Контакт

Анализи

Унгарската реалност: Општествената разочараност наспроти политиката

Објавено пред

Мигрантската криза често се гледа од една страна низ призмата на мигрантите, а од друга страна пак на оние кои им го олеснуваат или, пак, отежнуваат овој пат – политичарите.

dobivaj vesti na viber

Од Будимпешта, Бојан Стојковски

Третата страна во оваа приказна, пак, е онаа на обичниот народ, како и на граѓанските активисти, кои на индиректен или директен начин се засегнати од овие случавања. Во една земја како што е Унгарија, позната по својата контроверзна мигранска политика, е доста тешко човек да сака да биде во мигрантската криза на начин на којшто искрено сака да им помогне на овие луѓе.

Преку својата животна приказна, 25-годишниот граѓански активист Ласло Фаркаш за Макфакс ги доловува сите оние моменти поради кои човек вреди да се бори за своите верувања, но и поради кои понекогаш на крајот едноставно се откажува, бидејќи границата помеѓу овие две работи е доста тешка.

„Живеев до една населба блиску до главната железничка станица Келети, која во екот на кризата беше главното место каде што пристигнуваа мигрантите. Наскоро потоа владата ја започна кампањата со билбордите насочена против мигрантите. Тогаш помислив дека време е да ја напуштам земјата на некое време поради тоа што веќе не можам да го поднесам ова. Како припадник на ромската заедница во Унгарија, растејќи во една атмосфера исполнета со дискриминација, сакав да им помогнав на овие луѓе на било каков начин, да направам толку многу за нив, но тоа не беше возможно. Иако претходно имам работено како активист за човекови права, почувствував дека атмосферата ме уништува и дека морам повторно да станам силен за да можам да ги правам работите што ги сакам“, раскажува Фаркаш, која сега живее и работи во Мадрид.

Референдумот за мигрантските квоти и затворањето на еден од најстарите весници во земјата и пример за професионалното работење, Népszabadság, беа уште неколку од причините за Фаркаш да посака што поскоро да ја напушти земјата, вели тој.

„Дебатата којашто се случи во октомври за мигрантските квоти и анкетите, а брзо потоа и затворањето на најстариот весник во земјата, поради тоа што објавуваше текстови за корупцијата на политичарите, како ги трошат даноците од народот итн, сето тоа за мене беше почетокот на диктатурата во земјата. Моето претходно работно место, една локална телевизија, сега исто така е под голем притисок и тие мораат да објавуваат само позитивни работи за владата. Навистина се надевам дека населението не го дели мислењето со Орбан и неговата влада. Иако на референдумот имаше 98 проценти кои ги отфрлија мигранските квоти, но немаше доволно излезност, тоа во медиумите беше претставено како голема победа, но тоа е лага. Потоа ги поставија и билбордите со кои велеа дека со ова му испратиле порака на Брисел, но сето тоа е лага“, додава тој.

Да се биде граѓански активист во Унгарија е тешко, сведочи Фаркаш, раскажувајќи ја и потресната приказна како тој започнал со овие активности. „Од аспект на тоа колку луѓе во земјата се занимаваат со граѓанскиот активизам, мислам дека е доста тешко. Започнав со активизмот откако еден мој пријател се самоуби, тој исто така беше доста голем активист за човекови права и ЛГБТ права и имаше и неколку движења против владата. Откако пред две години тој се самоуби, на неговиот погреб одлучив дека сакам да ја продолжам неговата работа, бидејќи почувствував дека доколку повеќе го поддржувавме и се боревме за нашите права, тој можеби немаше да биде мртов, и немаше да биде осамен во својата борба Ова беше почетокот за мене и потоа организирав повеќе активности“, раскажува Фаркаш со растрепен глас.

Околу тоа дали размислува да се врати во Унгарија и својот живот и кариера да ги продолжи тука, Фаркаш вели дека во моментов премногу ја чувствува разочараноста којшто е присутна во општеството и дека се уште не размислува за враќање дома.

„Иако сега сум надвор од земјата, кога ќе се вратам за да се видам со моето семејство некако ја чувствувам тагата на унгарскиот народ, тоа може да се забележи секаде, кога се движам по некоја улица или кога патувам со јавниот транспорт, се гледа дека луѓето се истрауматизирани, чувствувам дека нашето општество назадува. Во моментов не планирам да се вратам во Унгарија, размислував многу за ова, морав да ја напуштам мојата земја поради тоа што ми беше потребно да се чувствувам добро и да можам да ги продолжам моите активности. Ова не значи дека ќе ја заборавам Унгарија, и постојано ги следам вестите за земјата, понекогаш поради нив сум изнервиран и гневен, и иако сум во Шпанија се чувствувам како повторно да сум во Будимпешта“, вели Фаркаш, завршувајќи ја својата приказна./крај/мф/бс



©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Анализи

Силјановска vs Пендаровски: Кој добива, а кој губи во битката на социјалните мрежи и медиумите?

Објавено пред

Претседателските кандидати Стево Пендаровски и Гордана Силјановска-Давкова најмногу се спомнуваат во медиумите, а најмалку се популарни меѓу твитерџиите. Во негативен контекст почесто е споменувана Силјановска на социјалните мрежи „Феjсбук“ и „Твитер“, но и во медиумите.

dobivaj vesti na viber

Ова го покажа првата сентимент-анализа на истражувачкиот центар на „Макфакс“, која се изработуваше во периодот од 1 до 9 април годинава. Процесот на изработка на анализата е базиран на компјутерски алгоритми и има задача да одреди во каков контекст (многу негативен, негативен, неутрален, позитивен или многу позитивен) е напишан одреден текст или дел од текстот.

Преку системот беа анализирани 220 медиуми, како и објавите и коментарите на над еден милион корисници на „Фејсбук“ и твитовите од 300 илјади профили. Тестирањата на платформата покажaа дека користените технологии даваат резултат со точност поголема од 80 проценти.

Според анализата, имињата на Силјановска-Давкова и на Пендаровски почесто се споменуваат во медиумите отколку на социјалните мрежи „Твитер“ и „Фејсбук“. Во првите девет дена од месецот тие биле споменати вкупно 3.515 пати. На „Фејсбук“ биле споменати речиси двојно помалку, а најмалку биле споменувани на „Твитер“.

Силјановска, според оваа анализа, најмногу била спомената на веб-порталите „Република“, „Курир“, „Инфомакс“ и на „Прес 24“, а Пендаровски на „Прес 24“, „Макпрес“, „24 инфо“ и на „Вечер“. Од инфографикот може да се види комплетната слика за тоа во кој медиум биле најмногу застапени двајцата претседателски кандидати.

Во однос на контекстот на споменување во медиумите може да се заклучи дека постои тесна разлика меѓу Силјановска и Пендаровски, иако кандидатката зад која стои опозициската ВМРО-ДПМНЕ предничи со негативните коментари.

Па, така, во многу негативен контекст Силјановска била спомената 201 пат, а Пендаровски 136 пати. Ако таа била спомната 914 пати во негативен контекст, Пендаровски во истиот контекст бил спомнат 778 пати. Тој предничи и во однос на неутралните спомнувања во медиумите, а Силјановска предничи во однос на позитивните споменувања. Тесна е разликата меѓу многу позитивните конотации, во кои биле ставени двајцата претседателски кандидати на кои се однесува анализата, во која за 8 споменувања предност има Пендаровски.

Според податоците од аналитичкиот центар на „Макфакс“, претседателскиот кандидат Пендаровски е попопуларен од Силјановска во однос на бројот на споменувања. Во многу позитивен или позитивен контекст меѓу твитерџиите тој е споменат 231 пат, а Силјановска 201. Во однос на тоа дали кандидатите се споменати во негативен или многу негативен контекст за нијанса води Силјановска, која е спомената 401 пат, а Пендаровски 389.

Слична ситуација може да се види и на „Фејсбук“, каде што Пендаровски има предност во однос на бројот на споменувања. Ако Силјановска била спомената 481 пат во многу негативен или во негативен контекст, Пендаровски е споменат 429 пати. Кај претседателскиот кандидат зад кој стои СДСМ поголем е бројот на позитивни или многу позитивни споменувања на социјалната мрежа „Фејсбук“.

Според сето ова, Силјановска има поголема вредност на вкупниот сентимент во негативен контекст на социјалните мрежи и во медиумите од Пендаровски. Важно е да се потенцира дека не станува збор за анкета што ги мери гласовите за кандидатите, туку за начинот на кој тие се прикажани и коментирани во интернет-просторот. Истражувачкиот центар на „Макфакс“ на почетокот на кампањата за претседателските кандидати спроведе анкета.

Целосната методологија за начинот на изработката на сентимент-анализите на истражувачкиот центар на „Макфакс“ е достапна на следниот линк.

Прикажи повеќе...

Анализи

СЈО со детали: Како Камчев и Мијалков ги переле парите градејќи империја

Објавено пред

Злосторничко здружение, кое функционирало повеќе од 8 години, од 2009 година, кога биле отворани и затворани фирми, перени милиони и милиони евра, биле менувани сопственици, бил купуван огромен имот, отворани фирми на офшор-дестинации за еднократна употреба, префрлувани пари преку кипарски банки, а потоа овие испрани пари влегуваат како основачки влогови за да формираат македонски фирми.

dobivaj vesti na viber

Вака накусо може да се опише случајот „Империја“ на специјалното јавно обвинителство (СЈО), каде што, меѓу другите, осомничени се едни од највлијателните луѓе во земјата, бизнисменот Орце Камчев и поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков.

Три месеци по почнувањето на истрагата, обвинителството излезе со детали за еден од најобемните предмети за кој засега е утврдено дека се испрани речиси 11 милиони евра.

Истрагата е проширена за „Графички центар“ и за „Медија принт Македонија“ (МПМ), извршени се претреси во фирмите, осомничените се испрашани и собрани се докази.

Соработката меѓу Македонија и Кипар е воспоставена, па сега, конечно, на виделина излегуваат и имињата на оние што се криеле зад офшор-фирмите преку кои се переле пари.

Од крајот на јуни до крајот на октомври 2018 година некои од осомничените од „Империја“ биле под посебни истражни мерки.

„Мијалков не беше под посебни истражни мерки, Камчев многу внимателно зборуваше по телефон, но не и другите осомничени“, велат од СЈО.

Без разлика како ќе се одвива понатаму истрагата за „Империја“, со оглед на тоа што статусот и истрагите на СЈО сè уште се неизвесни, оттаму велат дека собрани се речиси 90 отсто од доказите за случајот да може да продолжи понатаму.

Злосторничкото здружение се распаѓа кон крајот на 2017 и почетокот на 2018 година кога осомничените почнуваат да земаат кредити за да се раздолжат, но тоа не значи дека тука завршуваат и нивните поединечни активности.

Под лупа на СЈО е и фирмата поврзана со семејството Мијалкови, „Бест веј инвестмент“, формирана веднаш по обеледонувањето на таканаречените бомби во 2015 година, чиј сопственик е синот на Сашо Мијалков, Јордан. СЈО истражува како се ширел бизнисот и како оваа фирма успева да заработи огромни суми и да стекне голем имот само за три години работа. „Бест веј инвестмент“, ако во 2016 година имала приходи од 816 илјади евра, во 2017 година веќе приходите ѝ растат на 9,6 милиони евра, што само покажува дека независно кој е на власт, бизнисите на Мијалков работат со полна пареа.

Краен сопственик на мистериозната „Ексико“ бил Камчев

Натписот на поштенското сандаче на улицата Иван Милутиновиќ во Скопје сведочи за постоењето на „Ексико“, чие сопствеништво е скриено

Центарот на истрагата за „Империја“ се познатата офшор-фирма „Ексико“ и бизнисменот Орце Камчев.

Истрагата утврдила дека зад првата фирма-мајка на „Ексико“, „Делта инвестмент“ од Белизе, всушност се крие таткото на Орце Камчев, Илија. Од оваа фирма, која поседуваше акции во големи акционерски друштва, а се јавуваше и како еден од сопствениците на атрактивните плацови на Водно, досега сите креваа раце и демантираа дека стојат зад неа.

Истрагата на СЈО утврдила дека по Илија Камчев, набргу како краен сопственик фигурирал и поранешниот директор на македонски „Телеком“, Жарко Луковски, а кога сопствеништвото на фирмата се сели во Америка, односно сопственик станува извесна „Калвус ЛЛЦ“ (Calvus LLC) од САД, крајниот сопственик е всушност Орце Камчев.

Од оваа американска фирма кон „Ексико“ се влеваат 1,6 милион евра како прилив, а дел од овие пари завршува на личната сметка на Камчев, додека со дел се купувани имот и земјиште во Гевгелија, на кое понатаму е предвидено да се градат казина.

Подоцна, а и до ден-денеска, сопственик на „Ексико“ е фирмата со швајцарски капитал „Т&МЈ инвестмент“ од Лугано, Швајцарија, фирма зад која оперативните сознанија покажале дека краен сопственик е член на семејството Мијалкови. Од швајцарската фирма кон македонската „Ексико“ немало никаков прилив или одлив на пари.

„Ексико“ не е единствената фирма преку која функционирало ова злосторничко здружение. Колку за пример, во истатата 2009 година офшор-компанијата „Хоспитал менаџмент груп ЛЛЦ’ од Кипар ја основа клиничката болница „Систина“. Понатаму, оваа компанија го продава имотот на друга офшор-компанија од Панама. „Орка холдинг“ го купува уделот од панамската, па повторно ѝ го продава на „Систина“, со што фактички Камчев внесува удел од „Хоспитал менаџмент“ од Кипар во Македонија.

Сомнежи за перење пари преку кипарски банки

Преку кипарски банки парите влегуваат во земјата

Значаен дел од истрагата на СЈО за „Империја“ има и фирмата „Финзи“ – истата фирма за која во таканаречените бомби можеше да се слушне дека одела набавката за опрема за следење интернет-комуникации за МВР. Министерството, додека на чело на УБК беше Мијалков, наместо директно да ја набави изреалската опрема за прислушување, тоа го правела преку „Финзи“. Во текот на истрагата за случајот самоубиство изврши директорот на „Финзи“, Коста Крпач, во април 2016 година.

Сега истрагата за „Империја“ повторно допира до „Финзи“, фирма основана од „Финзи ЛЛЦ“ во САД. Краен сопственик на оваа компанија, според СЈО, повторно е Орце Камчев.

Во неколку наврати од „Финзи ЛЛЦ“ преку кипарска банка кон македонската „Финзи“ биле исплатувани 650.000 евра. Во тоа време, односно во 2009 година, директор на „Финзи“ во Македонија е Владислав Стајковиќ, брат на Небојша Стајковиќ, поранешен помошник-министер за информатичка технологија во МВР.

Овие пари понатаму влегуваат како основачки влог во „Систина кардиологија“, фирма што подоцна е преименувана во „Си-Фи-Кар“ („Систина“, „Финзи“, “Кара“). Во 2012 година, според СЈО, кога парите веќе се испрани, американската мајка-фирма се затвора и се отвора нова фирма, во која Крпач влегува како директор, а на истата сметка легнуваат парите од израелската донација за опрема за прислушување.

„Не купуваат компании за да работат со нив, туку за да извлечат што можат“

Орце Камчев и Сашо Мијалков, клучните играчи во „Империја“

Многу компании, офшор, стотици папки со документи и изјави од сведоци содржи еден од најобемните предмети на СЈО – „Империја“. Од она што беше претставено пред новинарските екипи, неизбежен е заклучокот дека од досегашната истрага и собраните докази станува збор за класични примери за сомнежи за перење пари пред кои надлежните институции со години молчеле или се откажувале од гонење поради немање докази.

Дел од истрагата е отстапен и на купувањето на „Бетон Штип“ од страна на ТИМ ДОО, „Орка холдинг“, „Езимит“ ДООЕЛ и „Ексико“.

„Кога тие купуваат компанија, не ја купуваат за да ја работат, туку да извлечат што може од имотот на компанијата“, велат од СЈО.

Па, така, и овој пат сознанијата говорат дека од „Бетон Штип“ се извлечени 4 милиони евра, односно газдите ги тераат акционерите со парите да купуваат имот, а понатаму како што се извлекуваат парите, така се инвестираат во други зделки за што патем говорат и последните информации дека речиси 250 работници веќе ги напуштаат работните места од „Бетон Штип“ и истовремено преку суд си ги бараат неисплатените плати за последните четири месеци.

Дел од истрагата го опфаќа и „Фершпед“, односно од моментот кога Кираца Трајковска, која беше еден од мнозинските акционери во “Фершпед“, поради долг во Еуростандард банка, преку посредник побарала кредит од Стопанска банка АД Битола. Камчев, кој е дел од Управниот одбор на банката, наместо кредит, според СЈО, на Трајковска ѝ понудил преку физички лица да ѝ бидат префрлени парите по што биле ослободени нејзините акции од „Фершпед“.

За да им ги продаде акциите на странски инвеститори, таа го ангажирала брокерот Јованче Тасковски. Но, за нејзината намера дознал Штерјо Наков, кој побарал помош од Мијалков, со цел тој да ги купи акциите. Мијалков се договора со Камчев да ја изиграат, па без нејзино знаење, според СЈО, Ненад Јосифовиќ ги продава акциите на физички и правни лица поврзани со Наков за 4 милиони евра повисока цена од реалната. Парите од зделката завршуваат во фирма чии сопственици се „Ексико“, „Орка холдинг“ и „Тимох“.

Во делот од истрагата за „Империја“ влегуваат и стари случаи, кои претходно во обвинителствата завршувале со откажување од гонење поради немање доволно докази. Таков пример е истрагата за „пропаѓањето“ на „Орка спорт“, „Орка текстил“ и други фирми во сопственост на сега покојниот Илија Камчев. Данокот се избегнувал да се плаќа преку лажни стечаи, обезвреднување на имотот и формирање офшор-компании, а потоа парите „чисти“ биле внесувани во земјата, односно целиот имот бил пренесуван на новоформирани компании.

На овој начин, впрочем, и се градела целата империја – преку лојални соработници, изигрување на законитe и формирање компании за еднократна употреба.

Како ќе заврши истрагата и дали случајот ќе добие епилог останува неизвесно. Засега Орце Камчев и Сашо Мијалков се во домашен притвор, а конечниот збор ќе го каже Врховниот суд.

Освен Камчев и Мијалков, осомничени во случајот „Империја“ се и Ратка Куноска-Камчева, мајка на Камчев и неизвршен член на Одборот на директори на „Орка ходинг“, Кристина Камчева-Стојческа, сестра на Камчев и неизвршен член на Одборот на директори на „Жито полог Тетово“, Лилјана Гајдоска, правник во фирмите на Камчев, неизвршен член на Одборот на директори на ЗК „Пелагонија“, Тодор Мирчевски, директор на „Ексико“, Владислав Стајковиќ, сопственик на НВСП, доскорешен директор на „Мобико“ и поранешен директор на „Финзи“, Ванче Мијалчев, извршен директор на „Бетон Штип“, Јованче Тасковски, брокер, и Дејан Јанев од „О.Т.Е. инвест“.

Прикажи повеќе...

Анализи

Политиката го подели СЈО на табори

Објавено пред

„Чарлиевите ангели“ ги нема. Катица Јанева, Ленче Ристоска и Фатиме Фетаи речиси една година не се појавуваат на заеднички прес-конференции. Во јавноста и на социјалните мрежи сè погласни се критиките за работата на специјалното јавно обвинителство и ослабената доверба во оваа институција.

dobivaj vesti na viber

Три и пол години по формирањето, целосен судски епилог има само за два случаја а сè погласни се шпекулациите дека во СЈО владее поделеност на обвинителите на табори, кои меѓусебно не се согласуваат за дејствувањето на ова обвинителство, па тие разлики во мислењата лесно се забележливи и во јавноста.

Трите жени, кои беа симбол за СЈО, ретко може се видат заедно во јавноста, а речиси една година Ленче Ристоска и Фатиме Фетаи не даваат заеднички изјави. Според нашите извори, со слични ставови на една страна биле обвинителките Катица Јанева и Лиле Стефанова, а на друга Ленче Ристоска и Фатиме Фетаи.

Од друга страна, сè поприсутна во јавноста е главната специјална обвинителка Катица Јанева, која, според најавите, во вторник ќе се појави на „1ТВ“, каде што заедно со обвинителите Лиле Стефанова и Трајче Пеливанов треба да одговараат и на прашања од гледачите. Токму во фирмата сопственик на „1ТВ“, „БМЈ медиа груп“, работи синот на Јанева, младиот гевгеличанец Лазар Јанев, за кого веќе беше објавено дека пред вработените бил претставен како директор на правна служба. Пред точно два месеца Јанева беше гостинка на „1ТВ“ и се фотографира со сопственикот на телевизијата, Бојан Јовановски, со назнака дека станува збор за работен состанок.

Во СЈО во последната година во целост се смени практиката на комуникација со јавноста. Последната прес-конференција СЈО ја одржа на 21 март минатата година.

Повеќе нема брифинзи со новинари, а на обвинителките Ристоска и Фетаи не им е дозволено да даваат интервјуа и изјави. Целосна затвореност владее и во однос на истрагите. Случајот „Империја“, во кој, меѓу другите, се осомничени и бизнисменот Јордан Камчев и ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, беше отворен пред повеќе од 2 месеца, а од СЈО нема дополнителни информации, освен дека истрагата е сложена.

Сите обиди на „Макфакс“ да обезбедат брифинг за случајот беа залудни. Новинарите меѓу себе коментираат дека ова обвинителство, кое наметна транспарентно работење, последнава година се затворило, иако обвинителите поминале серија обуки за комуникација со јавноста. Тоа остава простор за шпекулации во постапувањето по предметите на обвинителството. Од друга страна, во редовното Обвинителство се спроведува тренинг за односи со јавноста на обвинителите.

Според нашите информации, во специјалното јавно обвинителство меѓу некои од вработените владее незадоволство од начинот на работа, особено по последните политички случувања, амнестии и повици за помирување, кои во голем дел влијаат и врз актуелните предмети што се во судска постапка, но и на оние што се во истрага и предистрага, а во кои, меѓу другите, се вклучени и Сашо Мијалков, Елизабета Канческа-Милевска, Али Ахмети, Бујар Османи.

Ексминистерката за култура, КанческаМилевска, е инволвирана во предистрагата за предметот „Скопје 2014“, кој е еден од најобемните предмети на СЈО, за Мијалков се водат повеќе судски постапки, а предметот за агенцијата за обезбедување СГС е во предистрага.

Во процесот на помирувањето наголемо се споменуваа и измените во Кривичниот законик, односно член 353, став 5, кој ја регулира злоупотребата на службената положба преку јавните набавки. Доколку дојде до промена на овој член, како што беше најавувано, помали казни или ослободување од одговорност ќе добијат голем број обвинети во случаите на СЈО, меѓу кои и Мијалков.

Уставниот суд сè уште не расправал по иницијативата на адвокатот Еленко Миланов, кој бара судиите да се произнесат за овој член од Кривичниот законик.

Сите овие политички инволвирања, кои допираат и до СЈО, според нашите извори, довеле до голем раздор во работата на институцијата, која има годишен буџет од 3,7 милиони евра. Некои од обвинителите се разочарани од фактот што нивните предмети и нивната работа зависат исклучително од тековната политичка ситуација, па токму затоа во последниот период и не се работи на нови предистраги бидејќи се чека исходот од тоа што ќе се случува со институцијата и дали евентуално одредени функционери од претходната, но и од актуелната власт, ќе избегнат одговорност.

Прикажи повеќе...

Најново

Македонија5 часа

Познат идентитетот на Македонката која загина во тешка сообраќајна незгода во Грција, тешко повредени уште две девојки

Министерството за надворешни работи соопшти дека денеска во 12 часот по локално време, на автопатот Егнатиа, во Република Грција, се...

Регион7 часа

(Видео) 11 загинати во пожари во Турција, и Грција се бори со огнот

Најмалку единаесет лица загинаа, а десетици се повредени во пожар со ниска вегетација што ветрот го прошири во неколку села...

Регион7 часа

Црногорците и Албанците ја објавија причината за историскиот прекин на струја

Историски прекин на струја ги погоди денеска Црна Гора, Босна и Херцеговина, Албанија и поголемиот дел од хрватското крајбрежје. Бизнисите...

Македонија9 часа

(Видео) 30-годишна Македонка загина во сообраќајна несреќа кај Солун, објавија грчките медиуми

Тешка сообраќајна несреќа со смртни последици се случила на патот Игнација Верија – Солун, денеска напладне. Беше околу 12 часот,...

Регион10 часа

Почна да се враќа струјата во Хрватска и БиХ, „падна далноводот меѓу Грција и Албанија“

По хаосот и прекините во електроенергетскиот систем, електричната енергија е вратена во многу градови низ Босна и Херцеговина. Се врати...

Македонија13 часа

Меџити: Нема да играм фудбал со министрите во кабинетот и нема да се занимавам со бизнисите на Лотарија и Соравиа

Денеска, од оваа промотивна конференција на програмските столбови и новиот владин тим, накратко ќе ги претставам нашите предизвици во наредните...

Македонија13 часа

Деспотовски: Изборите на 30 јуни се референдум за СДСМ – продолжуваме по старо или одиме по ново

Кандидатот за претседател на Социјалемократскиот сојуз на Македонија, Јован Деспотовски порача дека престојните претседателски избори во партијата се референдум на...

Македонија13 часа

Сообраќајка на патот Прждево кон Демр Капија, сообраќајот во целосен прекин

Oд 12:10 часот на регионален пат 1102 – село Прждево кон Демр Капија, поради сообраќајна незгода, сообраќајот е во целосен...

Европа15 часа

(Видео) Дрон удри во рафинерија за нафта во Русија

Беспилотно летало ја погоди рафинеријата за нафта Илски во руската област Краснодар, при што беа повредени две лица и предизвикан...

Македонија15 часа

Филипче: Ќе ја отвориме работата на комисиите – политиките ќе се градат врз основа на широка стручна дебата

Венко Филипче, кандидат за претседател на СДСМ, вчера во Куманово пред партиското членство ги образложи главните постулати на неговата програма....

Регион16 часа

Жена е пронајдена на плажа во Полихроно, мислеле дека е онесвестена

Неидентификувана жена е пронајдена онесвестена, во четврток попладне на плажа во Полихроно во општина Касандра на Халкидики. Жената била преземена...

Македонија16 часа

Планинарска спасителна служба извлече повреден турист во Охридско, лицето е пренесено во болница

Регионалниот ЦУК Охрид, извести дека вчера Планинарска спасителна служба од 13.40 до 15.00 часот, имала спасителна акција на територија на...

Свет16 часа

Путин и се закани на Јужна Кореја

Рускиот претседател Владимир Путин ја предупреди Јужна Кореја дека ќе направи „голема грешка“ доколку ја вооружи Украина во војна против...

Свет17 часа

Трамп предлага зелен картон за странците кои дипломираат во САД

Републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп вчера предложи луѓето кои дипломираат на универзитетите во САД автоматски да добијат зелен картон, или...

Свет18 часа

Северна Кореја гради ѕид на границата со Југот

Северна Кореја гради ѕид на неколку локации во близина на границата со Јужна Кореја, откриваат сателитски снимки анализирани од Би-би-си....

Свет18 часа

(Видео) Нетанјаху објави снимка во која ги критикува САД; Белата куќа: Длабоко сме разочарани

Белата Куќа изрази длабоко разочарување поради критиките на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху кон САД, во услови на тензии меѓу двата...

Македонија19 часа

Зголемена фреквенција за излез од државата, се чека околу 45 минути

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ. Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од...

Свет1 ден

Руте е идниот шеф на НАТО – верен сојузник на Украина и жесток критичар на Путин

Холанѓанецот Марк Руте, кој ќе стане нов генерален секретар на НАТО, е жесток критичар на рускиот претседател Владимир Путин и...

Македонија1 ден

Сиљановска и американската амбасадорка разговараа за ЕУ: „Поцесот не смее да трпи притисоци од други земји-членки“

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска ја прими амбасадорката на Соединетите Американски Држави, Анџела Агелер. На средбата беше разговарано за можностите...

Регион1 ден

Бомбашки напад во Црна Гора, убиени двајца припадници на озлогласен мафијашки клан

Две лица загинаа, а три се повредени утринава на Цетиње во Црна Гора, кога била активирана експлозивна направа во близина...