МАКФАКС

Лепен ја претстави изборната програма: против ЕУ, НАТО, глобализацијата и имиграцијата

Лепен ја претстави изборната програма: против ЕУ, НАТО, глобализацијата и имиграцијата
05.02.2017, 22:19

Челничката на француската крајна десница Национален фронт (FN), Марин Лепен, во неделата на партискиот конгрес во Лион започнувајќи ја својата кампања за претседателските избори со преставување на програмата од 144 точки, остро ја критикуваше Европската унија, и им вети на илјадниците приврзаници дека доколку биде избрана за претседателка, ќе ја одбрани земјата од исламскиот фундаментализам и глобализацијата, и земјата одбранбено ќе ја зајакне.

Претседателката на Националниот фронт, Марин Лепен, оцени дека Европската унија е неуспешен проект кој ѝ нанел многу штети на Франција. Нејзината влада ќе ја извлече Франција од еврозоната и ќе го врати франкот, поранешната национална валута, ќе излезе од Шенгенсата зона на слободно движење и ќе одржи референдум за членството во Европската унија, рече Лепен во Лион.

Се закани и со напуштање на НАТО, велејќи дека Франција не би требала да биде вовлекувана во војни кои не се нејзини.

„Сметам дека е неопходно Франција да ја напушти воената команда на НАТО, бидејќи е неопходно да се спречи таа да биде вовлекувана во војни кои не се во нејзините интереси“, рече Лепен наведувајќи дел од својата изборна програма под поглавјето за враќањето за меѓународното почитување на Франција.

Челничката на Националниот фронт, исто така, смета дека е неопходно „да се осигурат одбранбените капацитети на земјата во сите сфери“. За таа цел земјата мора „да ја осигури својата стратешка независност“, особено „целосно обновувајќи го својот воено индустриски комплекс“.

Доколку биде избрана за претседател на Франција, Лепен се обврзува дека „ќе уште во првата година ќе го зголеми воениот буџет до 2 отсто од БДП, а до крајот од петгодишниот мандат на 3 отсто од БДП“, што всушност е и она што е договорено во рамките на НАТО и на чиешто придржување од сојузниците инсистира новиот американски претседател Доналд Трамп.

„Тие значителни напори ќе овозможат особено финансирање на вториот носач на авиони кој ќе го носи името ‘Ришелје’, што е неопходно за постојаното присуство на француската морнарица на морињата и океаните“, се наведува во програмата на Лепен. Притоа, таа има намера да ја зголеми бројноста на француските вооружени сили за 50.000 војници, односно до нивото од 2007 година.

Лидерката на Националниот фронт уверува дека ќе осигури и успешно финансирање и вооружување како на стратешките нуклеарни сили на земјата, така и на другите родови на вооружените сили. Во Франција е неопходно и постепеното враќање на задолжителниот воен рок, а минималниот период би бил три месеца“, смета таа.

Во делот за надворешната политика, Лепен укажува на важноста „основање француска надворешна политика по начелото на реализам и враќање на земјата на нејзината улога на државност, стабилности и баланс“.

Лепен ја осуди и глобализацијата, истакнувајќи дека не станува збор само за глобализацијана финансискиот свет, туку за глобализацијата одгоре, преку масовната имиграција“. „Поделбата повеќе не се сведува на леви и десни, туку на патриоти и глобалисти“, истакнува.

Нагласи, исто така, дека Франција не сака да живее во постојан страв од исламскиот фундаментализам, и вети дека земјата ќе ја доведе во ред во периодот од пет години. Притоа, навести и план за одземање на француското државјанство на оние за кои ќе се утврди дека се поврзани со радикалните и терористичките групации.

Во своите 144 ветувања кои започна да ги претставува во саботата, Лепен вели дека драстично ќе ја намали имиграцијата, ќе им оневозможи во земјата да останат сите нелегално доселени и ќе им ограничи некои од правата, кои во моментов ги уживаат сите кои имаат дозвола за престој во Франција, исклучиво на француските државјани.

Ветува данок на увозот и на работните договори со странците, што повторно потсетува на некои од мерките на американскиот претседател. Лепен, исто така, најавува и отфрлање на некои трговски договори и повикува на ткн „интелигентен протекционизам“.

„Дојде историски момент. Невозможното станува возможно. Како што е можно претседатели како што е Доналд Трамп не само да бидат избрани…, туку и да се придржуваат до своите ветувања“, порача Лепен.

„Ова будење на народот е историско. Ова е крајот на еден циклус. Историскиот ветер се сврти, ќе нé однесе на врвот“, заклучи Марин Лепен.

Анкетата објавена во саботата на институтот Ifop предвидува дека Марин Лепен е фаворит за лидер по првиот круг од претседателските избори на 23-ти април со 25 отсто, а на второто место е независниот кандидат поранешниот министер за економија Емануел Макрон со 20,5 отсто, одека конзервативецот поранешниот премиер Франсоа Фијон со 18,5 отсто. Но, бидејќи традиционално левицата, центристите и конзервативците се сојузуваат против Националниот фронт, анкетата покажува дека во вториот круг на 7-ми мај Лепен има шанси од 37 отсто, наспроти Макрон со 63 отсто./крај/мф/сн

Поврзани написи

Макфакс е-билтен

Email *