Контакт

Анализи

Српски новинари за Макфакс: Граѓаните во регионот се целосно изиграни

Објавено пред

Зголемени плати, нови работи места, подобар живот и евроатлански интеграции – се само неколку од фразите кои периодов постојано ги слушаме на политичките митинзи ширум Македонија во екот на предизборната кампања. Колку од овие ветувања по изборите целосно или делумно се исполнуваат и дали кога ќе дојдат наредните избори, граѓаните го паметат она што што претходно било ветено и исполнето?

dobivaj vesti na viber

Како и во Македонија, и во соседна Србија изборите станаа дел од секојдневието на српскиот народ. Предвремени парламентарни избори минатата година, претседателски избори наредната година, се чини дека српските политичари се „ненаситни“ за избори, што не може да се каже и за оние што ги гласаат, смета новинарот на белградска Политика, Владимир Вукасовиќ.

„Честото распишување на избори во повеќето земји од поранешна Југославија, како и честите барања на политичарите граѓаните да застанат зад нив, би можело да доведе до сосема спротивен ефект: делегитимизација на владејачките сили, политичките сили, политичкиот систем и воопшто политиката. Причината за тоа е што ветувањата со кои се победува на избори бавно се исполнуваат или, пак, граѓаните се целосно изиграни“, вели Вукасовиќ за Макфакс.

Економскиот раст на државите од западниот Балкан е доста слаб или, пак, во најдобар случај недоволен за поголем дел од граѓаните после безброј години на „мрцварење“ по избори да можат конечно да дојдат до финансиска стабилност, вели тој.

„Во оние земји кои се сé уште кандидати за Европската унија, напредокот е релативно бавен, за многумина се чини и фиктивен а донекаде отворено блокиран. И таму каде што власта не е хронично во рацете на една партија, во кругот горе-долу се вртат истите луѓе и истите приказни. Поради тоа веројатно не би ни требало да бидеме премногу изненадени што во регионот се почесто не само што опозицијата се обидува нешто да постигне преку демонстрации, туку има и улични протести кои се организирани од групи граѓани кои нападно се дистанцираат од сите партии и тврдат дека од партиите нема корист“, додава Вукасовиќ.

Колективниот заборав на балканските гласачи во поглед на предизборните ветувања дефитивно претставува феномен кој треба да се истражува, смета основачот и уредник на српскиот портал Колумниста, Александар Бечиќ.

„Нереалните ветувања одамна се составен дел од секоја предизборна ‘игранка’ на Балканот. Како на новинар ми е фасцинантно колку сме склони кон колективниот заборав кога се работи за нереализираните ветувања. Некаде во развиените земји таквите работи сурово се казнуваат. Впрочем, кога се говори за подобриот живот, новите работни места и сличните работи – политичарите навистина ги носат – но само на своите најверни поданици“, вели Бечиќ.

Од аспект на Србија, пак, ветувањата во поглед на евро и евроатланските интеграции од страна на политичарите исто така се даваат непромислено и сето тоа создава една погрешна слика кај српските граѓани во однос на тоа што е одржливо за земјата, додава Бечиќ.

„Дали нам ни е потребно европско законодавство? Да, поради тоа што нашите закони одамна се прегазени од времето и од развојот на општествата. Од друга страна, пак, потребно ли ни е членство во НАТО? На Македонија можеби, на Србија секако не. На широката маса сигурно не ѝ познато колку е скапо да се испочитуваат НАТО стандардите, и одржувањето на каква и да е воена сила според НАТО стандардите е страшно скапо за едни економии како што се балканските“, порачува Бечиќ.

Една од најважните последици од нереализираните, но најчесто и нереални предизборни ветувања, е целосна политичка апатија на граѓаните, нешто што потоа се одразува врз јавниот живот во балканските земји, вели, пак, Вукасовиќ.

„Дел од граѓаните многу претходно потонаа во политичка апатија. Од оние кои сé уште гласаат, но со голема доза на сомневање во исправноста на својот избор, многумина својот избор го сведуваат на ткн ‘помало зло’, и според сево ова делува дека граѓаните всушност се немоќни во јавниот живот и дека политиката им служи само на политичарите. Таквата пасивност е особено опасна за општества како што се нашите и кои и натаму се во една кршлива фаза, односно несигурна за сопствениот правец во еден свет каде што повеќедецениските структури и ориентации, исто така, стануваат сé понеизвесни“, смета новинарот на белградска Политика.

Постојаната атмосфера на предизборна кампања, која како во Македонија е случај и во Србија, придонесува само за продлабочување на политичката криза во која се наоѓаат овие земји, а излезот може да се бара само преку доаѓањето на нови генерации на политичари и политички идеи, вели пак Бечиќ.

„Штом вам официјален Брисел преку еврокомесарот Јоханес Хан ќе ви порача дека преку гласањето ќе се ‘вратите на европскиот пат’, знајте дека ништо добро не ве чека. Политичката криза и натаму ќе се продлабочува, а механизмите за зачувувањето на власта ќе бидат се порадикални, без оглед на тоа кој ќе ја има власта. Во следните две години сметам дека на Балканот целосно ќе созрее времето за доаѓањето на нови генерации политичари и политичките идеи, така што квалитативни промени во политиката можеме да очекуваме дури тогаш“, заклучува Бечиќ за Макфакс./крај/мф/бс

Анализи

Силјановска vs Пендаровски: Кој добива, а кој губи во битката на социјалните мрежи и медиумите?

Објавено пред

Претседателските кандидати Стево Пендаровски и Гордана Силјановска-Давкова најмногу се спомнуваат во медиумите, а најмалку се популарни меѓу твитерџиите. Во негативен контекст почесто е споменувана Силјановска на социјалните мрежи „Феjсбук“ и „Твитер“, но и во медиумите.

dobivaj vesti na viber

Ова го покажа првата сентимент-анализа на истражувачкиот центар на „Макфакс“, која се изработуваше во периодот од 1 до 9 април годинава. Процесот на изработка на анализата е базиран на компјутерски алгоритми и има задача да одреди во каков контекст (многу негативен, негативен, неутрален, позитивен или многу позитивен) е напишан одреден текст или дел од текстот.

Преку системот беа анализирани 220 медиуми, како и објавите и коментарите на над еден милион корисници на „Фејсбук“ и твитовите од 300 илјади профили. Тестирањата на платформата покажaа дека користените технологии даваат резултат со точност поголема од 80 проценти.

Според анализата, имињата на Силјановска-Давкова и на Пендаровски почесто се споменуваат во медиумите отколку на социјалните мрежи „Твитер“ и „Фејсбук“. Во првите девет дена од месецот тие биле споменати вкупно 3.515 пати. На „Фејсбук“ биле споменати речиси двојно помалку, а најмалку биле споменувани на „Твитер“.

Силјановска, според оваа анализа, најмногу била спомената на веб-порталите „Република“, „Курир“, „Инфомакс“ и на „Прес 24“, а Пендаровски на „Прес 24“, „Макпрес“, „24 инфо“ и на „Вечер“. Од инфографикот може да се види комплетната слика за тоа во кој медиум биле најмногу застапени двајцата претседателски кандидати.

Во однос на контекстот на споменување во медиумите може да се заклучи дека постои тесна разлика меѓу Силјановска и Пендаровски, иако кандидатката зад која стои опозициската ВМРО-ДПМНЕ предничи со негативните коментари.

Па, така, во многу негативен контекст Силјановска била спомената 201 пат, а Пендаровски 136 пати. Ако таа била спомната 914 пати во негативен контекст, Пендаровски во истиот контекст бил спомнат 778 пати. Тој предничи и во однос на неутралните спомнувања во медиумите, а Силјановска предничи во однос на позитивните споменувања. Тесна е разликата меѓу многу позитивните конотации, во кои биле ставени двајцата претседателски кандидати на кои се однесува анализата, во која за 8 споменувања предност има Пендаровски.

Според податоците од аналитичкиот центар на „Макфакс“, претседателскиот кандидат Пендаровски е попопуларен од Силјановска во однос на бројот на споменувања. Во многу позитивен или позитивен контекст меѓу твитерџиите тој е споменат 231 пат, а Силјановска 201. Во однос на тоа дали кандидатите се споменати во негативен или многу негативен контекст за нијанса води Силјановска, која е спомената 401 пат, а Пендаровски 389.

Слична ситуација може да се види и на „Фејсбук“, каде што Пендаровски има предност во однос на бројот на споменувања. Ако Силјановска била спомената 481 пат во многу негативен или во негативен контекст, Пендаровски е споменат 429 пати. Кај претседателскиот кандидат зад кој стои СДСМ поголем е бројот на позитивни или многу позитивни споменувања на социјалната мрежа „Фејсбук“.

Според сето ова, Силјановска има поголема вредност на вкупниот сентимент во негативен контекст на социјалните мрежи и во медиумите од Пендаровски. Важно е да се потенцира дека не станува збор за анкета што ги мери гласовите за кандидатите, туку за начинот на кој тие се прикажани и коментирани во интернет-просторот. Истражувачкиот центар на „Макфакс“ на почетокот на кампањата за претседателските кандидати спроведе анкета.

Целосната методологија за начинот на изработката на сентимент-анализите на истражувачкиот центар на „Макфакс“ е достапна на следниот линк.

Прикажи повеќе...

Анализи

СЈО со детали: Како Камчев и Мијалков ги переле парите градејќи империја

Објавено пред

Злосторничко здружение, кое функционирало повеќе од 8 години, од 2009 година, кога биле отворани и затворани фирми, перени милиони и милиони евра, биле менувани сопственици, бил купуван огромен имот, отворани фирми на офшор-дестинации за еднократна употреба, префрлувани пари преку кипарски банки, а потоа овие испрани пари влегуваат како основачки влогови за да формираат македонски фирми.

dobivaj vesti na viber

Вака накусо може да се опише случајот „Империја“ на специјалното јавно обвинителство (СЈО), каде што, меѓу другите, осомничени се едни од највлијателните луѓе во земјата, бизнисменот Орце Камчев и поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков.

Три месеци по почнувањето на истрагата, обвинителството излезе со детали за еден од најобемните предмети за кој засега е утврдено дека се испрани речиси 11 милиони евра.

Истрагата е проширена за „Графички центар“ и за „Медија принт Македонија“ (МПМ), извршени се претреси во фирмите, осомничените се испрашани и собрани се докази.

Соработката меѓу Македонија и Кипар е воспоставена, па сега, конечно, на виделина излегуваат и имињата на оние што се криеле зад офшор-фирмите преку кои се переле пари.

Од крајот на јуни до крајот на октомври 2018 година некои од осомничените од „Империја“ биле под посебни истражни мерки.

„Мијалков не беше под посебни истражни мерки, Камчев многу внимателно зборуваше по телефон, но не и другите осомничени“, велат од СЈО.

Без разлика како ќе се одвива понатаму истрагата за „Империја“, со оглед на тоа што статусот и истрагите на СЈО сè уште се неизвесни, оттаму велат дека собрани се речиси 90 отсто од доказите за случајот да може да продолжи понатаму.

Злосторничкото здружение се распаѓа кон крајот на 2017 и почетокот на 2018 година кога осомничените почнуваат да земаат кредити за да се раздолжат, но тоа не значи дека тука завршуваат и нивните поединечни активности.

Под лупа на СЈО е и фирмата поврзана со семејството Мијалкови, „Бест веј инвестмент“, формирана веднаш по обеледонувањето на таканаречените бомби во 2015 година, чиј сопственик е синот на Сашо Мијалков, Јордан. СЈО истражува како се ширел бизнисот и како оваа фирма успева да заработи огромни суми и да стекне голем имот само за три години работа. „Бест веј инвестмент“, ако во 2016 година имала приходи од 816 илјади евра, во 2017 година веќе приходите ѝ растат на 9,6 милиони евра, што само покажува дека независно кој е на власт, бизнисите на Мијалков работат со полна пареа.

Краен сопственик на мистериозната „Ексико“ бил Камчев

Натписот на поштенското сандаче на улицата Иван Милутиновиќ во Скопје сведочи за постоењето на „Ексико“, чие сопствеништво е скриено

Центарот на истрагата за „Империја“ се познатата офшор-фирма „Ексико“ и бизнисменот Орце Камчев.

Истрагата утврдила дека зад првата фирма-мајка на „Ексико“, „Делта инвестмент“ од Белизе, всушност се крие таткото на Орце Камчев, Илија. Од оваа фирма, која поседуваше акции во големи акционерски друштва, а се јавуваше и како еден од сопствениците на атрактивните плацови на Водно, досега сите креваа раце и демантираа дека стојат зад неа.

Истрагата на СЈО утврдила дека по Илија Камчев, набргу како краен сопственик фигурирал и поранешниот директор на македонски „Телеком“, Жарко Луковски, а кога сопствеништвото на фирмата се сели во Америка, односно сопственик станува извесна „Калвус ЛЛЦ“ (Calvus LLC) од САД, крајниот сопственик е всушност Орце Камчев.

Од оваа американска фирма кон „Ексико“ се влеваат 1,6 милион евра како прилив, а дел од овие пари завршува на личната сметка на Камчев, додека со дел се купувани имот и земјиште во Гевгелија, на кое понатаму е предвидено да се градат казина.

Подоцна, а и до ден-денеска, сопственик на „Ексико“ е фирмата со швајцарски капитал „Т&МЈ инвестмент“ од Лугано, Швајцарија, фирма зад која оперативните сознанија покажале дека краен сопственик е член на семејството Мијалкови. Од швајцарската фирма кон македонската „Ексико“ немало никаков прилив или одлив на пари.

„Ексико“ не е единствената фирма преку која функционирало ова злосторничко здружение. Колку за пример, во истатата 2009 година офшор-компанијата „Хоспитал менаџмент груп ЛЛЦ’ од Кипар ја основа клиничката болница „Систина“. Понатаму, оваа компанија го продава имотот на друга офшор-компанија од Панама. „Орка холдинг“ го купува уделот од панамската, па повторно ѝ го продава на „Систина“, со што фактички Камчев внесува удел од „Хоспитал менаџмент“ од Кипар во Македонија.

Сомнежи за перење пари преку кипарски банки

Преку кипарски банки парите влегуваат во земјата

Значаен дел од истрагата на СЈО за „Империја“ има и фирмата „Финзи“ – истата фирма за која во таканаречените бомби можеше да се слушне дека одела набавката за опрема за следење интернет-комуникации за МВР. Министерството, додека на чело на УБК беше Мијалков, наместо директно да ја набави изреалската опрема за прислушување, тоа го правела преку „Финзи“. Во текот на истрагата за случајот самоубиство изврши директорот на „Финзи“, Коста Крпач, во април 2016 година.

Сега истрагата за „Империја“ повторно допира до „Финзи“, фирма основана од „Финзи ЛЛЦ“ во САД. Краен сопственик на оваа компанија, според СЈО, повторно е Орце Камчев.

Во неколку наврати од „Финзи ЛЛЦ“ преку кипарска банка кон македонската „Финзи“ биле исплатувани 650.000 евра. Во тоа време, односно во 2009 година, директор на „Финзи“ во Македонија е Владислав Стајковиќ, брат на Небојша Стајковиќ, поранешен помошник-министер за информатичка технологија во МВР.

Овие пари понатаму влегуваат како основачки влог во „Систина кардиологија“, фирма што подоцна е преименувана во „Си-Фи-Кар“ („Систина“, „Финзи“, “Кара“). Во 2012 година, според СЈО, кога парите веќе се испрани, американската мајка-фирма се затвора и се отвора нова фирма, во која Крпач влегува како директор, а на истата сметка легнуваат парите од израелската донација за опрема за прислушување.

„Не купуваат компании за да работат со нив, туку за да извлечат што можат“

Орце Камчев и Сашо Мијалков, клучните играчи во „Империја“

Многу компании, офшор, стотици папки со документи и изјави од сведоци содржи еден од најобемните предмети на СЈО – „Империја“. Од она што беше претставено пред новинарските екипи, неизбежен е заклучокот дека од досегашната истрага и собраните докази станува збор за класични примери за сомнежи за перење пари пред кои надлежните институции со години молчеле или се откажувале од гонење поради немање докази.

Дел од истрагата е отстапен и на купувањето на „Бетон Штип“ од страна на ТИМ ДОО, „Орка холдинг“, „Езимит“ ДООЕЛ и „Ексико“.

„Кога тие купуваат компанија, не ја купуваат за да ја работат, туку да извлечат што може од имотот на компанијата“, велат од СЈО.

Па, така, и овој пат сознанијата говорат дека од „Бетон Штип“ се извлечени 4 милиони евра, односно газдите ги тераат акционерите со парите да купуваат имот, а понатаму како што се извлекуваат парите, така се инвестираат во други зделки за што патем говорат и последните информации дека речиси 250 работници веќе ги напуштаат работните места од „Бетон Штип“ и истовремено преку суд си ги бараат неисплатените плати за последните четири месеци.

Дел од истрагата го опфаќа и „Фершпед“, односно од моментот кога Кираца Трајковска, која беше еден од мнозинските акционери во “Фершпед“, поради долг во Еуростандард банка, преку посредник побарала кредит од Стопанска банка АД Битола. Камчев, кој е дел од Управниот одбор на банката, наместо кредит, според СЈО, на Трајковска ѝ понудил преку физички лица да ѝ бидат префрлени парите по што биле ослободени нејзините акции од „Фершпед“.

За да им ги продаде акциите на странски инвеститори, таа го ангажирала брокерот Јованче Тасковски. Но, за нејзината намера дознал Штерјо Наков, кој побарал помош од Мијалков, со цел тој да ги купи акциите. Мијалков се договора со Камчев да ја изиграат, па без нејзино знаење, според СЈО, Ненад Јосифовиќ ги продава акциите на физички и правни лица поврзани со Наков за 4 милиони евра повисока цена од реалната. Парите од зделката завршуваат во фирма чии сопственици се „Ексико“, „Орка холдинг“ и „Тимох“.

Во делот од истрагата за „Империја“ влегуваат и стари случаи, кои претходно во обвинителствата завршувале со откажување од гонење поради немање доволно докази. Таков пример е истрагата за „пропаѓањето“ на „Орка спорт“, „Орка текстил“ и други фирми во сопственост на сега покојниот Илија Камчев. Данокот се избегнувал да се плаќа преку лажни стечаи, обезвреднување на имотот и формирање офшор-компании, а потоа парите „чисти“ биле внесувани во земјата, односно целиот имот бил пренесуван на новоформирани компании.

На овој начин, впрочем, и се градела целата империја – преку лојални соработници, изигрување на законитe и формирање компании за еднократна употреба.

Како ќе заврши истрагата и дали случајот ќе добие епилог останува неизвесно. Засега Орце Камчев и Сашо Мијалков се во домашен притвор, а конечниот збор ќе го каже Врховниот суд.

Освен Камчев и Мијалков, осомничени во случајот „Империја“ се и Ратка Куноска-Камчева, мајка на Камчев и неизвршен член на Одборот на директори на „Орка ходинг“, Кристина Камчева-Стојческа, сестра на Камчев и неизвршен член на Одборот на директори на „Жито полог Тетово“, Лилјана Гајдоска, правник во фирмите на Камчев, неизвршен член на Одборот на директори на ЗК „Пелагонија“, Тодор Мирчевски, директор на „Ексико“, Владислав Стајковиќ, сопственик на НВСП, доскорешен директор на „Мобико“ и поранешен директор на „Финзи“, Ванче Мијалчев, извршен директор на „Бетон Штип“, Јованче Тасковски, брокер, и Дејан Јанев од „О.Т.Е. инвест“.

Прикажи повеќе...

Анализи

Политиката го подели СЈО на табори

Објавено пред

„Чарлиевите ангели“ ги нема. Катица Јанева, Ленче Ристоска и Фатиме Фетаи речиси една година не се појавуваат на заеднички прес-конференции. Во јавноста и на социјалните мрежи сè погласни се критиките за работата на специјалното јавно обвинителство и ослабената доверба во оваа институција.

dobivaj vesti na viber

Три и пол години по формирањето, целосен судски епилог има само за два случаја а сè погласни се шпекулациите дека во СЈО владее поделеност на обвинителите на табори, кои меѓусебно не се согласуваат за дејствувањето на ова обвинителство, па тие разлики во мислењата лесно се забележливи и во јавноста.

Трите жени, кои беа симбол за СЈО, ретко може се видат заедно во јавноста, а речиси една година Ленче Ристоска и Фатиме Фетаи не даваат заеднички изјави. Според нашите извори, со слични ставови на една страна биле обвинителките Катица Јанева и Лиле Стефанова, а на друга Ленче Ристоска и Фатиме Фетаи.

Од друга страна, сè поприсутна во јавноста е главната специјална обвинителка Катица Јанева, која, според најавите, во вторник ќе се појави на „1ТВ“, каде што заедно со обвинителите Лиле Стефанова и Трајче Пеливанов треба да одговараат и на прашања од гледачите. Токму во фирмата сопственик на „1ТВ“, „БМЈ медиа груп“, работи синот на Јанева, младиот гевгеличанец Лазар Јанев, за кого веќе беше објавено дека пред вработените бил претставен како директор на правна служба. Пред точно два месеца Јанева беше гостинка на „1ТВ“ и се фотографира со сопственикот на телевизијата, Бојан Јовановски, со назнака дека станува збор за работен состанок.

Во СЈО во последната година во целост се смени практиката на комуникација со јавноста. Последната прес-конференција СЈО ја одржа на 21 март минатата година.

Повеќе нема брифинзи со новинари, а на обвинителките Ристоска и Фетаи не им е дозволено да даваат интервјуа и изјави. Целосна затвореност владее и во однос на истрагите. Случајот „Империја“, во кој, меѓу другите, се осомничени и бизнисменот Јордан Камчев и ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, беше отворен пред повеќе од 2 месеца, а од СЈО нема дополнителни информации, освен дека истрагата е сложена.

Сите обиди на „Макфакс“ да обезбедат брифинг за случајот беа залудни. Новинарите меѓу себе коментираат дека ова обвинителство, кое наметна транспарентно работење, последнава година се затворило, иако обвинителите поминале серија обуки за комуникација со јавноста. Тоа остава простор за шпекулации во постапувањето по предметите на обвинителството. Од друга страна, во редовното Обвинителство се спроведува тренинг за односи со јавноста на обвинителите.

Според нашите информации, во специјалното јавно обвинителство меѓу некои од вработените владее незадоволство од начинот на работа, особено по последните политички случувања, амнестии и повици за помирување, кои во голем дел влијаат и врз актуелните предмети што се во судска постапка, но и на оние што се во истрага и предистрага, а во кои, меѓу другите, се вклучени и Сашо Мијалков, Елизабета Канческа-Милевска, Али Ахмети, Бујар Османи.

Ексминистерката за култура, КанческаМилевска, е инволвирана во предистрагата за предметот „Скопје 2014“, кој е еден од најобемните предмети на СЈО, за Мијалков се водат повеќе судски постапки, а предметот за агенцијата за обезбедување СГС е во предистрага.

Во процесот на помирувањето наголемо се споменуваа и измените во Кривичниот законик, односно член 353, став 5, кој ја регулира злоупотребата на службената положба преку јавните набавки. Доколку дојде до промена на овој член, како што беше најавувано, помали казни или ослободување од одговорност ќе добијат голем број обвинети во случаите на СЈО, меѓу кои и Мијалков.

Уставниот суд сè уште не расправал по иницијативата на адвокатот Еленко Миланов, кој бара судиите да се произнесат за овој член од Кривичниот законик.

Сите овие политички инволвирања, кои допираат и до СЈО, според нашите извори, довеле до голем раздор во работата на институцијата, која има годишен буџет од 3,7 милиони евра. Некои од обвинителите се разочарани од фактот што нивните предмети и нивната работа зависат исклучително од тековната политичка ситуација, па токму затоа во последниот период и не се работи на нови предистраги бидејќи се чека исходот од тоа што ќе се случува со институцијата и дали евентуално одредени функционери од претходната, но и од актуелната власт, ќе избегнат одговорност.

Прикажи повеќе...

Најново

Македонија2 часа

Арсовска со реакција до премиерот: Поради континуирано задоцнетите мерки, сите плаќаме поскапа електрична енергија и парно

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска вечерва со реакција по изјавите на премиерот Димитар Ковачевски. Тој порача „ВМРО-ДПМНЕ да се...

Европа4 часа

Трас: Украинците го надмудрија Путин

Британската премиерка Лиз Трас ја коментираше најавата за руска мобилизација и инвазијата на Украина во своето прво интервју за американската...

Европа5 часа

Рускиот патријарх Кирил со повик до Русите: Одете во војна, ако умрете, ќе бидете со Бога

Поглаварот на Руската православна црква, патријархот Кирил ги повика руските граѓани да не се плашат од смртта поради одлуката на...

Регион6 часа

Трка на пијани возачи кобна за семејството Крстиќ кај Мостар

Тешката сообраќајна несреќа што се случи синоќа во близина на Мостар, во која четири лица загинаа, а четворица се тешко...

Европа7 часа

Има рак на кожа, не гледа и не слуша добро, а го мобилизирале во руската војска

Виктор Дјачок – 59 годишен началник на хируршкото одделение на болницата во Азбест, град во руската област Свердловск во источното...

Европа8 часа

Папата ги повика Италијанците да имаат повеќе деца

Папата Франциск денеска отпатува во јужна Италија за да го затвори конгресот на Италијанската црква што се совпадна со националните...

Македонија11 час

(Видео) Стоилковски: Сопругата на Бочварски и нејзината сестра ухлебени во штипската болница директно „од клупа“?

Продолжуваме со објавување на скандалозни непотистички вработувања и злоупотреби на позиции од клептоманите на власт, додека Македонија тоне во сиромаштија...

Топ12 часа

МВР: Констатирано точење на алкохол на малолетници во угостителски објекти

Утрово во временскиот период од 00.00 до 04.00 часот, полициски службеници од сите Сектори за внатрешни работи, во соработка со...

Европа14 часа

Лавров: Америка сака да ја уништи Русија, сакаат целиот свет да го претворат во свој двор

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров се обрати пред Генералното собрание на ОН и во својот говор истакна дека...

Свет15 часа

(Видео) Најмалку пет лица се повредени во пукање во забавен парк во Америка

Најмалку пет лица се повредени, од кои двајца од истрели од огнено оружје, откако избила престрелка во забавен парк во...

Свет15 часа

Северна Кореја лансираше балистичка ракета-Итен состанок на воениот врв на Јужна Кореја

Северна Кореја истрела балистичка ракета во правец на морето во близина на нејзиниот источен брег, во пресрет на планираните воени...

Европа15 часа

Избори во Италија, според анкетите десницата е фаворит

Во Италија денеска се одржуваат парламентарни избори кои според последните анкети ќе доведат на власт десничарска коалиција од која Брисел...

Европа15 часа

Зеленски до Русите: „Предадете се, Путин ве испраќа во смрт“

Украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој им се обрати на руските граѓани, рече дека нивниот претседател Владимир Путин свесно испраќа „граѓани...

Македонија1 ден

Членови на ДУИ: Арогантното и дилетантско однесување на извршната власт на чело со Груби предизвика револт

Бараме од претседателот на партијата, Али Ахмети, да го искористи својот политички и статутарен авторитет, за да најде решение за...

Европа1 ден

Шолц: Гладот ​​е голема опасност, Русија нема да победи

Германскиот канцелар Олаф Шолц денеска во својата неделна порака до граѓаните истакна дека Русија нема да победи во војната во...

Македонија1 ден

(Видео) Ковачевски во ОН: Немаме друга алтернатива за подобар животен стандард од членство во ЕУ

Премиерот Димитар Ковачевски се обрати на Генералната дебата на 77-то Генерално собрание на Обединетите нации во Њујорк. Тема на годинешната...

Европа1 ден

Путин потпиша нов закон, строги казни за одбивање на мобилизација и за дезертерство

Претседателот на Русија, Владимир Путин, потпиша пакет измени на Кривичниот законик поврзани со воената служба, пишуваат руските агенции. Со пакетот...

Топ1 ден

Скопјанка измамена за над 7.200 евра, и кажале дека ќерка и усмртила дете во сообраќајкa и ќе ја спасат од затвор

Вчера во 11.05 часот во СВР Скопје, 69-годишна жена од Скопје пријавила дека на 22.09.2022 била измамена од едно лице...

Европа1 ден

Кина: САД испраќаат многу погрешни и опасни сигнали

Кина ги обвинува Соединетите Држави дека испраќаат „многу погрешни и опасни сигнали“ до Тајван, откако американскиот државен секретар Ентони Блинкен...

Европа1 ден

Кадиров: Огромен број припадници на државните служби се вешти со оружје, нема да требаат резервисти

Чеченскиот лидер Рамзан Кадиров денеска предложи да се мобилизираат половина од припадниците на федералните сили за таканаречената, како што ја...