Контакт

Анализи

Исламистите заземаа уште два града во Ирак, се вмешува и Иран

Објавено пред

Исламските милитанти заземаа уште два града во Ирак и сега контролираат петнаесетина проценти од ирачката територија и се закануваат со напад врз главниот град Багдад, додека соседен Иран испратил три баталјона на своите специјални сили на ирачка територија за справување со екстремистите, јавуваат во петокот агенциите.

dobivaj vesti na viber

Сунитските милитантите коишто ги предводи Исламската држава во Ирак и на Левантот (ISIL) ги заземале градовите Садија и Џалаула и околните подрачја во покраината Дијала, откако ирачките безбедносни сили ги напуштиле своите позиции. Претходно исламистите ги заземаа контролата над Фалуџа, Рамади, Тикрит и Мосул, вториот според големината ирачки град.

Британскиот јавен сервис BBC, пак, јавува дека борците на ISIL се прегрупираат за напад врз Багдад и се наоѓаа на 120 километри од ирачката престолнина. Тие поседувале значително количество оружје и опрема коешто го оставиле ирачките војници кои ги напуштиле претходните позиции. „Станува збор за оружје за милијарди долари, испорачани од САД за ирачката армија, а сега се наоѓаат во рацете на терористите”, јавува BBC.

Организацијата ISIL формирана од малите милитантни групи блиски со глобалната терористичка организација, ја прекина соработката со Ал Каеда, меѓусебно обвинувајќи се за премногу или премногу радикалност. Во оваа форма дејствува последната година станувајќи најсилната бунтовничка група којашто се бори во Сирија заедно со сунитските опозициски вооружени групи кои ја имаат поддршката од Западот, против сирискиот претседател Башар ал-Асад кој доаѓа од алавитската (шиитската) заедница и има намера да формира исламистичка држава на територии од Ирак, Сирија и Либан на кои живеат сунитите кои се во историска конфронтација со шиитите.

Според процените ISIL во моментов има повеќе од пет илјади борци. Групата е одлично организирана и се смета за една од најопасните џихадистички организации на светот. Тврдат дека секојдневно им пристигнуваат нови борци и тоа од западна Европа, САД, арапскиот свет и Кавказ.

Според аналитичарите доколку успеат да го задржат Мосул и да ја зацврстат својата позиција, би направиле голем чекор кон создавање на исламски емират составен во прво време од ирачките и сириските територии. Тоа би претставувал најголемиот успех на некоја џихадистичка група уште од 11-ти септември 2001 година и би можело да доведе до поместување на границите на Блискиот исток којшто ги наметнаа Велика Британија и Франција пред еден век за време на нивното колонијално владеење со регионот.

Водачот на ISIL, Абу Бакр ал-Багдади кого го опишуваат како вистинскиот наследни на Осама бин Ладен”, го нарекуваат уште и „невидливиот шеик” поради способноста да се маскира и да ги прикрие своите траги.

Натамошното напредување на ISIL ќе зависи од продлабочувањето на новите секташки поделби меѓу сунитите и шиитите, во моментов главната точка на раздорот на Блискиот исток. ISIL e екстремна сунитска група којашто шиитите кои ги населуваат источните и југоисточните делови на Ирак ги смета за неверници.

Во меѓувреме хаосот во земјата го искористија ирачките Курди и ја преземаа контролата врз градот Киркук, единствен град со мнозинско курдско население кој остана надвор од нивната автономна покраина на северот од Ирак.

Растечките тензии од крајот на минатата 2013 година во Ирак се во врска со историската нетрпеливост меѓу најголемите исламски заедници во земјата – шиитите (66 отсто) сунитите. За време на автократското владеење на сунитот Садам Хусеин, сунитите доминираа на сите важни државни позиции во владата, но по американската инвазија до 2003 година, сунитите беа истисната од шиитите, и сега ги заземаат најголемиот дел од важните функции, вклучително и премиерската. Покрај тоа, сунитите му забележуваат на ал-Малики и за приближување со шиитскиот Иран, како и за воздражаност во однос на тригодишниот конфликт во соседна Сирија каде што сунитските бунтовници се обидуваат да го соборат од власта претседателот Башар ал-Асад, припадник на алавитската заедница, огранок на шиитскиот ислам.

Во март годинава ирачкиот премиер Нури ал- Малики ги обвини Катар и Саудиска Арабија за дестабилизација на земјата. Според шиитскиот муслиман ал-Малики, обвиненијата против него за притисоците врз сунитското малцинство во Ирак (33 отсто) произлегуваат од фанатиците, кои се поттикнувани од Саудиска Арабија и од Катар, кои инаку се силни ривали меѓу себе.

Ал -Малики тогаш изјави дека Саудиска Арабија, со носењето на законот за забрана за поданиците на оваа монархија да учествуваат во борбени дејствија во странство, започна со регрутирањето на лица во арапскиот Магреб. Според ирачкиот премиер, Ријад направил „опасен избор, поддржувајќи ги терористите во целиот свет, во Сирија, Ирак, Либан, Египет, Либија и земји надвор од арапскиот свет”.

Во судирот може да се вмеша и Иран, земја со доминантно шиитско население, кое споделува заедничка граница со Ирак. Техеран ги поддржува некои од шиитските милиции во Ирак и премиерот Муди ал-Малики, кој доаѓа од редовите на шиитското мнозинство. Тоа, пак, може да предизвика дополнително „палење” на ирачките сунити, меѓу кои многу се веќе се определија за страната на ISIL.

Според последните информации, три баталјона на елитните ирански специјални единици „Ал Кудс”, кои се во составот на Корпусот на Револуционерната гарда, се распоредени во Ирак за борби против ISIL. Една од единците на „Ал Кудс” веќе влегла во заедничка операција со ирачката армија кај градот Тикрит, што довело до делумно преземање на контролата врз градот. Двете други единици уште во средата биле распоредени за одбрана главниот град Багдад и на светите за шиитите градови Карбала и Наџаф, пишува весникот The Wall Street Journal Europe. Во Ирак во моментов, исто така според истите извори, се наоѓа и командантот на специјалните баталјони „Ал Кудс”, бригадниот генерал Касем Сулејмани.

Ирачката армија досега не пружаше или даваше многу слаб отпор на напредувањето на џихадистите, што освен централната влада во Ирак, предизвика и вознемиреност и во Вашингтон. Меѓутоа, американските опции за интервенција се ограничени.

САД во средата изразија целосна поддршка за ирачките челници соочени со офанзивата од широки размери во северниот дел од земјата. Белата куќа смета дека воздушните напади засега не се опција, иако сосема не ги исклучи како можност, а најави дека разгледува на кој начин поефикасно да му се помогне на Багдад во борбата против бунтовниците кои ги засилија нападите.

САД, како што порача портпаролката на Стејт департментот Цен Псаки, во никој случај не ја разгледуваат можноста за испраќање копнени трупи во Ирак, особено откако на 31-ви декември 2011 година земјата ја напушти и последниот американски војник по инвазијата со којашто беше соборен Садам Хусеин во март 2003 година.

Советот за безбедност при Обединетите нации ги поддржа разединетите и слаби ирачки власти во борбата против тероризмот. Советот за безбедност изрази голема загриженост и за можното вложување на ситуацијата, земајќи предвид дека само од Мосул има околу половина милиони бегалци./крај/мф/сн

Анализи

Силјановска vs Пендаровски: Кој добива, а кој губи во битката на социјалните мрежи и медиумите?

Објавено пред

Претседателските кандидати Стево Пендаровски и Гордана Силјановска-Давкова најмногу се спомнуваат во медиумите, а најмалку се популарни меѓу твитерџиите. Во негативен контекст почесто е споменувана Силјановска на социјалните мрежи „Феjсбук“ и „Твитер“, но и во медиумите.

dobivaj vesti na viber

Ова го покажа првата сентимент-анализа на истражувачкиот центар на „Макфакс“, која се изработуваше во периодот од 1 до 9 април годинава. Процесот на изработка на анализата е базиран на компјутерски алгоритми и има задача да одреди во каков контекст (многу негативен, негативен, неутрален, позитивен или многу позитивен) е напишан одреден текст или дел од текстот.

Преку системот беа анализирани 220 медиуми, како и објавите и коментарите на над еден милион корисници на „Фејсбук“ и твитовите од 300 илјади профили. Тестирањата на платформата покажaа дека користените технологии даваат резултат со точност поголема од 80 проценти.

Според анализата, имињата на Силјановска-Давкова и на Пендаровски почесто се споменуваат во медиумите отколку на социјалните мрежи „Твитер“ и „Фејсбук“. Во првите девет дена од месецот тие биле споменати вкупно 3.515 пати. На „Фејсбук“ биле споменати речиси двојно помалку, а најмалку биле споменувани на „Твитер“.

Силјановска, според оваа анализа, најмногу била спомената на веб-порталите „Република“, „Курир“, „Инфомакс“ и на „Прес 24“, а Пендаровски на „Прес 24“, „Макпрес“, „24 инфо“ и на „Вечер“. Од инфографикот може да се види комплетната слика за тоа во кој медиум биле најмногу застапени двајцата претседателски кандидати.

Во однос на контекстот на споменување во медиумите може да се заклучи дека постои тесна разлика меѓу Силјановска и Пендаровски, иако кандидатката зад која стои опозициската ВМРО-ДПМНЕ предничи со негативните коментари.

Па, така, во многу негативен контекст Силјановска била спомената 201 пат, а Пендаровски 136 пати. Ако таа била спомната 914 пати во негативен контекст, Пендаровски во истиот контекст бил спомнат 778 пати. Тој предничи и во однос на неутралните спомнувања во медиумите, а Силјановска предничи во однос на позитивните споменувања. Тесна е разликата меѓу многу позитивните конотации, во кои биле ставени двајцата претседателски кандидати на кои се однесува анализата, во која за 8 споменувања предност има Пендаровски.

Според податоците од аналитичкиот центар на „Макфакс“, претседателскиот кандидат Пендаровски е попопуларен од Силјановска во однос на бројот на споменувања. Во многу позитивен или позитивен контекст меѓу твитерџиите тој е споменат 231 пат, а Силјановска 201. Во однос на тоа дали кандидатите се споменати во негативен или многу негативен контекст за нијанса води Силјановска, која е спомената 401 пат, а Пендаровски 389.

Слична ситуација може да се види и на „Фејсбук“, каде што Пендаровски има предност во однос на бројот на споменувања. Ако Силјановска била спомената 481 пат во многу негативен или во негативен контекст, Пендаровски е споменат 429 пати. Кај претседателскиот кандидат зад кој стои СДСМ поголем е бројот на позитивни или многу позитивни споменувања на социјалната мрежа „Фејсбук“.

Според сето ова, Силјановска има поголема вредност на вкупниот сентимент во негативен контекст на социјалните мрежи и во медиумите од Пендаровски. Важно е да се потенцира дека не станува збор за анкета што ги мери гласовите за кандидатите, туку за начинот на кој тие се прикажани и коментирани во интернет-просторот. Истражувачкиот центар на „Макфакс“ на почетокот на кампањата за претседателските кандидати спроведе анкета.

Целосната методологија за начинот на изработката на сентимент-анализите на истражувачкиот центар на „Макфакс“ е достапна на следниот линк.

Прикажи повеќе...

Анализи

СЈО со детали: Како Камчев и Мијалков ги переле парите градејќи империја

Објавено пред

Злосторничко здружение, кое функционирало повеќе од 8 години, од 2009 година, кога биле отворани и затворани фирми, перени милиони и милиони евра, биле менувани сопственици, бил купуван огромен имот, отворани фирми на офшор-дестинации за еднократна употреба, префрлувани пари преку кипарски банки, а потоа овие испрани пари влегуваат како основачки влогови за да формираат македонски фирми.

dobivaj vesti na viber

Вака накусо може да се опише случајот „Империја“ на специјалното јавно обвинителство (СЈО), каде што, меѓу другите, осомничени се едни од највлијателните луѓе во земјата, бизнисменот Орце Камчев и поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков.

Три месеци по почнувањето на истрагата, обвинителството излезе со детали за еден од најобемните предмети за кој засега е утврдено дека се испрани речиси 11 милиони евра.

Истрагата е проширена за „Графички центар“ и за „Медија принт Македонија“ (МПМ), извршени се претреси во фирмите, осомничените се испрашани и собрани се докази.

Соработката меѓу Македонија и Кипар е воспоставена, па сега, конечно, на виделина излегуваат и имињата на оние што се криеле зад офшор-фирмите преку кои се переле пари.

Од крајот на јуни до крајот на октомври 2018 година некои од осомничените од „Империја“ биле под посебни истражни мерки.

„Мијалков не беше под посебни истражни мерки, Камчев многу внимателно зборуваше по телефон, но не и другите осомничени“, велат од СЈО.

Без разлика како ќе се одвива понатаму истрагата за „Империја“, со оглед на тоа што статусот и истрагите на СЈО сè уште се неизвесни, оттаму велат дека собрани се речиси 90 отсто од доказите за случајот да може да продолжи понатаму.

Злосторничкото здружение се распаѓа кон крајот на 2017 и почетокот на 2018 година кога осомничените почнуваат да земаат кредити за да се раздолжат, но тоа не значи дека тука завршуваат и нивните поединечни активности.

Под лупа на СЈО е и фирмата поврзана со семејството Мијалкови, „Бест веј инвестмент“, формирана веднаш по обеледонувањето на таканаречените бомби во 2015 година, чиј сопственик е синот на Сашо Мијалков, Јордан. СЈО истражува како се ширел бизнисот и како оваа фирма успева да заработи огромни суми и да стекне голем имот само за три години работа. „Бест веј инвестмент“, ако во 2016 година имала приходи од 816 илјади евра, во 2017 година веќе приходите ѝ растат на 9,6 милиони евра, што само покажува дека независно кој е на власт, бизнисите на Мијалков работат со полна пареа.

Краен сопственик на мистериозната „Ексико“ бил Камчев

Натписот на поштенското сандаче на улицата Иван Милутиновиќ во Скопје сведочи за постоењето на „Ексико“, чие сопствеништво е скриено

Центарот на истрагата за „Империја“ се познатата офшор-фирма „Ексико“ и бизнисменот Орце Камчев.

Истрагата утврдила дека зад првата фирма-мајка на „Ексико“, „Делта инвестмент“ од Белизе, всушност се крие таткото на Орце Камчев, Илија. Од оваа фирма, која поседуваше акции во големи акционерски друштва, а се јавуваше и како еден од сопствениците на атрактивните плацови на Водно, досега сите креваа раце и демантираа дека стојат зад неа.

Истрагата на СЈО утврдила дека по Илија Камчев, набргу како краен сопственик фигурирал и поранешниот директор на македонски „Телеком“, Жарко Луковски, а кога сопствеништвото на фирмата се сели во Америка, односно сопственик станува извесна „Калвус ЛЛЦ“ (Calvus LLC) од САД, крајниот сопственик е всушност Орце Камчев.

Од оваа американска фирма кон „Ексико“ се влеваат 1,6 милион евра како прилив, а дел од овие пари завршува на личната сметка на Камчев, додека со дел се купувани имот и земјиште во Гевгелија, на кое понатаму е предвидено да се градат казина.

Подоцна, а и до ден-денеска, сопственик на „Ексико“ е фирмата со швајцарски капитал „Т&МЈ инвестмент“ од Лугано, Швајцарија, фирма зад која оперативните сознанија покажале дека краен сопственик е член на семејството Мијалкови. Од швајцарската фирма кон македонската „Ексико“ немало никаков прилив или одлив на пари.

„Ексико“ не е единствената фирма преку која функционирало ова злосторничко здружение. Колку за пример, во истатата 2009 година офшор-компанијата „Хоспитал менаџмент груп ЛЛЦ’ од Кипар ја основа клиничката болница „Систина“. Понатаму, оваа компанија го продава имотот на друга офшор-компанија од Панама. „Орка холдинг“ го купува уделот од панамската, па повторно ѝ го продава на „Систина“, со што фактички Камчев внесува удел од „Хоспитал менаџмент“ од Кипар во Македонија.

Сомнежи за перење пари преку кипарски банки

Преку кипарски банки парите влегуваат во земјата

Значаен дел од истрагата на СЈО за „Империја“ има и фирмата „Финзи“ – истата фирма за која во таканаречените бомби можеше да се слушне дека одела набавката за опрема за следење интернет-комуникации за МВР. Министерството, додека на чело на УБК беше Мијалков, наместо директно да ја набави изреалската опрема за прислушување, тоа го правела преку „Финзи“. Во текот на истрагата за случајот самоубиство изврши директорот на „Финзи“, Коста Крпач, во април 2016 година.

Сега истрагата за „Империја“ повторно допира до „Финзи“, фирма основана од „Финзи ЛЛЦ“ во САД. Краен сопственик на оваа компанија, според СЈО, повторно е Орце Камчев.

Во неколку наврати од „Финзи ЛЛЦ“ преку кипарска банка кон македонската „Финзи“ биле исплатувани 650.000 евра. Во тоа време, односно во 2009 година, директор на „Финзи“ во Македонија е Владислав Стајковиќ, брат на Небојша Стајковиќ, поранешен помошник-министер за информатичка технологија во МВР.

Овие пари понатаму влегуваат како основачки влог во „Систина кардиологија“, фирма што подоцна е преименувана во „Си-Фи-Кар“ („Систина“, „Финзи“, “Кара“). Во 2012 година, според СЈО, кога парите веќе се испрани, американската мајка-фирма се затвора и се отвора нова фирма, во која Крпач влегува како директор, а на истата сметка легнуваат парите од израелската донација за опрема за прислушување.

„Не купуваат компании за да работат со нив, туку за да извлечат што можат“

Орце Камчев и Сашо Мијалков, клучните играчи во „Империја“

Многу компании, офшор, стотици папки со документи и изјави од сведоци содржи еден од најобемните предмети на СЈО – „Империја“. Од она што беше претставено пред новинарските екипи, неизбежен е заклучокот дека од досегашната истрага и собраните докази станува збор за класични примери за сомнежи за перење пари пред кои надлежните институции со години молчеле или се откажувале од гонење поради немање докази.

Дел од истрагата е отстапен и на купувањето на „Бетон Штип“ од страна на ТИМ ДОО, „Орка холдинг“, „Езимит“ ДООЕЛ и „Ексико“.

„Кога тие купуваат компанија, не ја купуваат за да ја работат, туку да извлечат што може од имотот на компанијата“, велат од СЈО.

Па, така, и овој пат сознанијата говорат дека од „Бетон Штип“ се извлечени 4 милиони евра, односно газдите ги тераат акционерите со парите да купуваат имот, а понатаму како што се извлекуваат парите, така се инвестираат во други зделки за што патем говорат и последните информации дека речиси 250 работници веќе ги напуштаат работните места од „Бетон Штип“ и истовремено преку суд си ги бараат неисплатените плати за последните четири месеци.

Дел од истрагата го опфаќа и „Фершпед“, односно од моментот кога Кираца Трајковска, која беше еден од мнозинските акционери во “Фершпед“, поради долг во Еуростандард банка, преку посредник побарала кредит од Стопанска банка АД Битола. Камчев, кој е дел од Управниот одбор на банката, наместо кредит, според СЈО, на Трајковска ѝ понудил преку физички лица да ѝ бидат префрлени парите по што биле ослободени нејзините акции од „Фершпед“.

За да им ги продаде акциите на странски инвеститори, таа го ангажирала брокерот Јованче Тасковски. Но, за нејзината намера дознал Штерјо Наков, кој побарал помош од Мијалков, со цел тој да ги купи акциите. Мијалков се договора со Камчев да ја изиграат, па без нејзино знаење, според СЈО, Ненад Јосифовиќ ги продава акциите на физички и правни лица поврзани со Наков за 4 милиони евра повисока цена од реалната. Парите од зделката завршуваат во фирма чии сопственици се „Ексико“, „Орка холдинг“ и „Тимох“.

Во делот од истрагата за „Империја“ влегуваат и стари случаи, кои претходно во обвинителствата завршувале со откажување од гонење поради немање доволно докази. Таков пример е истрагата за „пропаѓањето“ на „Орка спорт“, „Орка текстил“ и други фирми во сопственост на сега покојниот Илија Камчев. Данокот се избегнувал да се плаќа преку лажни стечаи, обезвреднување на имотот и формирање офшор-компании, а потоа парите „чисти“ биле внесувани во земјата, односно целиот имот бил пренесуван на новоформирани компании.

На овој начин, впрочем, и се градела целата империја – преку лојални соработници, изигрување на законитe и формирање компании за еднократна употреба.

Како ќе заврши истрагата и дали случајот ќе добие епилог останува неизвесно. Засега Орце Камчев и Сашо Мијалков се во домашен притвор, а конечниот збор ќе го каже Врховниот суд.

Освен Камчев и Мијалков, осомничени во случајот „Империја“ се и Ратка Куноска-Камчева, мајка на Камчев и неизвршен член на Одборот на директори на „Орка ходинг“, Кристина Камчева-Стојческа, сестра на Камчев и неизвршен член на Одборот на директори на „Жито полог Тетово“, Лилјана Гајдоска, правник во фирмите на Камчев, неизвршен член на Одборот на директори на ЗК „Пелагонија“, Тодор Мирчевски, директор на „Ексико“, Владислав Стајковиќ, сопственик на НВСП, доскорешен директор на „Мобико“ и поранешен директор на „Финзи“, Ванче Мијалчев, извршен директор на „Бетон Штип“, Јованче Тасковски, брокер, и Дејан Јанев од „О.Т.Е. инвест“.

Прикажи повеќе...

Анализи

Политиката го подели СЈО на табори

Објавено пред

„Чарлиевите ангели“ ги нема. Катица Јанева, Ленче Ристоска и Фатиме Фетаи речиси една година не се појавуваат на заеднички прес-конференции. Во јавноста и на социјалните мрежи сè погласни се критиките за работата на специјалното јавно обвинителство и ослабената доверба во оваа институција.

dobivaj vesti na viber

Три и пол години по формирањето, целосен судски епилог има само за два случаја а сè погласни се шпекулациите дека во СЈО владее поделеност на обвинителите на табори, кои меѓусебно не се согласуваат за дејствувањето на ова обвинителство, па тие разлики во мислењата лесно се забележливи и во јавноста.

Трите жени, кои беа симбол за СЈО, ретко може се видат заедно во јавноста, а речиси една година Ленче Ристоска и Фатиме Фетаи не даваат заеднички изјави. Според нашите извори, со слични ставови на една страна биле обвинителките Катица Јанева и Лиле Стефанова, а на друга Ленче Ристоска и Фатиме Фетаи.

Од друга страна, сè поприсутна во јавноста е главната специјална обвинителка Катица Јанева, која, според најавите, во вторник ќе се појави на „1ТВ“, каде што заедно со обвинителите Лиле Стефанова и Трајче Пеливанов треба да одговараат и на прашања од гледачите. Токму во фирмата сопственик на „1ТВ“, „БМЈ медиа груп“, работи синот на Јанева, младиот гевгеличанец Лазар Јанев, за кого веќе беше објавено дека пред вработените бил претставен како директор на правна служба. Пред точно два месеца Јанева беше гостинка на „1ТВ“ и се фотографира со сопственикот на телевизијата, Бојан Јовановски, со назнака дека станува збор за работен состанок.

Во СЈО во последната година во целост се смени практиката на комуникација со јавноста. Последната прес-конференција СЈО ја одржа на 21 март минатата година.

Повеќе нема брифинзи со новинари, а на обвинителките Ристоска и Фетаи не им е дозволено да даваат интервјуа и изјави. Целосна затвореност владее и во однос на истрагите. Случајот „Империја“, во кој, меѓу другите, се осомничени и бизнисменот Јордан Камчев и ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, беше отворен пред повеќе од 2 месеца, а од СЈО нема дополнителни информации, освен дека истрагата е сложена.

Сите обиди на „Макфакс“ да обезбедат брифинг за случајот беа залудни. Новинарите меѓу себе коментираат дека ова обвинителство, кое наметна транспарентно работење, последнава година се затворило, иако обвинителите поминале серија обуки за комуникација со јавноста. Тоа остава простор за шпекулации во постапувањето по предметите на обвинителството. Од друга страна, во редовното Обвинителство се спроведува тренинг за односи со јавноста на обвинителите.

Според нашите информации, во специјалното јавно обвинителство меѓу некои од вработените владее незадоволство од начинот на работа, особено по последните политички случувања, амнестии и повици за помирување, кои во голем дел влијаат и врз актуелните предмети што се во судска постапка, но и на оние што се во истрага и предистрага, а во кои, меѓу другите, се вклучени и Сашо Мијалков, Елизабета Канческа-Милевска, Али Ахмети, Бујар Османи.

Ексминистерката за култура, КанческаМилевска, е инволвирана во предистрагата за предметот „Скопје 2014“, кој е еден од најобемните предмети на СЈО, за Мијалков се водат повеќе судски постапки, а предметот за агенцијата за обезбедување СГС е во предистрага.

Во процесот на помирувањето наголемо се споменуваа и измените во Кривичниот законик, односно член 353, став 5, кој ја регулира злоупотребата на службената положба преку јавните набавки. Доколку дојде до промена на овој член, како што беше најавувано, помали казни или ослободување од одговорност ќе добијат голем број обвинети во случаите на СЈО, меѓу кои и Мијалков.

Уставниот суд сè уште не расправал по иницијативата на адвокатот Еленко Миланов, кој бара судиите да се произнесат за овој член од Кривичниот законик.

Сите овие политички инволвирања, кои допираат и до СЈО, според нашите извори, довеле до голем раздор во работата на институцијата, која има годишен буџет од 3,7 милиони евра. Некои од обвинителите се разочарани од фактот што нивните предмети и нивната работа зависат исклучително од тековната политичка ситуација, па токму затоа во последниот период и не се работи на нови предистраги бидејќи се чека исходот од тоа што ќе се случува со институцијата и дали евентуално одредени функционери од претходната, но и од актуелната власт, ќе избегнат одговорност.

Прикажи повеќе...

Најново

Свет6 часа

(Видео) Какви беа последните денови на папата Франциско: „Изгледаше како да се збогува“

Во понеделникот точно напладне црковните ѕвона ширум Италија одекнаа во жалост. Почина папата Франциско. Не поминаа ни 24 часа откако...

Европа6 часа

„Гробот нека биде едноставен, без украси, на плочата нека стои еден збор“: Ватикан го објави тестаментот на Папата

Папата Франциско во својот последен тестамент потврди дека сака да биде погребан во базиликата Света Марија Велика во Рим, наместо...

Европа7 часа

Ватикан: Папата почина од мозочен удар и срцево затајување

Ватикан објави дека папата Франциско починал од мозочен удар кој предизвикал кома и неповратно срцево затајување. „Смртта е констатирана со...

Македонија10 часа

На Табановце и Богородица се чека еден час за влез во државата

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ. Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од...

Европа13 часа

Шок и солзи во Ватикан: „Големиот папа нè напушти, уриваше бариери“

„Почина голем папа“, вели Фабио Малвеси, сè уште видно шокиран, како и многумина од верниците и туристите кои се собраа...

Македонија15 часа

Струмичко-скопскиот епарх монсињор д-р Киро Стојанов упати писмо по повод упокојувањето на папата

Скопскиот бискуп и Струмичко-скопски епарх монсињор д-р Киро Стојанов, на Светол Понеделник, 21 април 2025 година упати писмо до сите...

Европа17 часа

Светските лидери се збогуваа со папата: „Тој секогаш беше на страната на најранливите“

Реакции за смртта на папата Франциско доаѓаат од сите страни, а високи функционери од бројни земји се согласуваат дека „народниот...

Македонија17 часа

СДСМ бара оставка од Љутков „за хаосот во културата“

„СДСМ најостро реагира на катастрофалното раководење со културата од страна на министерот Зоран Љутков, кој остави над 3.000 културни работници...

Европа17 часа

Ватикан активира специјален режим по смртта на папата

По смртта на папата Франциско во понеделникот, во Ватикан настапи седисваканција – период без папа. Терминот седисваканција доаѓа од латинскиот...

Европа18 часа

Почина папата Франциско

Папата Франциско почина утринава на 89-годишна возраст, соопшти Ватикан. „Утринава во 7:35 часот, бискупот римски Франциско се врати во домот...

Македонија19 часа

Спроведени 617 вонредни контроли пред Велигден, уништени 1 740 килограми небезбедна храна

Шестотини и седумнаесет вонредни контроли спроведоа инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) пред велигденските празници. Кај 16...

Македонија19 часа

„Дали молкот на СДС, Филипче и Заев е потврда дека тие поседуваат златни визи за Дубаи“, прашува ВМРО-ДПМНЕ

„СДС, Венко Филипче и Зоран Заев мудро молчат и немаат аргументи да реагираат, ниту пак ги демантираат нашите дилеми. Помина...

Европа20 часа

Предупредување за воздушни напади во Украина неколку часа по завршувањето на велигденскиот прекин на огнот

Ширум Украина рано утринава тревога за воздушни напади, само неколку часа по истекот на „велигденскиот прекин на огнот“. Украинските воздухопловни...

Свет20 часа

Кина: Цврсто ќе се спротивставиме на секој што ќе постигне договор на штета на Кина

Кина ги почитува сите страни кои ги решаваат економските и трговските спорови со САД преку консултации на еднаква основа, но...

Свет20 часа

Трамп: Се надевам на брз договор меѓу Украина и Русија, и двете држави можат да направат богатство

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека се надева оти договор меѓу Русија и Украина ќе биде постигнат во неделата што...

Европа20 часа

Украина: Русија 2.000 пати го прекрши примирјето

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја обвини Русија во неделата дека го прекршила велигденскиот прекин на огнот повеќе од 2.000 пати,...

Македонија1 ден

Гаши демантира дека ја напушта коалицијата Вреди, останува лојален на гласачите

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, преку објава на Фејсбук ги демантираше информациите што се појавија во некои медиуми дека ја...

Скопје2 дена

Пет лица се повредени во сообраќајката кај „Градска болница“

Пет лица се повредени, од кои едно потешко, во тешка сообраќајна несреќа што се случи синоќа во центарот на Скопје,...

Македонија2 дена

Меџити: Вреди ќе се менува, платформата станува партија

Од платформата Вреди наскоро ќе произлезе нова политичка партија, која ќе настапи обединето на претстојните локални избори. Како што најави...

Свет2 дена

Откриен големиот воен проект на Трамп, Илон Маск е вклучен во сѐ

Компанијата на Илон Маск, заедно со партнерите „Palantir“ и „Anduril“, моментално е еден од главните кандидати за развој на клучните...