Контакт

Анализи

Анализа: Моралноста на долгот

Објавено пред

Францускиот филозоф Монтескју во „Духот на законите“ пишува: „ Јавниот долг го одзема вистинскиот приход на државата од оние кои се активни и претприемчиви, за да го пренесе кон индолентните: тоест, им ги дава средствата на трудот на оние кои не работат, а ги задушува со тешкотии оние кои работат“.

dobivaj vesti na viber

(Историја на финансиските светци и грешници од Keneth Dyson за Foreign Affairs)

Кредитот и долгот сé повеќе од само рационални материјални размени во една пазарна економија. Тие се општествена конструкција и се потпираат на нешта како што се тешките морални карактерни судови, еднаквоста и „добрата совест“. Овие судови, од своја страна, се сплотени со моќни емоции на огорченост, срам и понижување. Променливите и спротивставени претстави на личниот кредит и долгот имаат длабоко влијание врз моќта и благосостојбата на државите

Должничко ропство

Огромна е разноврсноста на општествените значења придодадени кон долгот низ милениумите. Сепак, одредени обрасци се повторуваат. Во разни европски јазици долгот се поситоветува со „поврзаност“, „слобода“, „благодарност“, и „чест“, како во „ослободени од долгови“, „должен да биде благодарен“ и „долг од чест“.

Во холандскиот и германскиот јазик, зборот Schuld значи и долг и вина. Слична лингвистичка асоцијација може да се најде и во хебрејскиот збор Chayav. Овие термини ја илустрираат длабоко вкоренетата културолошка анксиозност која се поврзува со долгот и моќните чувства на срам кој тој може да ги предизвика. Легендарната швабска домаќинка за Германците е традиционална културолошка икона на доблесно економско однесување: „човекот треба да живее според своите можности“. Германската канцеларка Ангела Меркел си ја присвои оваа икона во процесот на оправдување на нејзините политики во однос на кризата со државните долгови во еврозоната по 2010 година.

Отсликувајќи го германскиот контекст, Фридрих Ниче понуди антрополошки запис на историската асоцијација на вината со должењето (das Schuldgefühl). Тој истакна дека долгот е сплотен со морализацијата на концептите на должност, чест, самодоверба и став. Во „За генеологијата на моралот“, Ниче се враќа кон „најстарите и најпримитивни“ лични односи помеѓу доверителот и должникот, како потекло на тоа како „човекот најпрвин се одредувал себеси во однос на другиот“.

И токму така, кредитот и долгот се појавуваат пред парите, во облик на услуги меѓу пријатели и соседи, кои создавале лични морални обврски. Подоцна, создавањето на парите овозможи единица мерка за следење на долгот. Уште поважно, тоа доведе до деперсонализација на односот доверител-должник, со што се овоможи создавањето на комерцијалното општество. Оваа еволуција беше поврзана со иновацијата на давањето и одредувањето на залог. На тој начин, долгот се врза со заканата, а честопати и реалноста, на ерозија на слободата, не само за индивидуалци, туку и за цели семејства. Тие се најдоа во состојба на „должничко ропство“.

Поради конотацијата на поробувањето, револуционерните промени на моќта или подемот на нови владетели, честопати со себе носеле поништување на долговите и уништување на записите на долговите. Првиот забележан пример за ова се појавува во 2400-та година п.н.е. од кралот Енметена во сумерискиот град-држава Лагаш во Месопотамија. Оттаму и библиската поговорка „богатите владеат со сиромашните, а должникот му е слуга на доверителот“, се користела да се оправда поништувањето на „одвратните“ долгови по промена на режим. Исто така, било користено за осуда на должничките затвори, на пример во делата на Чарлс Дикенс.

Од 18-от век наваму, се појавија два главни катализатора за преосмислување на поимот за долг. Првиот беше подемот на новото, комерцијално општество, кое се поврзува со правата на имот и мултипликацијата на договорните односи, пред се охрабрени од употребата на залог за да се зголеми кредитот. На странките кои вообичаено не можеа да зајмат одеднаш им беше дозволено да влезат во кредитни трансакции. Последица од тоа беше општество во кое односот доверител – должник се здоби со централно и политичко значење, претставено од растечката класа на трговци и финансиери, рентиери и новите, самоубедени професии на сметководители и правници.

Вториот катализатор за преосмислување на долгот беше раѓањето и огромниот раст на јавниот долг. Оваа трансформација го отвори прашањето за тоа дали овој развој е двигател кон подобро или кон полошо.Во Франција, на пример, уништените кралски финансии во 18-от век имаа темелно влијание врз економската мисла. Францускиот филозоф Монтескју ја изрази својата загриженост во „Духот на законите“. Јавниот долг, напиша тој, „го одзема вистинскиот приход на државата од оние кои се активни и претприемчиви, за да го пренесе кон индолентните: тоест, им ги дава средствата на трудот на оние кои не работат, а ги задушува со тешкотии оние кои работат“.

Во меѓувреме, шкотските мислители Дејвид Хјум и Адам Смит стравуваа дека примамливоста на јавниот долг ги корумпира дражавите и генерира политика на илузии и самобендисаност. Финансирањето на јавниот долг ги помогна уништувачките војни во Европа и послужи како основа за попустите обиди да се создадат империи на Атлантскиот океан, на Медитеранот, во Индија. Тој, исто така, го зголеми политичкото патронатство, создавајќи меѓусебна зависност меѓу државите и доверителите, која доведе до олигархија и фракционализам, а се закани и да ги колабира јавните вредности.

Дебатата за тоа дали јавниот долг ги промовираше доблестите на трговијата или порокот на расипништвото беше и во основата на жестоката расправа меѓу Александер Хамилтон и Томас Џеферсон веднаш по крајот на амриканската војна за независност. Во име на доблеста, Џеферсон ги нападна барањата на Хамилтон за финасирање на јавен долг, комерцијална империја и патронат на извршната власт. Тој тврдеше дека приоритет треба да биде ослободување на новата нација од секаков долг. Во едно писмо од 1809 година до американскиот Секретар за финансии Алберт Галатин, Џеферсон пишува: „На светот не постои двигател толку коруптивен за владата и толку деморализирачкки за нацијата како што е јавниот долг. Тој ќе ни донесе повеќе уништување дома отколку сите надворешни непријатели од кои војската и морнарицата би требало да не заштитат “.

Од средината на 19-от век наваму, растечката германска историска и институционална школа зазема сосема поинакво гледиште кон јавниот долг од тоа на Хјум, Смит и Џеферсон. Тие се обединија во гледиштето дека јавниот долг е интегрален дел од националните економии. Мислителите Карл Дитцел и Лоренц фон Штајн веруваа дека државата е задолжена да игра позитивна улога во балансирањето на економијата, пред се преку финансирањето на инвестициите во инфраструктурата и јавните набавки кои ја поттикнуваат продуктивноста. Дитцел, на пример, тврди дека: „Една нација е толку побогата и нејзината економија е толку понапредна и попразвиена, колку што е поголем делот на каматите на државните записи во нејзините вкупни трошоци.“ А Штајн, од своја страна, ја истакнува улогата на јавниот долг како колективно осигурување, пред се при помогањето да се обезбедат старите лица, а со тоа ја помовира и општествената и политичката интеграција. Сепак, и тој стана свесен дека јавниот долг би можел политички да се злоупотреби за финансирање на тековната потрошувачка, наместо за инвестиции кои ја подобруваат продуктивноста. Оттаму, Штајн повикува на уставни заштити од ваквата злоупотреба, еден вид на „златно правило“ во јавните финансии, подоцна вметнато во Базичното право на Германската федерална република.

Вербата во користа од јавниот долг, се чини, триумфираше над аверзиите на Монтескју, Хјум, Смит и Џеферсон. Нивоата на јавен долг од преку 100 отсто од БДП воопшто не беа исклучок во 19-от и 20-от век. Политичката економија мина низ темелни промени како што новите општествени сили навлегуваа на политичката арена. Јавниот долг растеше со радикалната трансформација на технологијата, обемот и водењето на војните. Новите комуникациски технологии го овозможија меѓунационалниот мобилен кредит. А концентрираната структура на финансиските пазари ги направи јавните буџети поранливи на големите банкарски кризи.

Ранливоста само растеше со новите технологии на приватниот сектор за создавање на кредит. Згора на тоа, секуларизацијата на општествата ја поткопа приврзаноста кон наследените религиозни и народни верувања за долгот. Тоа беше придружено од новата верба во научно менаџирање на јавните финансии, вклучувајќи го и креативното финасиско инжењерство. Овие фактори заедно придонесоа да се олесни појавата на новите, нерестриктивни идеологии за долгот. Минаа деновите во кои, интелектуално, доминантната улога на домаќинлакот или практичната мудрост при резонирањето за доблесното лично и јавно однесување служеа како кочница за долгот.

Клучен аспект на оваа револуција беше се поапстрактната природа на парите. Германскиот автор Јохан Волфганг фон Гете даде еден драматичен приказ на се полабавото чувство на вина поврзано со преминот кон фиат валутите. Во вториот дел на „Фауст“, Мефисто го советува Светиот римски император: „Ваквиот документ, во замена на вистинско злато, е практичен: знаеме точно што имаме в рака… Но, умните, кога ќе го проучат, ќе се стекнат со бескрајна доверба во она што е бескрајно.“

До крајот на 20-от век, олабавувањето на чувството на воздржаност и вина за долгот добија една радикално нова форма. Потрошувачите и инвеститорите ги добија на располагање електронските пари. Добата на „сајберфинансии“ сосема го промени односот кон кредитот. „Парите се сега бескрајни,“ напиша економистот Сатјаџит Дас за Extreme Money. „Подобни за бескрајно мултуплицирање и целосно нереални.“ Но, исто така се создаде и широко распространето чувство на збунетост, нелагодност и страв од импликациите од однесувањето на банките и од тоа како централните банки ги менаџираат парите, како, на пример, со квантитативното олеснување.

Импликациите од падот на прудентноста стануваа се посериозни со огромниот раст на обемот на финансискиот имот; со големината, комплексноста и таинственоста на финансиските институции кои ги менаџираа тој имот; и со пролиферацијата на се поегзотични кредитни инструменти, како што се обезбедените или хипотекарните должнички обврски. Научно заснованите модели ја поттикна илузијата дека кредитните ризици сега се подобро контролирани. А леснотијата на создавањето на кредити овозможи самобендисаност на историски ново ниво.

Промените во односот кон долгот и ризикот се поврзани и со новите размисли за општествените придобивки. Очекувањата на потрошувачите за се повисок животен стандард беа поттикнувани од се понебрежното и се подостапното давање заеми од страна на банките, последователните експлозии во секторите на градежништво и имоти и експанзијата на малопродажниот сектор, на модерното рекламирање и маркетинг. Општествениот статус и идентитет тесно се врзаа со потрошувачката, особено со концептот за луксуз. Идентификувањето со убав живот значеше да се биде во можност да се живее над традиционалното разбирање за базичните потреби. Долгот беше цената што луѓето ја плаќаа за да бидат дел од хедонистичката потрошувачка култура. Одрекувањето од тоа покажа потенцијал да предизвика длабоки чувства на загуба, очај, општествени протести и безредија.

Дискурсот на 21-от век ја илустрираше темелната двојност во врска со долгот – и асоцијативните потешкотии во врамувањето на употребата на моќта на државата. Од една страна, општествените придобивки, пазарното општество, хедонистичката потрошувачка култура и нео-кензијанската економија навестуваат дека старата идеја за прудентност е детронирана. Од друга страна, поимот дека државата е „домаќинство на мајдан“ продоложува да ја обзема фантазијата на јавноста. Портретирањето на политичките лидери и партии како неодговорни при управувањето со јавните финансии, како му кумови на претераниот јавен долг, како соработници на претерано моќните банкари, доведе до казна на изборите. Доказите посочуваат дека оние што се залагаат за намалување на долгот, привлекуваат широка јавна поддршка. И покрај доброто познавање на нео-кензијанската економија и модерните потрошувачки, финансиски и промотивни култури, државите се наоѓаат во политички свет во кој народните верувања за долгот се уште се силни, барем во однос на тоа како би требало да се однесуваат лидерите. Попрактичниот проблем произлегува од парадоксот дека, иако гласачите бараат акција во зауздувањето на целокупниот долг, малкумина се подготвени да ги прифатат последиците од тоа.

Моралноста и долгот

До каде и на кој начин е долгот „лош“? Кое е прифатливото однесување и на доверителот и на должникот? Кој е точниот баланс меѓу системската стабилност и колективната солидарност од една страна и избегнувањето на моралните опасности при менаџирањето на државните долгови, од друга? Кои се невините жртви, а кој, во интерес на чесноста, треба да ја поднесе фискалната болка на макроекономското прилагодување? До каде институционалниот физибилитет треба да ја дефинира и, ако треба, да ја ограничи одговорноста?

Во суштината на повеќето од овие прашања е начинот на кој односите доверител – должник создаваат двоец. Не можат да постојат доверители без должници, како што не можат да постојат држави со суфицит во трговијата, ако не постојат такви со дефицит. Накратко, иако нивните односи се нееднакви, на доверителите им се потребни должниците. Моралната двојност – и непостоењето на лесни политички решенија – потекнува од проблемот на балансирањето на тврдењата на доверителите дека поседуваат надмоќна доблест и уникатност, со оние на должниците за признание и чест. Во принцип, тоа би можело да се реши со процедурални правила кои би ги премостиле различните морални ставови и би ги надминале разликите во моќта. Додека таквите не постојат, ќе постои голем ризик од незадоволства , малтретирање, очај и чувство на жртва.

Кредибилната посветеност кон таквите процедуралните правила зависи од разбирањето на доверителите дека прилагодувањата не можат да бидат на товар само на должниците. Политичките тешкотии лежат во тоа секоја од страните да се соочи со импликациите од меѓусебната, асиметрична зависност меѓу државите – доверители и државите – должници. Нивниот однос има одлики на „дилемата на затвореникоот“, во која ниту една од страните не може да се оттргне без да ѝ нанесе сериозна штета на другата. Управувањето со оваа дилема е полесно кога се создадени институционални услови кои би помогнале да се одржи еден еволутивен, стабилен образец на условна соработка. Како во зоната на еврото – збир на правила на играта кои ја охрабруваат постојаната интеракција и поттикнуваат соработка. Како и да е, ризиците остануваат. Елитите на државите-доверители и натаму имаат преовладувачки интерес да си ги намалат оптоварувањата. Згора на тоа, едната или двете странки, соочени со длабоко непријатни избори, може да се одлучат да ризикуваат и да чекаат да видат до каде другата страна ќе блефира. А погрешната пресметка може сите многу да ги чини.

Политиките на односот меѓу државите доверители и должници се влошени од морализирачкиот јазик на „светци“ и „грешници“, кој, од една страна, е обрабен со чувства на гордост во националните доблести, а од другата со чувства на срам, понижување и одбојност. Езотеричниот технички вокабулар и напорите да се создаде инклузивен процес на дебати и преговори, не може да сокрие до која мера идејата за суверена кредитоспособност е свет на идентитети и симболика, кон кој се придодадени моќни, историски издржани и честопати идиосинкратични чувства.

Оттаму, квалитетниот напредок во размислувањето за односите доверител-должник и за суверената кредитоспособност зависи од зајакнувањето на нивната етичка димензија и промоцијата на културолошките промени на два начина.

Прво, анализата на суверената кредитоспособност треба да го надмине тесното, утилитаријанско и финансиско гледиште на завршните сметки. Исто така мора да ги испита и резултатите од долгорочните перспективи за општеството во целост. Ова проширено гледиште ги вклучува и очекувањата од владеењето, социјалната заштита и квалитетот на околината. Критичкото преиспиртување на суверената кредитоспособност ги открива етичките прашања за функционирањето и моќта на финансиските пазари, вклучувајќи ја и бруто општествената вредност на финансиските иновации, како што се дериватите и обезбедувањето.

Длабоката анализа предвидува промени во функционирањето на финансиските пазари, вклучувајќи ги и рејтинг агенциите , за да се намалат судирите на интереси, да се зголеми транспарентноста и да се одврати претераното преземање ризици преку финансиски инструменти со сомнителна бруто општествена вредност. Една опција е потпирање на подобрувањето на внатрешното раководење на финансиските пазари. Примерите за тоа би вклучиле промени внатре во рејтинг агенциите и поголема одговорност на менаџерите, особено преку промени во праксата на давање на банкарски бонуси. Сепак, да парафразираме една британската поговорка: „јагнињата не гласаат за Велигден“. Потребен е надворешен притисок од надзорниците и регулаторите.

Второ, мора да се извршат корекции на политичката кратковидост, која толку често ги усложнува – и им ја качува цената – на должничките кризи. Политичките лидери на државите – доверители имаат огромни тешкотии во убедувањето на домашните политички елити и јавност да ги поднесат како даночни обврзници краткорочните жртви, во корист на долгорочните придобивки од избегнувањето на банкротот и последователниот систематски ризик. Овој проблем се зголемува кога се вклучува и спас на држави кои се ноторни по својата ендемска корупција и покажуваат се помал капацитет за владеење, како Грција и Кипар.

Во еврозоната, германкската федерална влада четири месеци се двоумеше во врска со спасот на Грција, од јануари 2010 година до после клучните избори за земјата. Германските медиуми беа преполни со слики на мрзеливи, корумпирани Грци – јагмаџии, кој уживаат во пензиите многу порано од Германците. Тие насликаа пренадуен, привилегиран јавен сектор со непознати димензии. Овие слики го игнорираа непромисленото зајмење кон Грција од страна на германските и другите банки во ЕУ. На крајот, германското двоумење придонесе кон повисоки крајни трошоци на ЕУ- ММФ пакетот за спас во мај 2010 година. Како што грчката криза добиваше на замав во 2011-12 година, германското политичко раководство се сврте кон драматизација на егзистенцијалната закана за еврозоната и за Европската унија, со цел да ја надмине одбивноста кај својата елита и јавно мислење контоа да го понесе товарот на натамошната финансиска асистенција.

Подобро менаџирање на кризите со државни долгови, додуша, заоѓа во суштината на функционирањето на либералните демократии. Тековните практики ги истакнуваат ризиците од дисконекција помеѓу домашниот политички натпревар и изборот на гласачите, од една страна и политиките за повраток на суверената кредитоспособност која се преговара или се наметнува на меѓународно ниво, од друга. Дисконекцијата се гледа во растот на јавното отуѓување од конвенционалните форми на политика. Во овој контекст, се отвора простор за популистичка политичка мобилизација против надворешниот диктат, од која корист имаат партиите на крајната левица и на крајната десница. Овој феномен стана очигледен преку перформансите на Националниот фронт во француските претседателски и парламентарни избори во 2012 година, на Сириза во двата изборни циклуса во 2012 година и на Движењето „Пет ѕвезди“ во Италија на изборите во 2013 година.

Непромислениот, неодговорниот и невиниот

Доверителите се стремат да се претстават како „светци“, должниците како „грешници“. Доблеста им се припишува на првите (домаќинлак, работливост), а пороците на вторите (неодговорност, мрзеливост). Овој вид на говор ги става во залог гордоста, честа и взаемната почит. Тоа ги поттикнува основните, но и благородните емоции, вклучувајќи одбивност, незадоволство и бес. Моралните и емоционалните димензии на долгот се интимно испреплетени.

За да бидат ефективни, оние кои ги менаџираат државните должнички кризи треба да бидат акутно осетливи на оваа моќна психолошка димензија. Инаку, оние на приемниот крај на казнените прилагодувања ќе се мобилизираат за да го изразат својот бес. Градењето на кредибилитет внатре во пазарот со државни записи стана мејнстрим во макроекономската теорија по 1970-те години: она што беше битно за суверената кредитоспособност беше менаџментот на пазарните очекувања, чиј клучен елемент беше психологијата на финансискиот пазар. Државите мораа да го вратат својот кредибилитет преку зголемување на даночењето, намалувања на вработувањата и на платите во јавниот сектор и кратење на бенефициите. Мораа да се потчинат на технократските надрилекарства на неизбраните тела: централните банки, меѓународните финансиски институции и лоби групите на финансиските пазари.

Како и да е, кредибилитетот во оваа тесна смисла е само дел од многу поголемата и покомплексна политичка приказна за тоа како државите најдобро да си ја одржат репутацијата и моќта. Политиките на суверената кредитоспособност се врзани со капацитетот да се одвои легалниот договор за односите доверител – должник од поширокиот општествен договор врз кој би требало да почива владеењето. Индикатори на губењето на довербата на доверителите се повисоките камати на долгот. Индикатори за губење на довербата на јавноста се социјални протести, изборните добивки за екстремните партии и вртење на центристичките партии кон поекстремни ставови.

Да се говори за доверители и должници без имплицитни судови за моралната вредност е многу тешко – но време е да се стори тоа./крај/мф/сс

Извор: Макфакс

Анализи

Силјановска vs Пендаровски: Кој добива, а кој губи во битката на социјалните мрежи и медиумите?

Објавено пред

Претседателските кандидати Стево Пендаровски и Гордана Силјановска-Давкова најмногу се спомнуваат во медиумите, а најмалку се популарни меѓу твитерџиите. Во негативен контекст почесто е споменувана Силјановска на социјалните мрежи „Феjсбук“ и „Твитер“, но и во медиумите.

dobivaj vesti na viber

Ова го покажа првата сентимент-анализа на истражувачкиот центар на „Макфакс“, која се изработуваше во периодот од 1 до 9 април годинава. Процесот на изработка на анализата е базиран на компјутерски алгоритми и има задача да одреди во каков контекст (многу негативен, негативен, неутрален, позитивен или многу позитивен) е напишан одреден текст или дел од текстот.

Преку системот беа анализирани 220 медиуми, како и објавите и коментарите на над еден милион корисници на „Фејсбук“ и твитовите од 300 илјади профили. Тестирањата на платформата покажaа дека користените технологии даваат резултат со точност поголема од 80 проценти.

Според анализата, имињата на Силјановска-Давкова и на Пендаровски почесто се споменуваат во медиумите отколку на социјалните мрежи „Твитер“ и „Фејсбук“. Во првите девет дена од месецот тие биле споменати вкупно 3.515 пати. На „Фејсбук“ биле споменати речиси двојно помалку, а најмалку биле споменувани на „Твитер“.

Силјановска, според оваа анализа, најмногу била спомената на веб-порталите „Република“, „Курир“, „Инфомакс“ и на „Прес 24“, а Пендаровски на „Прес 24“, „Макпрес“, „24 инфо“ и на „Вечер“. Од инфографикот може да се види комплетната слика за тоа во кој медиум биле најмногу застапени двајцата претседателски кандидати.

Во однос на контекстот на споменување во медиумите може да се заклучи дека постои тесна разлика меѓу Силјановска и Пендаровски, иако кандидатката зад која стои опозициската ВМРО-ДПМНЕ предничи со негативните коментари.

Па, така, во многу негативен контекст Силјановска била спомената 201 пат, а Пендаровски 136 пати. Ако таа била спомната 914 пати во негативен контекст, Пендаровски во истиот контекст бил спомнат 778 пати. Тој предничи и во однос на неутралните спомнувања во медиумите, а Силјановска предничи во однос на позитивните споменувања. Тесна е разликата меѓу многу позитивните конотации, во кои биле ставени двајцата претседателски кандидати на кои се однесува анализата, во која за 8 споменувања предност има Пендаровски.

Според податоците од аналитичкиот центар на „Макфакс“, претседателскиот кандидат Пендаровски е попопуларен од Силјановска во однос на бројот на споменувања. Во многу позитивен или позитивен контекст меѓу твитерџиите тој е споменат 231 пат, а Силјановска 201. Во однос на тоа дали кандидатите се споменати во негативен или многу негативен контекст за нијанса води Силјановска, која е спомената 401 пат, а Пендаровски 389.

Слична ситуација може да се види и на „Фејсбук“, каде што Пендаровски има предност во однос на бројот на споменувања. Ако Силјановска била спомената 481 пат во многу негативен или во негативен контекст, Пендаровски е споменат 429 пати. Кај претседателскиот кандидат зад кој стои СДСМ поголем е бројот на позитивни или многу позитивни споменувања на социјалната мрежа „Фејсбук“.

Според сето ова, Силјановска има поголема вредност на вкупниот сентимент во негативен контекст на социјалните мрежи и во медиумите од Пендаровски. Важно е да се потенцира дека не станува збор за анкета што ги мери гласовите за кандидатите, туку за начинот на кој тие се прикажани и коментирани во интернет-просторот. Истражувачкиот центар на „Макфакс“ на почетокот на кампањата за претседателските кандидати спроведе анкета.

Целосната методологија за начинот на изработката на сентимент-анализите на истражувачкиот центар на „Макфакс“ е достапна на следниот линк.

Прикажи повеќе...

Анализи

СЈО со детали: Како Камчев и Мијалков ги переле парите градејќи империја

Објавено пред

Злосторничко здружение, кое функционирало повеќе од 8 години, од 2009 година, кога биле отворани и затворани фирми, перени милиони и милиони евра, биле менувани сопственици, бил купуван огромен имот, отворани фирми на офшор-дестинации за еднократна употреба, префрлувани пари преку кипарски банки, а потоа овие испрани пари влегуваат како основачки влогови за да формираат македонски фирми.

dobivaj vesti na viber

Вака накусо може да се опише случајот „Империја“ на специјалното јавно обвинителство (СЈО), каде што, меѓу другите, осомничени се едни од највлијателните луѓе во земјата, бизнисменот Орце Камчев и поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков.

Три месеци по почнувањето на истрагата, обвинителството излезе со детали за еден од најобемните предмети за кој засега е утврдено дека се испрани речиси 11 милиони евра.

Истрагата е проширена за „Графички центар“ и за „Медија принт Македонија“ (МПМ), извршени се претреси во фирмите, осомничените се испрашани и собрани се докази.

Соработката меѓу Македонија и Кипар е воспоставена, па сега, конечно, на виделина излегуваат и имињата на оние што се криеле зад офшор-фирмите преку кои се переле пари.

Од крајот на јуни до крајот на октомври 2018 година некои од осомничените од „Империја“ биле под посебни истражни мерки.

„Мијалков не беше под посебни истражни мерки, Камчев многу внимателно зборуваше по телефон, но не и другите осомничени“, велат од СЈО.

Без разлика како ќе се одвива понатаму истрагата за „Империја“, со оглед на тоа што статусот и истрагите на СЈО сè уште се неизвесни, оттаму велат дека собрани се речиси 90 отсто од доказите за случајот да може да продолжи понатаму.

Злосторничкото здружение се распаѓа кон крајот на 2017 и почетокот на 2018 година кога осомничените почнуваат да земаат кредити за да се раздолжат, но тоа не значи дека тука завршуваат и нивните поединечни активности.

Под лупа на СЈО е и фирмата поврзана со семејството Мијалкови, „Бест веј инвестмент“, формирана веднаш по обеледонувањето на таканаречените бомби во 2015 година, чиј сопственик е синот на Сашо Мијалков, Јордан. СЈО истражува како се ширел бизнисот и како оваа фирма успева да заработи огромни суми и да стекне голем имот само за три години работа. „Бест веј инвестмент“, ако во 2016 година имала приходи од 816 илјади евра, во 2017 година веќе приходите ѝ растат на 9,6 милиони евра, што само покажува дека независно кој е на власт, бизнисите на Мијалков работат со полна пареа.

Краен сопственик на мистериозната „Ексико“ бил Камчев

Натписот на поштенското сандаче на улицата Иван Милутиновиќ во Скопје сведочи за постоењето на „Ексико“, чие сопствеништво е скриено

Центарот на истрагата за „Империја“ се познатата офшор-фирма „Ексико“ и бизнисменот Орце Камчев.

Истрагата утврдила дека зад првата фирма-мајка на „Ексико“, „Делта инвестмент“ од Белизе, всушност се крие таткото на Орце Камчев, Илија. Од оваа фирма, која поседуваше акции во големи акционерски друштва, а се јавуваше и како еден од сопствениците на атрактивните плацови на Водно, досега сите креваа раце и демантираа дека стојат зад неа.

Истрагата на СЈО утврдила дека по Илија Камчев, набргу како краен сопственик фигурирал и поранешниот директор на македонски „Телеком“, Жарко Луковски, а кога сопствеништвото на фирмата се сели во Америка, односно сопственик станува извесна „Калвус ЛЛЦ“ (Calvus LLC) од САД, крајниот сопственик е всушност Орце Камчев.

Од оваа американска фирма кон „Ексико“ се влеваат 1,6 милион евра како прилив, а дел од овие пари завршува на личната сметка на Камчев, додека со дел се купувани имот и земјиште во Гевгелија, на кое понатаму е предвидено да се градат казина.

Подоцна, а и до ден-денеска, сопственик на „Ексико“ е фирмата со швајцарски капитал „Т&МЈ инвестмент“ од Лугано, Швајцарија, фирма зад која оперативните сознанија покажале дека краен сопственик е член на семејството Мијалкови. Од швајцарската фирма кон македонската „Ексико“ немало никаков прилив или одлив на пари.

„Ексико“ не е единствената фирма преку која функционирало ова злосторничко здружение. Колку за пример, во истатата 2009 година офшор-компанијата „Хоспитал менаџмент груп ЛЛЦ’ од Кипар ја основа клиничката болница „Систина“. Понатаму, оваа компанија го продава имотот на друга офшор-компанија од Панама. „Орка холдинг“ го купува уделот од панамската, па повторно ѝ го продава на „Систина“, со што фактички Камчев внесува удел од „Хоспитал менаџмент“ од Кипар во Македонија.

Сомнежи за перење пари преку кипарски банки

Преку кипарски банки парите влегуваат во земјата

Значаен дел од истрагата на СЈО за „Империја“ има и фирмата „Финзи“ – истата фирма за која во таканаречените бомби можеше да се слушне дека одела набавката за опрема за следење интернет-комуникации за МВР. Министерството, додека на чело на УБК беше Мијалков, наместо директно да ја набави изреалската опрема за прислушување, тоа го правела преку „Финзи“. Во текот на истрагата за случајот самоубиство изврши директорот на „Финзи“, Коста Крпач, во април 2016 година.

Сега истрагата за „Империја“ повторно допира до „Финзи“, фирма основана од „Финзи ЛЛЦ“ во САД. Краен сопственик на оваа компанија, според СЈО, повторно е Орце Камчев.

Во неколку наврати од „Финзи ЛЛЦ“ преку кипарска банка кон македонската „Финзи“ биле исплатувани 650.000 евра. Во тоа време, односно во 2009 година, директор на „Финзи“ во Македонија е Владислав Стајковиќ, брат на Небојша Стајковиќ, поранешен помошник-министер за информатичка технологија во МВР.

Овие пари понатаму влегуваат како основачки влог во „Систина кардиологија“, фирма што подоцна е преименувана во „Си-Фи-Кар“ („Систина“, „Финзи“, “Кара“). Во 2012 година, според СЈО, кога парите веќе се испрани, американската мајка-фирма се затвора и се отвора нова фирма, во која Крпач влегува како директор, а на истата сметка легнуваат парите од израелската донација за опрема за прислушување.

„Не купуваат компании за да работат со нив, туку за да извлечат што можат“

Орце Камчев и Сашо Мијалков, клучните играчи во „Империја“

Многу компании, офшор, стотици папки со документи и изјави од сведоци содржи еден од најобемните предмети на СЈО – „Империја“. Од она што беше претставено пред новинарските екипи, неизбежен е заклучокот дека од досегашната истрага и собраните докази станува збор за класични примери за сомнежи за перење пари пред кои надлежните институции со години молчеле или се откажувале од гонење поради немање докази.

Дел од истрагата е отстапен и на купувањето на „Бетон Штип“ од страна на ТИМ ДОО, „Орка холдинг“, „Езимит“ ДООЕЛ и „Ексико“.

„Кога тие купуваат компанија, не ја купуваат за да ја работат, туку да извлечат што може од имотот на компанијата“, велат од СЈО.

Па, така, и овој пат сознанијата говорат дека од „Бетон Штип“ се извлечени 4 милиони евра, односно газдите ги тераат акционерите со парите да купуваат имот, а понатаму како што се извлекуваат парите, така се инвестираат во други зделки за што патем говорат и последните информации дека речиси 250 работници веќе ги напуштаат работните места од „Бетон Штип“ и истовремено преку суд си ги бараат неисплатените плати за последните четири месеци.

Дел од истрагата го опфаќа и „Фершпед“, односно од моментот кога Кираца Трајковска, која беше еден од мнозинските акционери во “Фершпед“, поради долг во Еуростандард банка, преку посредник побарала кредит од Стопанска банка АД Битола. Камчев, кој е дел од Управниот одбор на банката, наместо кредит, според СЈО, на Трајковска ѝ понудил преку физички лица да ѝ бидат префрлени парите по што биле ослободени нејзините акции од „Фершпед“.

За да им ги продаде акциите на странски инвеститори, таа го ангажирала брокерот Јованче Тасковски. Но, за нејзината намера дознал Штерјо Наков, кој побарал помош од Мијалков, со цел тој да ги купи акциите. Мијалков се договора со Камчев да ја изиграат, па без нејзино знаење, според СЈО, Ненад Јосифовиќ ги продава акциите на физички и правни лица поврзани со Наков за 4 милиони евра повисока цена од реалната. Парите од зделката завршуваат во фирма чии сопственици се „Ексико“, „Орка холдинг“ и „Тимох“.

Во делот од истрагата за „Империја“ влегуваат и стари случаи, кои претходно во обвинителствата завршувале со откажување од гонење поради немање доволно докази. Таков пример е истрагата за „пропаѓањето“ на „Орка спорт“, „Орка текстил“ и други фирми во сопственост на сега покојниот Илија Камчев. Данокот се избегнувал да се плаќа преку лажни стечаи, обезвреднување на имотот и формирање офшор-компании, а потоа парите „чисти“ биле внесувани во земјата, односно целиот имот бил пренесуван на новоформирани компании.

На овој начин, впрочем, и се градела целата империја – преку лојални соработници, изигрување на законитe и формирање компании за еднократна употреба.

Како ќе заврши истрагата и дали случајот ќе добие епилог останува неизвесно. Засега Орце Камчев и Сашо Мијалков се во домашен притвор, а конечниот збор ќе го каже Врховниот суд.

Освен Камчев и Мијалков, осомничени во случајот „Империја“ се и Ратка Куноска-Камчева, мајка на Камчев и неизвршен член на Одборот на директори на „Орка ходинг“, Кристина Камчева-Стојческа, сестра на Камчев и неизвршен член на Одборот на директори на „Жито полог Тетово“, Лилјана Гајдоска, правник во фирмите на Камчев, неизвршен член на Одборот на директори на ЗК „Пелагонија“, Тодор Мирчевски, директор на „Ексико“, Владислав Стајковиќ, сопственик на НВСП, доскорешен директор на „Мобико“ и поранешен директор на „Финзи“, Ванче Мијалчев, извршен директор на „Бетон Штип“, Јованче Тасковски, брокер, и Дејан Јанев од „О.Т.Е. инвест“.

Прикажи повеќе...

Анализи

Политиката го подели СЈО на табори

Објавено пред

„Чарлиевите ангели“ ги нема. Катица Јанева, Ленче Ристоска и Фатиме Фетаи речиси една година не се појавуваат на заеднички прес-конференции. Во јавноста и на социјалните мрежи сè погласни се критиките за работата на специјалното јавно обвинителство и ослабената доверба во оваа институција.

dobivaj vesti na viber

Три и пол години по формирањето, целосен судски епилог има само за два случаја а сè погласни се шпекулациите дека во СЈО владее поделеност на обвинителите на табори, кои меѓусебно не се согласуваат за дејствувањето на ова обвинителство, па тие разлики во мислењата лесно се забележливи и во јавноста.

Трите жени, кои беа симбол за СЈО, ретко може се видат заедно во јавноста, а речиси една година Ленче Ристоска и Фатиме Фетаи не даваат заеднички изјави. Според нашите извори, со слични ставови на една страна биле обвинителките Катица Јанева и Лиле Стефанова, а на друга Ленче Ристоска и Фатиме Фетаи.

Од друга страна, сè поприсутна во јавноста е главната специјална обвинителка Катица Јанева, која, според најавите, во вторник ќе се појави на „1ТВ“, каде што заедно со обвинителите Лиле Стефанова и Трајче Пеливанов треба да одговараат и на прашања од гледачите. Токму во фирмата сопственик на „1ТВ“, „БМЈ медиа груп“, работи синот на Јанева, младиот гевгеличанец Лазар Јанев, за кого веќе беше објавено дека пред вработените бил претставен како директор на правна служба. Пред точно два месеца Јанева беше гостинка на „1ТВ“ и се фотографира со сопственикот на телевизијата, Бојан Јовановски, со назнака дека станува збор за работен состанок.

Во СЈО во последната година во целост се смени практиката на комуникација со јавноста. Последната прес-конференција СЈО ја одржа на 21 март минатата година.

Повеќе нема брифинзи со новинари, а на обвинителките Ристоска и Фетаи не им е дозволено да даваат интервјуа и изјави. Целосна затвореност владее и во однос на истрагите. Случајот „Империја“, во кој, меѓу другите, се осомничени и бизнисменот Јордан Камчев и ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, беше отворен пред повеќе од 2 месеца, а од СЈО нема дополнителни информации, освен дека истрагата е сложена.

Сите обиди на „Макфакс“ да обезбедат брифинг за случајот беа залудни. Новинарите меѓу себе коментираат дека ова обвинителство, кое наметна транспарентно работење, последнава година се затворило, иако обвинителите поминале серија обуки за комуникација со јавноста. Тоа остава простор за шпекулации во постапувањето по предметите на обвинителството. Од друга страна, во редовното Обвинителство се спроведува тренинг за односи со јавноста на обвинителите.

Според нашите информации, во специјалното јавно обвинителство меѓу некои од вработените владее незадоволство од начинот на работа, особено по последните политички случувања, амнестии и повици за помирување, кои во голем дел влијаат и врз актуелните предмети што се во судска постапка, но и на оние што се во истрага и предистрага, а во кои, меѓу другите, се вклучени и Сашо Мијалков, Елизабета Канческа-Милевска, Али Ахмети, Бујар Османи.

Ексминистерката за култура, КанческаМилевска, е инволвирана во предистрагата за предметот „Скопје 2014“, кој е еден од најобемните предмети на СЈО, за Мијалков се водат повеќе судски постапки, а предметот за агенцијата за обезбедување СГС е во предистрага.

Во процесот на помирувањето наголемо се споменуваа и измените во Кривичниот законик, односно член 353, став 5, кој ја регулира злоупотребата на службената положба преку јавните набавки. Доколку дојде до промена на овој член, како што беше најавувано, помали казни или ослободување од одговорност ќе добијат голем број обвинети во случаите на СЈО, меѓу кои и Мијалков.

Уставниот суд сè уште не расправал по иницијативата на адвокатот Еленко Миланов, кој бара судиите да се произнесат за овој член од Кривичниот законик.

Сите овие политички инволвирања, кои допираат и до СЈО, според нашите извори, довеле до голем раздор во работата на институцијата, која има годишен буџет од 3,7 милиони евра. Некои од обвинителите се разочарани од фактот што нивните предмети и нивната работа зависат исклучително од тековната политичка ситуација, па токму затоа во последниот период и не се работи на нови предистраги бидејќи се чека исходот од тоа што ќе се случува со институцијата и дали евентуално одредени функционери од претходната, но и од актуелната власт, ќе избегнат одговорност.

Прикажи повеќе...

Најново

Македонија6 часа

Ковачевски: Ќе продолжиме да се бориме за секој граѓанин и за европската иднина на Македонија

„Вчера граѓаните нѝ пратија силна порака и ние таа порака ја слушнавме. Но, се лажат сите кои мислат дека ќе...

Македонија7 часа

Јакимовски до Муцунски: Прв излегов и го признав поразот, а тие во алкохолизирана состојба едвај го прочитаа тоа што го напишале

„Колегата Тимчо Муцунски се подбивал со мојот резултат на овие претседателски избори, притоа обидувајќи се малку да биде вицкаст. Иако...

Македонија7 часа

Мицкоски до СДСМ и Ковачевски: Нека не ве чуди што ве снајде вчера

Мириса на промени, бранот започна и нема запирање. Она што го говорев кога дојдов тука пред некоја недела, стана вистина....

Македонија10 часа

Позитивна оценка за првиот круг од претседателските избори, забелешки за острата и негативна реторика од страна на ОБСЕ/ОДИХР

Првиот круг од претседателските избори беше конкурентен и гласачите можеа да направат информиран избор. Меѓународната набљудувачка мисија на ОБСЕ/ОДИХР во...

Македонија13 часа

Во прв круг за претседател е избран само Киро Глигоров со освоени 715.087 гласа, Силјановска-Давкова и Пендаровски вторпат одат во втор круг

По вчерашниот прв круг од седмите претседателски избори, Киро Глигоров остана единствениот претседател избран во прв круг од осамостојувањето до...

Топ13 часа

Маж од Радовиш со месеци сексуално вознемирувал малолетно девојче

Радовишанец со месеци силувал малолетничка Вчера, во Полициската станица Радовиш било пријавено дека 45-годишен жител на Радовиш во периодот од...

Македонија15 часа

Таткото на Вања ќе оди во куќен притвор, Врховниот суд му ја уважи жалбата

Врховниот суд ја уважи жалбата на таткото на убиената Вања Ѓорчевска. Со тоа укинат му е притворот и определени се...

Македонија16 часа

Ангелов за ДУИ: Со пушка дојдоа на власт, со пенкало да ги отераме на буништето на историјата

Колку и да е убедлива, победата нема да биде комплетна доколку ДУИ не биде срушена од власт, вели претседателот на...

Македонија16 часа

Стевчо собра повеќе потписи од гласови – поразот на Јакимовски главна тема на социјалните мрежи

Кандидатот за претседател на ГРОМ и актуелен градоначалник на скопската општина Карпош, Стевчо Јакимовски, на вчерашниот прв круг од претседателските...

Македонија17 часа

Почина менаџерот Велибор Џаровски-Џаро

На 75 години денеска почина менаџерот Велибор Џаровски-Џаро по кусо боледување, потврди семејството. Тој важи за еден од најпознатите менаџери на...

Македонија17 часа

Пендаровски победи во три општини, а Таварари и Димитриевски само во општините во кои се градоначалници

Кандидатите за претседател Гордана Силјановска-Давкова и Бујар Османи освоија најмногу гласови на претседателските избори по број на општини. Според податоците...

Македонија17 часа

ВМРО-ДПМНЕ: Народот избра промени, да излеземе уште помасовно на 8 мај

Огромната поддршка обврзува за промени и брзи резултати, да излеземе уште помасовно на 8-ми мај, а потоа следува економска трансформација...

Македонија17 часа

Силјановска убедливо пред Пендаровски во првиот круг со 40 наспроти 19,93 отсто од гласовите

Кандидатката за претседател поддржана од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Гордана Силјановска, со убедливо водство влегува во вториот круг од претседателските избори,...

Македонија1 ден

Димитриевски до Пендаровски: Разликата е огромна, откажете се од оваа битка и оставете нè да победиме во вториот круг

Денеска, ЗНАМ заедно со сите свои пддржувачи ја испишува новата политичка историја на македонската политичка сцена, рече вечерва претседателскиот кандидат...

Македонија1 ден

Нема да се откажеме и нема да ги наведнеме главите, порача Ковачевски

Денеска е тежок удар за европската перспектива на Македонија, но не е доцна да се смени правецот, откажувањето не е...

Македонија1 ден

(Видео) Мицкоски: Цунамито се крена, на 8 мај ќе ги потопи целосно, победуваме со над 170.000 разлика

Денеска народот во Македонија покажа дека си ја сака Македонија и дека секој оној кој го потценува народот прваи голема...

Македонија1 ден

Пендаровски: Резултатите не се такви какви што ги очекувавме, но нема предавање, утре е нов ден

Резултатите не се такви какви што ги очекувавме истакна вечерва на прес-конференција кандидатот за претседател поддржан од СДСМ, Стево Пендаровски....

Македонија1 ден

Силјановска за убедливото водство: Напати се срамам, зарем е можно толку многу луѓе вака да реагираат

Претседателскиот кандидат Гордана Силјановска Давкова по завршување на првиот круг гласање од изборот за претседател на државата рече дека денешниот...

Македонија1 ден

Јакимовски призна пораз, ѝ честиташе водство на Сиљановска и ѝ посака среќа во вториот круг

Лидерот на ГРОМ и претседателски кандидат, Стевчо Јакимовски, вечерва призна пораз и ѝ честиташе водство на Гордана Сиљановска-Давкова.  Со оглед...

Македонија1 ден

Таравари: Земјотресот почна, се надевам дека на 8 мај ќе дојде промената ДУИ да биде опозиција

Масовниот одѕив на гласачите на овие претседателски избори за Арбен Таравари, претседателски кандидат на коалицијата ВЛЕН, е показател дека промените...