Контакт

Анализи

Al Jazeera: Може ли на Египќаните да им ја украдат револуцијата?

Објавено пред

Како што армијата си продолжува со задушувањето на протестите, младинските групи се се позагрижени дека ќе бидат маргинализирани

dobivaj vesti na viber

Само непоправлив романтичар може да очекува бракот помеѓу револуционерната младина и војската да биде „мед и млеко“, а медениот месец на Египет нагло привршува. „Не и веруваме на војската. Тие се преправаат дека не слушаат, но не преземаат ништо,“ вели портпаролот на движењето „6-ти април“ Мохамед Екол.

Уште ни прашината од востанието кое го сруши од власта тридеценискиот претседател Хосни Мубарак не слегна, а револуцијата веќе влегува во деликатна и критична фаза. Меѓу младинските движења постојат реални стравувања дека воените и религиозните лидери се обидуваат да го искористат вакуумот во моќта кој го создадоа маките на младите.

Јавното лице на армијата, Врховниот совет и натаму ги свири вистинските ноти кои јавноста сака да ги чуе. Нивниот потег да го уапсат поранешниот претседател Хосни Мубарак и неговите синови мина „како бонбонче“, додека истовремено јавните соопштенија ја дообликуваат претставата за тоа дека токму тие се нивните најдоверливи претставници.

Злокобен знак

Но, кога ќе се тргнат камерите, настапува сосема друга приказна. Низата вознемирувачки настани во последниве недели посочуваат дека за старите властодршци „се е како што си беше“. На 10-ти април продемократскиот блогер Маикил Набил доби тригодишна затворска казна, чија вина е само тоа што јавно го кажа погоре напишаното. Казната го стигна на военото судење, на кое го осудија според орвеловското обвинение „за вознемирување на јавната безбедност“.

Набил го критикуваше насилното сузбивање на протестите два дена претходно. На „Прочистителниот петок“ десетици илјади демонстранти се вратија на плоштадот „Тахир“ за да бараат судење на Мубарак. Армијата одговори со боева муниција, со која уби двајца, а рани уште десетици демонстранти. Нема сомневање дека рутината на мачење на политичките противници продолжува. Бројни активисти, вклучувајќи и малолетни, беа малтретирани во Египетскиот музеј, кој е претворен во привремен затворски логор. На 14-ти април во гардот Имбаба беше одржана конференција против таквата бруталност, која и самата беше насилно растурена од силите за безбедност.

Ваквите скандали се многу штетни за младинските движења кои, откако станаа де факто глас на револуцијата, сега се присилени да се справуваат со армискиот Врховен совет. Групата „6-ти април“, која има преку 150.000 поддржувачи, е меѓу оние на кои им беше доделена задачата да ја вардат транзицијата кон демократија, но нејзиниот основач и лидер Ахмед Нахер се чувствува се понепријатно.

„Армијата порано не сфаќаше многу сериозно“, вели тој. „Ние ќе одржевме митинг и веднаш следуваше одговор на нашите барања. Сега, комуникацијата е прекината повеќе од еден месец. На моменти не третираат како деца. Се што им е важно е да има стабилност и нивниот имиџ, што е причината што продолжуваат со воените судења. Ќе ги притиснеме да престанат“. Сепак, Нахер смета дека во вакви деликатни времиња младинските групи не треба да се преценуваат. „Нема да ги компромитираме нашите вредности, но нема ни да свикуваме големи демонстрации се додека економијата е нестабилна. Ни треба време за да ја оцениме ситуацијата“, вели тој.

Пристигнување во „ветената земја“

До почетокот на април, на младинските движења, вклучувајќи ги и „6-ти април“, „25-ти јануари“ и Младината на Муслиманското братство, им беа ветени само пет до осум седишта во новиот парламент кој треба да биде избран во септември. Иако изгледа како да се оставаат места за кандидатите на армијата и за постарите членови на Муслиманското братство, Нахир верува дека младинските групи подобро би и служеле на јавноста како лобисти.

„Не треба ние да го пополнуваме вакуумот, туку да ја дадеме нашата поддршка на другите партии и кандидати. Подобро ќе биде за народот ако работиме како набљудувачи на тоа дека процесот е постојано фер, отколку да станеме партија која се бори за власт со што би можеле да го изгубиме нашиот кредибилитет“, смета Нахир.Иако младинските движења уживаат огромна популарност кај јавноста, тие се уште се наоѓаат во нивното политичко детство, родени од Facebook групите, чија единствена цел беше да се сруши омразениот режим на Мубарак. Откако пристигнаа во ветената земја, тие набрзина развиваат нови политики, како што е еднаквоста во платите и крај на воените судења.

Сепак, тие не се ни блиску до инфраструктурата на воениот режим или на Муслиманското братство, кое неодамна излезе од долгогодишното криење со тврдењето дека би можеле да освојат 75 проценти од седиштата во новиот парламент. Портпаролот на „6-ти април“, Екол, вели дека тие „не се загрижени“ во врска со преземањето од страна на Муслиманското братство. „Добро ги познаваме и им ги знаеме слабостите“, вели тој и тврди дека постои договор – иако неформален – Муслиманското братство да не добие повеќе од 35 проценти од седиштата.Таквите договори ги будат стравувањата дека младинските движења се завлечени од поискусните сили, кои и сакаат и можат да ја искористат нивната наивност.

Ахмет Езат од Социјалистичката работничка партија верува дека е стратешка грешка воопшто да се разговара со овие институции. „Не треба да има никаков договор со Врховниот совет, затоа што тие се дел од режимот на Мубарак“, тврди тој. Наместо тоа, Езат смета дека Египет мора да црпи од својата сила и да се користат „револуционерните комитети“, кои ги заштитуваа и се грижеа за своите соседства за времетраењето на немирите. Тој тврди дека преку 50 од нив се уште функционираат ширум земјата и дека нивниот број расте.

„Решението мора да дојде од проектите на заедниците на  работничката класа. Тоа е единствениот пат кон вистинската еднаквост“, вели Езат. Тој го истакнува „недостигот од визија“ кај младинските движења, што ги прави ранливи. Наспроти тоа, револуционерните комитети имаат јасни цели, како што се бесплатното образование, субвенционирано домување за сиромашните, еднаква распределба на јавните фондови и национализација на индустриите кои им биле продадени на странци.

Исламистичкото  „страшило“

Сепак, и покрај оправданата загриженост во врска со следната фаза, подготвеноста на младинските движења да седнат на задното седиште во оваа фаза, многу повеќе се должи на нивната самодоверба, отколку на наивноста.  „Дали армијата сака вистинска демократија или не, таа ќе си дојде“, вели Ахмед Нахер. Блиската соработка помеѓу сите младински движења, вклучувајќи ги и тие со исламистички мандат, им овозможи да воспостават заедничка позиција, која би требало да го издржи секој обид некој да ги подели за да ги владее.

Повеќето активисти сметаат дека заканата од исламистичките „страшила“ е претерана и тие потсетуваат дека младината на Муслиманското братство, а не нивните постари колеги, беше интегрален дел на револуцијата. Сара Мохамед, 18-годишна членка на младината Муслиманското братство не верува дека ќе има конфликт помеѓу секуларните и религиозните ентитети.

„Се сеќавам кога на плоштадот Тахир стоев заедно со либералите, социјалдемократите и со атеистите. Имаме исти цели, истата желба да го сториме најдоброто за нашата земја. Претходно само читав за нив во книгите, а сега сите работиме заедно. Демократијата е најважната сила за спроведување на правдата. Не мислам дека религијата треба да се употребува за гушење, туку за инспирирање на моралните вредности“, вели таа.

Обиди да се измести револуцијата ќе има, ќе има и сегашни и идни битки во кои ќе треба да се победи и да загуби. Сепак, и покрај многу реалните закани, постои убедување кај младинските движења дека Египет бил одвлечкан премногу далеку, од премногу разни сили, за да се дозволи да се врати во мрачното доба.

(Авторот на текстот Киерон Монкс е уредник во магазинот „Оваа недела во Палестина“. Неговите текстови како слободен новинар биле објавувани во The Guardian, The Observer, Tribune, Ma’an News и во многу други публикации.)



©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Анализи

Силјановска vs Пендаровски: Кој добива, а кој губи во битката на социјалните мрежи и медиумите?

Објавено пред

Претседателските кандидати Стево Пендаровски и Гордана Силјановска-Давкова најмногу се спомнуваат во медиумите, а најмалку се популарни меѓу твитерџиите. Во негативен контекст почесто е споменувана Силјановска на социјалните мрежи „Феjсбук“ и „Твитер“, но и во медиумите.

dobivaj vesti na viber

Ова го покажа првата сентимент-анализа на истражувачкиот центар на „Макфакс“, која се изработуваше во периодот од 1 до 9 април годинава. Процесот на изработка на анализата е базиран на компјутерски алгоритми и има задача да одреди во каков контекст (многу негативен, негативен, неутрален, позитивен или многу позитивен) е напишан одреден текст или дел од текстот.

Преку системот беа анализирани 220 медиуми, како и објавите и коментарите на над еден милион корисници на „Фејсбук“ и твитовите од 300 илјади профили. Тестирањата на платформата покажaа дека користените технологии даваат резултат со точност поголема од 80 проценти.

Според анализата, имињата на Силјановска-Давкова и на Пендаровски почесто се споменуваат во медиумите отколку на социјалните мрежи „Твитер“ и „Фејсбук“. Во првите девет дена од месецот тие биле споменати вкупно 3.515 пати. На „Фејсбук“ биле споменати речиси двојно помалку, а најмалку биле споменувани на „Твитер“.

Силјановска, според оваа анализа, најмногу била спомената на веб-порталите „Република“, „Курир“, „Инфомакс“ и на „Прес 24“, а Пендаровски на „Прес 24“, „Макпрес“, „24 инфо“ и на „Вечер“. Од инфографикот може да се види комплетната слика за тоа во кој медиум биле најмногу застапени двајцата претседателски кандидати.

Во однос на контекстот на споменување во медиумите може да се заклучи дека постои тесна разлика меѓу Силјановска и Пендаровски, иако кандидатката зад која стои опозициската ВМРО-ДПМНЕ предничи со негативните коментари.

Па, така, во многу негативен контекст Силјановска била спомената 201 пат, а Пендаровски 136 пати. Ако таа била спомната 914 пати во негативен контекст, Пендаровски во истиот контекст бил спомнат 778 пати. Тој предничи и во однос на неутралните спомнувања во медиумите, а Силјановска предничи во однос на позитивните споменувања. Тесна е разликата меѓу многу позитивните конотации, во кои биле ставени двајцата претседателски кандидати на кои се однесува анализата, во која за 8 споменувања предност има Пендаровски.

Според податоците од аналитичкиот центар на „Макфакс“, претседателскиот кандидат Пендаровски е попопуларен од Силјановска во однос на бројот на споменувања. Во многу позитивен или позитивен контекст меѓу твитерџиите тој е споменат 231 пат, а Силјановска 201. Во однос на тоа дали кандидатите се споменати во негативен или многу негативен контекст за нијанса води Силјановска, која е спомената 401 пат, а Пендаровски 389.

Слична ситуација може да се види и на „Фејсбук“, каде што Пендаровски има предност во однос на бројот на споменувања. Ако Силјановска била спомената 481 пат во многу негативен или во негативен контекст, Пендаровски е споменат 429 пати. Кај претседателскиот кандидат зад кој стои СДСМ поголем е бројот на позитивни или многу позитивни споменувања на социјалната мрежа „Фејсбук“.

Според сето ова, Силјановска има поголема вредност на вкупниот сентимент во негативен контекст на социјалните мрежи и во медиумите од Пендаровски. Важно е да се потенцира дека не станува збор за анкета што ги мери гласовите за кандидатите, туку за начинот на кој тие се прикажани и коментирани во интернет-просторот. Истражувачкиот центар на „Макфакс“ на почетокот на кампањата за претседателските кандидати спроведе анкета.

Целосната методологија за начинот на изработката на сентимент-анализите на истражувачкиот центар на „Макфакс“ е достапна на следниот линк.

Прикажи повеќе...

Анализи

СЈО со детали: Како Камчев и Мијалков ги переле парите градејќи империја

Објавено пред

Злосторничко здружение, кое функционирало повеќе од 8 години, од 2009 година, кога биле отворани и затворани фирми, перени милиони и милиони евра, биле менувани сопственици, бил купуван огромен имот, отворани фирми на офшор-дестинации за еднократна употреба, префрлувани пари преку кипарски банки, а потоа овие испрани пари влегуваат како основачки влогови за да формираат македонски фирми.

dobivaj vesti na viber

Вака накусо може да се опише случајот „Империја“ на специјалното јавно обвинителство (СЈО), каде што, меѓу другите, осомничени се едни од највлијателните луѓе во земјата, бизнисменот Орце Камчев и поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков.

Три месеци по почнувањето на истрагата, обвинителството излезе со детали за еден од најобемните предмети за кој засега е утврдено дека се испрани речиси 11 милиони евра.

Истрагата е проширена за „Графички центар“ и за „Медија принт Македонија“ (МПМ), извршени се претреси во фирмите, осомничените се испрашани и собрани се докази.

Соработката меѓу Македонија и Кипар е воспоставена, па сега, конечно, на виделина излегуваат и имињата на оние што се криеле зад офшор-фирмите преку кои се переле пари.

Од крајот на јуни до крајот на октомври 2018 година некои од осомничените од „Империја“ биле под посебни истражни мерки.

„Мијалков не беше под посебни истражни мерки, Камчев многу внимателно зборуваше по телефон, но не и другите осомничени“, велат од СЈО.

Без разлика како ќе се одвива понатаму истрагата за „Империја“, со оглед на тоа што статусот и истрагите на СЈО сè уште се неизвесни, оттаму велат дека собрани се речиси 90 отсто од доказите за случајот да може да продолжи понатаму.

Злосторничкото здружение се распаѓа кон крајот на 2017 и почетокот на 2018 година кога осомничените почнуваат да земаат кредити за да се раздолжат, но тоа не значи дека тука завршуваат и нивните поединечни активности.

Под лупа на СЈО е и фирмата поврзана со семејството Мијалкови, „Бест веј инвестмент“, формирана веднаш по обеледонувањето на таканаречените бомби во 2015 година, чиј сопственик е синот на Сашо Мијалков, Јордан. СЈО истражува како се ширел бизнисот и како оваа фирма успева да заработи огромни суми и да стекне голем имот само за три години работа. „Бест веј инвестмент“, ако во 2016 година имала приходи од 816 илјади евра, во 2017 година веќе приходите ѝ растат на 9,6 милиони евра, што само покажува дека независно кој е на власт, бизнисите на Мијалков работат со полна пареа.

Краен сопственик на мистериозната „Ексико“ бил Камчев

Натписот на поштенското сандаче на улицата Иван Милутиновиќ во Скопје сведочи за постоењето на „Ексико“, чие сопствеништво е скриено

Центарот на истрагата за „Империја“ се познатата офшор-фирма „Ексико“ и бизнисменот Орце Камчев.

Истрагата утврдила дека зад првата фирма-мајка на „Ексико“, „Делта инвестмент“ од Белизе, всушност се крие таткото на Орце Камчев, Илија. Од оваа фирма, која поседуваше акции во големи акционерски друштва, а се јавуваше и како еден од сопствениците на атрактивните плацови на Водно, досега сите креваа раце и демантираа дека стојат зад неа.

Истрагата на СЈО утврдила дека по Илија Камчев, набргу како краен сопственик фигурирал и поранешниот директор на македонски „Телеком“, Жарко Луковски, а кога сопствеништвото на фирмата се сели во Америка, односно сопственик станува извесна „Калвус ЛЛЦ“ (Calvus LLC) од САД, крајниот сопственик е всушност Орце Камчев.

Од оваа американска фирма кон „Ексико“ се влеваат 1,6 милион евра како прилив, а дел од овие пари завршува на личната сметка на Камчев, додека со дел се купувани имот и земјиште во Гевгелија, на кое понатаму е предвидено да се градат казина.

Подоцна, а и до ден-денеска, сопственик на „Ексико“ е фирмата со швајцарски капитал „Т&МЈ инвестмент“ од Лугано, Швајцарија, фирма зад која оперативните сознанија покажале дека краен сопственик е член на семејството Мијалкови. Од швајцарската фирма кон македонската „Ексико“ немало никаков прилив или одлив на пари.

„Ексико“ не е единствената фирма преку која функционирало ова злосторничко здружение. Колку за пример, во истатата 2009 година офшор-компанијата „Хоспитал менаџмент груп ЛЛЦ’ од Кипар ја основа клиничката болница „Систина“. Понатаму, оваа компанија го продава имотот на друга офшор-компанија од Панама. „Орка холдинг“ го купува уделот од панамската, па повторно ѝ го продава на „Систина“, со што фактички Камчев внесува удел од „Хоспитал менаџмент“ од Кипар во Македонија.

Сомнежи за перење пари преку кипарски банки

Преку кипарски банки парите влегуваат во земјата

Значаен дел од истрагата на СЈО за „Империја“ има и фирмата „Финзи“ – истата фирма за која во таканаречените бомби можеше да се слушне дека одела набавката за опрема за следење интернет-комуникации за МВР. Министерството, додека на чело на УБК беше Мијалков, наместо директно да ја набави изреалската опрема за прислушување, тоа го правела преку „Финзи“. Во текот на истрагата за случајот самоубиство изврши директорот на „Финзи“, Коста Крпач, во април 2016 година.

Сега истрагата за „Империја“ повторно допира до „Финзи“, фирма основана од „Финзи ЛЛЦ“ во САД. Краен сопственик на оваа компанија, според СЈО, повторно е Орце Камчев.

Во неколку наврати од „Финзи ЛЛЦ“ преку кипарска банка кон македонската „Финзи“ биле исплатувани 650.000 евра. Во тоа време, односно во 2009 година, директор на „Финзи“ во Македонија е Владислав Стајковиќ, брат на Небојша Стајковиќ, поранешен помошник-министер за информатичка технологија во МВР.

Овие пари понатаму влегуваат како основачки влог во „Систина кардиологија“, фирма што подоцна е преименувана во „Си-Фи-Кар“ („Систина“, „Финзи“, “Кара“). Во 2012 година, според СЈО, кога парите веќе се испрани, американската мајка-фирма се затвора и се отвора нова фирма, во која Крпач влегува како директор, а на истата сметка легнуваат парите од израелската донација за опрема за прислушување.

„Не купуваат компании за да работат со нив, туку за да извлечат што можат“

Орце Камчев и Сашо Мијалков, клучните играчи во „Империја“

Многу компании, офшор, стотици папки со документи и изјави од сведоци содржи еден од најобемните предмети на СЈО – „Империја“. Од она што беше претставено пред новинарските екипи, неизбежен е заклучокот дека од досегашната истрага и собраните докази станува збор за класични примери за сомнежи за перење пари пред кои надлежните институции со години молчеле или се откажувале од гонење поради немање докази.

Дел од истрагата е отстапен и на купувањето на „Бетон Штип“ од страна на ТИМ ДОО, „Орка холдинг“, „Езимит“ ДООЕЛ и „Ексико“.

„Кога тие купуваат компанија, не ја купуваат за да ја работат, туку да извлечат што може од имотот на компанијата“, велат од СЈО.

Па, така, и овој пат сознанијата говорат дека од „Бетон Штип“ се извлечени 4 милиони евра, односно газдите ги тераат акционерите со парите да купуваат имот, а понатаму како што се извлекуваат парите, така се инвестираат во други зделки за што патем говорат и последните информации дека речиси 250 работници веќе ги напуштаат работните места од „Бетон Штип“ и истовремено преку суд си ги бараат неисплатените плати за последните четири месеци.

Дел од истрагата го опфаќа и „Фершпед“, односно од моментот кога Кираца Трајковска, која беше еден од мнозинските акционери во “Фершпед“, поради долг во Еуростандард банка, преку посредник побарала кредит од Стопанска банка АД Битола. Камчев, кој е дел од Управниот одбор на банката, наместо кредит, според СЈО, на Трајковска ѝ понудил преку физички лица да ѝ бидат префрлени парите по што биле ослободени нејзините акции од „Фершпед“.

За да им ги продаде акциите на странски инвеститори, таа го ангажирала брокерот Јованче Тасковски. Но, за нејзината намера дознал Штерјо Наков, кој побарал помош од Мијалков, со цел тој да ги купи акциите. Мијалков се договора со Камчев да ја изиграат, па без нејзино знаење, според СЈО, Ненад Јосифовиќ ги продава акциите на физички и правни лица поврзани со Наков за 4 милиони евра повисока цена од реалната. Парите од зделката завршуваат во фирма чии сопственици се „Ексико“, „Орка холдинг“ и „Тимох“.

Во делот од истрагата за „Империја“ влегуваат и стари случаи, кои претходно во обвинителствата завршувале со откажување од гонење поради немање доволно докази. Таков пример е истрагата за „пропаѓањето“ на „Орка спорт“, „Орка текстил“ и други фирми во сопственост на сега покојниот Илија Камчев. Данокот се избегнувал да се плаќа преку лажни стечаи, обезвреднување на имотот и формирање офшор-компании, а потоа парите „чисти“ биле внесувани во земјата, односно целиот имот бил пренесуван на новоформирани компании.

На овој начин, впрочем, и се градела целата империја – преку лојални соработници, изигрување на законитe и формирање компании за еднократна употреба.

Како ќе заврши истрагата и дали случајот ќе добие епилог останува неизвесно. Засега Орце Камчев и Сашо Мијалков се во домашен притвор, а конечниот збор ќе го каже Врховниот суд.

Освен Камчев и Мијалков, осомничени во случајот „Империја“ се и Ратка Куноска-Камчева, мајка на Камчев и неизвршен член на Одборот на директори на „Орка ходинг“, Кристина Камчева-Стојческа, сестра на Камчев и неизвршен член на Одборот на директори на „Жито полог Тетово“, Лилјана Гајдоска, правник во фирмите на Камчев, неизвршен член на Одборот на директори на ЗК „Пелагонија“, Тодор Мирчевски, директор на „Ексико“, Владислав Стајковиќ, сопственик на НВСП, доскорешен директор на „Мобико“ и поранешен директор на „Финзи“, Ванче Мијалчев, извршен директор на „Бетон Штип“, Јованче Тасковски, брокер, и Дејан Јанев од „О.Т.Е. инвест“.

Прикажи повеќе...

Анализи

Политиката го подели СЈО на табори

Објавено пред

„Чарлиевите ангели“ ги нема. Катица Јанева, Ленче Ристоска и Фатиме Фетаи речиси една година не се појавуваат на заеднички прес-конференции. Во јавноста и на социјалните мрежи сè погласни се критиките за работата на специјалното јавно обвинителство и ослабената доверба во оваа институција.

dobivaj vesti na viber

Три и пол години по формирањето, целосен судски епилог има само за два случаја а сè погласни се шпекулациите дека во СЈО владее поделеност на обвинителите на табори, кои меѓусебно не се согласуваат за дејствувањето на ова обвинителство, па тие разлики во мислењата лесно се забележливи и во јавноста.

Трите жени, кои беа симбол за СЈО, ретко може се видат заедно во јавноста, а речиси една година Ленче Ристоска и Фатиме Фетаи не даваат заеднички изјави. Според нашите извори, со слични ставови на една страна биле обвинителките Катица Јанева и Лиле Стефанова, а на друга Ленче Ристоска и Фатиме Фетаи.

Од друга страна, сè поприсутна во јавноста е главната специјална обвинителка Катица Јанева, која, според најавите, во вторник ќе се појави на „1ТВ“, каде што заедно со обвинителите Лиле Стефанова и Трајче Пеливанов треба да одговараат и на прашања од гледачите. Токму во фирмата сопственик на „1ТВ“, „БМЈ медиа груп“, работи синот на Јанева, младиот гевгеличанец Лазар Јанев, за кого веќе беше објавено дека пред вработените бил претставен како директор на правна служба. Пред точно два месеца Јанева беше гостинка на „1ТВ“ и се фотографира со сопственикот на телевизијата, Бојан Јовановски, со назнака дека станува збор за работен состанок.

Во СЈО во последната година во целост се смени практиката на комуникација со јавноста. Последната прес-конференција СЈО ја одржа на 21 март минатата година.

Повеќе нема брифинзи со новинари, а на обвинителките Ристоска и Фетаи не им е дозволено да даваат интервјуа и изјави. Целосна затвореност владее и во однос на истрагите. Случајот „Империја“, во кој, меѓу другите, се осомничени и бизнисменот Јордан Камчев и ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, беше отворен пред повеќе од 2 месеца, а од СЈО нема дополнителни информации, освен дека истрагата е сложена.

Сите обиди на „Макфакс“ да обезбедат брифинг за случајот беа залудни. Новинарите меѓу себе коментираат дека ова обвинителство, кое наметна транспарентно работење, последнава година се затворило, иако обвинителите поминале серија обуки за комуникација со јавноста. Тоа остава простор за шпекулации во постапувањето по предметите на обвинителството. Од друга страна, во редовното Обвинителство се спроведува тренинг за односи со јавноста на обвинителите.

Според нашите информации, во специјалното јавно обвинителство меѓу некои од вработените владее незадоволство од начинот на работа, особено по последните политички случувања, амнестии и повици за помирување, кои во голем дел влијаат и врз актуелните предмети што се во судска постапка, но и на оние што се во истрага и предистрага, а во кои, меѓу другите, се вклучени и Сашо Мијалков, Елизабета Канческа-Милевска, Али Ахмети, Бујар Османи.

Ексминистерката за култура, КанческаМилевска, е инволвирана во предистрагата за предметот „Скопје 2014“, кој е еден од најобемните предмети на СЈО, за Мијалков се водат повеќе судски постапки, а предметот за агенцијата за обезбедување СГС е во предистрага.

Во процесот на помирувањето наголемо се споменуваа и измените во Кривичниот законик, односно член 353, став 5, кој ја регулира злоупотребата на службената положба преку јавните набавки. Доколку дојде до промена на овој член, како што беше најавувано, помали казни или ослободување од одговорност ќе добијат голем број обвинети во случаите на СЈО, меѓу кои и Мијалков.

Уставниот суд сè уште не расправал по иницијативата на адвокатот Еленко Миланов, кој бара судиите да се произнесат за овој член од Кривичниот законик.

Сите овие политички инволвирања, кои допираат и до СЈО, според нашите извори, довеле до голем раздор во работата на институцијата, која има годишен буџет од 3,7 милиони евра. Некои од обвинителите се разочарани од фактот што нивните предмети и нивната работа зависат исклучително од тековната политичка ситуација, па токму затоа во последниот период и не се работи на нови предистраги бидејќи се чека исходот од тоа што ќе се случува со институцијата и дали евентуално одредени функционери од претходната, но и од актуелната власт, ќе избегнат одговорност.

Прикажи повеќе...

Најново

Свет52 минути

Јенс Столтенберг: Украина се уште може да ја добие војната против Русија

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг изјави дека Украина се уште може да победи во војната против Русија, но дека...

Свет1 час

Израел е подготвен да прифати ослободување на помалку од 40 заложници, пишуваат медиуми

Израел е подготвен да го ублажи барањето од Хамас и да ослободи 40 заложници во замена за привремен прекин на...

Македонија2 часа

ВМРО-ДПМНЕ: Над 180.000 гласови предност се обврска за ВМРО-ДПМНЕ Македонија повторно да ја врати на народот

180.000 гласа разлика во корист на Силјановска Давкова и ВМРО-ДПМНЕ пред Пендаровски и СДС е порака дека народот сака промени...

Свет2 часа

Америка и испраќа на Украина скап пакет оружје, откриeно што може да има во него

Веќе во петок, САД би можеле да објават нов пакет оружје за помош на Украина во вредност од шест милијарди...

Регион2 часа

Лекари во Загреб вградиле мозочен стимулатор на маж со Паркинсонова болест : „Може да вози велосипед, да плива“

Уште еден голем успех на хрватските лекари. Тим хирурзи во болницата Дубрава прв во овој дел од Европа вгради мозочен...

Свет2 часа

Русите уапсија двајца нивни војници за грозоморни злосторства

Двајца руски војници се приведени под сомнение дека убиле пет лица во окупираниот дел од областа Херсон. Александар Осипов и...

Македонија13 часа

Ковачевски: Ќе продолжиме да се бориме за секој граѓанин и за европската иднина на Македонија

„Вчера граѓаните нѝ пратија силна порака и ние таа порака ја слушнавме. Но, се лажат сите кои мислат дека ќе...

Македонија13 часа

Јакимовски до Муцунски: Прв излегов и го признав поразот, а тие во алкохолизирана состојба едвај го прочитаа тоа што го напишале

„Колегата Тимчо Муцунски се подбивал со мојот резултат на овие претседателски избори, притоа обидувајќи се малку да биде вицкаст. Иако...

Македонија14 часа

Мицкоски до СДСМ и Ковачевски: Нека не ве чуди што ве снајде вчера

Мириса на промени, бранот започна и нема запирање. Она што го говорев кога дојдов тука пред некоја недела, стана вистина....

Македонија16 часа

Позитивна оценка за првиот круг од претседателските избори, забелешки за острата и негативна реторика од страна на ОБСЕ/ОДИХР

Првиот круг од претседателските избори беше конкурентен и гласачите можеа да направат информиран избор. Меѓународната набљудувачка мисија на ОБСЕ/ОДИХР во...

Македонија19 часа

Во прв круг за претседател е избран само Киро Глигоров со освоени 715.087 гласа, Силјановска-Давкова и Пендаровски вторпат одат во втор круг

По вчерашниот прв круг од седмите претседателски избори, Киро Глигоров остана единствениот претседател избран во прв круг од осамостојувањето до...

Топ20 часа

Маж од Радовиш со месеци сексуално вознемирувал малолетно девојче

Радовишанец со месеци силувал малолетничка Вчера, во Полициската станица Радовиш било пријавено дека 45-годишен жител на Радовиш во периодот од...

Македонија21 час

Таткото на Вања ќе оди во куќен притвор, Врховниот суд му ја уважи жалбата

Врховниот суд ја уважи жалбата на таткото на убиената Вања Ѓорчевска. Со тоа укинат му е притворот и определени се...

Македонија23 часа

Ангелов за ДУИ: Со пушка дојдоа на власт, со пенкало да ги отераме на буништето на историјата

Колку и да е убедлива, победата нема да биде комплетна доколку ДУИ не биде срушена од власт, вели претседателот на...

Македонија23 часа

Стевчо собра повеќе потписи од гласови – поразот на Јакимовски главна тема на социјалните мрежи

Кандидатот за претседател на ГРОМ и актуелен градоначалник на скопската општина Карпош, Стевчо Јакимовски, на вчерашниот прв круг од претседателските...

Македонија23 часа

Почина менаџерот Велибор Џаровски-Џаро

На 75 години денеска почина менаџерот Велибор Џаровски-Џаро по кусо боледување, потврди семејството. Тој важи за еден од најпознатите менаџери на...

Македонија23 часа

Пендаровски победи во три општини, а Таварари и Димитриевски само во општините во кои се градоначалници

Кандидатите за претседател Гордана Силјановска-Давкова и Бујар Османи освоија најмногу гласови на претседателските избори по број на општини. Според податоците...

Македонија24 часа

ВМРО-ДПМНЕ: Народот избра промени, да излеземе уште помасовно на 8 мај

Огромната поддршка обврзува за промени и брзи резултати, да излеземе уште помасовно на 8-ми мај, а потоа следува економска трансформација...

Македонија1 ден

Силјановска убедливо пред Пендаровски во првиот круг со 40 наспроти 19,93 отсто од гласовите

Кандидатката за претседател поддржана од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Гордана Силјановска, со убедливо водство влегува во вториот круг од претседателските избори,...

Македонија1 ден

Димитриевски до Пендаровски: Разликата е огромна, откажете се од оваа битка и оставете нè да победиме во вториот круг

Денеска, ЗНАМ заедно со сите свои пддржувачи ја испишува новата политичка историја на македонската политичка сцена, рече вечерва претседателскиот кандидат...