Контакт

Анализи

АР: Литванските елфови во битка против пропагандата на руските тролови

Објавено пред

 

Елфови против тролови – звучи како битка од филмскиот серијал „Господар на прстените“, но за 43-годишниот Литванец Рикардас Савукинас, ова е битка која повеќе не е фантазија, пишува АР.

 

Савукинас, бизнис консултант и блогер, е дел од неформалната интернет армија на Литванија која што се обидува да ги сопре, како што ги нарекуваат „говорот на омраза и проруската пропаганда“ во земјата.

 

„Јас сум само еден нормален човек од Литванија и граѓанин кој забележа дека руската пропаганда се шири во земјата преку голем број на групи на Фејсбук. Гледајќи го ова, сфатив дека не станува збор за нормално нешто“, вели Савукинас во интервју за АР.

 

Литванските волонтери, кои заедно со Савукинас себеси се нарекуваат „елфови“, патролираат по социјалните мрежи, координирајќи ги своие акции преку Фејсбук и Скајп и ги откриваат и пријавуваат лажните профили кои се појавуваат на овие мрежи. Според Савукинас, во обичен ден тие пријавуваат од 10 до 20 лажни профили.

 

Наодите за руското „мешање“ на двете страни од Атлантикот се се почести во последниот период, како што беше случај со претседателските избори во САД минатиот месец, а претходно пак, исто така и Германија ја обвини Москва дека се обидува да ја дестабилизира земјата со пропаганда и сајбер напади во пресрет на парламентарните избори кои ќе се одржат во земјата следната година.

 

Литванија, како и останатите балтички земји, долго време во минатото беше под влијанието на Москва, а сега се повеќе стравува од истото, пред се поради случувањата во Украина и анексијата на Крим од страна на Русија во 2014-та година.

 

Војната на „елфовите против троловите“ на Фејсбук е само едно поле каде се одвива битката, а медиумите и веб сајтовите исто така се дел од оваа битка. „Во последниот период препознавме дека има доста голема и постојана кампања на дезинформација против нашето општество“, изјавил Томас Цепонис, аналитичар во литванската армија. Цепонис додал дека моќта на пропагандата ја нема силата на тенковите или авионите, но дека сепак таа е насочена „кон голем број на цели“.

 

Популарната литванска TV3 телевизија е еден од медуимите во земјата кој постојано е цел на хакерски напади, а минатиот месец пак, Литванија ја забрани и руската телевизија „РТР Планета“, откако руски политичар направил антиамерикански коментари, протолкувани како „најави за војна и омраза“. Слични тримесечни забрани кон медиуми во руска сопственост биле направени и во последните неколку години, додава АР./крај/мф/бс

 

Анализи

Силјановска vs Пендаровски: Кој добива, а кој губи во битката на социјалните мрежи и медиумите?

Објавено пред

Претседателските кандидати Стево Пендаровски и Гордана Силјановска-Давкова најмногу се спомнуваат во медиумите, а најмалку се популарни меѓу твитерџиите. Во негативен контекст почесто е споменувана Силјановска на социјалните мрежи „Феjсбук“ и „Твитер“, но и во медиумите.

Ова го покажа првата сентимент-анализа на истражувачкиот центар на „Макфакс“, која се изработуваше во периодот од 1 до 9 април годинава. Процесот на изработка на анализата е базиран на компјутерски алгоритми и има задача да одреди во каков контекст (многу негативен, негативен, неутрален, позитивен или многу позитивен) е напишан одреден текст или дел од текстот.

Преку системот беа анализирани 220 медиуми, како и објавите и коментарите на над еден милион корисници на „Фејсбук“ и твитовите од 300 илјади профили. Тестирањата на платформата покажaа дека користените технологии даваат резултат со точност поголема од 80 проценти.

Според анализата, имињата на Силјановска-Давкова и на Пендаровски почесто се споменуваат во медиумите отколку на социјалните мрежи „Твитер“ и „Фејсбук“. Во првите девет дена од месецот тие биле споменати вкупно 3.515 пати. На „Фејсбук“ биле споменати речиси двојно помалку, а најмалку биле споменувани на „Твитер“.

Силјановска, според оваа анализа, најмногу била спомената на веб-порталите „Република“, „Курир“, „Инфомакс“ и на „Прес 24“, а Пендаровски на „Прес 24“, „Макпрес“, „24 инфо“ и на „Вечер“. Од инфографикот може да се види комплетната слика за тоа во кој медиум биле најмногу застапени двајцата претседателски кандидати.

Во однос на контекстот на споменување во медиумите може да се заклучи дека постои тесна разлика меѓу Силјановска и Пендаровски, иако кандидатката зад која стои опозициската ВМРО-ДПМНЕ предничи со негативните коментари.

Па, така, во многу негативен контекст Силјановска била спомената 201 пат, а Пендаровски 136 пати. Ако таа била спомната 914 пати во негативен контекст, Пендаровски во истиот контекст бил спомнат 778 пати. Тој предничи и во однос на неутралните спомнувања во медиумите, а Силјановска предничи во однос на позитивните споменувања. Тесна е разликата меѓу многу позитивните конотации, во кои биле ставени двајцата претседателски кандидати на кои се однесува анализата, во која за 8 споменувања предност има Пендаровски.

Според податоците од аналитичкиот центар на „Макфакс“, претседателскиот кандидат Пендаровски е попопуларен од Силјановска во однос на бројот на споменувања. Во многу позитивен или позитивен контекст меѓу твитерџиите тој е споменат 231 пат, а Силјановска 201. Во однос на тоа дали кандидатите се споменати во негативен или многу негативен контекст за нијанса води Силјановска, која е спомената 401 пат, а Пендаровски 389.

Слична ситуација може да се види и на „Фејсбук“, каде што Пендаровски има предност во однос на бројот на споменувања. Ако Силјановска била спомената 481 пат во многу негативен или во негативен контекст, Пендаровски е споменат 429 пати. Кај претседателскиот кандидат зад кој стои СДСМ поголем е бројот на позитивни или многу позитивни споменувања на социјалната мрежа „Фејсбук“.

Според сето ова, Силјановска има поголема вредност на вкупниот сентимент во негативен контекст на социјалните мрежи и во медиумите од Пендаровски. Важно е да се потенцира дека не станува збор за анкета што ги мери гласовите за кандидатите, туку за начинот на кој тие се прикажани и коментирани во интернет-просторот. Истражувачкиот центар на „Макфакс“ на почетокот на кампањата за претседателските кандидати спроведе анкета.

Целосната методологија за начинот на изработката на сентимент-анализите на истражувачкиот центар на „Макфакс“ е достапна на следниот линк.

Прикажи повеќе...

Анализи

СЈО со детали: Како Камчев и Мијалков ги переле парите градејќи империја

Објавено пред

Злосторничко здружение, кое функционирало повеќе од 8 години, од 2009 година, кога биле отворани и затворани фирми, перени милиони и милиони евра, биле менувани сопственици, бил купуван огромен имот, отворани фирми на офшор-дестинации за еднократна употреба, префрлувани пари преку кипарски банки, а потоа овие испрани пари влегуваат како основачки влогови за да формираат македонски фирми.

Вака накусо може да се опише случајот „Империја“ на специјалното јавно обвинителство (СЈО), каде што, меѓу другите, осомничени се едни од највлијателните луѓе во земјата, бизнисменот Орце Камчев и поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков.

Три месеци по почнувањето на истрагата, обвинителството излезе со детали за еден од најобемните предмети за кој засега е утврдено дека се испрани речиси 11 милиони евра.

Истрагата е проширена за „Графички центар“ и за „Медија принт Македонија“ (МПМ), извршени се претреси во фирмите, осомничените се испрашани и собрани се докази.

Соработката меѓу Македонија и Кипар е воспоставена, па сега, конечно, на виделина излегуваат и имињата на оние што се криеле зад офшор-фирмите преку кои се переле пари.

Од крајот на јуни до крајот на октомври 2018 година некои од осомничените од „Империја“ биле под посебни истражни мерки.

„Мијалков не беше под посебни истражни мерки, Камчев многу внимателно зборуваше по телефон, но не и другите осомничени“, велат од СЈО.

Без разлика како ќе се одвива понатаму истрагата за „Империја“, со оглед на тоа што статусот и истрагите на СЈО сè уште се неизвесни, оттаму велат дека собрани се речиси 90 отсто од доказите за случајот да може да продолжи понатаму.

Злосторничкото здружение се распаѓа кон крајот на 2017 и почетокот на 2018 година кога осомничените почнуваат да земаат кредити за да се раздолжат, но тоа не значи дека тука завршуваат и нивните поединечни активности.

Под лупа на СЈО е и фирмата поврзана со семејството Мијалкови, „Бест веј инвестмент“, формирана веднаш по обеледонувањето на таканаречените бомби во 2015 година, чиј сопственик е синот на Сашо Мијалков, Јордан. СЈО истражува како се ширел бизнисот и како оваа фирма успева да заработи огромни суми и да стекне голем имот само за три години работа. „Бест веј инвестмент“, ако во 2016 година имала приходи од 816 илјади евра, во 2017 година веќе приходите ѝ растат на 9,6 милиони евра, што само покажува дека независно кој е на власт, бизнисите на Мијалков работат со полна пареа.

Краен сопственик на мистериозната „Ексико“ бил Камчев

Натписот на поштенското сандаче на улицата Иван Милутиновиќ во Скопје сведочи за постоењето на „Ексико“, чие сопствеништво е скриено

Центарот на истрагата за „Империја“ се познатата офшор-фирма „Ексико“ и бизнисменот Орце Камчев.

Истрагата утврдила дека зад првата фирма-мајка на „Ексико“, „Делта инвестмент“ од Белизе, всушност се крие таткото на Орце Камчев, Илија. Од оваа фирма, која поседуваше акции во големи акционерски друштва, а се јавуваше и како еден од сопствениците на атрактивните плацови на Водно, досега сите креваа раце и демантираа дека стојат зад неа.

Истрагата на СЈО утврдила дека по Илија Камчев, набргу како краен сопственик фигурирал и поранешниот директор на македонски „Телеком“, Жарко Луковски, а кога сопствеништвото на фирмата се сели во Америка, односно сопственик станува извесна „Калвус ЛЛЦ“ (Calvus LLC) од САД, крајниот сопственик е всушност Орце Камчев.

Од оваа американска фирма кон „Ексико“ се влеваат 1,6 милион евра како прилив, а дел од овие пари завршува на личната сметка на Камчев, додека со дел се купувани имот и земјиште во Гевгелија, на кое понатаму е предвидено да се градат казина.

Подоцна, а и до ден-денеска, сопственик на „Ексико“ е фирмата со швајцарски капитал „Т&МЈ инвестмент“ од Лугано, Швајцарија, фирма зад која оперативните сознанија покажале дека краен сопственик е член на семејството Мијалкови. Од швајцарската фирма кон македонската „Ексико“ немало никаков прилив или одлив на пари.

„Ексико“ не е единствената фирма преку која функционирало ова злосторничко здружение. Колку за пример, во истатата 2009 година офшор-компанијата „Хоспитал менаџмент груп ЛЛЦ’ од Кипар ја основа клиничката болница „Систина“. Понатаму, оваа компанија го продава имотот на друга офшор-компанија од Панама. „Орка холдинг“ го купува уделот од панамската, па повторно ѝ го продава на „Систина“, со што фактички Камчев внесува удел од „Хоспитал менаџмент“ од Кипар во Македонија.

Сомнежи за перење пари преку кипарски банки

Преку кипарски банки парите влегуваат во земјата

Значаен дел од истрагата на СЈО за „Империја“ има и фирмата „Финзи“ – истата фирма за која во таканаречените бомби можеше да се слушне дека одела набавката за опрема за следење интернет-комуникации за МВР. Министерството, додека на чело на УБК беше Мијалков, наместо директно да ја набави изреалската опрема за прислушување, тоа го правела преку „Финзи“. Во текот на истрагата за случајот самоубиство изврши директорот на „Финзи“, Коста Крпач, во април 2016 година.

Сега истрагата за „Империја“ повторно допира до „Финзи“, фирма основана од „Финзи ЛЛЦ“ во САД. Краен сопственик на оваа компанија, според СЈО, повторно е Орце Камчев.

Во неколку наврати од „Финзи ЛЛЦ“ преку кипарска банка кон македонската „Финзи“ биле исплатувани 650.000 евра. Во тоа време, односно во 2009 година, директор на „Финзи“ во Македонија е Владислав Стајковиќ, брат на Небојша Стајковиќ, поранешен помошник-министер за информатичка технологија во МВР.

Овие пари понатаму влегуваат како основачки влог во „Систина кардиологија“, фирма што подоцна е преименувана во „Си-Фи-Кар“ („Систина“, „Финзи“, “Кара“). Во 2012 година, според СЈО, кога парите веќе се испрани, американската мајка-фирма се затвора и се отвора нова фирма, во која Крпач влегува како директор, а на истата сметка легнуваат парите од израелската донација за опрема за прислушување.

„Не купуваат компании за да работат со нив, туку за да извлечат што можат“

Орце Камчев и Сашо Мијалков, клучните играчи во „Империја“

Многу компании, офшор, стотици папки со документи и изјави од сведоци содржи еден од најобемните предмети на СЈО – „Империја“. Од она што беше претставено пред новинарските екипи, неизбежен е заклучокот дека од досегашната истрага и собраните докази станува збор за класични примери за сомнежи за перење пари пред кои надлежните институции со години молчеле или се откажувале од гонење поради немање докази.

Дел од истрагата е отстапен и на купувањето на „Бетон Штип“ од страна на ТИМ ДОО, „Орка холдинг“, „Езимит“ ДООЕЛ и „Ексико“.

„Кога тие купуваат компанија, не ја купуваат за да ја работат, туку да извлечат што може од имотот на компанијата“, велат од СЈО.

Па, така, и овој пат сознанијата говорат дека од „Бетон Штип“ се извлечени 4 милиони евра, односно газдите ги тераат акционерите со парите да купуваат имот, а понатаму како што се извлекуваат парите, така се инвестираат во други зделки за што патем говорат и последните информации дека речиси 250 работници веќе ги напуштаат работните места од „Бетон Штип“ и истовремено преку суд си ги бараат неисплатените плати за последните четири месеци.

Дел од истрагата го опфаќа и „Фершпед“, односно од моментот кога Кираца Трајковска, која беше еден од мнозинските акционери во “Фершпед“, поради долг во Еуростандард банка, преку посредник побарала кредит од Стопанска банка АД Битола. Камчев, кој е дел од Управниот одбор на банката, наместо кредит, според СЈО, на Трајковска ѝ понудил преку физички лица да ѝ бидат префрлени парите по што биле ослободени нејзините акции од „Фершпед“.

За да им ги продаде акциите на странски инвеститори, таа го ангажирала брокерот Јованче Тасковски. Но, за нејзината намера дознал Штерјо Наков, кој побарал помош од Мијалков, со цел тој да ги купи акциите. Мијалков се договора со Камчев да ја изиграат, па без нејзино знаење, според СЈО, Ненад Јосифовиќ ги продава акциите на физички и правни лица поврзани со Наков за 4 милиони евра повисока цена од реалната. Парите од зделката завршуваат во фирма чии сопственици се „Ексико“, „Орка холдинг“ и „Тимох“.

Во делот од истрагата за „Империја“ влегуваат и стари случаи, кои претходно во обвинителствата завршувале со откажување од гонење поради немање доволно докази. Таков пример е истрагата за „пропаѓањето“ на „Орка спорт“, „Орка текстил“ и други фирми во сопственост на сега покојниот Илија Камчев. Данокот се избегнувал да се плаќа преку лажни стечаи, обезвреднување на имотот и формирање офшор-компании, а потоа парите „чисти“ биле внесувани во земјата, односно целиот имот бил пренесуван на новоформирани компании.

На овој начин, впрочем, и се градела целата империја – преку лојални соработници, изигрување на законитe и формирање компании за еднократна употреба.

Како ќе заврши истрагата и дали случајот ќе добие епилог останува неизвесно. Засега Орце Камчев и Сашо Мијалков се во домашен притвор, а конечниот збор ќе го каже Врховниот суд.

Освен Камчев и Мијалков, осомничени во случајот „Империја“ се и Ратка Куноска-Камчева, мајка на Камчев и неизвршен член на Одборот на директори на „Орка ходинг“, Кристина Камчева-Стојческа, сестра на Камчев и неизвршен член на Одборот на директори на „Жито полог Тетово“, Лилјана Гајдоска, правник во фирмите на Камчев, неизвршен член на Одборот на директори на ЗК „Пелагонија“, Тодор Мирчевски, директор на „Ексико“, Владислав Стајковиќ, сопственик на НВСП, доскорешен директор на „Мобико“ и поранешен директор на „Финзи“, Ванче Мијалчев, извршен директор на „Бетон Штип“, Јованче Тасковски, брокер, и Дејан Јанев од „О.Т.Е. инвест“.

Прикажи повеќе...

Анализи

Политиката го подели СЈО на табори

Објавено пред

„Чарлиевите ангели“ ги нема. Катица Јанева, Ленче Ристоска и Фатиме Фетаи речиси една година не се појавуваат на заеднички прес-конференции. Во јавноста и на социјалните мрежи сè погласни се критиките за работата на специјалното јавно обвинителство и ослабената доверба во оваа институција.

Три и пол години по формирањето, целосен судски епилог има само за два случаја а сè погласни се шпекулациите дека во СЈО владее поделеност на обвинителите на табори, кои меѓусебно не се согласуваат за дејствувањето на ова обвинителство, па тие разлики во мислењата лесно се забележливи и во јавноста.

Трите жени, кои беа симбол за СЈО, ретко може се видат заедно во јавноста, а речиси една година Ленче Ристоска и Фатиме Фетаи не даваат заеднички изјави. Според нашите извори, со слични ставови на една страна биле обвинителките Катица Јанева и Лиле Стефанова, а на друга Ленче Ристоска и Фатиме Фетаи.

Од друга страна, сè поприсутна во јавноста е главната специјална обвинителка Катица Јанева, која, според најавите, во вторник ќе се појави на „1ТВ“, каде што заедно со обвинителите Лиле Стефанова и Трајче Пеливанов треба да одговараат и на прашања од гледачите. Токму во фирмата сопственик на „1ТВ“, „БМЈ медиа груп“, работи синот на Јанева, младиот гевгеличанец Лазар Јанев, за кого веќе беше објавено дека пред вработените бил претставен како директор на правна служба. Пред точно два месеца Јанева беше гостинка на „1ТВ“ и се фотографира со сопственикот на телевизијата, Бојан Јовановски, со назнака дека станува збор за работен состанок.

Во СЈО во последната година во целост се смени практиката на комуникација со јавноста. Последната прес-конференција СЈО ја одржа на 21 март минатата година.

Повеќе нема брифинзи со новинари, а на обвинителките Ристоска и Фетаи не им е дозволено да даваат интервјуа и изјави. Целосна затвореност владее и во однос на истрагите. Случајот „Империја“, во кој, меѓу другите, се осомничени и бизнисменот Јордан Камчев и ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, беше отворен пред повеќе од 2 месеца, а од СЈО нема дополнителни информации, освен дека истрагата е сложена.

Сите обиди на „Макфакс“ да обезбедат брифинг за случајот беа залудни. Новинарите меѓу себе коментираат дека ова обвинителство, кое наметна транспарентно работење, последнава година се затворило, иако обвинителите поминале серија обуки за комуникација со јавноста. Тоа остава простор за шпекулации во постапувањето по предметите на обвинителството. Од друга страна, во редовното Обвинителство се спроведува тренинг за односи со јавноста на обвинителите.

Според нашите информации, во специјалното јавно обвинителство меѓу некои од вработените владее незадоволство од начинот на работа, особено по последните политички случувања, амнестии и повици за помирување, кои во голем дел влијаат и врз актуелните предмети што се во судска постапка, но и на оние што се во истрага и предистрага, а во кои, меѓу другите, се вклучени и Сашо Мијалков, Елизабета Канческа-Милевска, Али Ахмети, Бујар Османи.

Ексминистерката за култура, КанческаМилевска, е инволвирана во предистрагата за предметот „Скопје 2014“, кој е еден од најобемните предмети на СЈО, за Мијалков се водат повеќе судски постапки, а предметот за агенцијата за обезбедување СГС е во предистрага.

Во процесот на помирувањето наголемо се споменуваа и измените во Кривичниот законик, односно член 353, став 5, кој ја регулира злоупотребата на службената положба преку јавните набавки. Доколку дојде до промена на овој член, како што беше најавувано, помали казни или ослободување од одговорност ќе добијат голем број обвинети во случаите на СЈО, меѓу кои и Мијалков.

Уставниот суд сè уште не расправал по иницијативата на адвокатот Еленко Миланов, кој бара судиите да се произнесат за овој член од Кривичниот законик.

Сите овие политички инволвирања, кои допираат и до СЈО, според нашите извори, довеле до голем раздор во работата на институцијата, која има годишен буџет од 3,7 милиони евра. Некои од обвинителите се разочарани од фактот што нивните предмети и нивната работа зависат исклучително од тековната политичка ситуација, па токму затоа во последниот период и не се работи на нови предистраги бидејќи се чека исходот од тоа што ќе се случува со институцијата и дали евентуално одредени функционери од претходната, но и од актуелната власт, ќе избегнат одговорност.

Прикажи повеќе...

Најново

Регион9 часа

Лидерите на Западен Балкан со заедничка декларација: Итен почеток на преговорите со Скопје и Тирана

Декларацијата усвоена од лидерите на Процесот „Брдо – Бриони“ на самитот укажува на важноста од брзото проширување на ЕУ за...

Македонија9 часа

Хрватскиот претседател: Членка на ЕУ навлегува во интимниот простор на Северна Македонија

Претседателот на Хрватска, Зоран Милановиќ, најави дека ќе се спротивстави на условите што ги поставува Бугарија за почеток на преговорите...

Македонија9 часа

Заев: Следните парламентарни избори ќе се одржат во 2024 година, нема да има предвремени

Премиерот и претседател на СДСМ, Зоран Заев, изјави дека предвремени парламентарни избори нема да има и дека следните ќе се...

Европа9 часа

ЕМА: Вакцината на „Фајзер“ може да се чува во обичен ладилник до еден месец

Европската агенција за лекови (ЕМА) препорача да се продолжи времето на чување на вакцините на „Фајзер/Бионтек“ на стандардни температури во...

Македонија12 часа

Денеска се регистрирани 27 нови случаи на Ковид-19, починати се 19 лица

Министерството за здравство информира дек во последните 24 часа се направени 1.314 тестирања, а регистрирани се 27 нови случаи на...

Економија15 часа

Oд полноќ се намалува цената на еуросупер БС-95 и на мазутот

Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги донесе одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати...

Свет16 часа

Индија почна со дистрибуција на свој лек против коронавирус

Индија почна со дистрибуција на нов, домашен лек за лекување на симптомите од Ковид-19. Властите го одобрија лекот 2-ДГ, кој...

Македонија16 часа

Захариева: Властите во Македонија ќе направат сѐ што можат Бугарите таму да се сѐ помалку

И Европа и ние ќе го следиме пописот во РСМ и очекуваме да се спроведе според сите европски стандарди и...

Свет16 часа

(Видео) Тврдат дека Израел фрлил забранета бомба врз Газа, од која се топи човечко месо

На социјалните мрежи се шири видео со ракетирање на Појасот Газа, за кое се тврди дека е доказ дека Израел...

Свет18 часа

СЗО: Животниот век на работниците загрозен по пандемијата на коронавирусот

Премногу долгото работно време е смртоносно за стотици илјади луѓе во светот и ова е тренд што може да се...

Европа19 часа

Германски виролог предупредува: И следната година ќе мора да се вакцинираме

Шефот на германскиот независен советодавен панел за вакцинација, вирусологот Томас Мертенс, изјави дека е многу веројатно декаи следната година  сите...

Свет19 часа

На повидок нова вакцина – „Санофи“ и „ГСК“ велат дека произведува силен имунолошки одговор

Француската фармацевтска компанија „Санофи“ денеска соопшти дека експерименталната вакцина против Ковид-19, која ја развива заедно со „Глаксо Смит Клајн“ ќе...

Свет20 часа

Израел утрово изврши серија воздушни напади на Газа, висококатници срамнети со земја

Израелските воздушни сили рано утрово извршија серија масовни воздушни напади на повеќе локации во градот Газа. Најновата беше извршена само...

Свет20 часа

Товарен воз со токсични материи излета од шините во САД

Во близина на градот Сибли во американската држава Ајова воз на компанијата „Унион Пацифик“, кој превезувал тенкови и вагони со...

Македонија1 ден

(Видео) Заев: СДСМ останува локомотива за напредокот на македонската држава

Со задоволство сакам да соопштам дека денеска СДСМ одржа успешен 26. Конгрес, а веднаш потоа и прва седница на новоизбраниот...

Македонија1 ден

Лукаревска избрана за заменик-претседателка на СДСМ

Сања Лукаревска е новата заменик-претседателка на СДСМ, беше одлучено на денешниот 26. Конгрес на партијата. Таа беше изгласана со 682...

Свет1 ден

Нетанјаху со благодарност до земјите кои го поддржале Израел, меѓу нив и Македонија

Израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху на социјалните мрежи им се заблагодари на владите на голем број земји во светот за, како...

Македонија2 дена

Регистрирани се 62 нови случаи на Ковид-19, починати се 14 лица

Министерството за здравство информира дека во последните 24 часа се направени 2.557 тестирања, а регистрирани се 62 нови случаи на...

Свет2 дена

(Видео)10 годишно девојче во урнатините на Газа, низ солзи вели: Не можам да го трпам ова, јас сум само дете

Жестоките напади меѓу Израел и Хамас се најтешки за луѓето во Газа, каде што луѓето умираат секој ден – претежно...

Свет2 дена

Курц: Целта на истрагата е да ме отстранат од функцијата

Австрискиот канцелар Себастијан Курц оцени дека целта на поднесената пријава против него, поради наводни лажни изјави пред истражниот одбор во...

Досие