малолетник во Куманово, пренесен е болница

Малолетно момче било избодено синоќа во Куманово. Од МВР велат дека момчето се здобило со повреди и било пренесено во...

Свет1 ден

Италија: Лани лично го предупредивме Зеленски, контраофанзивата беше грешка

Италијанскиот министер за одбрана изјави денеска дека економските санкции наметнати на Русија не успеале и го повика Западот да направи...

Свет2 дена

Путин издаде наредба: Вооружените сили на Русија ќе вежбаат употреба на нуклеарно оружје

  Владимир Путин му наредил на Генералштабот да се подготви за вежби за употреба на нестратешко нуклеарно оружје, соопшти Министерството...

Македонија2 дена

Возач загина во сообраќајка на експресниот пат Штип-Кочани, повредени жена и две деца

Триесет и деветгодишен маж загина, а три други лица, од кои две малолетни, се повредени во сообраќајна несреќа што синоќа...

Македонија2 дена

Битиќи на велигденски јајца кај Спасовски кој му посака здравје низ целата година

Вицепремиерот Фатмир Битиќи бил на гости дома кај екс министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски по повод празникот Велигден. „На...

Македонија2 дена

Мојсоска: Усеини од ДУИ доби 500 000 евра од ДПМНЕ во Охрид

Охридската гимназија, цела година е со раскопан двор. Учениците се заложници на неспособната локална власт, предводена од ДПМНЕ. Парите на...

Македонија2 дена

На полноќ настапува молк пред вториот круг од претседателските и парламентарните избори

На полноќ завршуваат кампањите за вториот круг од претседателските избори и за парламентарните. Кампањата за претседателските избори започна веднаш по...